„Морето“ како политички бран: Културниот министер на Израел се закани дека ќе ги укине националните филмски награди
- Ана Чушкова / Ana Cuskova
- Sep 18
- 3 min read
Филм за палестинско дете ја запали дебатата за иднината на израелската кинематографија

Во еден момент кога уметноста се обидува да говори за најосновното човечко право – правото на дете да види море политиката повторно се вмеша. Израелската филмска награда „Офир“ (Ophir Awards), еквивалент на Оскарите во земјата, заврши во сенка на закани и критики откако најдобар филм стана „Морето“ (The Sea) – драма за 12-годишно палестинско момче кое на училишна екскурзија е спречено да влезе во Тел Авив за да го види морето за првпат.
Заканата на министерот: „Срамна церемонија“
Министерот за култура Мики Зохар реагираше жестоко: „Не постои поголема шлаканица за граѓаните на Израел од оваа срамна и отуѓена церемонија. Под мое раководство, израелските граѓани нема да плаќаат за настан што им плука во лицето на нашите херојски војници.“ Со оваа изјава, објавена на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), тој најави дека од 2026 година државата ќе престане да ги финансира наградите.
Но, според Jerusalem Post, правната надлежност на министерството да повлече средства е под знак прашалник. Асоцијацијата за граѓански права во Израел веќе испитува дали ваков потег е воопшто законски можен.
Филм што ја отвора најболната тема

„Морето“ е напишан и режиран од Шаи Кармели-Полак и веднаш по победата стана официјален кандидат на Израел за категоријата „најдобар меѓународен филм“ на Оскарите. Главната улога ја носи 13-годишниот Мухамед Газави, кој освои и награда за најдобар актер. Покрај него, ветеранскиот актер Калифа Натур ја доби наградата за најдобра споредна машка улога.
Сценариото е едноставно, но болно: момче кое сака да го види морето, спречено од војнички пункт, тргнува на опасно патување да ја пробие границата. Тоа што во други околности би бил детски филм за авантура, во контекст на израелско-палестинскиот конфликт станува алегорија за забраните, поделбите и човечките желби што се судираат со реалноста на окупацијата.
Палестинскиот продуцент на филмот, Бахер Агбарија, ја прими наградата со зборови што веднаш влегоа во хрониките: „Овој филм е роден од љубов кон човештвото и кон кинематографијата. Неговата порака е една – правото на секое дете да живее и да сонува во мир, без опсада, без страв и без војна.“
Агбарија и останатите присутни на церемонијата беа дел од протестната атмосфера: маици со пораки како „дете е дете“ и „крај на војната“ ја претворија наградната вечер во сцена на отпор.
Ова не е првпат Зохар да се судри со филмската заедница. Во февруари годинава тој предложи реформа на филмското финансирање со која парите од државата би оделе кон комерцијално успешни продукции, наместо кон авторски или независни проекти. Тогаш ја нападна и документарната продукција „No Other Land“, која ја нарече „саботажа против државата Израел“.
Од друга страна, претседателот на Израелската академија за филм и телевизија, Асаф Амир, порача: „Во момент кога нашата кинематографија е нападната од сопствената влада, а меѓународната заедница размислува за бојкот, изборот на ‘Морето’ е моќен и јасен одговор.“
Наградата за животно дело му припадна на легендарниот режисер Ури Барбаш, познат по филмот Beyond the Walls (1984). Неговиот говор беше исто толку политички колку и емотивен: „Нашата света должност е да ги вратиме сите киднапирани на нивните семејства, и веднаш да ја прекинеме оваа проклета војна. Потребно е да го замениме режимот што објави војна на сопственото општество.“
Меѓународен одек и бојкоти

Додека Израел ја води внатрешната културна битка, надвор од границите одекна повикот за бојкот. Повеќе од 3.000 филмски професионалци од целиот свет – меѓу нив Оливија Колман, Хавиер Бардем, Риз Ахмед и Ема Стоун – потпишаа писмо со кое повикуваат на бојкот на израелските филмски институции, обвинувајќи ги за „соучесништво во геноцид и апартхејд“.
Одговорите се поделени: Израелските сценаристи, преку нивниот синдикат, порачаа дека бојкотот не носи мир, туку ги казнува токму оние кои се обидуваат да градат дијалог. Холивудскиот гигант Парамаунт пак соопшти: „Не се согласуваме со бојкотите. Замолчувањето на уметниците според нивната националност не придонесува за разбирање ниту за мир.“
Во оваа поларизирана атмосфера, „Морето“ стана повеќе од филм. За едни, тоа е „предавство“ – приказна што ја нарушува сликата за државата. За други, тоа е токму сржта на уметноста: да даде глас на оние што инаку би биле премолчени. Момчето кое сака да го види морето станува симбол на нешто поголемо – копнежот за слобода, за мир и за човечко достоинство.





Comments