Ѕвездата на неодамнешниот Саем на книга, се чини беше книга која допрва ќе има промоција „Џинџуџе во земјата на афионите“. По сѐ изгледа ќе биде журка (27 мај, 20 часот во МКЦ), или во најмала рака ќе биде забавно. Најавена е музика од impromptu состав Бонсаи афиони: Владимир Лукаш (кој го знаеме во музичка смисла од Свирачиња), Владимир Мартиновски (кој го знаеме од Баклава) и Вук Митевски (кој го знаеме од град, а заедно со Лукаш во Поклон!) . Промоцијата ќе ја водат Никола Гелевски и Владимир Мартиновски, кои ја приредија антологијата ”со голем мерак” како што соопшти Мартиновски.
Кога беше и формално објавена, еруптираа реакции од дел од авторите, а кафе - книжарницата Буква ја прогласи за книга на неделата!.
Владимир Мартиноски извести: „Убава вест: пред малку на Саемот на книга во Скопје пристигна, тазе испечатена, ЏИНЏУЏЕ ВО ЗЕМЈАТА НА АФИОНИТЕ/Антологија на македонскиот краток расказ (Темплум, едиција Магма). Огромно фала за Никола Гелевски, со кого го приготвивме изборот со огромен мерак. Се надевам ќе уживате!“
Бранко Прља напиша: „Благодарност до издавачката куќа Темплум, Никола Гелевски и Владимир Мартиновски, за тоа што ме вклучија во одличната „Антологија на македонскиот краток расказ“ (микро фикции) која излезе како книга бр. 135 за 20-годишнината на едицијата Магма. Минималистичките илустрации на Перо Георгиев го прават концептот целосен! Мојата прва збирка кратки раскази „За секого по нешто, за некого ништо“ излезе во 2003 година во истата едиција (како книга бр.5), а подоцна (2004-2008) и дизајнирав дел од книгите кои излегоа во едицијата. Се надевам дека Магма ќе постои уште многу долго време и ќе ги инспирира новите генерации како што не инспирираше нас.“
Живко Грозданоски заклучи: „ ..Насловот е сјајно изведен од расказот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски. Кратките раскази се проткајани со цртежи од Перо Георгиев.“
А Јулијана Величковска се заблагодари (и) со фотографија:

ЏИНЏУЏЕ
(Ермис Лафазановски)
Дете џин и дете џуџе учествуваат во телевизиско шоу:
„Јас можам да допрам небо, да прескокнам река, да гледам преку камион, да дувнам посилно од ветер...“
„А јас да влезам во џеб, да се капам во лавор, да спијам во фиока, да се сокријам во куфер, да...“
„Одлично“, вели водителката, „а има ли нешто што не можете?“
„Не можеме еден без друг“, рекоа во еден глас.
Во антологијата се поместени „ 219 кратки раскази од 73 македонски автори. Поточно, 21 авторки и 52 автори од сите генерации родени во 20 век: најстариот е Иван Точко (роден 1914), а најмладиот Андреј Ал Асади (1996). Во тој еден век поместен е цел еден свет на мали фикции (или, во тој еден свет на мали фикции поместен е цел еден век - оти историјата може да се гледа и преку книжевноста).„ - стои во предговорот на Темплум, во едицијата Магма која влегува во својата втора и многу плодна деценија. Мора да се спомене, за да се стави во контекст: Темплум на Саемот за книги излезе со триесетина нови наслови, кои во интерес на јаснотијата нема да ги споменеме сега - сликовници и илустрирани книги, две нови изданија на Маргина, стрип, поезија, проза, теорија - и некако, од некоја причина, Џинџуџето ги надмина во вниманието кое го доби. Токму денес бев во една од скопските книжарници и од сите овие нови Темплум изданија ја најдов само „Џинџуџе во земјата на афионите“.