Резултати од пребарување
Search this site
1211 results found with an empty search
- БУКВАЛНО ЏЕЗ: Прво издание на скопскиот фестивал кој ветува спој на култура и ритам
Скопје ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот БУКВАЛНО. ЏЕЗ., кој ќе се одржи од 19 до 25 мај 2025 година во културниот центар „Буква“. Овој нов фестивал ветува сеопфатна програма која ќе ги обедини љубителите на џезот и културата, нудејќи им богата палета на настани кои ќе се одвиваат во амбиенталниот простор и двор на „Буква“. Фестивалот ќе понуди интересна комбинација од предавања, изложби, проекции и, секако, многу џез музика. Сите настани се отворени и бесплатни за сите, со цел да се овозможи достапност до квалитетна културна содржина за широката публика. Што може да очекувате на БУКВАЛНО. ЏЕЗ.? Програмата на фестивалот е внимателно курирана и ги опфаќа сите аспекти на џез културата, но и нејзината поврзаност со другите уметности: ПОНЕДЕЛНИК | 19 мај Фестивалот започнува со џезот како поетски код: 17:00 ,,Џез: звук, слика, збор” — разговор со Владимир Мартиновски 19:00 Отворање на изложбата Jazz (дела од Диме Темков, Лучка Кошчак и Михаил Парушев) 20:30 Вечерен џез настап: Zulu 3.4 ВТОРНИК | 20 мај 18:00 ,,Џез вињети” со Александар Прокопиев — зборови со ритам 20:00 Вечерен концерт со Swing 42 СРЕДА | 21 мај 17:00 Кратки анимирани џез филмови: За џезот со душа (избор на Марија Савелева) 20:00 Живо со Хот Џез Оркестар ЧЕТВРТОК | 22 мај 17:00 ,,Азбука на скопскиот џез” — разговор со Кирил Темков 20:00 Џез сет во живо со Игор Спироски и Шурбе ПЕТОК | 23 мај 18:00 ,,Шпаклофонија” — инструМентални експерименти (Лукаш, Танасковски, Димовски) 20:00 Вечерен настап: Taxi Consilium САБОТА | 24 мај 13:00 ,,Џез во боја” — ликовна импровизација со Доротеј Нешовски 20:00 Концерт со Odron Ritual Orchestra НЕДЕЛА | 25 мај 13:00 Танцов мастер-клас « ,,Дај од џезот” со Билјана Грозданова – Венус 20:00 Финален концерт: Звук Караџиќ Сè се случува во „Буква“ — дворот, салата, просторот. Сè е отворено. Сè е бесплатно. Ако сакаш да помогнеш — набави симболичен билет (донаторска влезница). Сите донации се насочени кон продукцијата на фестивалот. Генерален партнер: Ford Trucks Поддржувачи: Colenco, Ponir, Симпозион, MultiQi, Badel, Винарија Попов, V’K Craft Distillery Организатори: Андреј Јованчевски, Анастасија Овчаренко, Александар Сандревски Дизајн: Марија Савелева, Александар Савелев Звук (видео): Владимир Голоухов Следи го фестивалот на Facebook . Поддржи го џезот. Буквално. Иако сите настани се бесплатни, организаторите овозможија начин за поддршка на фестивалот преку симболични донации. Сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на програмата и за развој на квалитетната културна сцена во градот. Доколку сакате да го поддржите фестивалот, можете да го направите тоа на следниот линк: https://drugastrana.mk/event/bukvalno-jazz/ Првото издание на БУКВАЛНО. ЏЕЗ. е поддржано од генералниот партнер Ford Trucks, како и од пријателите на фестивалот Colenco, Ponir, Симпозион, MultiQi, Badel, Винарија Попов и V'K Craft Distillery.
- Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“ дел од Канскиот филмски фестивал
Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“, под режисерската палка на Батухан Ибрахим, годинава го најде своето место на престижниот Кански филмски фестивал, селектиран во програмата „Short Film Corner“. Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“ на младиот режисер Батухан Ибрахим годинава доби престижна селекција во рамки на Short Film Corner на 78. издание на Канскиот филмски фестивал – најголемата сцена за светската кинематографија. Со ова, „ЛИМА“ не само што добива меѓународно внимание, туку и го зацврстува гласот на независната филмска сцена од Македонија на глобално ниво. Филмот ќе има и затворена проекција наменета за филмски дистрибутери и селектори, закажана за среда, 21 мај 2025 година, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry програмата во Кан. „ЛИМА“ е смел и интригантен експериментален филм кој ја следи одисејата на три силуети низ лавиринтите на времето и просторот на поранешна Југославија. Низ рушевини на заборавени спомени и скршена надеж, филмот се впушта во игра со меморијата, минатото и трансформативната моќ на она што било и што може да биде. Со својот уникатен визуелен јазик, „ЛИМА“ прикажува дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на енигматичниот ритам на минатото, трите тела оживуваат еден исчезнат свет, замрзнат во времето, кој пркосно одбива да избледе од сеќавањето. Филмот „ЛИМА“ е уште една потврда за растечкиот квалитет и креативност на независната филмска сцена во Македонија, демонстрирајќи спој на храбар уметнички израз и посветен креативен труд. Батухан Ибрахим е талентиран филмски режисер и сценарист со магистерска диплома по филмска и ТВ режија од Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото досегашно творештво е богато и разновидно, вклучувајќи кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ од 2020 година постигна значителен меѓународен успех, прикажан на над 20 фестивали и награден со 8 признанија. Независниот филм „Мавера“ од 2023 година, исто така, беше забележан на фестивалската сцена, освојувајќи специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и учествувајќи на неколку реномирани фестивали, меѓу кои и филмскиот фестивал во Тирана. Ибрахим во моментов е фокусиран на работата на својот прв долгометражен игран филм, паралелно развивајќи неколку нови краткометражни проекти. Креативниот тим на филмот „ЛИМА “: Режија: Батухан Ибрахим Продуценти: Батухан Ибрахим, Јасмина Билаловиќ и Ивана Балабанова Ко-продуценти: Апофенија Пост и Стефан Ѓорѓиевски Директор на фотографија: Стефан Ѓорѓиевски Кореографија: Ивана Балабанова Асистент на режија: Марија Бошковска Играат: Тереза Лазарев, Стефани Шааршмидт, Софи Ларсон Костим: Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ, Маја Ѓуреска Шминка: Павел Маслов Фотографија на сет: Ања Калин Видео на сет: Мартин Михајлов (Марсбен продукција) Филмот е во продукција на: К.Ц. МЕДИА АРТЕС, Зенит Продукција и Танц Бункет Поддршка на проектот: Реализацијата на филмот „ЛИМА“ е овозможена со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Битрикс Културен Центар и НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид. „ЛИМА“ не е обичен краткометражен филм. Тоа е манифест – креативно сведоштво дека уметноста, дури и во услови на ограничени ресурси, може да зборува гласно, јасно и универзално. Настапот во Кан е потврда дека македонскиот филм може да биде и интимен и глобален, и експериментален и релевантен. Селекцијата на „ЛИМА“ во Кан е признание не само за авторот, туку и за енергијата и квалитетот на целата независна сцена во Македонија. Филмот отвора врати и праќа порака: автентичните приказни имаат свое место
- Изложба во чест на мајсторите: Младите уметници ја продолжуваат традицијата на модернизмот
На 20 мај 2025 година (вторник), со почеток во 20 часот, во галеријата „Империјал 2“ ќе се отвори годишната изложба „Четирите мајстори на модернизмот“, на која ќе се претстават студентите од четврта година на Студиската програма за сликарство при Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Изложбата е посветена на четворицата темелачи на современото сликарство во Македонија и основачи на Катедрата за сликарство: Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков. Преку оваа традиционална манифестација, се оддава почит на нивниот уметнички и педагошки придонес, а истовремено се отвора простор за новите генерации уметници да се претстават пред јавноста. Оваа година ќе изложуваат: Андреј Антевски, Ана Томовска, Благица Трајкоска, Горазд Николовски, Елена Стојкова, Ема Теовска, Марија Ќурчиева, Марија Нешкоска, Павел Бучковски и Христијан Петровски. Посебен гостин на изложбата е и Хорхе Триано, студент на Еразмус програмата. Студентите се од класата на професор Благоја Маневски (прва до трета година) и професор Ангел Миов (четврта година), кои со својата работа го продолжуваат духот и критичкото размислување на модернистичкото сликарство во македонскиот контекст.
- „Урбани трансформации“ – визуелна поезија на Благојче Наумоски – Бане во бетон и боја
Изложбата на Благојче Наумоски – Бане во Салон Империјал 1 (КИЦ) отвора нови перспективи за брутализмот преку акрилни композиции што ја спојуваат геометријата на градот со емоционалната човечка доживејност. На 22 мај 2025 година, во 19:00 часот, во Салон Империјал 1 на Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, ќе биде отворена изложбата „Урбани трансформации“ на ликовниот уметник Благојче Наумоски – Бане. Овој настан претставува значаен момент во македонската уметничка сцена, нудејќи длабока рефлексија за односот помеѓу архитектурата, уметноста и емоционалниот доживеј на урбаните простори. Урбаниот пејзаж како инспирација ,,Живот во движење” , 2025; Благојче Наумоски Бане; Наумоски, познат по својата способност да ги претвори архитектонските елементи во уметнички изрази, во овој циклус се фокусира на брутализмот – архитектонски стил кој често се перципира како суров и студен. Сепак, преку неговата уметност, овие структури добиваат нов живот и значење. Како што самиот уметник вели: „Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација.“ Овој пристап ја открива способноста на уметникот да ги претвори навидум безживотните градби во носители на емоции и приказни. Техничка еволуција и емоционална длабочина Фото: Инстаграм; За разлика од претходниот проект „Пукнатини/трансформации“, каде што беа применети дигитални техники, во „Урбани трансформации“ Наумоски се потпира исклучиво на акрилни бои на платно. Овој избор ја нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие архитектонски структури. Проф. д-р Гордана Вренцоска истакнува: „Може да се каже дека во оваа серија на платна, од кои повеќето со мали димензии, Наумоски ја доживеал својата сликарска зрелост, нудејќи возбудливи и вибрантни колорни комбинации, неочекувани композициски решенија и смели форми.“ Овие дела не само што ја прикажуваат техничката вештина на уметникот, туку и неговата способност да пренесе длабоки емоции преку визуелни средства. Дијалог помеѓу минатото, сегашноста и иднината Изложбата не се ограничува само на естетската вредност на делата, туку отвора и поширок дијалог за улогата на архитектурата во современото општество. Наумоски не го критикува брутализмот како правец, туку потсетува на негрижата на општеството и запоставувањето на овие градби во денешницата. Неговите дела содржат призвук од минатото, актуелност на денешницата и антиципација на иднината. Како што Вренцоска забележува: „Смелите колористички концепти и динамичните композиции на неговите дела содржат во себе призвук од минатото, трендовска актуелност на денешницата и антиципација на иднината.“ Овој пристап ја позиционира изложбата како важен културен настан што ги поврзува различните времеви димензии преку уметноста. „Урбани трансформации“ на Благојче Наумоски – Бане е е покана за размислување за нашата околина, за начините на кои ја доживуваме архитектурата и за потенцијалот на уметноста да трансформира и да инспирира. Изложбата ќе биде отворена на 22 мај 2025 година во 19:00 часот во Салон Империјал 1 на КИЦ – Скопје.
- Крис Браун уапсен во Велика Британија поради напад со шише во лондонски ноќен клуб
Американскиот R&B пејач Крис Браун е уапсен во Манчестер, Велика Британија, во врска со наводен напад кој се случил во лондонскиот клуб Tape во луксузното соседство Мејфер, уште во февруари 2023 година. Според информациите, Браун бил приведен во хотел во раните утрински часови во четврток, 15 мај, под сомнение за нанесување тешка телесна повреда на музичкиот продуцент Абе Диау. Според портпарол на Метрополитенската полиција, „36-годишен маж беше уапсен во хотел во Манчестер нешто по 2 часот наутро, во четврток, 15 мај, под сомнение за нанесување тешка телесна повреда. Тој е префрлен во полициски притвор, каде што сѐ уште се наоѓа. Апсењето се однесува на инцидент што се случил на 19 февруари 2023 година во објект во Хановер Сквер.“ Информациите за апсењето првично беа објавени од британскиот таблоид The Sun, кој наводно дознал дека Браун се наоѓа во Британија уште во средата, по неговото пристигнување со приватен авион. Весникот потоа ја контактирал полицијата, по што следувала акцијата во Манчестер. Полицијата од лондонската единица Central West Area Basic Command Unit го води истражувањето. Што се знае за инцидентот? Апсењето се однесува на инцидент што се случил во објект на Хановер Сквер на 19 февруари 2023 година (Браун е сликан во клубот). Абе Диау, музички продуцент, во изјава за The Sun од минатата година тврдеше дека Крис Браун го удрил со шише по глава во екот на ноќта во клубот Tape, а потоа го удирал со тупаници и клоци додека лежел на подот. Според неговите зборови, му колабирало коленото, по што бил пренесен во болница и подоцна отпуштен, но морал да користи штаки за да се движи. Моментално, полицијата сѐ уште не дала дополнителни детали за причините поради кои било потребно апсење речиси година и пол по настанот, но истрагата е во тек. Претставниците на Браун биле контактирани за коментар, но засега нема официјална изјава од нивна страна. Контроверзен профил зад блескавата кариера Крис Браун е познат по бројни светски хитови како Beautiful People, No Air, Under The Influence, Run It и Turn Up the Music, и зад себе има повеќе од две децении активна музичка кариера. Но, неговата јавна слика често е засенета со инциденти и контроверзии. Браун веќе има долга историја на проблеми со законот, меѓу кои и нападот врз неговата поранешна партнерка, пејачката Ријана, во 2009 година, Френк Оушн, но и силување на јахта во 2020. И покрај овие инциденти, Браун продолжи да ја одржува својата кариера и да продава концертни билети низ целиот свет. Тој моментално е на европска турнеја и има закажани настапи во Велика Британија за јуни и јули оваа година. Засега не е јасно дали апсењето ќе влијае на одржувањето на тие концерти. Додека тој се наоѓа во притвор, останува нејасно дали и кога ќе биде поднесено обвинение. Ваквите случаи, особено кога се во прашање јавни личности со интернационален статус, често привлекуваат големо медиумско внимание и отвораат пошироки дискусии околу одговорноста на познатите личности и односот на индустријата кон нив. Истовремено, прашања се поставуваат и околу медиумската улога во овој случај — особено поради фактот што апсењето било иницирано откако таблоидот The Sun ја информирал полицијата за присуството на пејачот во земјата. Овој аспект отвора етички дилеми околу соработката меѓу новинарите и безбедносните служби, како и потенцијалното влијание на медиумскиот притисок врз полициските процедури. Случајот со апсењето на Крис Браун во Велика Британија, поради наводен напад што се случил пред повеќе од една година, само ја продлабочува веќе контроверзната јавна слика на пејачот.
- Каси Вентура продолжува со сведочењето на третиот ден на судењето на Паф Деди
Каси Вентура, поранешна музичка ѕвезда и долгогодишна партнерка на Шон Комбс, сведочеше со солзи на очите на првиот ден од федералното судење за трговија со луѓе и рекетирање, во кое музичкиот могул е обвинет. Нејзиното сведоштво е клучно за обвинителството и дава шокантен поглед во животот зад светлата на музичката индустрија. „Фрик-оф“ сесиите што траеле со денови Вентура детално опиша т.н. „фрик-оф“ секс сесии, кои, според неа, траеле и до четири дена без прекин. Под влијание на дрога и алкохол, таа кажа дека учествувала во оргијастички сцени со машки проститутки, често без да спие и без да се чувствува присутна во сопственото тело. „Тоа стана работа. Единствената ‘пауза’ беше времето потребно за да се опоравам и да се обидам да се чувствувам нормално,“ сведочеше Вентура. Просториите каде се одвивале сесиите, според неа, останувале во состојба на хаос, со чаршафи натопени со бебешко масло, крв и урина. Контрола до најситни детали Вентура тврдеше дека Комбс ја контролирал целосно — од бојата на нејзините нокти (секогаш бели или француски маникир), до тоа кои сексуални акти ќе ги извршува и како ќе изгледа додека го прави тоа. Се барало да нанесува бебешко масло секои пет минути, за да „сјае“. „Тој диктираше сè. Како да сум реквизит во сценарио што тој го напишал,“ изјави таа. Додаде и дека Комбс дури одредувал осветлување и амбиент налик на музички видеа. Некои сведоштва вклучуваат графички детали, како инцидент во кој таа, на подот, немоќна да се придвижи, била уринирана од еден од мажите, по негова наредба. Стравот ја држел во врската И покрај сето тоа, Вентура кажа дека останала во врската затоа што го сакала Комбс и не сакала да го разочара. Но со време, разбрала дека е злоупотребувана — емоционално, физички и сексуално. „Мојата кариера повеќе не беше музика — мојата работа стана да го задоволувам Шон,“ рече таа. Стравот од него и од неговото влијание врз нејзината кариера, како и потенцијалното користење на компромитирачки видеа, ја спречувале да ја напушти врската порано. Судот ја одби молбата да се сокрие нејзината бременост Кога влезе во судницата облечена во кафена ролка што го нагласуваше нејзиниот бремен стомак, Комбс се сврте за да ја гледа; таа гледаше право напред. Одбраната побара нејзиното видно бремено тело да не биде изложено пред поротата, но судијата го одби барањето. Нејзиниот сопруг, Алекс Фајн, беше присутен во салата, со услов да ја напушти просторијата кога ќе започне сведочењето за обвинувањето за силување од 2018 година — дел што не беше разгледан тој ден. Сведоштвото на Каси Вентура е ни го открива лицето на систематска злоупотреба под маската на љубов и слава. Таа не само што фрли светло врз личните трауми, туку и врз еден поширок проблем: како моќта и славата можат да ги претворат луѓето во жртви во сопствените животи.
- Којо Куох, првата Африканка на чело на Венецијанското биенале, почина на 57 години
Фото: Марко Лонгари ; Којо Куох, камерунската кураторка и водечка фигура во светот на современата уметност, ненадејно почина на 10 мај на возраст од 57 години. Веста ја потврди нејзиниот сопруг, Филип Мал, кој изјави дека нејзината смрт се должи на неодамна дијагностициран рак. Само неколку месеци претходно, во декември, Куох беше назначена за уметничка директорка на Венециското биенале за 2026 година — прва Африканка што ќе го водеше овој престижен настан. Родена во 1967 година во приморскиот град Дуала, Камерун, Куох се сели во Цирих како тинејџерка, каде што започнува студии по бизнис администрација и банкарство. Но, нејзиниот животен пат тргнува по поинаква траекторија — прво како социјален работник, фокусирана на мигрантки жени, а потоа и како писателка и уредничка. Таа беше коуредничка на германската антологија Töchter Afrikas (Ќерки на Африка), инспирирана од сличниот англиски проект на Маргарет Басби. Во 90-тите, Куох се враќа во Африка преку Дакар, Сенегал, каде што започнува активно да работи како независна кураторка. Таа го основа RAW Material Company – простор за изложби, резиденции и учење, кој стана важен центар за развој на современата африканска уметност. Нејзиното влијание се прошири глобално кога беше поканета како кураторски советник на Documenta 12 (2007) и Documenta 13 (2012), две од најважните уметнички манифестации во светот. Од 2019 година, Куох ја презеде раководната позиција во Zeitz MOCAA – Музејот на современа африканска уметност во Кејптаун, Јужна Африка. Под нејзино водство, музејот се стабилизира по турбулентен период и стана платформа за истакнување на Пан-африканската перспектива. Нејзините кураторски проекти како When We See Us (2022–2023) и ретроспективите на Трејси Роуз, Јоханес Фокела и Мери Еванс, беа клучни во репозиционирањето на црната фигурација во глобалниот уметнички дискурс. Смртта на Куох доаѓа само неколку дена пред најавата на темата за 60-то Венециско биенале, планирана за 20 мај. Наместо тоа, светот сега ѝ оддава почит: Zeitz MOCAA привремено ги затвори своите врати, а светската уметничка заедница изразува болка и восхит кон нејзиното наследство. „Нејзиното омилено мото беше дека луѓето се поважни од работите — и таа го живееше тоа,“ изјави Клер Бројкел, од Zeitz MOCAA. „Таа се бореше за еднаков третман и за да бидат слушнати, разбрани и ценети гласовите на црните уметници.“
- Сѐ расцутува во пролетта на Мартина Рмуш: Осма изложба на талентираната уметница во Скопје
На 13-ти мај (вторник), со почеток во 20:00 часот, во КСП Центар Јадро, љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја посетат осмата самостојна изложба на младата и талентирана уметница Мартина Рмуш. Изложбата, насловена „Сѐ, во својата пролет“, ќе биде отворена за посетители и ќе претстави колекција на дела кои го отсликуваат развојот на нејзиниот креативен пат. Мартина Рмуш е креативец познат по својот препознатлив стил на фристајл апстрактна уметност, карактеризиран со вибрантни бои и динамични форми. Нејзиниот уметнички израз е спонтан и интуитивен, дозволувајќи ѝ на бојата и формата слободно да се прелеваат на платното. Иако ова е нејзина осма изложба, таа веќе има забележително портфолио зад себе. Седум од нејзините претходни изложби беа одржани во Скопје, а своја публика имаше и во Охрид, како и на меѓународната сцена со изложба во Севиља, Шпанија. Ова меѓународно признание ја потврдува нејзината растечка репутација и голем потенцијал. Рмуш најчесто работи со акрилни бои на платно, каде што нејзината енергија и страст за бојата доаѓаат до полн израз. Исто така, таа експериментира со мермерни мастила на вода, техника која ѝ овозможува да создаде уникатни и непредвидливи текстури. Во последно време, нејзината креативност се проширува и кон истражување на колажи и мозаици, што укажува на нејзината желба за постојано растење и пронаоѓање нови начини на изразување. Насловот на оваа изложба, „Сѐ, во својата пролет“, симболично ја претставува свежината и новиот почеток кој провејува низ нејзините дела. Колекцијата вклучува дела од различни фази од нејзиниот креативен процес, нудејќи им на посетителите ретроспектива на нејзиниот уметнички развој, вклучувајќи ги и нејзините први чекори во светот на сликарството. Ова е одлична можност да се види како се развивал нејзиниот стил и како нејзината визија се обликувала низ годините. За сите љубители на апстрактната уметност и оние кои сакаат да откријат нови таленти, не пропуштајте ја изложбата „Сѐ, во својата пролет“ на Мартина Рмуш на 13-ти мај!
- Обидот на Диди да отфрли клучни докази во случајот за рекетирање и сексуална трговија е неуспешен
Обидот на Шон „Диди“ Комбс да отфрли клучен доказ во неговото претстојно судење за рекетирање и сексуална трговија не успеа. Во петокот, 9-ти мај, судијата Арун Субраманијан пресуди дека резултатите од претресите на домовите на магнатот, неговата личност, мобилните телефони и iCloud сметките ќе бидат дозволени да се користат во судницата. Претходно во февруари, Диди побара да се потиснат доказите пронајдени како резултат на четири налози од 2024 година, кои ги опфаќаа рациите на неговите резиденции во Лос Анџелес и Мајами, заедно со претресите на два негови мобилни телефони и неговите iCloud сметки. Неговиот правен тим ги нарече барањата на владата за добивање на налозите „намерно погрешни“ и „грубо искривени“. Во голема мера, нивниот аргумент се темелеше на тврдењето дека во нивните барања, владата ги игнорирала доказите кои ги прикажувале таканаречените „Freak Offs“ (оргии) на магнатот како консензуални, особено оние во кои учествувала Кеси Вентура (наведена како „Жртва-1“ во судските документи). Во петокот, судијата Субраманијан го одби барањето на Диди да ги отфрли резултатите од претресите, пишувајќи дека шефот на „Bad Boy“ не успеал да покаже дека барањата на владата биле „намерно погрешни“. Тој изјави дека во времето на претресот, федералните власти имале основано сомнение да веруваат „дека Комбс физички ја злоставувал Жртвата-1, дека ја принудувал користејќи уцена и дека таа не сакала да учествува во некои од оргиите“. Раперот и забавен магнат, роден како Шон Комбс, е обвинет за сексуална трговија, здружување заради рекетирање и транспорт со цел проституција. 55-годишникот би можел да биде осуден на доживотен затвор доколку биде прогласен за виновен.
- Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2025 за млади визуелни уметници до 35 години
Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited од Њујорк и Trust for Mutual Understanding од Њујорк, со задоволство го објави Отворениот повик за наградата ДЕНЕС 2025. Оваа престижна награда е наменета за млади визуелни уметници од Северна Македонија до 35-годишна возраст. Наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво и претставува признание за исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување. Како единствена награда од ваков вид за млади визуелни уметници во земјава, таа има значајна улога во поддршката на новите генерации уметници. Оваа година, наградата се доделува по деветнаесети пат и, покрај главната награда – двомесечна програма за престој на уметници во Residency Unlimited во Њујорк, вклучува и други новини и резиденции. Финалистите на наградата ќе имаат уникатна можност да бидат дел од специјализираниот едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да остварат средби и презентации со интернационална жири комисија, како и да продуцираат ново дело кое ќе биде изложено во рамки на финалистичката изложба. Отворениот повик за аплицирање трае од 17 април до 31 мај 2025 година. Резултатите со имињата на тројцата финалисти ќе бидат објавени на 9 јуни 2025 година. Апликациите треба да бидат пополнети на македонски и англиски јазик. Важно е да се напомене дека нецелосните апликации, како и оние испратени по крајниот рок, нема да бидат прифатени. Финалистите ќе ја отворат својата изложба на 2 декември 2025 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам. На истата изложба, ќе биде соопштен и добитникот на наградата ДЕНЕС 2025, кој ќе ја реализира својата резиденција во Њујорк во периодот февруари – март 2026 година. Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС, кои оставиле значаен печат на домашната уметничка сцена, се: Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева. За повеќе информации во врска со критериумите за аплицирање и процесот на селекција, заинтересираните уметници можат да се обратат на електронската пошта nagradadenes@gmail.com или да ја посетат веб страната www.akto–fru.org.
- Прв Американец на чело на Католичката Црква: Роберт Френсис Превост избран за Папа Лео XIV
Роберт Френсис Превост, кој во четвртокот беше избран за 267-ми папа на Римокатоличката црква и го зеде името Папа Лео XIV, е првиот папа од Соединетите Американски Држави. Неговиот избор ги демантираше вообичаените претпоставки пред конклавата дека секој Американец има мали шанси да стане папа. И покрај неговите американски корени, полиглотот роден во Чикаго, на 69-годишна возраст, се смета за црковен човек кој ги надминува границите. Тој служеше две децении во Перу, каде што стана епископ и натурализиран граѓанин, а потоа се издигна на чело на неговата меѓународна религиозна заедница. До смртта на Папа Франциск , тој ја извршуваше една од највлијателните позиции во Ватикан, раководејќи со службата која ги избира и управува со епископите на глобално ниво. Како член на Заедницата на Свети Августин, тој наликува на Франциск по неговата посветеност кон сиромашните и мигрантите и по неговиот пристап да се среќава со луѓето онаму каде што се. Тој минатата година за официјалната веб-страница на Ватикан изјави дека „епископот не треба да биде како мал принц што седи во своето кралство“. Тој го поминал поголемиот дел од својот живот надвор од Соединетите Држави. Ракоположен во 1982 година на 27-годишна возраст, тој се здоби со докторат по канонско право на Папскиот универзитет Свети Тома Аквински во Рим. Во Перу, тој бил мисионер, парохиски свештеник, учител и епископ. Како водач на Августинците, тој ги посетил заедниците ширум светот и зборува шпански и италијански. Честопати опишуван како резервиран и дискретен, тој стилски ќе се разликува од Франциск како папа. Неговите поддржувачи веруваат дека најверојатно ќе го продолжи консултативниот процес започнат од Франциск за поканување на лаици на средби со епископи. Нејасно е дали ќе биде толку отворен кон геј, лезбејските, бисексуалните и трансродовите католици како што беше Франциск. Иако неодамна нема многу говорено, во обраќање до епископите во 2012 година, тој ја оплакуваше дека западните вести и популарната култура поттикнуваат „симпатии кон верувања и практики кои се во спротивност со Евангелието“. Тој го цитираше „хомосексуалниот начин на живот“ и „алтернативните семејства составени од истополови партнери и нивните посвоени деца“. Тој, слично како и многу други кардинали, беше критикуван во врска со неговото постапување со свештеници обвинети за сексуална злоупотреба.
- Избран е нов Папа: Бел чад се издигна над Систинската капела
Бел чад се појави од оџакот над Систинската капела во четвртокот, сигнализирајќи дека 133 кардинали кои беа изолирани внатре два дена, избрале нов папа кој ќе ги предводи 1,4 милијарди римокатолици во светот. Идентитетот на новиот понтиф сè уште не е познат, но се очекува наскоро да биде објавен. Голема толпа на плоштадот Свети Петар во Ватикан се подготвуваше новиот папа да се појави на балкон со поглед на плоштадот. Толпата почна да скандира „Да живее папата!“, а белиот чад магично се мешаше со светлината над црквата. Конклавата, прва по 12 години, доаѓа во неизвесно време за црквата по смртта на папата Франциск во април. Новиот папа ќе се соочи со тешки одлуки за идниот правец на црквата, главно дали да ја продолжи агендата на Франциск за поголема инклузивност и отвореност за промени или да трасира поинаков пат. Кардиналите ја донесоа својата одлука по нешто повеќе од 24 часа поминати во конклавата, продолжувајќи ја традицијата на неодамнешните папски избори кои траеја два до три дена. Групата од 133 кардинали, најголема досега собрана на конклава, вклучуваше многумина кои беа назначени од Франциск и некои кои не се познаваа меѓусебно. Тоа го направи постигнувањето брз консензус сериозен предизвик, со оглед на широката група кандидати и поделбите меѓу нив во однос на иднината на црквата.













