Рамбо Амадеус разговор во (не баш) пет прашања
top of page

Рамбо Амадеус разговор во (не баш) пет прашања


Кога почнав да го смислувам и конципирам интервјуто, тргнав во потполна увереност дека тоа ќе биде разговор првично за музика и нејзината улога во твојот живот. На моите слушалици оди последниот албум - Brod Budala на Apple од 2020, категоризиран како џез, и од некоја причина изненадена сум дека се смеам на досетливоста на текстовите, на ист начин на кој што се смеев како кога бев тинејџерка, не се бајати, не се дотраени, со старите исти досетки. Звучат зрело, времено и свежо.


Seri, seri, moj golube beli

Serator pjesniku sere o rimi

Gnjurcu o plimi, meteorologu o klimi

Doktoru mlati o vakcini

Inžinjeru kenja o mašini

Gradjanima Nagasakija o Hirošimi

Vojniku tupi o skraćenju

Kurvi popuje o poštenju

Popu metaniše o krštenju

Generalu o unaprjedjenju

Astronomu teoretiše o nebu

Pekaru se miješa u lebu

Slastičaru o baklavi

Koliko mora oraha da stavi


ДИВА: Секогаш ми биле тажни стари рокери кои упорно и тврдоглаво се држат за рокерот кој биле во своите 20-ти. Друг пат по кој вообичаено одат е – менување на жанрот или комплетно менување на кариерата од музика во сликарство на пример. Што мислиш, која е формулата на успешните рокери над 45-50 години. Да останат релеватни, а да не бидат комични во тој обид?


РАМБО АМАДЕУС: Не знам, навистина, ни како адолесцент не бев рокер повеќе ме интересираа малку покомплексни музички жанрови. Како пубертетлија мислев дека сум панкер, ама не ме држеше долго. Херби Хенкок, Кит Емерсон, Џон Меклафлин и екипата која го свиреше тој џез рок ми беше поблизу до срцето. Најблиску до рок, што искрено сакав, е албумот Wired од Џеф Бек. Тој ни денес не делува комично.


Исто така, мислам дека текстовите, поезијата, она што популарната лесна музика ја чини добра, оригинална или банална од друга страна. Во лесната, популарна музика, значи текстовите се пресудни, затоа што музиката е составена од општи места. Тука е секако важна и гардеробата, однесувањето, кои го чинат некој музичар комичен или озбилен. Секако има случаи кога и баналноста и на музиката и на текстовите се толерира, доколку протагонистот јавно застапува хуманистички ставови, ако ја употребува својата популарност стекната со лесни ноти за да пропагира хуманистички вредности. Од друга страна, некогаш ништо не помага.


Најискрено, не го знам одговорот на вашето прашање. Не знам ни зошто по секоја цена би требало да се остане релеватен. Се менува времето, и критериумите, мислам дека најкомично е кога постојано се прават некои естетски акробации за да се задржи вниманието на аудиториумот.

ДИВА: После неколку минути тарашкање по информации за Рамбо Амадеус кои би ми помогнале да се спремам налетав на „Надкаст подкаст“ – тоа е твој подкаст кој само што го почнуваш. Мислам дека тоа кажува доста: прво нешто на што налетав е медиумот подкаст. Со гостувањето на Агеласт (значи подкаст) медиум преку кој останав во виртуелен контак со Рамбо Амадеус посебно во време на пандемијата, и со тоа што сум во Скопје, па не можам да те начекам на ТВ, на пример. Првата епизода „Надкаст подкаст“ е на крајот на октомври. Какви се амбициите и плановите со оглед на тоа дека се суперпопуларни и таа популарност заедно со публиката уште расте? Дали беше тешко да се пронајдеш во улога на оној кој поставува прашања или ти беше лесно како некој кој е навикнат да биде во центар на вниманието и да ја вози приказната, односно наративот?


РАМБО АМАДЕУС: Без гајле, ретко сум на телевизија и дома, па ништо не си пропуштила. Мојот фокус е на интернет, штом профункционира, затоа што не постојат уредници од чија добра волја или вкус зависи дали нешто ќе се емитува или не. Мојот Подкаст- Надкаст е замислен како архив на сите мои гостувања по други подкасти па не е потребно да го менувам начинот на однесување во медиумите. И понатаму тоа изгледа така што другите ми поставуваат прашања на мене само што се архивира на едно место. Немам некои страшни амбиции со тоа, фокусот и понатаму е на произведување на нова музика, тоа ми е возбудливо, тоа ме пали.

ДИВА: Искра на овој разговор е концертот во Скопје на 9-ти декември: во Македонската филхармонија настапува ЗЏМ Биг Бенд Оркестар со „Чудо на Балканот“, песните на Рамбо Амадеус во аранжман на Биг бенд... Славна е твојата амбиција песните да се свират на свадби како знак дека музиката го доживеала својот врв во својата општествена функција. Сигурна сум дека поминаа дестелетија откако таа амбиција ја оствари. Но, Биг бенд? Во таа конфигурација навикнавме да гледаме артисти како да речеме Кесовија и слични диви и џинови на екс-ју шлагерите и евергрините, но не и рок ѕвездите, посебно оние сатиричните, па и Запа-идните. Но тој genre bending на глобално ниво не е нешто ново или невидено. Ги видовме Sir Mix-a-lot, Kendrick и други музичари од англиско говорно подрачје како настапуваат со симфониски оркестри. Работиш ли по прв пат во оваа конфигурација и постојат ли нови лекции и моменти за музиката која ја твориш и познаваш интимно? Колку беше лесно да се најде заеднички јазик со оркестарот, дали имаше впечаток дека ги контаат твоите намери и сензибилитет и конечно смислата за хумор?


РАМБО АМАДЕУС: Што е постар човек, сака да биде посериозен, па и амбициите се различни. Најозбилните автори се среќни кога музиката им се емитува на ден на жалоста.


Мојата музика секогаш беше поблиску до фанк, фјужн, па и џез отколку до рок, и веќе работев нешто слично со Биг бендот на РТС, а тогаш бината ја делев со Дадо Топиќ и Влатко Стефановски. Половина од мојот бенд поминал низ Биг бенд, сето тоа им е многу блиско. Работев и неокласика, клавирски концерти, опера. Сосема е логично денес големи ансамбли, филхармонии, симфониски оркестри да ангажираат автори и изведувачи на популарна музика, очигледно дека тоа со успех полни музичките сали, а веројатно е и интересно за школуваните аранжери и музичари да ја облекуваат популарната музика во нови аранжмани, да и даваат нов звук. Мислам дека во прашање е природен спој, добро е големите класични ансамбли да не останат херметички затворени само за музика која некој пред 100 години одредил да биде класична. Па за 100 години и мојата музика би можела да стане класична ако ѝ дадеме можност.

ДИВА: Кога сме кај лекции, за многумина пандемијата не помина баш безболно. Изгубивме шокантно многу луѓе, всушност, баш во периодот кога Балашевиќ замина, ти беше во болница поради ковид (загрижен од тајминготJ). Дали оваа интересна, па и уникатна етапа (но и нема ништо ново под сонцето како гласи поговорката) ти даде нешто вредно и лично и како уметник? Дали забележа како уметниците на интернет ја канализираа енергијата и добивме интересни моменти? Или тоа беше само уште една обична епизода во животот на Балканот, оптеретен со шоковите и историјата?


РАМБО АМАДЕУС: Извлеков неколку поуки. Првата, дека го сакам фактот дека сум музичар, затоа што сам себе си докажав дека можам работејќи работи кои немаат врска со музика да живеам многу полуксузно, и со тоа ги разбив предрасудите дека сум музичар, патувачки забавувач затоа што ништо друго не можам да работам. Штом тргнаа концертите се израдував на враќањето на стејџ.


Втора поука, дека е добро да се има различни занаети, дека тоа го чини човекот егзистенцијално посигурен во непредвидливи околности на криза. Во криза културата прва страда, индустријата на храна и енергија – никогаш.


Исто така за време на ковид значајно порасна интересирањето за мојата музика, открив интересен феномен, дека во моментите на криза мојата музика многу повеќе им значи на луѓето отколку во некои безгрижни околности кога со поголемо задоволство се вртат кон лесните ноти и лесни теми. Тоа сознание дополнително ми даде крила да креирам и понатаму. Дефинитивно моите песни се помалку допадливи на прв поглед, но имаат подолг рок на траење и поотпорни се на криза. Како некое старо тврдо сирење кое не е атрактивно како колач, но има подолг рок на траење и кога си баш гладен, попрво ќе јадеш сирење отколку колач.

ДИВА: Кога сме кај ништо ново под сонцето, сигурно нема многу прашања кои не ти се поставени во текот на децениите... Ова го говорам прибилижувајќи и́ се на темата на едрењето, кое е, се чини една од твоите големи страсти. Што наоѓаш на море што толку те привлекува?


РАМБО АМАДЕУС: Морето не поставува прашања, ниту кога сум на море имам потреба да кажам нешто. А, ниту кога ќе се вратам од море немам потреба да раскажувам како било. Баш како што избегнувам да говорам за љубов и секс, така неволно говорам и за морето. Некако имам впечаток дека можам со својата приказна да ја нарушам чувствителната хармонија.

ДИВА: Овие прашања ги праќам непосредно по испадот на раперот, дизајнерот и од скоро претседателскиот кандидат Кање Вест. Монти Пајтоновска реалност која обично би ја пратиле во рубриката „забава“, но се чини дека „odnio vrag šalu“ и Вест ја дестабилизираше американската стварност, а со тоа потенцијално и глобалната: се појави на Инфоворс подкастот, со црна маска на лицето и отворено изјавуваше љубов кон Хитлер (затоа што, вели, го измислил микрофонот) и нацистите. Самиот факт дека во приказната е вклучен еден американски претседател (Бајден реагираше со изјава), поранешен американски претседател (го прими на вечера), најбогатиот човек на светот и неговата социјална мрежа Твитер (каде што 75% од вестите по прв пат излегуваат и со самото тоа неверојатна контрола и моќ): што можеме да си кажеме на себе, за светот чија сцена е толку апсурдистички смешна и застрашувачки поставена? Постои ли некоја формула која би можеле да ја примениле на индивидуално ниво и да се донесе нешто стабилност и мир? Или формулата е: да се препуштиш на дива река?


РАМБО АМАДЕУС: Треба да се погледа филмот IDIOCRACY.

Направен е како комедија, но всушност е злокобна слика на денешната стварност и блиска иднина. Сопствениците на парите сфатиле дека рајата треба да се замајува со популистички баљезгарии за да остане послушна, работеле за мали пари, и купувале бесмислици кои им се подметнуваат. Медиумите служат за затапување на луѓето или распламтување на омраза која во случај на потреба од капитал за војна, има доволно луѓе кои би поверувале во причини за војна кои им се сервираат преку медиумите. Се надевам дека ќе дојде момент кога луѓето ќе престанат да веруваат на масовните медиуми, дека ќе сфатат дека медиумите служат само да збунуваат, манипулираат и да ја менуваат темата од она што на обичниот работен човек му е драгоцено. Треба да се разбере дека бесплатната информација е всушност дезинформација, манипулација, лага или реклама. Немам некој волшебен совет што да се прави. Јас лично сакам да ги прашувам пријателите за совет, ако е прашањето храна – нутриционист, ако е во прашање право – адвокат, ако е во прашање здравје – лекар, ако се во прашање пари – бизнисмен, ако е во прашање некој личен проблем – психотерапевт. За среќа имам пријатели во сите овие области. Човек мора некому да верува, најдобриот избор е образуван пријател.


bottom of page