Што има во еден фустан?
top of page

Што има во еден фустан?





Деновиве, по ништо различни од било кој друг грозд на денови, некогаш и седмици, во едно ќоше на Фејсбук, бруи бура во кафена чаша. Ништо поразлично од било која бура или препирка на Фејсбук.


Тања Аждаја, позната како беровчанскиот љубител и креатор на афоризми, игри на зборови, и различни итри кратки книжевни форми постираше слика од Associated Press на нобеловката и активистка Малала Јусуфзаи на Оскарите, и додаде „Кој ќе ми го одблокира менталниот погон после наидување на вакви "нешта" ко ова на сликата, ќе му дадам лајк што ќе симболизира пита бурек поголема од кифла, а помала од југо.”


Неколку денови подоцна, Тања веројатно е помалку повредена од реакциите кои следеа, а отпочнаа со емоџија кои повраќаат, исмевање на посоченото симболично значење на фустанот („мир, љубов, хармонија“). И секако меме со Грета, која е омилена мета на еден нов тип на десничарски бот-сапиенс, од типот на Пирс Морган, Кендис Овенс, Мет Волш… кои по урнек на Фокс вестите (не многу различни од Сител вестите на Латас во ерата на Груевски-Мијалкови, кои содржеа повеќе долги говори, а помалку вести) на своите Јутјуб канали секојдневно без задршка, морализаторски, грубо, садистички се исмеваат и напаѓаат луѓе и теми кои се прилично репетитивни. Холивуд е константна мета, како носител на либерални вредности со голема потентност. Грета Тунберг е една од тие луѓе-теми кои ги делкаат, ги скалпираат, кога и да им се пружи прилика.




Но Малала, за некое чудо, обично не завршува по нивните платформи. Веројатно мешавината на тивка ненаметлива конзервативност, упорното, конзистетно и дисциплинирано останување на пораката „образование за девојки и жени“ без разлика колку мамки да ѝ фрлаат новинарите во своите прашања, во обид да добијат коментар на дневно-политичките теми, ја имаат поштедено.

Но, како зачекори на црвениот тепих, во блескав Ралф Лорен и црвен кармин, и штикли - тој мир напукна.


„јас имав едни фармерки шо симболизираа секс, дрога, рокенрол и бездомништво, ама мајка ми ми ги фрли…“ (коментар под статусот на Тања)


Облеката, носиите, накитот, обележувањето на телото со тетоважи, „осакатување“ со лузни, со обрежување, со пирсови, од зората на човештвото - цивилизираното - се обременети со значење, симболи, дефинитивно најгласниот не-вербален маркер за идентитетот, или идентитетите. Етничката припадност, класната, религиската, од животните улоги и фази, од момчештво- во машкост, од девојки во жени; рангот на војниците и воините, статусот на свештените лица… до детали, како: „доколку младата невеста, стави цветови во косата, со тоа комуницира дека таа вечер бракот бил конзумиран.“


Во нашaтa современост, како модата се поместува од занаетчиство во индустрија, а глобализацијата во голема мерка го униформираше овој израз, од друга страна симболиката на модата се проби во друг тип на значења, па и изрази: зборува за личните вредности, сфаќањето на естетиката, припадност на различни субкулутури (панкери со Мартинс чизми, четки, боцки, или сосема келави, и безопасни како накит; хипици со долги коси, и „бохо“ стил; рапери, со екстравагантни скапи ланци, дијамантски „штитници“ за забите, со широки спуштени фармерки, додека жените се обично хиперсексуализирани…хипстерите, итн, итн..). Формалните пак, и свечените прилики, преоѓаат во просторот на ритуалите, и се во костец со строго кореографирано движење и однесување, комплексноста и комплицираноста е втемелена во традиции кои на нас можеби ни се страни.


И тука доаѓа исмевањето, импотентноста на цинизмот.



Малала, која доаѓа од руралниот Пакистан, има статус на икона. Пред своите 25 години стана добитник на Нобелова награда, нејзиниот лик од моментот кога во кома, на нејзините 14 години, беше пренесена во Велика Британија, се врежа во глобалната колективна свест. Се опорави, студираше на Оксфорд: политика, филозофија и економија, и за цело време окупирана во својот активизам. Но, за некое чудо, во облак на наивност, како да е во некое друго време, упорно се опира на хаотичноста и огорченоста на светот во кој што беше катапултирана.


Во моментов има фондација Malala Fund, и започнува своја продуцентска куќа Extracurricular Productions, вели како позиција од која ќе може да донесе приказни и теми во фокусот кои ѝ се важни, по истиот формат: на ангажманот во кој се впуштија пост-претседателските Обама, и повеќе контроверзните Хари и Меган. И така стигнува на овогодинешните Оскари, како извршен продуцент на „Странец на портата“ краток документарен филм, за разулавен поранешен маринец, кој навреден од фактот дека ќерка му оди во школо со Муслиман, решава да ја нападне локалната џамија во Мунси, Индијана…


Откако дискусијата кај Тања Аждаја, веќе влезе во својата кулминација, таа ги напушти зајадливите и духовити коментари со кои одговараше на преиспитувањето на нејзиниот првичен статус, и конечно понуди објаснување, што е проблематично во скринштотот кој го сподели:


сте ја развиле дискусијата насекаде, па се осеќам должна да дадам контекст за статусот:

воопшто не ја коментирав девојката, нити општо коментирам луѓе. Посебно не ја коментирам нејзината или било чија облека, камо сите да може да си дозволат облеки од дизајнери, или барем такви какви што сонуваат да имаат. Го коментирав невкусот во објавата на профилот АР, каде на активистка за човечки права и во име на дизајнерот ѝ припишуваат изјава за симболизам во контекст на пување за пошот на оскарската вечер.

Друго: воопшто не би ми било невкусно самиот дизајнер да даде изјава за тоа со какви побуди бил дизајниран фустанот (љубов, хармонија, слобода итн.). И тоа ми е во склад со она што е дејност и идејно творештво на авторот. Поводот да го напишам статусот беше вонконтекстното пумпање на профили по социјални мрежи кои лицемерно потпрени на грбот на тие што имаат попаметна работа (дизајнерот и девојката) добиваат читаност, лајкови и reach

Инаку мене лично фустанот ми е убав, но тоа воопшто не го гледам како причина за коментирање во фб објава. Исто и на баба ми фустанот ми е прекрасен кога таа го носи, и исто така ми е симбол на љубов и мир, а за тој на мајка ми па да не зборам.

А во однос на твојата изјава, Коља, дека ни во градинка не зборите веќе “правилно разбирање / погрешно разбирање”, поткрепена со "аргументот" дека светот е "јебени хаос". тоа е тажно и се надевам што поскоро ќе ја завршиш градинката и ќе излезеш од неа"



Пред да продолжиме, би сакале да нагласиме дека Тања Аждаја ја знаеме првично и воглавно од Окно чиј уредник и сопственик е Никола Гелевски (кој Тања го зема од градинка), отсекогаш во облакот со тагови беше со големи букви (доста застапена во објавите), а ние кога уште не знаевме која е Тања - секако освен објавите на Окно, едноставно си објаснувавме дека му е драга пријателка во која гледа потенцијал кој сака да го „објасни“ на нас како читатели. Всушност, во 2020-та, Тања имаше дури и јубилеј на таа соработка: „Мал јубилеј на Аждаја на Окно: 50 прилози за две години.

Всушност, Тања објавила 60 прилози на Окно. Но, 50 се „збирчиња“, во уредништво на Никола Гелевски. Првиот прилог беше објавен на 04.07.18., пред две години.

Честитки и благодарност за нашата соработничка, Аждаја!“




Секако се надеваме дека оваа „вежба“ во дебатирање и разговор, колку и да е можеби жестока и болна нема да го наруши пријателството. И изразуваме, од некоја причина, фасцинираност за свеста на „читаност, лајкови, и рич“ - и ѝ посакуваме да продолжи да ги расте. Не може да биде лоша работа, нели. Туку да се вратиме на Фустанот на Малала.


Во објавата на социјалните мрежи на Ралф Лорен, пишуваше:



„Рачно изработен од занаетчии, сребрениот фустан на Малала со светки ја трансформира елегантна силуета во блескаво уметничко дело“, се наведува на Инстаграм на дизајнерот, откривајќи дека изработката на фустанот е подвиг од над 100 часа изработка. „Наметката има илјадници платинести светки извезени во нежниот тул на наметката. Силуетата со цела должина и возот што го придружува потсетуваат на завеса налик на сарон, благодатно тече од страничниот струк и надолу кон предниот дел на здолништето“.


Малала рече дека фустанот носи порака на надеж[ ефектот на блескавост, кои го даваат кристалите, ги поистоветила со надеж ]и можеби тоа е она што ги поттикнало креативните сокови на Лорен бидејќи го поврзал и со боите на самракот и со сјајот на ѕвездите. „За да додадете допир на брилијантност и сјај, мешавина од кристали се рачно извезени во dégradé ефект, така што бојата на наметката избледува како самрак во примамливо омбре од ѕвездено сребро“, - пишува во описот.


Накитот, е исто така обмислен, да се совпадне со пораката на Малала. Во написот на Vogue, кои ја профилираа за оваа пригода, пишуваше:


„Обетките со кои активистката го споила нејзиниот фустан биле парчиња од американскиот трговец со антички накит Фред Лејтон и некогаш припаѓале на авганистанско кралско семејство. Тие претходно беа во сопственост на кралицата Сораја Тарзи, сопруга на кралот Аманулах Кан од Авганистан, која беше „верен застапник за правата на жените“.

Шах ја опиша како „прогресивна за своето време“ велејќи дека таа ја предводи турбулентната феминистичка револуција. „Покрај нејзината улога како кралица на Авганистан, таа беше и министер за образование во период кога жените не можеа да гласаат во повеќето делови на Европа. Таа работеше за да ги добие правата на жените да гласаат, да се кандидираат за функции и да учествуваат во градењето нација“, напиша тој. „Кралицата Сораја, исто така, го основала првото женско училиште во 1921 година, а исто така и првата женска болница во 1926 година, и договорила жените да пристапат до високо образование во странство“.

Тој смета дека нејзиниот накит завршил кај Фред Лејтон како имотот на другите прогонети кралски членови кои биле „продадени“.

Иако сметаме дека не можеме да кажеме за Ралф Лорен нешто што веќе не го знаете, сепак да се заокружи овој контекстуален круг би било фер да се спомне во неколку цртички.

Приказната на Ралф Лорен е тип на приказна, која ја имале на ум оние кои ја смислиле кованицата и принципот „американскиот сон“: неговите родители, Евреи од Белорусија и Полска, се имаат преселено во Бронкс, а Лорен го сменил своето име од Лифшиц во Лорен. Во моментов е најбогатиот моден дизајнер во САД (7 милијарди долари), но првично почнал со компанијата наречена Поло, од каде што доаѓаат поло-маичките. Дизајните му биле „аспирациони“, негов коментар, или фантазија, како изгледаат мажите од високата класа…


Тогаш во 1974т-а, Копола му ја пружил шансата да ја дизајнира облеката за машкиот дел од актерската екипа на Големиот Гетсби. Во Ени на Вуди Ален, пак, ги „облекува“ ликовите и на Вуди Ален и на Дајен Китон. Китоновоата „машка како женска“ облека до ден денес е иконична, и до ден денес ја носи низ улогите. Ги има издизајнирано и униформите на американските Олимпијци во две пригоди (Велика Британија и Кина).


Иако генералната перцепција е дека високата мода, е резервирана за една ексклузивна група луѓе, елита, и со тоа го кани незадоволството на многумина, сепак да се остане на нејзе е мрзеливо. Не ни е драго што мораме да го истакнеме очигледното: таа почива на многу работа, многу историја, и конечно - ако не и прво - на занаетчиство, артизанство, издигнато до уметност. Доколку продолжиме да елаборираме без темелноста која ја бара таа тема, ќе изгледа аљкаво, па ќе останеме на оваа констатација за да заклучиме: тешко е да се впушти во зазирањето, на Оскарите, на гламурозните хаљини и смокинзи, на блескавата убавина, а да се има некакво разбирање на овие свечености, кои се организирани во славење на музиката, филмот, театарот итн. … Сомничавоста дека позади нив има нешто злокобно и гнило, во неговата целост, е едноставно неточно и не е возможно да доаѓа од место на знаење. Не затоа што овие церемонии, и црвени теписи се имуни на критика, и можат сосема да се изземат од нејзе, туку, затоа што морализирањето едноставно не е соодветниот „инструмент“ да се коментираат. Може да се пишуваат книги, филмови, исмеваат во новинарски написи, па и во манирот на Рики Џервејз духовито да се коментираат од нивниот подиум.


Но подјебавање грицкајки семки на виртуелно ѕитче е… невкусно.


„Гледам дека си повредена, Тања, од, според тебе, преострите зборови, „етикети“. И жал ми е што така ја разбираш полемикава околу една слика и еден твој мошне проблематичен пост. Јас се трудев да останам сосем во материјалната расправа, без етикетирање и ад хоминем шлапање („етикетите“ од типот „конзервативци“ се базираат на претходно следење, но пред се’ се конклузии, логички резони кои водат кон малце поголемата слика и кон мотивите (да се трескаат глупости), кои се обидувам да ги разберам. Ти тргна, Тања, типично ботовски и создавајќи морална паника, со многу силни зборови и со лош хумор (скроз нетипично за тебе). Но, типично ботовски беше што ретко кој разбра околу што шириш морална паника и згрозување, иако намерата ти успеа: првите десет реакции на твојот ултраконзервативен & небулозен пост го преземаа конфузното морално згражање... Наместо едноставно да кажеш (па дури и да се извиниш, зашо си дозволила „погрешно да бидеш разбрана“), „не ми се свиѓа таа хаљина (на баба ми е сто пути боља!), не ми се свиѓа таквата промоција на активизмот, невкусно ми е холивудската „борба за човечки права“ итн., ти, Тања, продолжуваше да тупиш и да бидеш навредена, одбивајќи да сфатиш било каков аспект од расправата што сама ја покрена и ја ескалираше со неподвижните позиции.„ - заклучи Никола Гелевски




Како заврши дискусијата кај Тања Аждаја и дали воопшто заврши? Не знам. Коља не е човек кој некој може да каже дека е малодушен, всушност неговата енергија да ја каже својата вистина со чудовишна прецизност е застрашувачка, и секоја акробација или манупулација „јас всушност сакав да кажам, или мислев дека…“ е невозможна. Го пишувам ова како некој, што се нашол како ветерницата со која тој се мачува. Не можам да кажам дека не е пријатно, туку е баш тешко да се прими она што го кажува. Да утнеше работа, бар повремено, ќе дојдеше при рака, ќе можеше со таа „утеха“ да си ги лижеш раните, кои всушност се драсканици на колената на возрасни деца.


А доколку тоа не е нешто вредно за почит не знам што е.



bottom of page