top of page

Резултати од пребарување

1187 results found with an empty search

  • Последниот филм со учество на Дејвид Линч ќе има премиера на Филмскиот фестивал во Локарно

    „Legend Of The Happy Worker“ – драмата што го носи последниот печат на култниот режисер – премиерно ќе биде прикажана надвор од конкуренција на фестивалот во Швајцарија. Филмот Legend Of The Happy Worker, последниот проект поврзан со покојниот Дејвид Линч, својата светска премиера ќе ја има на Филмскиот фестивал во Локарно 2025, што ќе се одржи од 6 до 16 август. Линч, познат по серијата Twin Peaks, како и по филмовите Dune и The Elephant Man, почина во јануари на 78-годишна возраст, во домот на својата ќерка во Лос Анџелес, по евакуацијата за време на шумските пожари во градот. Иако не режираше уште од култната Twin Peaks: The Return во 2017, Линч остана активен на маргините на индустријата. Се појави во филмот The Fabelmans на Стивен Спилберг во 2022, а кај Legend Of The Happy Worker е потпишан како извршен продуцент. Режисер на филмот е Дувејн Данам, долгогодишен соработник на Линч и монтажер на оригиналната Twin Peaks. Во главните улоги се појавуваат Томас Хејден Чрч (Spider-Man 3) и Колм Мини (Gangs Of London), додека наративот ја следи приказната на Џо (Џош Вајтхаус), човек кој се бори да го сочува она што со години го граделе тој и неговите колеги. Официјалната синопсис ја опишува драмата како борба за зачувување на заедничката работа и вредности. Според The Hollywood Reporter, филмот ќе биде прикажан надвор од официјалната конкуренција на фестивалот. Точниот датум на проекцијата сè уште не е објавен. Во меѓувреме, големо внимание привлекува и Unrecorded Night, неснимената Netflix-серија на која Линч работел пред смртта. Иако продукцијата била запрена поради пандемијата на КОВИД-19, проектот стигнал до фаза на избор на локации. Според директорката на продукцијата и долгогодишна соработничка на Линч, Сабрина Сатерленд, сценариото било „најдобро нешто што некогаш го напишал“. Со „Legend Of The Happy Worker“, светот добива последен увид во имагинацијата на Линч – овојпат од сенка, но со неговиот препознатлив печат.

  • Младите ја преминаа границата: Повеќе од 10.000 учесници во македонско-грчката младинска соработка

    Нешто што политичарите не успеваа да го сторат децении, го направија младите – ја преминаа границата. Не само географски, туку и ментално, културно, емотивно. Проектот „Соработка за Заедничка Иднина“, кој завршува со официјален настан на 11 јули во Скопје, опфати над 10.000 млади од Македонија и Грција, кои низ пет години соработуваа, патуваа, креираа и рушеа предрасуди. Пет години, четири фази, илјадници гласови Проектот се одвиваше во периодот од 2020 до 2025 година, низ четири програмски фази, и претставува еден од најобемните прекугранични младински процеси во регионот. Тоа не беше само формална размена – туку долгорочен напор да се создаде одржлива инфраструктура на меѓусоседска соработка одоздола: меѓу млади, активисти, организации, образовни институции и претприемачи. Според Извештајот за постигнатите резултати, младите „ги срушија предрасудите и стереотипите“ и покажаа „како треба да се градат добрососедските односи“. Во еден момент кога односите меѓу двете држави се под постојан притисок од внатрешни и надворешни политички агенди, ваквиот извештај е ретка потврда дека помирувањето и соработката не се само зборови за во декларации – туку пракса што се учи, гради и пренесува. „Следни Поглавја за Заедничка Иднина“ – завршен настан, отворен процес Завршниот настан, насловен „Следни Поглавја за Заедничка Иднина“, се одржува во Скопје, на 11 јули (петок), од 09:00 до 15:00 часот, во ресторанот Воденица Мулино. На него ќе присуствуваат повеќе од 80 учесници од Северна Македонија и Грција – вклучувајќи претставници од: владини институции, социјални претприемачи, академската заедница, медиуми, и граѓанскиот сектор. Проектот го спроведува Младински Сојуз – Крушево , една од водечките организации во земјава кога станува збор за младинска демократија и транснационална соработка. Тие се организатори и на овој настан, кој ќе вклучи и бридфинг за медиуми во 10:30 часот, каде ќе бидат претставени наодите од извештајот и главните заклучоци од процесот. Моќ за дејствување, не само учество Она што проектот „Соработка за Заедничка Иднина“ го постигна, не се мери само во бројки. Тоа е практична демонстрација на младинска моќ за дејствување – одлуките да се создаваат сопствени канали на комуникација, соработка и културен превод, без да се чека на формални структури. Во годините кога официјалната политика често е парализирана или вртоглава, младинските процеси како овој покажуваат дека промената не е невозможна – само има различна брзина и друга насока. Ч.А. Фотографија: Фејсбук Youth alliance;

  • Каи Сенат на насловна на TIME: Новата ера на дигитални икони

    Веќе длабоко сме загазени во ера каде што YouTube клипови, поткасти и TikTok видеа се влијателни речиси колку и традиционалните медиуми, па така TIME ја препозна новата класа на ѕвезди – дигиталните креатори. На 9 јули, магазинот ја објави својата прва TIME100 Creators листа, посветена на 100 највлијателни онлајн гласови кои ја менуваат културата. На насловната страна се најде Каи Сенат, симбол на новиот дигитален поредок. Од Twitch до TIME: Кои се новите фолк херои? Доколку некогаш постоеше дилема дали интернет ѕвездите се “вистински” познати, оваа листа ја расчистува секоја сомнеж. Каи Сенат, познат Twitch стример, заедно со ликови како IShowSpeed, Sean Evans (водителот на Hot Ones), и MrBeast, не се само инфлуенсери – тие се културни двигатели. На листата се и неколку од најпопуларните поткаст гласови денес, како Џо Роган и Алекс Купер (Call Her Daddy), што сугерира дека поткастите се веќе не само алтернатива, туку и главна сцена за дијалог, провокација и влијание. Каи Сенат е американски стример, YouTube креатор и интернет сензација кој за кратко време стана едно од најпрепознатливите лица на дигиталната сцена. Тој е познат по својата енергична личност, хумористични видеа и интерактивни стримови на платформата Twitch, каде што постави историски рекорд за најмногу претплатници на платформата во историјата. Неговата способност да забавува, да влезе во директна комуникација со својата публика и да создава уникатни моменти во живо му донесе огромна база на следбеници и влијание кое одамна ги надмина рамките на гејминг заедницата. Покрај својата популарност на Twitch, Каи успеа да се пробие и во мејнстрим медиумите, со соработки со славни личности, музички ѕвезди и други влијателни креатори. Неговата автентичност и чувство за шоу го направија пример за новата генерација на дигитални креатори кои сами си го градат патот, без традиционална поддршка од медиумски куќи. Со своето појавување на насловната страница на првото издание на TIME100 Creators, Каи Сенат ја запечати својата позиција како културна икона на новото време. Поткастот како нова лектира? Поткастите одамна не се само разговори – тие се начин на едукација, терапија и ангажман. Jay Shetty, кој нуди совети за ментално здравје и самосвест, и Theo Von, чиј хумор и искреност се лек за модерниот стрес, покажуваат дека денешната “лектира” може да се слуша, а не само да се чита. Поткастите како оние на Роган или Купер често отвораат теми што формалното образование ги избегнува. Од политика до секс, од психотерапија до бизарни животни приказни – тие се новите училници на интернет генерацијата. Во традиционалниот смисол, фолклорот ги раскажуваше приказните на народот. Денес, тоа го прават креаторите со камера и микрофон. Ликови како Amelia Dimoldenberg (Chicken Shop Date), Keith Lee (вирален рецензент на храна), и дури и Haliey Welch (позната како “Hawk Tuah Girl”) се доказ дека хуморот, искреноста и автентичноста се валутата на новата фолк сцена. Оваа листа не само што ги слави дигиталните ѕвезди, туку и ги признава како културни лидери. Како што кажа уредникот на TIME, Сам Џејкобс: „Тие го менуваат она што го гледаме, како го трошиме времето, што купуваме – и како гласаме.“ Во истиот контекст, не е случајно што Доналд Трамп, во својата кампања за 2024 година, речиси исклучиво се појавуваше во дигитални формати, избегнувајќи традиционални медиуми.

  • Ники Минаж тврди дека Џеј Зи ѝ должи 200 милиони долари: „Оние што го викаат Хов – ќе одговараат пред Бог“

    Нова јавна епизода во конфликтот меѓу две хип-хоп икони – Ники Минаж (Nicki Minaj) и Џеј Зи (Jay-Z). На 8 јули, Минаж објави серија тврдења на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), во кои го обвинува Џеј Зи дека ѝ должи меѓу 100 и 200 милиони долари за уделот што го имала во музичката платформа Tidal. Според неа, при лансирањето на Tidal во 2015, 15 артисти – вклучувајќи ја Минаж, Бијонсе (Beyoncé), Ријана (Rihanna), Џ. Кол (J. Cole) и Кање Вест (Ye) – добиле по 3% сопственост во компанијата, која тогаш вредела 56 милиони долари. Но во 2021, платформата беше продадена на Square (во сопственост на Џек Дорси – Jack Dorsey) за 302 милиони долари. Минаж тврди дека ѝ понудиле само 1 милион долари за својот удел – сума што според неа е далеку под реалната вредност. „Пресметавме дека е од 100 до 200 милиони. Џеј Зи, јави се – оваа кармичка сметка само расте со камата“, напиша таа. И покрај тоа, додаде: „Сè уште си ми во Топ 5. Ајде да го разрешиме ова.“ Минаж отиде чекор подалеку и изјави дека фановите кои го нарекуваат Џеј Зи со прекарот „Хов“ ќе мора да „одговараат пред Бог за богохулие“. Таа објави и дека, доколку ги добие тие пари, ќе ги искористи за да финансира школување на своите фанови преку фондацијата #StudentOfTheGame: „Ќе платам школарини, студентски долгови, ќе ги пратам моите Barbz на факултет.“ Никој од тимот на Џеј Зи или од Roc Nation сè уште не реагирал. Но конфликтот продолжи и неколку дена подоцна, кога Минаж објави навредливи коментари насочени кон Меган ди Сталион (Megan Thee Stallion) – уметничка потпишана под Roc Nation – користејќи тековна тужба за сексуално вознемирување како дел од нападот.

  • Паф Деди под истрага – што значи тоа за културата на моќ во музичката индустрија?

    Кога една икона на хип-хопот се соочува со суд, прашањето не е само дали е виновен – туку како го толериравме. Шон „Диди“ Комбс (Sean “Diddy” Combs) е ослободен од вина по обвиненијата за трговија со луѓе и рекетирање – но е прогласен за виновен по две точки поврзани со пренос на лица за проституција, со можност за казна до 20 години затвор. Пресудата ќе се изрече на 3 октомври, а Диди останува во притвор откако му беше одбиено барањето за кауција. И покрај делумната ослободителна пресуда, јавната и правна тежина не попушта – токму спротивно. Сведоштвата продолжуваат да ја разглобуваат мрежата на злоупотреба, моќ и познанства во музичката индустрија. Во едно од најексплозивните сведочења, сведокот “Џејн До” (Jane Doe) – поранешна партнерка на Диди – зборуваше за секс-забава во Лас Вегас на која присуствувала со „многу успешен рапер“ и неговата девојка, додека била на пауза од врската со Комбс. Иако раперот не беше именуван, адвокатката на Диди, Тени Герагос (Teny Geragos), го опиша како врвна ѕвезда во индустријата и близок пријател и соработник на обвинетиот. Џејн До сведочеше дека патувале со негов приватен авион, гледале сексуален чин во хотелска соба и дека таа “флертувала” и ги покажала градите – но не се случило ништо сексуално. Сепак, сведочењето осветли како изгледа „нормалното“ во круговите на суперѕвездите каде Диди функционирал. Интернет граѓанството брзо го идентификуваше соработникот на Паф како Ye. Паралелно, Лорен Пишиота (Lauren Pisciotta), поранешна асистентка на Кање Вест (Kanye West), поднесе тужба во која го обвинува за силување и дрогирање на забава организирана од Диди. Ова е дел од поширок правен спор меѓу неа и Вест, кој ги нарече обвинувањата „неосновани“ и дел од уцена. Диди е симбол на моќ и статус. Не само во хип-хопот, туку и пошироко во поп-културата – од музика до алкохол, мода и телевизија. Кање Вест е друга димензија на истото: мултимилионер, гениј и деструктивна сила. Заедно, тие ја дефинираа машката доминација во урбаната музика на 21 век. Сега, и двајцата се соочуваат со јавни и правни последици од она што нивната моќ значела зад затворени врати. Сведоштвата не се изолирани. Жени опишуваат модели: приватни авиони, студија полни со дрога, ситуации каде “не можеш да кажеш не” – или затоа што си млада и импресионирана, или затоа што си веќе во циклус на зависност и манипулација. А индустријата? Таа аплаудира, игнорира или прави пари. Нема ништо радикално во тоа што Диди се соочува со последици. Радикално е што тоа се случува дури сега. Како култура, премногу лесно ги прифаќаме „грешките“ на моќните луѓе – особено кога тие носат патики, не костуми. Од Харви Вајнстин (Harvey Weinstein) до Ар Кели (R. Kelly), и сега до Диди и можеби Кање, повторно гледаме како поп-културата создава богови… и потоа се преправа дека не ги видела жртвите. Случајот на Диди не е само за тоа дали е виновен. Станува збор за целиот екосистем што му дозволи толку долго да биде “недопирлив.” Пораката не треба да биде “ете, конечно некој падна.” Треба да биде: како никогаш повеќе да не дозволиме некој вака да се издигне без контрола.

  • Twisting Figment: искривен хоризонт во Јадро

    “Twisting Figment” Самостојна изложба на Алекс Клоуз (Канада) 14 јули (понеделник) | 20.00 часот Изложбата може да се посети до 28 јули секој работен ден од 10.00 до 16.00 часот Еден од оние денови кога градот изгледа како да го држи здивот. Ниту жешко, ниту ладно – туку на работ од нешто што допрва ќе се смени. Во овој амбиент на преод и тивка пречекореност, културниот простор Јадро го отвора прашањето: што навистина знаеме кога мислиме дека разбираме? На 14 јули, уметницата Алекс Клоуз ќе ја претстави својата самостојна изложба Twisting Figment – серија апстрактни слики и скулпторски елементи кои се осврнуваат на процесот на губење, градење и изместување на сопствената интуиција. Изложбата не се стреми да понуди одговор, туку да отвори простор за сензорно и мисловно колебање. Клоуз, која извесен период живеела и предавала уметност во Кина, пристапува кон темата од перспектива на човек што постојано преведува: искуства, култури, сопствени уверувања. Работите што ги донесува на оваа изложба се родени од тие пресекувања. Не се тешки, но бараат стабилен внатрешен став. Во нив, уметноста не се доживува како потврда, туку како вознемирено чувство – дека нештата не се онакви какви што изгледаат. Секоја композиција носи во себе потенцијал за распад и повторно составување. Преку визуелен јазик што ги допира текстилот, дигиталниот колаж и тишината меѓу формите, Twisting Figment не инсистира да биде разбрана. Повеќе личи на состојба во која се влегува – несигурен пејзаж на кој мораш сам да му ја најдеш картата. Можеби нема да успееш. Можеби тоа и не е поентата. За авторката: фото: Инстаграм Алекс Клоуз е визуелна уметница и едукаторка од Торонто, Канада, со македонско потекло. Во својата работа истражува како современите алатки – дигиталните медиуми, глобалниот транспорт и сложените урбани средини – влијаат врз телесната перцепција на сеќавањето, просторот и движењето. Има дипломирано на Универзитетот OCAD (BFA), магистрирано на Уметничката школа во Глазгов (MLitt) и Универзитетот Карлтон (MDes). Алекс има изложувано на меѓународно ниво, учествувала во уметнички резиденции и проекти во Канада, Украина и Естонија, и моментално предава на Колеџот за уметности на Кина и ASEAN во Ченгду, Кина.

  • Eвангелија Иваноска — „Помеѓу моментот пред и моментот потоа“

    КИЦ — Скопје / Салон Империјал 2 Отворање: 15 јули во 20 часот / изложбата е отворена до 4 август Некои фотографии бараат толкување; други само чекаат да ги гледаш доволно долго. Во својата прва самостојна изложба, Евангелија Иваноска не инсистира, не објаснува – само тивко нуди слики кои можеби ќе ги препознаеш, иако не си бил таму. Серијата содржи сцени од патувања низ Европа и од секојдневието на балканскиот град: дедо и внук среде „борба“ за сладолед, народни танчари во одмор што изгледа како пауза на снимање на вестерн, патници во воз кои не гледаат во камерата – туку во морето зад прозорецот. Фотографиите се улични, но не документарни. Нема спектакл, нема композиција што вика „види ме“. Но има тишина што повикува да останеш малку подолго. Има онаква близина што не навлегува, туку дозволува. Иваноска не режира, но внимателно избира. Во овие слики се чувствува нешто што не е лесно да се именува – како здивот пред меморијата да се формира. Или пред да се избрише. 📍 15 јули, 20:00 – КИЦ Империјал 2, Скопје Не мораш да одиш далеку за да налеташ на нешто вистинско. Само влези полека.

  • 🎧 Звукот на Скопје 2025: Една вечер, повеќе сцени, еден град

    📍 Културно информативен центар – Скопје 📅 Среда, 9 јули 🕢 Почеток: 19:30 ч. На 9 јули, Културно информативниот центар повторно ќе биде домаќин на летниот фестивал „Звукот на Скопје“, кој веќе шест години функционира како еден од најпрепознатливите настани на урбаната културна сцена. Програмата и оваа година е разновидна, концентрирана и автентична – без маркетиншки вишок и без стилски компромиси. 🎼 Музика со став Филип Шурбевски Езгија квартет 🕗 20:30 / Салон 19:19 Вечерта започнува со состав кој ја третира македонската чалгија како современ музички јазик. Со оригинален инструментариум и репертоар базиран на македонски песни и ора, квартетот нуди искуство кое не се потпира на носталгија, туку на музичка прецизност и издржаност. Мартин Џорлев 🕘 21:30 / Кулпарк Џорлев, познат по ангажманот во бендови како Луфтханса и Zulu 3.4, ќе настапи соло – со сет кој вклучува електрична гитара, пијано и електроника. Концертот најавено ќе биде отворена форма – перформанс што се развива во моментот, без однапред зададена рамка. Педро Хоризонте 🕤 По настапот на Џорлев / Кулпарк Трио составено од искусни музичари активни во проекти како Суперхикс и Поинт Бленк. Бендот го промовира својот деби албум Паранормални мегахитови, објавен во мај. Станува збор за состав што работи на јасна линија – алтернативен звук со остра енергија и внимателно изградени песни. DJ Amplidyne Effect 🕚 Завршница / Кулпарк Мартин Георгиевски подготвува DJ сет во Deep House / Afro House стил, различен од неговите типични амбиентални и експериментални настапи. Настапот доаѓа по бројни изведби на домашни и странски фестивали и над триесет изданија во неговото музичко портфолио. Изложби: Двајца автори, две траектории „Резови“ – изложба на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски 🕗 20:00 / Империјал 1 Изложба со две авторски естетики, обединети преку линијата како визуелна и концептуална оска. Кај Анчевски – боја како физички материјал; кај Стојаноски – динамични гестови и контрасти. Делата се нефигуративни, но комуницираат отворено со публиката. Промоција на роман и мини саем на книги „Наследство: Кошмари“ – роман од Јордан Коцевски 🕢 19:30 / Империјал 2 Коцевски, автор со искуство и јасен наративен потпис, го претставува најновиот роман во рамки на фестивалот. Настанот вклучува и мини книжевен саем – можност да се прошета низ изданија од домашната продукција во пријатна атмосфера. 🎫 Влез: Слободен Сите настани се отворени за јавноста. Не се потребни резервации. 🕒 ТАЈМЛАЈН / Звукот на Скопје 2025 📍 Локација: Културно информативен центар – Скопје 📅 Среда, 9 јули 2025 19:30 / Изложбен салон Империјал 2 📚 Промоција на книгата „Наследство: Кошмари“ – Јордан Коцевски ➕ Мини саем на книги 20:00 / Изложбен салон Империјал 1 ✂️ Изложба: „Резови“ Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски 20:30 / Салон 19:19 🎻 Филип Шурбевски Езгија квартет Македонска чалгиска музика во живо 21:30 / Кулпарк (отворена сцена пред КИЦ) 🔊 Мартин Џорлев (соло настап) Инди-рок / електроника / импровизација 🔊 Педро Хоризонте Деби концерт: Паранормални мегахитови 🔊 DJ Amplidyne Effect Deep House / Afro House DJ сет „Звукот на Скопје“ 2025 не инсистира на униформност. Тоа што го поврзува програмскиот избор е квалитетот, сценската искреност и јасната уметничка цел.

  • Македонската стрип-сцена со забележителен настап во Лесковац

    Од ученички стрипови до авторски награди — македонските автори покажаа креативна зрелост и регионален капацитет на Балканската смотра во Лесковац. На 27. Балканска смотра на млади стрип автори, што се одржа од 27 до 29 јуни 2025 во Лесковац, македонските стрип автори се истакнаа со бројност, присуство и освоени признанија. Овој фестивал, сметан за најстар и најмасовен стрип-настан на Балканот, и оваа година вклучи богат програмски репертоар, а меѓународниот стрип-конкурс собра рекордни 3.172 учесници од 51 земја — што го позиционира меѓу водечките стрип-платформи не само во регионот, туку и глобално. Колективна енергија: Вкупно 60 стрипови од македонски ученици Првата фестивалска вечер беше обележана со доделување на признанија за масовно учество, меѓу кои и диплома за Стрип центарот од Велес, чиј координатор Томе Трајков ја прими наградата во име на македонските учесници. Станува збор за 60 стрип дела од ученици, испратени како дел од организиран ангажман на центарот. Трајков нагласи дека покрај младите учесници, свои дела испратиле и возрасни автори, над 18 години, на индивидуална иницијатива — пракса која е веќе препознатлива на други фестивали и која тој активно ја поддржува. Авторски признанија: Успех за „Парагонс“ од Скопје Во втората вечер беа доделени наградите од конкурсот, а жирито во состав:Ласко Џуровски (претседател), Милорад Вицановиќ – Маза, и Марко Стојановиќ, го избра Војдан Андонов од групацијата „ПАРАГОНС“ од Скопје за најдобар млад сценарист, за стрип цртан од Марко Марковиќ, исто така член на оваа група. Дополнително, Александар Бараковски од истата групација доби диплома во категоријата најдобра илустрација — со што се заокружи еден значаен креативен исчекор за овој млад тим. Регионално вмрежување и присуство Фестивалот заврши со серија кратки панел-промоции на автори од повеќе земји. Македонската сцена беше присутна не само преку натпреварувачкиот дел, туку и во овие јавни презентации — со што се потврди нејзиното сè позабележливо присуство на балканската и европската мапа на стрип-културата.

  • Слушачка промоција на „Јоруклук“ – авторскиот албум на Елена Баклава

    На 1 јули во Бифе Тафталиџе Во понеделник, 1 јули, со почеток во 20:30 часот, во Бифе Тафталиџе ќе се одржи премиерната промоција на албумот Јоруклук – првото целосно авторско остварување на Елена Христова, позната како фронтменка на групата Баклава. Албумот, објавен под името Елена Баклава, е резултат на повеќегодишно истражување и лично ангажирана посветеност. Инспириран е од јуручката култура во Македонија, тема која Христова ја проучува и антрополошки, и музички. Настанот ќе понуди ексклузивно преслушување на албумот, а ќе бидат презентирани и CD и винил изданијата, заедно со видео премиера на песната што го отвора албумот. Според најавата, албумот Јоруклук е интимна приказна за идентитетот, сеќавањето и гласот што минува низ времињата – и сè уште пее. Христова за првпат ќе ја раскаже приказната за создавањето на албумот – од теренското истражување, преку композицијата, до неговата продукција. 🎧 Настанот е отворен за сите. Влезот е слободен. 📍 1 јули | 20:30 | Бифе Тафталиџе, Скопје

  • Во време на заглушување: „Штефица Цвек“ 2025 и книжевниот избор како отпор

    Регионалниот квир-феминистички книжевен проект објави список на 22 наслови што ја прекројуваат мапата на ангажирана литература Во ,,интересни времиња” - кога тишината станува стратегија на моќ, а активистичките повици и манифести почнуваат да се слејуваат во маркетинг флоскули, книжевниот избор „Штефица Цвек“ повторно се јавува како простор за гласност, отпор и критичко читање. Колективот „Бунтовни читателки“, составен од книжевни работнички и активисти од регионот, го објави поширокиот избор за 2025 година — листа од 22 дела објавени на македонски или на еден од БХСЦ јазиците во 2024 година, кои се издвојуваат по тематска смелост, квир сензибилитет и литерарна сила. Оваа година, „Штефица“ крои избор во услови што жирито ги нарекува „вонредни“: за време на политичко насилство, општествено заглушување и напад врз критичката мисла. Со изборот, таа испраќа солидарна порака до активистите во Србија и пошироко, но и ја потврдува мисијата на иницијативата: книжевноста не е прибежиште, туку терен за дејствување. „Свесни сме дека оваа вест можеби ќе помине тивко, но не се одрекуваме, токму затоа што и оваа листа е дел од дискурсот кој именува, книжевноста што не се плаши и гласовите што не се купуваат… Потсетуваме дека денес не е доволно само да се чита, туку и да се биде со другите, гласно и гневно, заедно надвор. Борбата продолжува.“ — од соопштението на жирито Започната како независна иницијатива во 2021 година, оваа книжевна селекција го носи името на јунакињата од култниот роман на Дубравка Угрешиќ, и од тогаш гради феминистичко-квир канонско јадро во книжевноста на регионот. Наместо една награда, „Штефица“ работи по модел на колективно истакнување — листа на дела што ги гледа како значајни, не само по литературна вредност, туку и по начинот на кој го разбираат светот. Процесот се одвива преку два круга на жири: Првото жири: Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ Вториот круг (кој ќе ја состави финалната селекција): Ивана Дражиќ, Марија Бошковска и Матеј Вребац Повеќе од 100 наслови беа номинирани оваа година, а жирито го сведе изборот на 22 дела – романи, збирки поезија и раскази, книги за деца и млади, графички романи. Во него се најдоа: Румена Бужаровска со ТОНИ – роман што ги надминува границите на интимното и се соочува со заедничките живеени искуства. Кица Колбе, Простување – книжевна размисла за губење, покајание и преиспитување. Билјана С. Црвенковска со роман за деца Приказни од Ѕунливото Море – потсетник дека и детската литература може да биде ангажирана. И авторки и автори од Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, кои отвораат теми како трансгендерност, автофикција, општествено насилство и телесно искуство. Во интегралното соопштение, жирито нуди и храбар увид во состојбата со книжевната продукција: „Во голем број случаи стануваше збор за почетнички збирки или поезија што го исполнуваше критериумот за феминистичка ангажираност, но не беше доволно комплексна за да влезе во поширокиот избор… Дел од книжевната заедница која номинираше книги ги занемари примерните критериуми…“ Според жирито, ангажираноста не смее да биде само декларативна. Потребна е авторска храброст, стилска инвентивност и способност да се обработат чувствителни теми со длабочина. Во спротивно, остануваат празни гестови, без уметничка тежина. Целосен список на избраните 22 наслови: Билјана С. Црвенковска, Приказни од Ѕунливото Море  (ИД-Концепт / Чудна шума, роман за деца) Даниела Репман, Столица без наслон  (Treći trg, роман) Данка Ивановиќ, Омразени куќи  (Партизанска книга, роман) Драган Великиќ, Виенски роман  (Лагуна / Meandermedia, роман) Калина Малеска, Светот што го избрав  (ИЛИ-ИЛИ, роман) Катарина Митровиќ, Сите добри Барбики  (PPM Enklava, роман) Кица Колбе, Простување (ИЛИ-ИЛИ, роман)Корана Свилар, Соба за девојчиња  (Фрактура, роман) Лука Козина, Бегство од телото  (Buybook, поезија) Луција Тунковиќ, Папочна врвца  (Фрактура, роман) Мак Маслаќ, Како се кршат чинивчиња  (Durieux, поезија) Марина Вујчиќ, Сигурна куќа  (Фрактура / Лагуна, роман) Марја Андријашевиќ, Рибарска лига (Oceanmore, збирка раскази) Михаела Шумиќ, Човек волк  (Imprimatur, роман) Моника Стојановска, На крајот сѐ ќе биде како што треба (Полица, поезија) Нада Душаниќ, Пловидба низ забранети теми  (Raštan издaвaштво, роман) Натали Спасова, Не ѝ верувај на баба ти  (Скоро Театар, збирка раскази) Оља Кнежевиќ, Страда фортуната ( Hena.com , роман) Румена Бужаровска, ТОНИ  (ТРИ, роман) Тања Ступар Трифуновиќ, Долж остар нож лета птица  (Лагуна, роман) Фрањо Нагулов, Крвава книга  (Durieux, 2024). Јосип Чекољ, Доба на бескорисните умници  (HDP, поезија) Книжевната награда е и жесток одговор на тивките норми, на конвенциите на „пристојна“ книжевност, и на потребата да се задоволи пазарот. Тоа е форма на женско, квир и критичко читање што не бара дозвола – туку крои сопствен модел. Во услови на заглушување, оваа листа се појавува како глас што не се извинува и не моли за простор – туку го зазема. Соопштението во целост: Во време на заглушување – книжевен отпор: Донесен е поширокиот избор на „Штефица Цвек“ за 2025 година Во време на заглушување – книжевен отпорДонесен е поширокиот избор на „Штефица Цвек“ за 2025 година Почитувани претставници на медиумите, Со задоволство ви го пренесуваме во целост соопштението на првата жири комисија која го донесе поширокиот избор за овогодинешната книжевна селекција „Штефица Цвек“. Се надеваме дека ќе го пренесете преку вашите платформи за јавно информирање. Со почит,  Колективот на Бунтовни читателки *** Книжевниот избор „Штефица Цвек“ оваа година се одвива во услови кои не можеме да ги наречеме ништо помалку од вонредни. Кога поводите за бес и револт се многубројни, ги поместуваме своите тела, глас и гнев на улица, таму каде што политиката се сретнува со вистинскиот живот. Го споделуваме поширокиот круг на „Штефица Цвек“ во солидарност со нашите пријател(к)и од Србија кои моментално минуваат низ бран на политичко насилство, отпор и мобилизација. Свесни сме дека оваа вест можеби ќе помине тивко, но не се одрекуваме, токму затоа што и оваа листа е дел од дискурсот кој именува, книжевноста што не се плаши и гласовите што не се купуваат. Не се одрекуваме од она што го работиме ниту кога е најгусто, убедени дека токму во ваквите моменти го градиме континуитетот на критичките културни практики. Во време на заглушување на сиот разум, остануваме непокорни, и потсетуваме дека денес не е доволно само да се чита, туку и да се биде со другите, гласно и гневно, заедно надвор. Борбата продолжува.  *** Штефица Цвек оваа година, по четврти пат , продолжи да го крои регионалниот феминистички и квир избор што го носи нејзиното име. За изработка на моделот, потребно беше да се обезбеди материјал од корпусот на сите книжевни дела првпат објавени на БХСЦ или на македонски јазик во текот на 2024 година. Бидејќи „штофот“ навистина беше обемен – над 100 книги номинирани од регионалната книжевна заедница – книги од областа на прозата, поезијата, драмата, литературата за деца и млади, графички романи и други книжевни жанрови – Штефица мораше поширокиот избор да го сведе на 22 наслови , за кои може да се каже дека се квир-феминистички и уметнички развиени. Што се однесува до техниката на работа на Штефица за својот крој, како и во претходните две години, таа состави тим од два жири круга. Првото жири – кое оваа година го сочинуваа Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ – ѝ помогна на Штефица да го евалуира изобилието од книжевен материјал и да го прекрои во список од 22 наслови, кој се наоѓа подолу во овој текст. Потоа, вториот круг жири – сочинето од Ивана Дражиќ, Марија Бошковска и Матеј Вребац – го презема кројот составен од 21 книга со цел да го сведе на финалниот книжевен избор. Крајниот модел е ист како и претходните години – треба да се добие, наместо една наградена книга, збир од неколку квалитетни и естетски остварени дела со феминистички, квир или друг општествено ангажиран карактер, за кои Штефица, заедно со своите кројачки, смета дека треба да бидат истакнати. Сепак, засега е важно да се истакне дека Штефица и првиот круг жири ги избраа насловите од поширокиот избор , од кои ќе се крои крајниот модел. Станува збор за следниве книги: Билјана С. Црвенковска, Приказни од Ѕунливото Море  (ИД-Концепт / Чудна шума, роман за деца) Даниела Репман, Столица без наслон  (Treći trg, роман) Данка Ивановиќ, Омразени куќи  (Партизанска книга, роман) Драган Великиќ, Виенски роман  (Лагуна / Meandermedia, роман) Калина Малеска, Светот што го избрав  (ИЛИ-ИЛИ, роман) Катарина Митровиќ, Сите добри Барбики  (PPM Enklava, роман) Кица Колбе, Простување (ИЛИ-ИЛИ, роман)Корана Свилар, Соба за девојчиња  (Фрактура, роман) Лука Козина, Бегство од телото  (Buybook, поезија) Луција Тунковиќ, Папочна врвца  (Фрактура, роман) Мак Маслаќ, Како се кршат чинивчиња  (Durieux, поезија) Марина Вујчиќ, Сигурна куќа  (Фрактура / Лагуна, роман) Марја Андријашевиќ, Рибарска лига (Oceanmore, збирка раскази) Михаела Шумиќ, Човек волк  (Imprimatur, роман) Моника Стојановска, На крајот сѐ ќе биде како што треба (Полица, поезија) Нада Душаниќ, Пловидба низ забранети теми  (Raštan издaвaштво, роман) Натали Спасова, Не ѝ верувај на баба ти  (Скоро Театар, збирка раскази) Оља Кнежевиќ, Страда фортуната ( Hena.com , роман) Румена Бужаровска, ТОНИ  (ТРИ, роман) Тања Ступар Трифуновиќ, Долж остар нож лета птица  (Лагуна, роман) Фрањо Нагулов, Крвава книга  (Durieux, 2024). Јосип Чекољ, Доба на бескорисните умници  (HDP, поезија) Оваа година, како и претходните две, за изборот можеа да конкурираат сите книжевни дела што првпат се објавени во 2024 година на БХСЦ или македонски јазик, без оглед на нивниот жанр. Навистина, номинираните книги беа исклучително разновидни по форма, тема, стил и жанр, но првиот круг жири забележа неколку разлики во минатогодишната книжевна продукција во однос на претходните години. Првата и најочигледна е доминацијата на прозата над поезијата. Се добива впечаток дека изминатата година, кога станува збор за поезијата, беше продукциски послаба, што можеби звучи парадоксално, бидејќи беа објавени доста поетски збирки. Сепак, во голем број случаи стануваше збор за почетнички збирки или поезија што го исполнуваше критериумот за феминистичка ангажираност, но не беше доволно комплексна за да влезе во поширокиот избор на Штефица. Второ, првиот круг жири забележува трендовска ангажираност кај поширокиот избор на номинирани книги, односно насилно вметнување на привидно феминистички или прогресивни теми, без критичко преиспитување и оправдување на нивното присуство во конкретното дело.  Освен тоа, недостигаат уреднички интервенции кои би ги зацврстиле дури и најквалитетните книги во изборот. Книгите што се храбри по тематика и форма, често се одликуваат со репетитивност, со елементи што добар уредник би ги „фатил“ и спречил книгата да се разводни во клучните моменти. Конечно, недостигаше и поголема смелост за пишување надвор од „пристојното“ и „безбедното“, односно повеќе острина и слобода за што како читатели можеме да се закачиме, нешто свежо и автентично. Тоа беше особено впечатливо кај поезијата, која парадоксално овозможува можеби најголема слобода за пишување надвор од познатото. Затоа е неопходно повторно да се преиспитаат и разгледаат критериумите на Штефица, кои во својата суштина се квир – отворени, нестабилни, непредвидливи и бескомпромисно политички. Генерациската проза дефинитивно исплива како можеби најдоминирачка подврста на прозата, но во неа често се препознаваше отсуство на јасен критички осврт. Припаѓањето на одредена генерација само по себе не беше доволно, и неретко книгите што се потпираа на тој сегмент беа стереотипни, затворени во сопствени обрасци и во секој случај помалку достапни за пошироката читателска публика. Најдобрите примери на генерациска проза, кои го најдоа своето место во поширокиот избор, не се задржуваа само на идиосинкратичното искуство на нивните јунакињи/јунаци, туку на интелигентен начин го испитуваа односот на поединката со нејзината околина и општеството. Уште еден важен увид се однесува на критериумите за номинација – во некои случаи се добива впечаток дека дел од книжевната заедница која номинираше книги ги занемари примерните критериуми на селекцијата. Тоа нè наведе повторно да се запрашаме: дали доволно јасно дефиниравме што всушност претставува изборот „Штефица Цвек“? Тој не тежнее да ги избере „најдобрите“ книги според однапред зададени мерила, туку ги бара оние што се издвојуваат по тематска смелост, стилска иновативност и авторска храброст. Во конкуренција имаше доста книги што формално исполнуваа некои од тематските критериуми, но потфрлија речиси на сите други полиња. Исто така, ни се чини дека нашата определба ниеден книжевен род или жанр да не биде исклучен од разгледување за изборот не беше доволно јасна во сите аспекти, и ни е жал што не добивме повеќе предложени книги за деца и млади. Сепак, во сето тоа успеавме да ги пронајдеме оние книги кои навистина вреди да се истакнат – книги во кои е видлива авторска посветеност, раскажувачко умеење и способност да се обработуваат важни и чувствителни теми на начин што им е близок на читателите.  Во поширокиот избор се наоѓаат книги што непретенциозно си поигруваат со востановените норми, не се плашат да бидат или да создадат несимпатични, сложени ликови; атмосферични книги што ве вовлекуваат во својот свет само за подоцна да ги изневерат вашите очекувања – но успеваат да ве задржат во доменот на непријатните теми, повикувајќи ве да размислувате надвор од рамките и да откриете нови начини за полесно поднесување на неизвесноста од светот што нè опкружува.

  • Градот како сцена: Како архитектурата станува катализатор за културна трансформација

    Во петок, на 28 јуни, со почеток во 20 часот, киното на Железничката зграда ќе стане место на инспирација, дијалог и визии за урбана иднина. Во рамки на проектот „Градот како сцена: еколошки иднини“, организацијата Факултет за работи што не се учат го најавува јавното предавање на реномираните архитекти Миодраг Куч и Конрад Браун, под наслов „Ре-адаптација на културните чинители“. Двајцата архитекти доаѓаат од срцето на Берлин, каде што работат на револуционерни трансформации на јавниот простор – не само како физички туку и како општествено и културно ткиво. Нивното предавање ќе прикаже два клучни примери: ZK/U (Zentrum für Kunst und Urbanistik) и Haus der Statistik, објекти кои прераснуваат од запуштени згради во живи центри на заедничко делување, уметност и урбана солидарност. Просторот како платформа за заедништво ZK/U, стара индустриска зграда, под раководство на Миодраг Куч, денес е повеќе од уметничка резиденција – тоа е лабораторија за урбана трансформација преку културни практики. Наспроти тоа, HDS, како модел на административно-културна хибридност, е пример за тоа како може да изгледа општествено одговорен урбанизам, каде културата и јавната управа делуваат заедно. Преку конкретни процеси на реадаптација, Куч и Браун не нудат само архитектонски решенија, туку визија за тоа како просторот станува катализатор за колективна промена. Архитекти на новиот јавен дух Миодраг Куч, познат по својата трансдисциплинарна работа, комбинира уметност, урбана теорија и социјална работа. Како програмски директор на ZK/U, тој развива критичка урбана педагогија и модели на самоорганизација на локално ниво. Преку одделот ZEDucation, тој работи на прашања поврзани со архитектура, театар и урбани политики. Конрад Браун, ко-основач на openberlin e.V., се залага за партиципативен пристап кон урбан развој. Неговиот фокус е ставен на модели на недвижности управувани од заедницата – како практичен одговор на експлоататорскиот урбанизам. Неговата работа во Haus der Statistik покажува како јавниот интерес може да биде столбот на градската трансформација. Просторот не е празен – тој зборува Настанот е дел од пошироката програма на „Градот како сцена“, продукција на Лабораторијата за просторно-изведувачки практики, во рамки на АКТО фестивалот. Поддржан од Гете Институт Скопје, ARCH+, Архитектонскиот факултет – УКИМ, и бројни меѓународни партнери, проектот носи во Скопје критички гласови и практики кои градот го третираат како сцена за еманципација. Проектот е поддржан од Програмата за култура на Швајцарската амбасада во Северна Македонија.

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page