Тамара Котевска и патувањето од македонските планини до сибирската тундра
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Aug 27
- 3 min read
„Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“, филм кој неодамна Variety го претстави како една од највозбудливите нови документарни авантури. Овој филм ја продолжува мисијата на Котевска да раскажува приказни што балансираат помеѓу антропологија, уметност и преживување.

Во една земја што често е ставена на маргините на европската културна мапа, Тамара Котевска успеа да изгради филмографија која ја носи Македонија на најпрестижните фестивали во светот. После добро познатиот успех на „Медена земја“, каде го следеше животот на Хатиџе и нејзините пчели; се впушти во европската одисеја на сириски бегалци со „The Walk“; а годинава повторно снима: филм за штркот и еден селанец што го спасува („Сиљан“) и нов проект што расте на најсуровиот север, меѓу племето Долгани и нивните ирваси.

На крајот на август, на Венецијанскиот филмски фестивал, ќе се одвива ретко сценарио: истата режисерка ќе биде претставена со два документарни филма. „Сиљан“, нејзиниот трет долгометражен проект, ќе има светска премиера на 29 август во официјалната програма, а во исто време „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“ ќе биде претставен на престижниот Venice Gap-Financing Market. И додека првиот филм е класичен поетичен документарец со балканска митологија, вториот претставува нешто сосема друго: сведоштво за народ и територија во кои ретко кој европски филмски автор се осмелил да влезе.
Една режисерка, два света
Variety неодамна ја претстави Котевска како „двократно номинирана авторка за Оскар што го носи Сибир во Венеција“. Во текстот се вели дека „Мамутите…“ ја следи судбината на млад ловец на ирваси, Владик, кој е растргнат меѓу гласовите на предците кои предупредуваат дека копањето мамутски коски е лоша среќа и искушението на капиталистичкиот пазар, кој во древните заби гледа профит. Преку таа интимна драма, филмот ја отвора пошироката приказна за судирот меѓу традицијата и модерниот свет.

Она што Variety не го кажува, а македонското соопштение за јавност го нагласува, е дека ова е дел од еден континуитет. Тамара Котевска е авторка што речиси секоја година создава филм достоен за „А“ категорија фестивали, градејќи архива на човечки искуства: од заборавени села до бегалски патишта и далечни тундри. Тоа е темпо кое ретко може да се одржи, дури и кај најголемите имиња во светската документаристика.
Живот со Долганите
Заедно со кинематографот Жан Дакар ( нејзин соработник на „The Walk“ и „Сиљан“ ) таа минатото лето заминала во селото Јурунхаја, на работ на арктичкиот круг. Таму живееле еден месец во шатори направени од кожа на ирваси, јаделе со луѓето, ловеле со нив, патувале со чамец по реката Анабара и со квадроцикли низ бескрајната рамнина на тундрата.

„Чувството беше како да сме на друга планета,“ вели Котевска во интервјуто за Variety. И навистина, кога сонцето не заоѓа, а секојдневието е борба за опстанок, снимањето документарец станува истовремено антрополошко истражување и лично преобликување.
Архива на светот
Како што таа вели, документарниот филм е „архива на светот, богатство што не смее да се заборави“. Таа страст ја води кон култури што исчезнуваат, а нејзината камера ги претвора во визуелни архетипи. Оттаму и амбицијата за „Мамутите…“ не е само да прикаже конфликт меѓу татко и син, или традиција и профит, туку да создаде филмско сведоштво.

„Документарните филмови за мене се архива на светот,“ вели Котевска за Variety. „Тоа е богатство што не смее да се заборави. Моја пасија е да ги раскажувам приказните на културите што исчезнуваат.“
Идејата за „Мамутите…“ потекнува од детството на Котевска и страниците на National Geographic, списание кое ја обликувало нејзината љубопитност за луѓето и природата. Подоцна, заедно со Дакар, инспирација нашле и во делото „Before They Pass Away“ на фотографот Џими Нелсон.
Но патот до племето бил долг и речиси невозможен: три години трагање по контакт, војната во Русија, и конечно првото патување во 2024 година, четиридневна авантура од Истанбул преку Москва и Јакутск, со мал авион, чамец и квадроцикл до селото Јурунхаја.

Проектот засега е поддржан со приватни средства и бара нови партнери за да продолжи. Следниот чекор е арктичка обука во Норвешка, а потоа враќање во тундрата во ноември, каде снимањето ќе се одвива на температури од минус шеесет. Тоа е подвиг што ја надминува рамката на „филмски проект“ и се претвора во тест на издржливост, верба и упорност.
Котевска и овој пат е и режисерка и продуцентка, авторка што не дозволува ограничувањата на индустријата да го определат нејзиниот хоризонт. И додека институциите често се скептични кон вакви ризици, нејзината биографија веќе е доказ дека токму таму, во ризикот, се создаваат делата што опстојат.
Не е новост дека светската кинематографија е фокусирана на пазарот и безбедните формули, сепак Тамара Котевска избира непредвидливи терени и маргинализирани заедници. Со тоа таа не само што го поместува документарниот жанр, туку и ја редефинира улогата на авторот како сведок, архивар и раскажувач на приказни што светот не смее да ги заборави.
Со два филма во Венеција „Сиљан“ и „Мамутите…“ Котевска уште еднаш покажува дека македонскиот филм може да биде глобален, храбар и бескомпромисен.



























Comments