top of page

Затворен 15. Филозофски филмски фестивал: „Шамбала“ го освои жирито, „Универзален јазик“ – публиката




Со интензивна, но топла атмосфера и проекција на делата кои го носат потписот на филозофската мисла, завчера свечено заврши 15. јубилејно издание на Филозофскиот филмски фестивал. Последната вечер во Кинотеката ја заокружи проекцијата на селекцијата на видеоесеи (во избор на м-р Ивана Мирчевска) и филмот „Витгенштајн“ на Дерек Џарман, во чиј контекст беше прикажано и видео излагање на неодамна починатиот Ернесто Ередеро дел Кампо – културен аташе на Шпанија во Скопје и посветен поддржувач на фестивалот.



Вечерта кулминираше со доделување на фестивалските награди. Жирито, во состав Хасан Сердар Гергерлиоглу (Турција), Кумјана Новакова (Македонија) и д-р Мартин Ередеро Кампо (Шпанија), за најдобар долгометражен филм го избра непалскиот „Шамбала“ на режисерот Мин Бахадур Бхам. Тие го оценија како филм со редок визуелен интегритет и длабока емотивна резонанца, истакнувајќи дека „преку тишина, ритуал и пејзаж, 'Шамбала' нè повикува да се соочиме со непостојаноста, одговорноста и природата на искупувањето“.

Публиката, пак, својот глас му го даде на канадскиот филм „Универзален јазик“ на Метју Ренкин, кој го доби признанието „Златен був“ за најдобар долгометражен според гледачите.

Во категоријата за краткометражни, жирито ја издвои венецуелската „Горчлива трпеза“ на Хорхе Тиелен Арманд – филм кој, преку едноставен симбол како пакетче тестенини, отвора глобални теми за миграцијата и сиромаштијата.



Наградата од публиката за краткометражен филм ја доби „Барајќи рече заборавив“ на Наоми Пасифик, која им се заблагодари на гледачите што ги препознале темите инспирирани од филозофската литература што ја оформила во младоста.

Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ му беше доделено на „Возвишени врвови“ на Диего Салгадо, за начинот на кој филмот ја обработува младоста како идеја – и буквално и алегориски. Како дополнителен знак на признание, Салгадо доби и оригинална уметничка слика од Соња Чингарова-Фотева.

Водител на вечерта беше координаторот на фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски, кој во завршното обраќање праша: „И после 15 години – Што? Што ќе следи? Не знаеме ниту ние...“, но посочи дека фестивалот, иако завршува една целина, останува отворен за идни трансформации.



Под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен“, фестивалот оваа година се одржа од 22 до 28 мај, во организација на Филозофското друштво на Македонија, во соработка со Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ, и со поддршка на Агенцијата за филм.

ФФФ останува редок културен простор каде што филмот и мислата не се исклучуваат – туку се предизвикуваат.

Стани Дивотно

Comments


Дива Мисла е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

дива лого
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page