top of page

Жижек: Парадокси на пропишаната слобода

Updated: Mar 30, 2025

Ако тврдите дека нема слобода во нашето општество, тогаш не протестирајте кога ќе ви биде одземена слободата, бидејќи не може да ви биде одземено она што го немате.


Автор: Славој Жижек;



Трампијанскиот популизам е единствена комбинација на формални социјални слободи и политичка експертска диктатура; свет во кој владеат корпоративни „монарси“ поддржани од експерти. Не може човек а да не се сети тука на Марксовата критика на анархизмот, каде што тој укажуваше како нивната самоорганизација е крајно авторитарна. Илон Маск ветува дека ќе ја тргне владата „од грбот на Американците“ и „од нивните џебови“: помалку даноци, помалку регулатива, дури и понизок воен буџет, децентрализација и слободни иницијативи од долу. Меѓутоа, лекцијата што ја научивме во последните сто години е дека е потребна силна државна регулатива за да се спречи пазарната конкуренција постепено да се претвори во монопол. Ова е крајната причина зошто новите олигарси толку страсно се залагаат за помалку државна регулатива. А дали Трамп не практикува државна регулатива кога е потребно? Парафразирајќи го ироничниот опис на Маркс за „слободниот“ договор меѓу капиталистот и работникот како „самиот рај на вродените права на човекот – таму владеат само Слободата, Еднаквоста, Сопственоста и Бентам“, може да се каже дека Трамп ветува слобода, отвореност, дерегулација... и заштитни царини. Плус, се разбира, нема слобода за оние кои ја критикуваат Трамповата политика, дури и ако тие немаат никаква врска со Левицата: „Трамп се заканува дека ќе ги тужи медиумите по едиторијалот на Волстрит Џурнал кој ги критикува царините.“

Истото важи и за Џеф Безос, кој на 26 февруари 2025 година објави нов режим во Вашингтон пост: „страниците со коментари на неговиот весник ќе промовираат либертаријанизам („слободни пазари и лична слобода“) и нема да објавуваат мислења кои се спротивни на овие основни принципи.“² Овој став беше доведен до крајност од страна на Џ.Д. Венс, чиј познат говор во Минхен, одржан на 14 февруари 2025 година, беше ремек-дело на „терор во име на слободата“. Тврдејќи дека вистинската закана за Европа не произлегува од надворешни агенти како што се Русија или Кина, туку од сопственото внатрешно повлекување на Европа од некои од нејзините „најосновни вредности“, тој постојано се прашуваше дали САД и Европа сè уште имаат заедничка агенда. „Она што ме загрижува е заканата одвнатре.“ Меѓу другото, Венс рече:

„Ако се плашите од гласовите, мислењата и совеста што го водат вашиот народ... Ако бегате од сопствените гласачи, Америка не може да стори ништо за вас, ниту, впрочем, можете вие да сторите нешто за американскиот народ... Луѓето кои ги отфрлаат грижите на гласачите, ги затвораат нивните медиуми, не штитат ништо. Тоа е најсигурниот начин да се уништи демократијата.“


Реалноста на оваа одбрана на слободата? „На француски истражувач му беше одбиен влез во Соединетите Држави откако американските власти пронајдоа пораки за претседателот Доналд Трамп на неговиот телефон, изјави француски владин службеник во четвртокот (20 март 2025 година).“


Како функционира оваа луда логика? Еден уникатен инцидент што се случи во Турција уште во 2011 година го објаснува тоа. Министерот за внатрешни работи, Идрис Наим Сахин, одржа говор достоен за многу суптилни дијалектички размислувања: тој тврдеше дека турската полиција затвора илјадници членови на опозицијата без докази и без судење за да ги убеди дека тие се навистина слободни пред нивното затворање. Накратко, тие ги сместија во затвор за да им стават до знаење дека тие прават прагматична противречност кога истовремено тврдат дека (1) нема слобода во Турција и дека (2) тие се незаконски затворени (т.е., им е одземена слободата). Еве клучен пасус од говорот на Сахин:


„Слобода... За каква слобода зборувате кога се жалите дека сте затворени? Ако нема слобода надвор од затворот, тогаш внатре не е ништо поразлично. Кога се жалите, тоа значи дека има слобода надвор. Има дури и слобода да се каже „Сакам да ја поделам оваа земја; слободата и автономијата не се доволни, сакам да се бунтувам“, или што било друго. Не можете да го негирате ова. Единственото нешто што си го негирате себеси е слободата да зборувате за слободите во кои живеете, бидејќи вашата глава, вашето срце, вашата мисла е заложена. Вие не сте слободни да го кажете ова. Вие немате слобода да кажете дека слободите во кои уживате навистина постојат. Со тоа што ве уништуваме вас, како и оние кои ве тераат да зборувате така, се обидуваме да ве ослободиме, да ве спасиме од сепаратистите и нивните продолженија. Ова е она што го правиме. Тоа е многу длабока, многу софистицирана работа.“

Сета комична лудост на ова аргументирање е индикативна за „лудите“ претпоставки на она што не може да се нарече поинаку освен либерален тоталитаризам. Неговата прва премиса е едноставна: ако тврдите дека нема слобода во нашето општество, тогаш не можете да негодувате кога ќе ви биде одземена слободата, бидејќи не може да ви се одземе нешто што го немате.

Поинтересна е втората премиса: бидејќи постоечкиот правен поредок е поредок на слобода, оние кои се бунтуваат против него се ефикасно поробени, неспособни да ја прифатат својата слобода – тие самите си ја одземаат основната слобода да го прифатат општествениот простор на слободата. Така, кога полицијата ќе ве уапси и ќе ве „уништи“, таа во основа ве ослободува, ве ослободува од вашето самонаметнато ропство. Апсењето на осомничени бунтовници и нивното мачење станува „многу длабока, многу софистицирана работа“ со метафизичко достоинство.

Иако оваа линија на размислување може да изгледа заснована на примитивен софизам, таа сепак содржи зрно вистина: ефективно нема слобода надвор од општествениот поредок, кој, со тоа што ја ограничува слободата, го обезбедува нејзиниот простор.


Но, ова зрно вистина е најдобриот аргумент против софизмот на Сахин: токму затоа што институционалното ограничување на нашата слобода е самата форма на нашата слобода, важно е како е структурирано ова ограничување и која е конкретната форма на ова ограничување. Трикот на оние на власт – илустриран со говорот на Сахин – е да ја претстават нивната форма на ова ограничување како форма на слобода како таква, така што секоја борба против нив е претставена како борба против слободното општество како такво.



И зарем не функционира токму така пропишаната слобода на Трамп-Маск-Безос? Тие ја претставуваат формата на слобода за која се залагаат како форма на слобода како таква, така што секоја критика може да се претстави како напад на слободата како таква. Следствено, САД имаат полно право да се бранат од оние кои ја напаѓаат слободата со сите потребни средства, вклучувајќи ги и губење на работните места, забрани за пристап во јавниот простор, па дури и нивно апсење. Се враќаме на говорот на Сахин: оние кои тврдат дека нема слобода во САД на Трамп не треба да протестираат кога им се одзема слободата – кога ќе бидат отпуштени, уапсени или протерани од земјата – бидејќи не може да ви се одземе нешто што го немате.


Оние кои го напаѓаат Трамп (и Венс и Маск, итн.), според нивното гледиште, се ефикасно самопоробени од нивната погрешна претстава за слободата. Значи, кога администрацијата на Трамп се движи против нив, таа во основа ги ослободува – ги ослободува од нивното самонаметнато ропство и со тоа ги принудува да дејствуваат како вистински слободни луѓе. Она што им се одзема е само нивната „слобода“ да ги поткопаат основите на западната концепција за слобода: во нивната борба против расизмот и сексизмот, тие директно бараат посилна државна регулација дури и на нашите интимни сфери. Нашата реакција на ова треба да биде да ги изнесеме различните концепти за слобода што изобилуваат денес и да откриеме што игнорира трамповската слобода. Дополнително, како што веќе видовме, треба да покажеме како трамповската слобода мора да се потпира на уште посилна државна регулација отколку под демократите. Les extrêmes se touchent: дали навистина треба да бидеме изненадени што приврзаниците на Трамп, големите противници на културата на бришење, речиси го прават истото на многу побрутален начин? Повикувајќи се на вклучување на слободи, тие завршуваат безмилосно исклучувајќи форми на слобода кои не се вклопуваат во нивната идеја за слобода.


Но, дали оние во Европа кои сега се залагаат за повторно вооружување против руската закана како единствен начин за зачувување на мирот и слободата не прават слична грешка? Дали нивната логика – „Сакате мир? Тогаш вооружете се, за другите не паднат во искушение да ве нападнат!“ – не вклучува сличен парадокс? Дефинитивно не.


На ист начин како што дури и пазарната слобода може да опстане само преку силна државна регулација, која спречува појава на монополи, тажната вистина е дека мирот мора да се штити, често со оружје. Слободата тука не се наметнува – напротив; потребна е сила за да се одбрани слободата под закана.


Понатаму, европскиот повик за повторно вооружување не е исклучиво (па дури ни првенствено) потег против руската закана; тоа е потег против САД: ако Европа сака да се етаблира како автономна суверена сила која повеќе нема да мора да се потпира на американскиот нуклеарен чадор, таа мора да се докаже и како силна воена сила. Вистина е, како што тврди Јанис Варуфакис, дека Европа е заглавена во самозадоволна инерција: за разлика од САД и Кина, таа не инвестира (во дигитализација, вештачка интелигенција, итн.), и е зафатена од самозадоволство. Меѓутоа, мислам дека новите воени инвестиции не се нужно чекор кон фашизација на Европа: тие би можеле да помогнат и да ја извлечат Европа од нејзината инерција и да го поттикнат нејзиниот економски ренесанс. Зарем САД не го сторија истото под Ф.Д. Рузвелт? САД навистина ја надминаа Големата депресија дури по 1940 година, преку воена мобилизација, така што до 1945 година дури и невоеното производство беше на највисоко ниво.


Но, многу е проблематично да се тврди дека Рузвелт бил фашистички диктатор. На Европа денес и е потребна мобилизација за мир слична на онаа на Рузвелт. А денешните пацифисти опасно се приближуваат до пацифистите во САД непосредно пред 1942 година, кои беа во голема мера финансирани од нацистичка Германија. Агресорот секогаш е против милитаризацијата... на својата жртва.

Сепак, постои проблем со овој притисок кон милитаризација на Европа: колку и да изгледа радикален, тој избегнува да се соочи со клучен аспект. Добро, Европа ќе добие силна обединета армија, но кој политички ќе ја контролира оваа армија и која политичка визија ќе ја одржува? Како ќе функционира оваа армија кога ЕУ е сè помалку обединета, а некои од нејзините членки (Унгарија, Словачка, Италија, итн.) спроведуваат поинаква глобална политичка агенда? Милитаризацијата целосно ќе ја промаши целта без јасна политичка визија што ја оправдува. Без оваа визија, ќе имаме воен гигант без јасна цел и со тоа отворен за сите видови злоупотреби.



Превод: Ана Чушкова;

Стани Дивотно

Comments


Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page