top of page

Резултати од пребарување

1187 results found with an empty search

  • Мирко Попов: Градот ме тера да плачам

    Во пресрет на "Градот ме тера да пеам" и "Крај Вардарот Џез" (повеќе за фестивалите деновиве), Мирко сосема отворено ранлив со зборови на охрабрување среде околности кои се упорно тешки, заморни, сурови... самиот пркос е чин на бунтовништво. Но, небитно што ние имаме да кажеме, Мирко најубаво ќе ви раскаже за неговото утро, после децении. "Се вратив едно утро дома скроз накресан се разбира :) и ја пуштив оваа музика (компилација) да преслушам што тоа кажува јубилејното 200-тото издание на ПМГ Рекордингс. Така фино откачен, совладан од нежна утринска емоција, слушам неверојатно добра музика и плачам и плачам... и плачам. Плачам од возбуда колку се убави овие песни; плачам од морничавоста на сознанието за нашиот опстанок среде оваа македонска коруптивна жабокречина; плачам од што сум педесет годишна будала која 30 години го прави истово ова: живее од денес за утре и ги собира најубавите песни за да им ги понуди на гладните, жедните и незаинтересираните. Плачам заради привилегијата да го живеам својот сон. Но, тоа е сон за кој сами се изборивме. Го изборивме поради тоа што бевме воспитани, образовани, култивирани, бестрашни и убави. Ова е приказна за убавите деца на овој град... убавите деца на оваа земја. Ги има многу, ама живеат опкружени со купишта омраза, простотилак и игнорантност. Тоа се деца кои имаат 20, 30, 50, 70 години... сосем небитно колку години имаат. Нивната понуда е конструктивна идеја. Основа да се изгради подобар град, подобар свет, пред се за нас самите. Најпрво во мојата глава, а сега и во реалноста, ПМГ Рекордингс е запис за современата Македонска музичка култура. Пример за убавината која во себе ја носи овој чуден народ кој се задоволува со премалку. Темел (подрум:) за изградба на едно попродуховено денес и утре. Континуитет кој го предизвукува гласното, динамично малцинство на културолошки пресврт. Искрена понуда. Вројатно надеж. Не знам навистина. Тука сме, слободни да твориме свои песни на својот јазик, свои згради, свои патишта кон сонцето кое великодушно ни ги милува глупавите глави. Таа слобода треба да се искористи. Без страв. Слобода е кога човек не се плаши. Предлагам да не се плашиме од промената на подобро.

  • Мирко Попов: пет нешта од 2022

    Како минува времето, ги вртам фокусот и енергијата се повнатре кон себе и сето тоа во функција на завршување на неверојатниот број обврски кои буквално само се напластуваат со возраста. Без разлика дали е тоа некоја од многуте креативни активности кои главно ги работам бесплатно, или пак се однесува на секојдневни работни и приватни обврски, моето внимание е се помалку свртено кон надворешни дразби, како туѓа музика, уметност, движења, што и да е. Веројатно со годините имам натрупано информации во себе кои тивко вријат и раѓаат некој вид “мој“ резултат, но претпоставувам и дека несвесно, со дигитална брзина, перцепирам се што ќе ми фатат сензорите. Ова е мојот обид за 5 нешта од 2022 за Дива. 1. Преокупиран сум со минувањето на времето и промените, но и анахроностите кои тоа ги носи. Во 2022 ги следев изблиците на носталгија кај симпатично досадните постари екипи, но и обратниот процес: потценувањето на минатото и презирот кон него од страна на помладите. Динамиката и судирот на носталгијата и промена беа движечка сила во мојот креативен процес, поточно духовното милје за новиот ПМГ Колектив албум, десетти по ред, кој се надевам ќе започнеме да го работиме во 2023. Ми се чини дека долго се подготвувам за него. 2. Во 2022, многу размислував и за флоскулите како идентитет, традиција... Всушност не се флоскули, тоа се синоними за трансцедентно постоење во времето и просторот и не му припаѓаат на минатото, туку на сегашноста. Под притисок од популарната мисконцепција дека тие нешта му припаѓаат на минатото, а инспириран музичките авантури со мојот друг бенд Кантон6, составив еден филм, кој се занимава токму со оваа проблематика. Се надевам дека во 2023 ќе успеам да соберам доволно самоувереност да го објавам. 3. 2022 за мене испадна година на јубилеи. Отсекогаш сум гледал крајно скептично на јубилеите и нивната (зло)употреба. Сепак, имав неколку извонредни настани на кои сериозно прокомуницирав со луѓето во мојата средина и сфатив дека тие нешта се всушност самите скалила кои ме носат на следниот стадиум од себеприфаќањето. Нешто што еден 50 годишник кој работи во главно младинска култура мора да го избалансира во главата како процес. 4. Презадоволен сум од дванаесеттото издание на ПМГ Рекордингс Фестивалот, годишна инкарнација и став на мојата дискографска куќа во просторот. Дали беше сон, амбиција, или предизвик, мислам дека успеав да го постигнам пред се за себе, но и за средината во која си замислувам дека градам култура. 200тотото издание на ПМГ Рекордингс, компилацијата “Градот ме тера да пеам“ е инкарнација на стремежите на едно дете од Скопје со развиена фантазија. Толку добро се чувствувам околу тоа, што би земал одмор во 2023. А нема :) 5. #Дијагноза

  • Поткаст лектира: Мирко Попов

    И ете не́ на ваков ден, тежок, емотивен, со шок кој одѕвонува во ушите, кој заглушува, полека се помируваме со фактот кој звучи неверојатно: дека со смисла на конечност треба да правиме резимирања и да ставаме точки, да го заокружуваме креативниот опус на Мирко кој се чини од друга страна дека е бесконечен, и кој ќе бара експертско знаење да биде целосен и приближно до точен. Затоа ќе почнеме со поткастите каде што поради нивниот формат, Мирко имаше простор да се опушти и раскомоти и да ни даде шанса да го запознаеме и поинтимно. На 15-ти април, 2022 гостуваше во „Парк шема“ со Андреј Игњатовски и Петар Марковиќ каде јасно заблескува она за кое се зборува во тагувањето - пасијата кон музиката, почитта и одговорноста која ја негуваше кон помладите генерации, и љубовта која потцртуваше се́ што правеше: Мирко во Celebrate life поткастот со Индог ја отворија годината, „ го разбиваме и митот на Порано беше боље 🧐 103јка и начинот на размислување. Слободата во општеството и дискриминацијата, комплетната подиумска автономна слободна зона во Метропол и носењето на градот во прогрес. Иднината и нај новиот културен центар во Скопје Лабораториум каде што во петок на 5ти јануари со Мирко по повод промоција на #celebratelifepodcast ќе пуштаме заедно плочи. 🥳“ Во Амок радио имаше редовен сет, но гостуваше/соработуваше и на/со Microdosing со Galatheia каде имаа PMG recording showcase Не́ опушти и почасти со дневно матине во МКЦ со концерт: ...но и со опуштена вечерна Амок сесија: Wax preservation society: Градот убав - Мирко со сет пред 26 јули гаражата, пред галерија од графити: Но најдовме и поткасти чиј автор е самиот тој, но се музички и со тоа сосема соодветни - тоа е јазикот кој најмногу го сакаше, и инсистираше дека имплицитно содржи од идеи до идеологии. На битолската „Не ја конзумирај културата - креирај нова!“ Мирко со уште еден музичи поткаст насловен како „ЧОВЕК СО 615ЈСЕТ ЛИЦА“ И пред пар недели, дојде во Јадро на муабет со Брза Кучка:

  • „До небото замок“: Музички филм на Мирко Попов

    „Последниве години, моите чил-after hour афери главно го поминувам сам, во дневната соба од станот каде што пораснав, гледајќи низ прозорецот и разговарајќи со духови. David Bovie, Milan Mladenović, мајка ми, а и татко ми. Не дека ми кажуваат нешто особено, ама тука се за муабет. Другарски ми ја олеснуваат иманентната трансгресија од малецок јас, до замокот на небо што е“

  • Будимка Поповска: „Посветено на Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето...“

    Протор, време и душа Посветено на Мирко Попов, чијашто музика ќе остане засекогаш да ми го разигрува срцето... Пред некој ден замина на оној свет. Од овој свет. Велат дека кога ќе се најдеш на страшниот суд, (такво е преданието и да, се базира на верување), значи, ќе ти биде поставено само едно прашање: Ме сакаш ли? Наводно, прашањето ќе го постави Господ. Нема душевадник, нема хамартолошко сметководство. Самите се казнуваме кога не сме во состојба на љубов, сфатена како петиот елемент на постоењето. Но нели е оксиморон или поскоро, контрадикција ин адјекто, судот да се става во иста равенка со љубовта? Епа ете, тука сме. Во една бајковита и слоевита земја. Во која лицемерието е на врвот на скалата на сакани/несакани вредности. Кога е подобро да се молчи, и да се биде постојано во комфор зоната на добриот изговор за немањето храброст. Можеби и тоа е подобро отколку само вербалното витештво. Како и да е, колку повеќе се зголемува бројот на погребените и иселените, а се намалува бројот на новородени, сѐ повеќе станува јасно дека животот е крајно индивидуална работа – и како што вели главното начело на макробиотиката – за да биде успешна исхраната и да има добри резултати, треба да се јаде храната од поднебјето каде што се живее. Глобалната макроекономска политика во последниве неколку децении направи сѐ што можело да се направи за да биде овој принцип невозможноа мисија. Освен можеби во Пакистан или во Индија, на Хималаи или на Хаваи. Остатокот од светот ќе јаде ГМО домати како прилог а главното јадење ќе се печати од тродимензионален печатач, во вид на говедски бифтек или крап или пилешки крилца, во зависност од наредбата што ќе ѝ се даде на вештачката месарска интелигенција вградена во малата пластична кутија со моќ да печати шницли. Тоа што се однесува до телото. Има ли уште нешто? Оди ли нешто во пакет со распадливиот спој на елементи што коа еднаш ќе се спуштат под земја, секој од нив му се враќа на својот извор – водата во океаните, здивот во етерот, земјата станува пепел, а огнот едноставно се гаси. Човек живее толку колку што гори огнот во неговото срце. Од таму љубовта, од таму страста, и од таму жедта за убавина и знаење. Паметна хемија. Четирите - пет елементи од кои е составено сѐ што постои во моментот на раѓањето се појавуваат во овој свет како индивидуален, оригинален и неповторлив жив спој во вид на човечко суштество...Исто како што во мигот на смртта, елементите се разијдуваат: секој на своја страна и толку од холограмското присуство на неповторливиот матичен број на планетава. А за време на престојот овде, останува и понатаму една од најголемите загатки ever – дали софверот е во хардверот или хардверот е во софтверот? Наводно, не е душата во телото туку телото е во душата. Како, како? Значи ако ја замислиме душата како меур од сапуница, телото е прашинката проземена од хелиум којашто за да може да дише во меурот, мора да има белодробни крилја во телото во кои кислородот прави оган во срцето слично како кога ќе заборавиш да ја затвориш плинската боца и било каква искра може да предизвика експлозија и пожар... можеби не сосема така, но ајде да речеме... животот е горење. Ако телото ѝ се враќа на земјата ashes to ashes, каде оди душата? Ако огнот во еден миг се изгасил и човекот престанал да дише, не значи дека некаде таму не постои место каде што огнот никогаш не згаснува (веројатно од таму идејата за факелот на олимпијадите), барем во тоа сме сигурни. Дека јадрото на планетата земја е вжештена магма којашто повремено знае да избие на површината на земјата во вид на вулканска лава. Така како што со дишењето човечкото тело ја претвора материјата (краставичките, спанаќот и киселото млеко) во енергија и таа енерија го прави да биде жив и здрав, слично на локомотива и парен котел. И како од сите тие прекомплицирани материјални предуслови потребни за да постои човек со име и презиме, којшто ќе оди по улица или ќе вози велосипед, ќе пишува домашно и ќе седи на тротоар и ќе свири гитара да дојдеме до ситуацијата некој да влезе во концертна сала и да ја употреби својата животна сила за да им го одземе животот на други слични на него луѓе? Постои една многу интересна мапа за толкување на постоењето – според која ова ниво на коешто сме сега е сфера на Дуализам – има добро и зло, топло и ладно, убаво и грдо и т.н., и аналогно на тоа или за да е полесно да се сфати - има Вистински Бог и тој не е во овој свет, и има лажен Бог и целиот заеб е што тој е тука. Ние живееме во неговиот свет. Со телото сме во овој свет, а папочната врвка на душата е поврзана со другиот свет. Во моментот на смртта телото му се враќа на овоземниот бог, а душата - на оноземниот, оној што живее на третото небо, сметајќи од доле кон горе. И колку и да алудира прикаската со дуализмот на бесконечност опции во понатамошниот развој на ситуацијата, ние во овој живот сме се паднале да живееме на територија на ортодоксно христијанство – а според принципите на макробиотската исхрана за да се биде здрав, нели треба да се јаде само она што расте во близина на телото, (а што е со номадите?) па така, можно е дека не постои поубава и со поголем капацитет за утеха религија освен таа срочена во симболот на православната вера – каде што се вели дека погонот на издржливоста или моќта на човекот да ги издржи сите зла и апсурди на коишто ќе налета во овој свет, е во духот кој може да гледа од обратната песрспектива. И со тој поглед, со таа глетка да издржи (најмногу што може) и да го дочека воскресението од мртвите кога повторно ќе бидат заедно сите што се сакале пред да бидат разделени со смртта. Надеж.

  • Виолета Качакова: ЗА МИРКО ПОПОВ

    Тешко ми е денеска да ги најдам вистинските зборови за да можам барем малку да Ви го доближам, и му оддадам почит на Мирко Попов, мојата љубов, партнер и најдобар другар. Треба да се напише книга за да се доближи неговиот лик и дело, како вистинска движечка тридецениска сила на македонската култура, идентитет и урбано Скопје. Мирко сакаше сам да ја напише оваа книга, но, не како негова биографија, туку, како запис и сведоштво за секое движење, мисла и акција, кое придонесуваше во градењето на еден урбан и поубав свет, земја и град. Мирко Попов е бастионот на урбано Скопје. Не е случајна оваа симболика. Ми раскажуваше дека кога бил мал, но доволно голем да препознае и сака култура, многу се грижел дали во средината во која се родил и живее постои таа урбана култура. Онаа култура која допирала до него преку музиката и грамофонските плочи, кои можеле да се купуваат во Скопје, и кои уште од 8 годишна возраст се фокус на неговиот интерес. Но, и централа тема на преговори со родителите да му го купат новиот албум на „Duran Duran“ или на „Yazoo“, кој мајка му го донела од службен пат. Во таа средина, „Бастион“ е бендот кој кога првпат го слушнал му дал верба и надеж дека имаме урбано и модерно Скопје и дека се ќе биде во ред. Како негов личен омаж кон значењето и симболиката на „Бастион“, Мирко во 2007 го издава албумот компилација „WORKS & REWORKS BASTION“. На него освен оригиналните песни од бендот, ги собира музичарите од тогашниот нов скопски и македонски музики бран и секој од нив обработува по една песна од бендот. Љубовта на Мирко кон музиката и македонската урбаната култура се развива уште како дете преку радиото и редовно слушање на програмите на Радио Скопје, примајќи ја културата визионерски најавена од Шпато, Пејовски, Џамбазов, Костов, па се до денешна плејада композитори, музичари и творци. Со голема жар и решеност уште од раните 90-ти години на минатиот век, ја почнува својата културна дејност како диџеј, радиски водител и уредник на Канал 103, како придвижувач и креатор на електронската клупска музика сцена, организатор на бројни музики настани и фестивали. Во ‘98 ја активира „ПМГ Рекордингс“ која денес со неколку специјализирани подлејблови за џез, електронска и современа музика има повеќе од 300 изданија. Ќе го потенцирам ова уште еднаш, 300 ИЗДАНИЈА МАКЕДОНСКА МУЗИКА ОД МАКЕДОНСКИ АВТОРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет, кој освен како издавач го негува и чува идентитетот и како автор, композитор и изведувач на музика, преку работата во неговите бендови „ПМГ Колектив“, „Кантон6“ и „Македониде кру“. Неговиот жар за знаење, образование, и голема љубов кон пријателите и најблиските преточени како систем вредности се присутни во бројните текстови, песни, стихови, рецензии, колумни, интервјуа како и во двете книги на кои е автор „Монографијата: 20 Години те сакам“ и „Розевата планета“. Љубовта кон историјата и градење на подобро општество се наследство од неговиот татко, а Мирко бескрајно ја сакаше и ценеше македонската култура и историја и се обидуваше да го сочува и му даде нов живот на оној специфичен наш автохтон бит, како во неговата оригинална форма, така и во негов нов современ израз. Тоа е особено видливо во неговата работа со бендот „Кантон6“. Во овој контекст, сакам да го споменам и проектот „Распеани Валандовчани“, кој со невиден жар го иницираше и го започнаа заедно со ансамблот и Владан Дробицки. Значаен омаж на неговото семејство и културата на градот Валандово, кој во чест на Мирко ни останува да го завршиме и да го издадеме веќе снимениот материјал на винил. Толку многу се радуваше на секое издание и е главен виновник за веќе 13 изданија на македонска музика на ВИНИЛ. Пред некој ден ми збореше колку многу ги сака овие винил изданија, дотолку, што би можел да го прави само тоа. Во рака го имам и последниот винил на ПМГ Рекордингс - ПОП Култура, кој дава пресек на најмладата македонска поп сцена на музички автори. Повеќе: Петок во Лабораториум - ПОП: современата поп продукција од млади македонски музичари. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го има новиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините кои што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а ние во негова чест ќе ја направиме овој петок во Лабораториум. А Младите, тие прекрасни паметни убави суштества со бистар ум, космоплитиски став и поглед кој допира далеку. Овој град и земја е среќна што има низа генерации прогресивни млади и секоја од нив прави пукнатина во ѕидот на стравот и заостанатоста, и ја исполнува со светлина. Мирко континуирано креираше простори за младите, особено на оние кои создаваат музиката. Еден куп изданија, концерти, клупски вечери, слушачки промоции, фестивали... од кои веќе 13 години „Земјотрес“ како единствена смотра на најрецентната младинска музичка култура. Човек од 51 година кој не се задоволуваше неговото влијание да биде само во форма на наследство, пример и мотивација. Тој неуморно и постојано работеше тој процеп и простор за младите да постои и функционира во сите поволни и неповолни ситуации, кои ги носи македонското општество и култура. И секогаш ми велеше: „Слушај мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, зошто само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади. Со голема љубов ја започнавме платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ и Мирко преку неа ме запозна и ми го доближи светот на најновата генерација креативни и прекрасни млади умови, кои создаваат нова култура и музика, денес. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат оној град во кој тој веруваше. А јас сум благодарна што тие го препознаа искрениот жар и отворениот простор од страна на Мирко и му вратија со љубов и убава соработка назад. Млади, Не застануваме! ШТО МИ ОСТАВИ МЕНЕ МИРКО ПОПОВ Безвременска мултиверузмска љубов која ќе ме исполнува и ќе ми дава сила да бидам тоа што сум и да верувам во себе. Или како што се вели во песната The Perfect Kiss на еден од нашите омилени бендови New Order – I know, you know, we believe in the lend of love. Да се гледам со очите со кои тој ме гледаше - достоинствена, силна и непокорна пред сите предизвици. Ми остави едно големо и прекрасно семејство полно со љубов, вистински другари и пријатели, кои многу не сакаат и со кои и низ добро и лошо секогаш ќе бидеме заедно, и две најубави во свет деца кои ќе ги сакам и чувам додека сум жива, како да се мои. Ми остави мисла и збор дека мора да одам напред и да го правам сето она што заедно го правевме досега и во што верувавме. Денес се збогуваме со еден свет. Денес се збогуваме со еден град придвижуван од витешката сила на Мирко, кој неуморно создаваше урбани простори и култура со сите пријатели и соработници кои веруваа во тоа. Но како ФЕНИКС - симболот на Центар, место во кое Мирко живееше и често со гордост го споменуваше – ОВОЈ ГРАД И СВЕТ, Денес повторно се раѓа. Затоа, од денес, Одговорност на секој еден од нас е да веруваме во подобро утре, како Мирко што веруваше, и да градиме поубав свет за нас и нашите деца, исполнет со музика и култура. И најважно од се, да продолжиме да се забавуваме и да бидеме среќни. Како и самиот што вели во една од песните на албумот ПМГ Колектив Скопје. „Среќен – научи на бидеш Среќен“ На крај би го споменала „До небото замок“ албум, кој со ПМГ Колектив го издаде во 2019 година и кој претставува негова многу интимна музичка приказна за себе и своите блиски. Омотот на албумот е горниот дел од неизградената црквата „Константин и Елена“ во центарот на градот, која многу му се допаѓаше, и која го носи името на татко му и неговата тетка. Песната која си ја посвети на себе вели „Ме вика Мирко, смртен си плен, пушти ме играм, уште е ден“. За Мирко и за самите себе ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ИГРАМЕ! 24.03.2024 Виолета Качакова

  • Констракта на Агеласт

    Доколку ви треба контекст, стандардно интелигентен муабет на овој поткаст - без да ве смори, и на крај излезете од него енергизирани - Агеласт е секогаш добра идеја, независно од гостите. А Констракта, беше неочекувана содржина како за на Евровизија посебно од балканските земји…што има да каже во фотофиншот пред Евровизија, овде:

  • Забавната страна на лингвистиката и јазикот!

    Хрватскиот поткаст „ Блиски средби од јазичен вид“ почнал откако на филологот Томаш Гај му пукнал филмот! Од својатање, портарството(gatekeeping) и натурање на авторитети, кои живата и комплексна природа на јазикот ја гушеле со кабинетската лингвистика! Томаш е преведувач од англиски и германски на хрватски(и обратно) а неговата ко-водителка Ања Лорданиќ Мустаќ од Задар(исто така филолог и преведувач но од англиски и италијански) го отпочнале поткастот и со тоа вгостиле лепеза на разновидни професионалци, и непрофесионалци со уште поразновидни теми: бајки, пцости, уредување и лекторирање на романи, за хуморот во корелација со депресијата, пелтечењето, растењето со глувонеми родители и учење на јазикот на тој начин - можеме вака до утре - тие започнале за време на пандемијата а веќе имаат уснимено над 150 поткасти! Ги има на сите поткаст платформи(освен јутјуб), овде избравме некои кои нѝ изгледаат како теми кои би биле интересни и за оние што не слушале поткасти нешто особено ако и воопшто! Добар апетит и уживајте!

  • It's a Pixie Podcast со нова епизода како најава за новиот албум Doggerel

    "Замислете дека сте член на рок бенд. Бенд толку влијателен што вашата работа создаде сосема нов жанр. Жанр кој ја дефинираше современата музика за цела генерација слушатели. Потоа, замислете дека и покрај извонредните критики и популарни признанија, вашиот бенд се распадна. Замислете дека исчезнувањето на вашиот бенд всушност ја зголеми неговата легендарност и влијание до тој степен што популарната побарувачка ве принуди да се обедините. И по 13 години пауза, вашиот бенд стана попопуларен од кога било досега. Сега замислете, 14 години по враќањето на сцената, повторно сте во студио и снимате нов албум, за да го надградите вашето наследство и да го заземете вашето место во првите редови на жанрот што го создадовте. Замислете - вие сте член - на Pixies.„ - ова беше трејлерот во 2019 на поткастот на Pixies кои издадоа поткаст серија It's a Pixie Podcast со кој го документираа снимањето на тогашниот албум Beneath the Eyrie. Тогаш го најавата беше „Поткаст серијата од 12 продолжетоци, водена и раскажана од бестселер авторот на Њујорк Тајмс, Тони Флечер. „Its a Pixies Podcast“ го документира создавањето на нивниот нов албум „Beneath the Eyrie“ во студијата на Дримленд во близина на Вудсток,а Тони Флечер ја открива нивната приказна. Преку секојдневни разговори и форензичко испитување на нивното минато, Тони открива дека нивната креативна амбиција и нагон остануваат релевантни - и чудни - како и секогаш. Серијата е достапна на сите поткаст платформи на глобално ниво, вклучувајќи ги: Apple, Spotify, Deezer и Stitcher.“ Сега како излегоа со нов сингл There's a Moon On тоа го направија напоредно со поткаст епизода.

  • Добрите духови* на „ШАМПИОНИ ЗА ПИЕЊЕ“

    *Spirits - на англиски означува и духови, и жестоки пијалаци. Во текот на типична епизода од „Drink Champs“, која може да трае два или три часа, ќе се случат неколку работи. Нори (N.O.R.E.) ќелавиот рапер од Квинс кој стана поткастер, полека ќе се опива. Тој ќе им каже на своите гости, повеќето рапери и продуценти, колку многу ги цени - дека е обожавател и колега - додека ги потпрашува за ситниците од нивните кариери. А неговите гости, кои често се познати по нивните челични, непропустливи фасади, ќе избувнат во благодарна, речиси блесава смеа. Ќе изгледаат среќни и слободни. „Drink Champs“ е еден од најпопуларните музички поткасти, и покрај преголемата должина на епизодите. Неговиот успех делумно произлегува од гостите од А-листата, кои се извлечени од историјата на хип-хопот: Grandmaster Caz, Lil Wayne, Snoop Dogg. Нори добива интервјуа што повеќето луѓе не можат да ги добијат. Во ноември,Кање Вест (Kanye West), среде засилените гласини за неговото ментално здравје, се појави во шоуто повеќе од три часа, зборувајќи за креативноста, папараците, неговото семејство и реформите во кривичното правосудство. Нори го притисна за политиката - неговата врска со Доналд Трамп - но, исто така, му даде простор да солира за диносаурусите, убавината на луѓето („Ние сме Божјиот врвен ајфон“, рече Вест), и во која од неговите дваесет и четири Греми статуетки тој моча. . Нори објавува плочи од деведесеттите, а неговите гости имаат тенденција да ја отфрлат својата персона во негово присуство. По смртта на ДиЕмЕкс(DMX), во 2021 година, обожавателите се свртеа кон неговиот полетен „Шампиони за пиење“(„Drink Champs“) изглед , каде тој прави шеги и се потсетува на своето куче*(нагалено за другар) од детството. Шоуто започна во 2016 година, неколку години откако Нори и неговиот ко-водител, ДиЏеј ИЕфЕн( DJ EFN), направија програма на Сириус ИксЕм(Sirius XM). ИЕфЕн, кој е долгогодишен промотер, продуцент и диџеј на микстејпи во Мајами, ја балансира непријатната ревност на Нори со смирувачка енергија и основни прашања што го поставуваат контекстот. Во најдобар случај, серијата потсетува на деведесеттите и раните две-илјадници на радиото, кога хип-хоп ѕвездите се упатуваа до најблиската станица за да си ги искажуваат поплаките или да ги расчистат непријатните ситуации и трачеви, во неколку минути колку би имале на располагање. Денес, во ерата на Instagram Live и YouTube, тенденцијата е да се расправа на долго и широко, да се споделуваат тајни и да се спушта гардот - работи што уметниците како Нори ретко имале шанса да ги направат. Нори е добро прилагоден на вијугавите ритми на подкастите. Тој природно зборува со ненамерно мрчење, но станува поанимиран како што напредува епизодата. Тој чувствува непријатност и ја смирува; тонот на серијата е некаде помеѓу „Свеж воздух“ и „Смек“, ДВД серии од две илјадите, кои прикажуваа нецензурирани интервјуа со изведувачи. И тој знае како да исцрта приказна, уживајќи додека гостинот се врцка и фаќа кривини низ анегдотите... Во една епизода, раперот Гоустфејс Кила( Ghostface Killah) се потпира на неговите зборови додека споделува приказна за транспортирање на Delfonics, соул групата од седумдесеттите, на студиска сесија - и влегување во престрелка на пат до таму. Во друга, пејачот Ти-Пејн(T-Pain) ја опишува ситуацијата кога го истурил Хенеси врз Бијонсе(Beyoncé). Нори во неверица, му ги повторува фрагментите назад на Ти- Пејн, нагласувајќи колку див мора да бил моментот. „Толку сум ебено неспретен, брат“, вели Ти-Пејн, смеејќи се. Многу од најуспешните подкасти постојат во состојба на постојана носталгија. За минатото е забавно да се зборува; секогаш има филм или албум кој слави јубилеј. Но, хип-хопот долго време има непријатна врска со историјата. Тој издржа како глобално витална форма токму поради тоа што е толку прогресивен, што секоја генерација ќе биде прогласена како ирелевантна од следната. Како и Verzuz, веб-преносот за битки со песни, во кој уметниците се натпреваруваат за да видат кој има најдобар каталог „Drink Champs“ е реткиот успешен обид да се прослави минатото на жанрот без да се романтизира. Кога Нори почна да рапува под неговото првобитно уметничко име, Нореага, индустријата смислуваше како да ги претвори хипер-локалните приказни за способноста на лукаво снаоѓање и дилање дрога во материјал за глобална слава. Имаше цврчење кое се перчеше во неговиот глас, а неговата назабена испорака сведочеше за фактот дека тој беше сиров, неполиран, валкан. „The War Report“, дебито во 1997 година што го објави како половина од Capone-N-Noreaga, е еден од најдобрите албуми на деценијата. Но, му требаа години да сфати дека другите уметници ги украсуваат нивните приказни, а не раскажуваат само од искуството. „Не знаев како да преувеличувам“, му вели тој на импозантниот рапер од Филаделфија Бини Сигел( Beanie Sigel) во една епизода. Често, највлијателниот материјал во „Drink Champs“ ги вклучува Нори и неговите гости кои потсетуваат на одамна заборавените ривалства, и средби со опасноста. Тие се ветерани на конфликт, благодарни што преживеаја. Епизодата со Сигел е особено потресна. Гласот на Сигел е лут и затегнат, резултат на престрелка во 2014 година што доведе до оштетување на белите дробови. Имаше бурна кариера - повеќекратни затворски казни, лоша врска со Џеј Зи, кој еднаш гарантираше за неговиот карактер на суд - и Нори му поставува тешки прашања со нежна, разиграна љубопитност. „Јас сум променет човек“, вели Сигел со насмевка, додека Нори се обидува да му тури шот со јапонско виски. Сигел го ангажира својот братучед да пие во негово име и зрачи спокојство што го избегнало за време на неговите години како насилник, рапер кој е лојален на улицата. „Јас сум совршен пример за тоа кога држиш да бидеш реален ќе тргне наопаку“, вели тој. Епизодата е приказна за памет, но никогаш моралистичка. Во своите најсекојдневни, дигресивни моменти, „Drink Champs“ станува речиси новинарска - усна историја за тоа како работела индустријата порано и за тоа како младите Црни уметници се обидувале да ги сфатат работите, додека напредувале. Во 2017 година, Нори беше домаќин на интервју со продуцентот од Атланта Џермејн Дупри( Jermaine Dupri), кој соработуваше со Ашер, Мараја Кери и Destiny's Child. Најпрво, Дупри делува на начинот на кој што изгледа во повеќето интервјуа: кул и пасивен, дури и незаинтересиран. Но, по неколку часа - и премногу шотови од кинески пијалок наречен вино од тигарска коска - тој се грчи од смеа, раскажувајќи мрсни приказни за патувањето во Доминиканската Република што го направил со една од неговите штитеници, раперот Бау Вау(Bow Wow)„Сум видел толку многу, од својата дванаесетта година, работи што никој никогаш ги видел“, вели Дупри. „Лудо е што треба да ги чувате сите овие срања во вашето тело. Мора да ги предадеш“. Нори, сега екстремно пијан, го среќава овој момент на искреност со сопствената исповед: „Се стискам да не се помочам, повеќе од еден саат“. Како што кариерата на Нори еволуираше, и тој доживеа успех со продуцентското дуо Neptunes, тој усвои поблесав, позабавен пристап, помалку посветен на светлечкиот афект од минатото. Еден од моите омилени моменти во неговата кариера дојде на „Invincible“, од албумот „The Reunion“ од 2000 година, кога рапуваше за тоа дека направил недопечен албум претходната година. Се чинеше како чудно признание. Но, тоа беше и момент кој имаше врска со амбивалентност и разочарување, наместо со гордост или болка. Тоа е вид на емоција со сива зона, изразена со лежерна искреност, која органски се појавува на „Drink Champs“, каде што пријателите и непријателите толку долго разговараат што неизбежно се сопнуваат на вистината. Во јуни, емисијата беше домаќин на епизода за дваесет и петгодишнината од “The War Report.” Капоне, Нори и други уметници кои се појавија на албумот се таму; така се и членовите на Penalty Recordings, издавачката куќа која ја објави плочата. Капоне и Нори се сеќаваат дека се сретнале за прв пат, кога биле во затвор. Tragedy Khadafi, рапер ветеран од Квинс, кој прв му предложи на дуото да прават музика заедно, зборува во долги, понекогаш горчливи монолози. Повремено, Нил Левин, постар белец кој раководеше со Пеналти, ѕвони за да разјасни мал детал. Сите тие разменуваат внатрешни шеги и се потсетуваат на Sbarro долу од студиото, обидувајќи се да ги доведат слушателите во малиот, прецизен, магичен универзум што го изградија. Тие ги израмнуваат старите сметки, се помируваат и жалат што индустријата сега ја водат „аналитиките“ наместо љубопитни, страсни скаути на таленти. Во еден момент, Траџеди, кој го надгледуваше албумот како извршен продуцент, му се обраќа на Левин. „Морам да кажам благодарам, јо, што ми даде шанса, чоек“, вели тој. Аплауз Епизодата трае нешто помалку од пет часа. ♦︎ Извор: Хуа Хсу е писател од персоналот во The New Yorker и автор на претстојните мемоари „Stay True“.

  • Заминувањето на Меган Маркел значи крај на политиката на екслузивни договори на Спотифај

    Поткастот на Меган Маркл - Archetypes веќе не е ексклузивен за Spotify. Помалку од една година од нејзиното лансирање, платформата повеќе не сака да работи со Маркл и затоа нема да има втора сезона со нови епизоди. Договорот на Спотифај со Меган Маркл и Принцот Хари беше еден од најголемите во светот на поткастингот, но се распадна по само една сезона. Според извори, договорот бил вреден околу 20 милиони долари, но двојката не успеала да ги исполни очекувањата на платформата. Нивната цел беше да создадат „возбудливи“ аудио проекти кои ќе „истакнат моќни и разнолики гласови и перспективи“ и ќе „нè потсетат колку сме сите поврзани“. Нивниот прв проект беше специјална епизода која ги содржеше приказните за надеж и сочувство од инспиративни гости за новата година. Но, не беа сите воодушевени од нивната работа. Бил Симонс од Spotify, кој ја води монетизацијата на поткаст за аудио-компанијата, доведе во прашање колку беше пријателскa разделбата кога ги нарече Маркл и принцот Хари „ебени чергари“ за време на епизодата од 16 јуни од неговиот истоимен поткаст.и дека се́ што сака е да се збогува со нив. Тој исто така рече дека никој не се интересира за тоа што имаат да кажат освен ако не зборуваат за кралското семејство и дека само се жалат на нив. Принцот Хари и Меган Маркл сè уште имаат договор со Нетфликс за да произведуваат различни видови на содржини. Тоа не значи дека Spotify е целосно невин во распадот на врската. Еден агент изјави за „Холивуд репортер“ дека е „многу тешко да се направи нешто во Spotify“ и дека нема многу „флексибилност со овие големи зделки“. Други имиња од талентите со висок профил кои исто така ги прекинаа договорите без обновување, беа Барак и Мишел Обама, чија продукција Higher Ground се префрли на Audible, и Естер Перел, која замина во Vox Media. Џемел Хил, чиешто шоу Jemele Hill Is Unbothered беше ексклузивно за Spotify од 2019 година, исто така се очекува да замине по завршувањето на нејзиниот договор ова лето. Извршниот директор на Spotify, Даниел Ек, го призна „преплатувањето и прекумерното инвестирање“ во зделките за покастинг и таленти за време на разговорот за заработка на 25 април со аналитичарите. „Нема да го правиме тоа [повеќе] и ќе бидеме многу претпазливи во тоа како инвестираме во идните зделки за содржини“, рече Ек. „Оние кои немаат добри резулати, очигледно, договорите нема да ги обновиме. А оние што имаат добри реакции… очигледно ќе ги гледаме од случај до случај врз основа на релативната вредност“. Деновиве, кога беше објавено дека Сасексите нема да имаат втора сезона, дојде со заедничко соопштение од стриминг гигантот и компанијата за аудио продукција на војводата и војводката, Archewell Audio. Според соопштението, двете страни „заемно се договориле да се разделат“ и се горди на она што го постигнале заедно. Почетокот на поткастот беше одложен од најавениот почеток што предизвика сомничавост на слушателите, кои претпоставуваа дека можеби е само маркетинг стратегија на Спотифај, со тоа што се расфрлаат со големи имиња - но без содржина. Според извори во аудио гигантот, двајцата не успеале да го исполнат стандардот за продуктивност потребен за да ја добијат целосната исплата, пишува Wall Street Journal. Се смета дека неуспехот на војвотката од Сасекс ќе ја мотивира да бара нови партнери за да продолжи со нејзиниот поткаст со нејзиниот сопруг. Веста за завршување на многу популарното шоу доаѓа откако блиските на принцот Хари и неговата сопруга објавија дека немаат ништо ново да кажат. Затоа новите документарни или други продукции со нив се чинат дека се осудени на пропаст. Но сепак, тимот на Меган открива дека таа подготвува повеќе содржини за публиката на Archetypes, а поткастот ќе биде преместен на друга платформа. Поткастот беше на врвот на топ листите на Spotify неделата кога беше премиерно прикажан. Тогаш се тврдеше дека Маркл била во преговори за втора сезона, но никогаш не можела да ја убеди другата страна дека може да понуди нешто поразлично од првите епизоди, во кои имало доста познати лица.

  • Епизодата „36 часовен бунт“ на The Daily

    Вооружениот бунт во Русија во текот на викендот го запрепасти светот и се сведе на најголемиот предизвик на Владимир Путин откако дојде на власт пред 23 години. Антон Тројановски - шефот на московското биро за Њујорк тајмс зборува за човекот на чело на бунтот: кој е Јевгениј Пригожин, од каде доаѓа, како станал фиксер за Путин, и што е веројатно да се случи следно. Дејли е популарен поткаст во продукција на Њујорк Тајмс кој нуди анализи и приказни за актуелните вести од целиот свет. Поткастот излегува секој работен ден наутро и се фокусира на клучните вести и настани кои се актуелни и важни во тој момент со Сабрина Таверниси и Мајкл Барбаро. Секоја епизода на Дејли содржи интервјуа со новинари и експерти на Њујорк Тајмс кои ги анализираат и ги раскажуваат приказните зад насловите. Поткастот често открива задкулисни детали и лични приказни на луѓе кои доживеале и биле сведоци на важни светски настани. Дејли нуди различни теми кои вклучуваат политика, економија, култура, технологија ...Секоја епизода обично трае околу 20-30 минути, што им овозможува на слушателите да останат информирани и ажурирани додека се во движење или во удобноста на нивните домови. Дејли е широко признат по квалитетното новинарство и сеопфатното раскажување приказни. Поткастот има освоено неколку награди, вклучувајќи ја и наградата Peabody и DuPont-Columbia Award. За да пристапите до „Дневниот поткаст“, ​​можете да го најдете на сите поткаст платформи. Денешниот поткаст “36 часовен бунт во Русија“ Антон Тројановски одговара на прашањето „Што значи краткотрајната побуна на руските платеници за политичката иднина на Русија?“

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page