Идиосинкратскиот гениј на Пабло Пикасо 2/3
top of page

Идиосинкратскиот гениј на Пабло Пикасо 2/3

Автор: Џенет Фланер

2 март 1957 година


Младиот Пикасо посегнал четири пати кон Париз, таа примамлива европска уметничка цитадела, пред да успее да влезе и да остане таму.


Првата била посета од само два месеци, во 1900-та година на деветнаесетгодишна возраст со дозвола и помош на неговите родители, кои со потешкотии му ја платиле железничката карта(„Подоцна открив“, огорчено му раскажал на еден пријател, „дека поради картата, им останале само неколку пезети за да преживеат до крајот на месецот.“)


Вториот обид бил следната година кога престојувал од јуни до декември во градот, а потоа бил поразен од комбинација на сиромаштија, глад и францускиот студ.


Следел трет обид во 1902 година, и конечно, во 1904 година, тој трајно се вовлекол во Париз, како непрепознатливо експлозивно туѓо тело. Дошол да се одмори во изветвениот стар стан во Монмартр наречен Бато-Лавоар (бидејќи изгледал како еден од чамците за перење алишта во Сена), и таму останал да созрева пет години, брзо прераснувајќи во неговиот прв период на значајност во Франција.


За Пикасо и неговата кариера се знае повеќе отколку што е откриено и забележано, за кој било друг сликар на нашето време - всушност, во кое било време. „Веројатно за ниту еден сликар во историјата не е толку пишувано - истовремено да е напаѓан и бранет, објаснуван и замаглуван, клеветен и почестуван од толку многу писатели со толку многу зборови - барем за време на неговиот живот“, изјавил еден од меѓународно најпочитуваните биографи на Пикасо. Г-дин Алфред Х. Бар, Џуниор, од Музејот за модерна уметност во Њујорк, во својата книга „Пикасо: Педесет години од неговата уметност“. Објавен во 1946 година, тој уште тогаш наведе петстотини дваесет и две супстанцијални дела на сликарот.

Без сомнение, повеќе љубители на уметноста денес знаат дека тој бил откриен во неговиот ран период во Париз од г-ѓа Гертруда Штајн и нејзиниот брат Лео Штајн, и дека платиле еквивалент на триесет долари за нивниот прв Пикасо (30 долари во 1957 вредат 322 долари или 18 084 денари денес) „Девојка со кошница со цвеќиња“, отколку што знаат или воопшто се грижат дека францускиот крал Франсоа I му платил на Леонардо да Винчи четири илјади златни флорини за „Мона Лиза“(три милиони долари денес).



Поголемиот дел од половина век, Пикасо беше доминантната уметничка личност во Европа и во западниот свет - мал, интензивен човек кој, како магнет, привлекувал интелектуален интерес и јавна љубопитност и, како печка, ги загревал и ги споил во гигантско јадро на влијание, додворување, восхитување, неодобрување и одредена мера на омраза, во коe живеше и работеше. Денес, на седумдесет и пет години, тој сè уште функционира во периодични концентрации на својата немилосрдна енергија. Црната грива на неговата младост, со тој прославен прамен коса што му паѓал преку едното око - сечејќи го челото „како лузна“, како што забележа еден пријател од младоста - одамна исчезна. Неговата голема глава сега е импресивен речиси гол череп, од кој неговите јасни, катран-црни очи, налик на смели очи на бик, ѕиркаат со несмалено внимание. Неговото силно, кусо, мускулесто тело едвај изгледа средовечно во своето месо и пропорции (неодамна јавно видливо во филмот „Mystère Picasso“, каде што носеше само шорцеви и сандали).


Прекумерен сам по себе, тој отсекогаш инспирирал хипербола кај другите како единствен логичен метод за справување со неговиот посебен случај. Единствената скромна книга напишана за Пикасо, која содржи уникатно интимни човечки набљудувања направени за него, повремено, во распон од речиси педесет години, обично од толку блиско растојание како да е на другата страна на собата, е онаа од неговиот сонародник и секретар, поетот Хаиме Сабартес, кој го познавал педесет и седум години и живеел со него многу од тие години. Книгата е наречена „Пикасо: портрети и сувенири“, а објавена веднаш по Втората светска војна, започна како приватна продукција, за да ги пополни празните часови. Дури потоа беше скромно понудена како „водич за секој што бара заборавени или непознати детали“ за сликарот. Не се преправа дека се натпреварува со другите книги за Пикасо (но на повеќето од нив е супериорна како анализа), туку само го прикажува „она што го знам за неговиот живот кога мојот го следеше истиот курс - еден вид хроника, но само од периодите што директно ги наблјудував , кога бев во близок контакт и постојано го гледав, го слушав, го гледав“.


Сабартес првпат го запознал Пикасо во 1899 година, во уметничките кафулиња во Барселона, и рано го повикал во сиромашна студио соба што ја изнајмил од семејство кое го користело остатокот од станот за трговија и изработка на корсети.


Во 1901 година, кога Пикасо го сликал Синиот период, направил романтизиран портрет на Сабартес (долгокос, убав и без неговите очила), а во 1939 година, по избувнувањето на војната кога тие биле во рибарското село Ројан, на брегот на Атлантикот. во јужна Франција, тој насликал уште неколку негови портрети, од кои најзабележителните го прикажуваат како средновековен шпански интелектуалец, во бела крагна и капа со пердув, со неговите модерни наочари со рамки направени од рогови, потпрени наопаку на неговиот образ. Во својата книга, Сабартес ја прикажува позадината на младоста на Пикасо како што уметникот се сеќавал на неа како возрасен човек, а во вториот том, „Пикасо: иконографички документи“, објавен во 1954 година, тој пружа повеќе од двесте документарни фотографии - од изводот на родените на Пикасо, од неговото родно место, од речиси сите места каде што живеел во Франција, од неговото семејство итн.






Посебниот квалитет на информациите на Сабартес, кои наизменично се менуваат во својата интимност помеѓу неинтересните настани во животот на еден гениј и исклучителните психолошки врвови што го одбележаа текот на неговата уметност, е тоа што вешто ги ревидира состојките на ликот на Пикасо, како и приватните движења на неговиот ум кога размислува, разговара и слика.


Сабартес неодамна го опиша Пикасо како човекот кој има incendie cérébral (француски: мозочен оган) - ум како лава, споредлив со вулкан во постојана ерупција, интелигенција во постојана состојба на податливост. Со Пикасо, забележа Сабартес, „мислата и акцијата се спарени“. Потоа, започнувајќи со една проценка последователна како инвентар на домаќинството, тој продолжи да кажува дека Пикасо е странец на предумислата, бидејќи тој во неговата целост е неспокоен. Сè ферментира во него - неговите мисли, чувства и сеќавања. Ништо не останува тивко. Тој отсекогаш природно се изразувал во крајности и контрасти. Тој се врзува само за она што е суштинско; она што е минорно ќе дојде. Никогаш не ја губи силата со тоа што се разредува. Тој не се колеба, никогаш не е долго обесхрабрен. Тој користи упорност наместо трпение. Тој е заколнат непријател на сите системи и нема чувство за законитост. Тој е неуморен аналитичар; го следи мирисот на идејата како да е интрига. Тој е заинтересиран за сè и целосно апсорбиран од некои работи. „Откритието е она за што тој длабоко се грижи и е единствено нешто од што е фасциниран“, кажал Сабартес. „Тој е главно збир на куриозитети. Тој содржи повеќе љубопитност од илјада милиони жени“. (Ова последното беше нежен потсмев за астрономскиот вид на броење на кој Пикасо се потпира кога сака да укаже на значителна количина од било што. Тој еднаш рече дека една од сликите на неговиот татко на неговиот скромен гулабарник од Малага покажува дека е исполнет со „стотици гулаби — со илјадници гулаби — со илјадници и милиони гулаби“..“)

Физички, Пикасо отсекогаш бил абнормално внимателен. Неговите очи се невообичаено брзи во зграпчувањето и забележување на детали, и тој сака да го разгалува неговото извонредно акутно сетило за мирис. Во неговите рани, сиромашни денови во Монмартр, кога и да имал сто франци(што било ретко) тој би купил големо шише колонска вода за Фернанда Оливие, првата и најисториската од неговите многубројни јавни париски врски.

Неговата реакција на музиката, сепак, отсекогаш била нула, настрана од наклонетоста кон песните и свирењето со шпанско-циганската гитара. Една вечер на еден собир во неговото студио, Брак почна да ги пее главните теми на една од симфониите на Бетовен; Пикасо беше единствената присутна личност која не можеше да „падне“ на тоа, дури ни со сопнување. На еден пријател музичар еднаш му рече: „Не знам ништо за музиката. Јас дури и не ја разбирам доволно за да уживам во нејзе без ризик да грешам“.


Неговото зачнување на идејата за слика е толку брзо што нејзината краткост ја спречува можноста да го исцрпи. Кога ќе почне да работи ништо не му го одвлекува вниманието и се́ го вознемирува. Без да гледа или слуша, тој гледа и слуша сè што се случува околу него - „и го нагаѓа останатото“, вели Сабартес. Кога работи, тој е хиперсвесен за она на што, кога не работи, тој одбива да му обрне внимание, како што се ѕвонење на вратата или телефонот, или пораки што му се доставуваат или тивки прашања во ходникот. Како палета за неговите бои, тој може да го користи ѕидот, или весникот што лежи на неговата студиска маса, или седиштето на кујнскиот стол (еднаш купил неколку такви столици во половна продавница токму за оваа намена), и познато е дека ги меша неговите бои на прозорското стакло, за да ја измери нивната прозрачност.





Тој слика седнат, свиткан речиси напола пред платното, кое го закопчува на најниското ниво на својот триножник. Според еден пријател уметник, кога започнува нова слика „неговите очи се разгорачуваат, ноздрите му се шират, тој се мурти, го напаѓа платното како пикадор што боде бик“. Ова изгледа како разумна сличност, за да се суди според „Le Mystère Picasso“, која покажува како половина дузина од неговите слики се создаваат, од првото четкање до завршувањето, и се развиваат со толку брзи удари и насилство, со таква акробатика на имагинативна одбрана. и маневрирање, што се чини дека главните композиции доаѓаат до нивната конечна форма преку измачување.


bottom of page