Локомотива на Canal 2026: македонската кореографија во европскиот танцов разговор
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- 51 minutes ago
- 3 min read
Локомотива, Викторија Илиоска и Тереза Лазарев ќе ја претстават современата сцена од Северна Македонија во Витри-сир-Сен.

Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата од Северна Македонија ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse, која во јануари ќе се одржи во Витри-сир-Сен, во близина на Париз. Настанот обединува десет француски танцови институции и шест институции од Балканот, вклучувајќи ги Грција, Словенија, Бугарија и Северна Македонија, и претставува еден од поретките формати во кои регионалната кореографска сцена се појавува не како маргинален гостин, туку како рамноправен соговорник во европскиот танцов екосистем.
Canal 2026 ќе претстави 32 уметнички тима преку извадоци од перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти. Програмата ќе се одвива на три локации – La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar – а паралелно ќе постои и онлајн издание на платформата cnd.fr, кое започнува од март 2026. Форматот ја нагласува тенденцијата современиот танц сè повеќе да функционира како поле на истражување и институционален дијалог, а не само како сценска форма.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на организацијата и ќе ги претстави кореографките и танчерки поврзани со нејзината програма: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија во петок, 30 јануари, во MAC VAL, на тема „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“, прашање што ја отвора комплексната мрежа на продукциски услови, институционални ограничувања и уметнички стратегии што ја дефинираат сцената во регионот.
Во рамки на уметничките презентации, Викторија Илиоска ќе ја претстави својата пракса, вклучувајќи го и проектот Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг кој го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на културни кратења и економии што често функционираат екстрактивно, работата ја поставува публиката не како пасивен набљудувач, туку како активен материјал на ситуацијата, каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како колективни ресурси. Делото го поставува прашањето за што треба да се тренираме како колективно тело во иднината што доаѓа, во време кога самата идеја за заедничко станува сè покревка.
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса преку Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја испитува врската меѓу колективната меморија и личната танцова меморија. Проектот прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото, не само како физичка форма, туку како носител на искуства и траги од историски и интимни прекини. Како дел од истражувањето, Лазарев ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски, во кој движењето и звукот функционираат како слоеви на меморија што се преплетуваат во реално време.
Учеството на Локомотива на Canal 2026 е индикативно за пошироката динамика во која балканските кореографски практики сè почесто се читаат како релевантни токму поради условите во кои се создаваат: во средини со ограничени ресурси, нестабилни институционални рамки и постојана потреба од адаптација. Во таа смисла, овие дела не се само презентации на естетски јазици, туку и модели на уметничко преживување и колективна имагинација.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд, CN D и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт и француските министерства за култура и надворешни работи. Организаторите нагласуваат дека содржината и изразените мислења не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.





Comments