Иван Блажев е веќе барем една деценија, од носечките имиња на современата македонска фотографија, иако годините не би го сугерирале тоа. Доколку го запознавате по прв пат, и без некое посебно познавање за фотографијата, атмосферичноста, лиричноста, кулминацијата која е тежиште и е типична за журналистичката фотографија - интуитивно ќе ве привлече во приказните. Иако најчесто, секоја од фотографиите е тематски вклопена во серија - а таа серија, често придружувана со книги, или пак коментар - „Како на фотограф на кој посебно му се допаѓа медиумот на книга би сакал овие фотографии да се стават во едно такво издание, но во овој момент тоа не е планирано“ - кажува за Слободна Европа. Се движи во Македонија, и како секој добар раскажувач и уметник, ни́ ја открива и покажува нашата реалност во светло кое е изненадувачки ново. Посебно изненадувачки кога некои од субјектите портретирани се луѓе кои ги знаете, како непланирана средба, во споредна уличка. Вечерва (20.09.22) ја отвора својата јубилејна десетта самостојна изложба, придружена со десетта фото - книга насловени „Сето време е сето време“. Во прилог е избор од фотографии од неговиот уметнички опус, кој почнува на почетокот на овој век, а веројатно и порано. Сите можете да ги најдете на неговиот веб-сајт.
И за крај, оваа скопска фраза, мислиме дека сосема го покрива искуството на нуркање на фотографијата на Иван Блажев „ептен е трип!“
Comments