Зајакот беагалец
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Oct 18
- 5 min read
Бед Бани го освои светот. Ова лето се врати дома.
Автор: Келефа Санех
15 септември 2025

Во 2016 година, еден заводлив ремикс на песната „Diles“ почна да пулсира низ стриминг-платформи и ноќни клубови. Во неа настапуваа неколку порторикански изведувачи, но главниот беше нов хитмејкер со смешно име и сериозен глас: Бед Бани( Bad bunny). Неговото вистинско име е Бенито Антонио Мартинес Окасио; уметничкото име, како што подоцна дознаа обожавателите, било инспирирано од фотографија од детството на која тој намуртен стои облечен во костим на зајак. Гласот му беше тажен и елегантен: пееше (а понекогаш и рапуваше) со некоја рамна, речиси литургиска сериозност - дури и кога ритамот и текстот сугерираа разиграност, што често се случуваше. „Diles“ значи „кажи им“, а во песната Бед Бани ја поттикнува една жена да им каже на нејзините пријателки колку добро се однесувал со неа. „Dice que le gusta hacerlo con mis temas de trap“, пее тој: „Вели дека сака да го прави тоа на моите трап песни.“ Тоа беше и сексуална и музичка фалба. Новиот стил наречен латино-трап беше во подем во Порторико, и Бед Бани се самопрогласуваше за еден од неговите најсилни гласови.
Девет години подоцна, јасно е дека Бед Бани имал причина за својата нескромност - барем кога станува збор за музиката. Со шест одлични соло-албуми, тој прво се утврди како најголемиот успех на латино-трап сцената, а потоа како нешто сосема друго: стилски и непредвидлив ѕвезден феномен без вистински претходник или ривал. Можно е да е најпопуларниот пејач на шпански јазик во историјата, а веројатно и најважниот музичар на светот во моментов - личноста кон која идните генерации ќе посочуваат кога ќе зборуваат како звучеле раните дваесетти години од овој век. („Un Verano sin Ti“ од 2022 е најслушаниот албум во историјата на Spotify, а минатиот месец една негова песна стана првата од 2025 што достигнала милијарда слушања на платформата.) Настапуваше како професионален борач (WrestleMania 37), глумеше во филмови („Bullet Train“, „Happy Gilmore 2“, „Caught Stealing“), беше во врска со Кардашијан (Кендал Џенер) и соработуваше со модни брендови (Adidas, Calvin Klein). Но една од тајните на неговиот успех е токму тоа што — колку повеќе расте, толку повеќе изгледа како да не си заминал од дома. Ова лето беше токму таму: во Порторико, со резиденција од триесет концерти во најголемата сала на островот: Колосеумот „Хосе Мигел Агрелот“, со капацитет од речиси дваесет илјади луѓе.
Во една врела, дождлива августовска сабота, додека ураганот Ерин беснееше во близина, концертот почна со десетици танчери и тапанари во традиционални порторикански носии. Бед Бани се појави во нешто помалку традиционално: крзнена капа, како да штотуку пристигнал од некое студено место и му е мило што е повторно дома. Настанот беше прослава, но и со нијанса на тага. Резиденцијата се вика „No Me Quiero Ir de Aquí“ („Не сакам да си одам одовде“) , фраза што често ја користат славни кои премногу патуваат. (Во еден од претходните албуми, Бед Бани му се подбива на непознат ривал со стихот: „Никој не те знае, ни во твоето маало / Вчера бев со Леброн, и со ДиКаприо.“) Во оваа сала, „овде“ беше на два начина: главната сцена, обвиена со зеленило и магла, потсетуваше на нераспоседнат рид, а во задниот дел имаше ниска розова куќичка — како место за дивa домашна забава. Додека ја изведуваше грмогласната „Safaera“, Бед Бани пееше од покривот на куќичката, а еден од гостите под него танцуваше толку жестоко со украсно растение што изгледаше како да се обидува да го оплоди.
Двете сцени го симболизираа двојниот импулс на неговиот најнов албум „DeBÍ TiRAR MáS FOToS“ („Требаше да сликам повеќе“), кој ги спојува најсовремените тракови со влијанија од салса и други постари порторикански стилови. Кога се искачи на „вештачкиот рид“ за да ја отпее „PIToRRO DE COCO“, омаж за домашната музика и домашното пијалче, го придружуваше четирижична гитара куатро, типична за џибаро музиката, а тој држеше тегла што изгледаше како вистинскиот самогон од песната. Неговиот воздржан стил прави неговите рефрени уште позаразни, и маестрално ја користи контрадикцијата помеѓу мирниот глас и бучната енергија на музиката. Целата вечер изгледаше како да создава сопствен микроклимат — барем петнаесет степени постуден од сите во салата. Можеби затоа и ја носеше капата.
Пред латино-трапот, Порторико беше опседнат со регетон — разметлив стил со луплив, стакато ритам наречен дембо, потекнат од џамјанскиот денсхол. (Името доаѓа од песната „Dem Bow“ на Шаба Ренкс од 1990.) Во 2000-тите, експлозијата на регетон ги направи ѕвезди Деди Јенки и Дон Омар, кои беа и ривали. Латино-трапот, инспириран од јужниот американски хип-хоп, беше поспор, потемелен и попроменлив. Во почетоците се поврзуваше со секс и насилство; неколку месеци пред ремиксот на „Diles“, Ануел АА, еден од пионерите на движењето, беше уапсен и осуден на две и пол години затвор поради нелегално поседување оружје. Бед Бани ги спои двата жанра, но со интроспективен пристап: во „Soy Peor“ („Полош сум“), песната што го направи ѕвезда, зборува дека купил пиштол само за да го „убие Купидон“ и да му се одмазди за скршеното срце.
Од почеток, Бед Бани негувал боемски имиџ; повеќето фанови не се изненадија кога во видеото за „Estamos Bien“ (2018) покажа нокти насликани во светло сина боја. Подоцна стана и политички активист — го носи светлосиниот Порторикански знаме што го симболизира движењето за независност и јавно ја критикува владејачката Нова Прогресивна Партија (П.Н.П.), која поддржува државност. П.Н.П. беше на власт во 2017, кога ураганот Марија одзеде речиси три илјади животи и предизвика месеци без струја. (Во 2022 ја објави „El Apagón“ – „Прекин на струја“, гневна и горда химна на порториканскиот идентитет.) Минатата година финансираше дигитални билборди со пораки како „votar pnp es votar por la corrupción“ („да гласаш за П.Н.П. значи да гласаш за корупција“). Единствената сцена што сè уште не ја освоил е политиката: есента, кандидатката на П.Н.П. Џенифер Гонзалес-Колон стана гувернерка на Порторико. Таа одби да присуствува на концертите, иако призна дека резиденцијата е „голема можност“ за островот бидејќи привлече туристи од целиот свет.
Токму туризмот беше една од темите на вечерта. Првите девет концерти беа продадени лично и исклучиво за локалци, но подоцнежните билети ги купија и посетители, што го преполнија Сан Хуан и дури придонесоа за економски раст — Moody’s објави мало подобрување на прогнозата, нарекувајќи го „ефектот на Бед Бани“. Во арената се слушаа американски акценти; публиката доби приврзоци со светлечки камери — симбол на албумот, но и знак дека сите сме туристи. На сетлистата беа и „TURiSTA“ — меланхолична балада за љубовник кој сака да ги види само забавните делови од неговиот живот — и „LO QUE LE PASÓ A HAWAii“, предупредување со рефрен: „Не сакам да ти го направат истото што ѝ го направија на Хаваи.“ По мрачниот момент, повика салса оркестар што ја претвори меланхолијата во славење. До „DtMF“, главниот рефрен веќе се претопи во празнична исповед: „Требаше да сликам повеќе кога те имав / требаше да те гушкам и бакнувам повеќе, кога можев.“ Неколку локалци плачеа. Следното утро, Бед Бани ретвитна вест дека ветерот од ураганот Ерин оставил без струја 150.000 домови.
Бед Бани имаше среќа што кариерата ја започна токму кога интересот за латино музика нагло растеше: во 2017, само неколку месеци по „Diles“, Луис Фонси го објави „Despacito“ со Деди Јенки — светски хит што покажа дека публиката во САД е подготвена да пее и на шпански. Истовремено, стримингот го обедини глобалниот аудиториум и потсети дека англофоните се малцинство. Бед Бани понекогаш се оддалечуваше од традиционалното порториканско звучење — неговиот прв албум „X 100PRE“ (2018) содржи емо-трап песна со електрична гитара. Денес се враќа кон корените, и на сцената во Колосеумот изгледаше и изненаден и возбуден што се „преродил“ како салса пејач со пола работно време.
За време на резиденцијата, ја полнеше својата „касита“ со гости од Порторико и целиот континент, претворајќи ја арената во културен центар на Америка. Таа августовска вечер таму беа Џон Хем, комичарот Рејмонд Ариета, пејачите Беки Џи и Иван Корнехо, и регетон-ѕвездата Де ла Гето. Благодарение на Бед Бани, порториканската музика денес е глобален феномен: неговото влијание се слуша во песните на шпанецот Кеведо, на чилеанецот Крис МЈ, и на колумбиецот Бееле, чиј нов албум „BORONDO“ се инспирира од Сан Хуан, Кингстон, Лагос и понатаму. Но во моментов, сета таа музика не звучи како конкуренција — туку како доказ дека наследството на Бед Бани сè уште расте, и дека неговата ера не е завршена. ♦︎





Comments