top of page

Резултати од пребарување

Search this site

1211 results found with an empty search

  • Дали се критичарите премногу фини?

    Дејвид Ремник 3 септември 2025 Илустрација: Хадсон Кристи; Критичарите во списанието никогаш немале обичај да бидат воздржани. Во 1939 година, Расел Мелоубни го нарече „Волшебникот од Оз“ „смрдеж“. „Никогаш не ми се допаѓала Агата Кристи,“ напиша Едмунд Вилсон во 1944 година, откако го издегустира нејзиниот обемен опус со романот „Смртта доаѓа на крајот“, „и немам намера да прочитам ниту едно нејзино дело.“ Полин Кејл беше озлогласено боцкава; за филмот „Принцезата невеста“ од 1987 напиша: „филмот е несмасен - речиси можеш да ги видиш белезите на кредата кои актерите не ги погодуваат.“ И, додека го обожуваше „Јентл“, „Шоа,“ филм што денес се смета за едно од најголемите документарни остварувања, го нарече „форма на самоказнување.“ (Се разбира, грешеше - но тоа е тема за друга прилика.) А тука беше и рок-критичарката Елен Вилис, која во 1969 година беше толку одважна, што Вудсток го направи лом, а неколку години подоцна огорчено констатираше, за Дејвид Боуви, дека „нема ништо провокативно, перверзно или вознемирувачко кај него,“ па дури и отворено призна: „ неговите понови изданија ми се здодевни“ Се чини дека потенцијалот за остра, полемична културна критика со текот на времето опадна . Како што забележуваа Елизабет Хардвик и други низ годините, критиката премногу често се намалуваше до форма на тивко согласување, наместо аргументи и ригорозна ангажираност. Келифа Санех се согласува со таа дијагноза. Поранешен поп-музички критичар на Њујорк тајмс, а од 2008 година и автор во Њујоркер, Санех смета дека критичарите, генерално, омекнаа - особено оние во музиката. Во нашето најново столетно издание, ,,Културната индустрија” тој го картографира подемот, падот и можниот повторен подем на „острината“ во музичката критика. „Кога растев, критичарот беше кретен, зановетало, ганѕало, уништувач на забава,“ пишува Санех, забележувајќи дека неговите омилени ликови во „Мапет шоуто“ беа Статлер и Волдорф - двете старчиња што од приватната ложа испорачуваа зајадливи коментари. Тој дух на разиграна злобност се провлекуваше сè до деведесеттите и раните две илјадити. Ник Хорнби јавно ја изразуваше својата дојаденост со Destiny’s Child. Рајан Шрајбер, водечкиот глас на острозабиот Pitchfork, го презеде пламенот што претходно го носеа Грајл Маркус од Rolling Stone (кој ја почна својата критика за „Self Portrait“ на Боб Дилан во 1970 со прашањето: „Што е ова срање?“) и Лестер Бенгс од Creem (овековечен во „Almost Famous“ преку Филип Сејмур Хофман, кој објаснува дека музиката е „место одвоено од широката, благонаклонета американска прегратка“). Тие критичари не се плашеа да бидат критични. Сепак, забележува Санех, низ годините сведочеше на постепено лизгање кон финото. Притоа се издигна добронамерноста - понекогаш и стравот: од гневот на познатите личности, од претерано бурните реакции на фан-базите, или едноставно од непријатноста да се посочи туѓиот лош вкус. Трендот што често се нарекува „поптимизам.“ Остроумните коментари исчезнаа. Наместо нив се појави општо согласување, љубезност, блага пофалба. А во млакиот консензус нешто неизбежно се губи. Како што пишува Санех, „единствениот начин да се оддели добриот производ од лошиот е да се слуша внимателно - и, можеби, да се расправаме за тоа.“ Тој вели - се чини со мала доза прикриена возбуда- дека потребата да се биде „малку злобен“ можеби се враќа. „Можеби, по разблажените 2010-ти,“ сугерира, „музичките писатели и нивните читатели повторно ги откриваат задоволствата на оцетот.“ Пречесто, идејата дека писателот е „настапува премногу осудувачки“ функционираше како навреда. И сепак, Санех јасно потенцира: луѓето не се пасивни приемници, туку суштества со дар за мислење, за расудување - а размислувањето за тоа што го прави едно дело уникатно, брилијантно, здодевно или дури штетно, е клучен дел од работата на критичарот. Дејвид Ремник е уредник на Њујоркер од 1998 и новинар од 1992.

  • Новата колекција на „Лудус“ претставена на Љубљанската модна недела

    „Декалог“: дишењето на една нова насока На 18 октомври, на Љубљанската модна недела, македонскиот моден бренд „Лудус“ ја претстави својата најнова колекција за пролет–лето 2026 – „Декалог“. Името звучи строго, речиси литургиски, но самата колекција отвора нешто многу поприродно: десет нови принципи на движење, материја и форма. Десетто поглавје од серијата Пост-родовост е всушност пресврт – суптилно напуштање на строгиот монохроматизам по кој Ludus станува препознатлив на регионалната сцена. Во „Декалог“ се случува промена што е тивка, но решителна. Наместо досегашната црно-бело-сива симболика, брендот внесува природни ткаенини со класични, внимателно избрани дезени – линии, минијатурни текстури, нијанси што го носат духот на прединдустриската естетика. Тоа е визуелен јазик што не сака да импресионира преку гласност, туку преку длабочина: баланс меѓу чистото и сложеното, меѓу едноставната форма и богатата материјална меморија. „Декалог“ се храни од прединдустрискиот период – време кога облеката не била производ, туку занает; кога допирот со ткаенината бил присуство, а не индустриски процес. Колекцијата ја носи таа идеја, но не ја репродуцира буквално. Ludus ги преведува традиционалните занаетчиски кодови во современи, безродови силуети. Тука телото не е поделено на машко и женско – туку просто тело што се движи, дише, ја носи формата како дополнителен слој на својот идентитет. И повторно се чувствува она препознатливо ludus-овско: кроеви кои не го ограничуваат движењето, туку го почитуваат. Облека како архитектура, но мека; како простор, но интимно блиску. „Декалог“ продлабочува нешто што брендот одамна го истражува – безвременост, одржливост, и идејата дека модата може да создава нови светови, а не само да ги следи постоечките. Органска изработка и екологија како етичка рамка Колекцијата содржи 20 целосни изгледи и 50 производи, од кои дел се обоени со природни состојки. Овој процес не е декоративен, туку дел од етичката основа на брендингот на Ludus – одржливи практики, минимален отпад, природни влакна и рачна изработка како целосна производствена филозофија. За ревијата се изработија и рачно направени кожени сандали во колаборација со занаетчијката Катерина Микрут – детал што додава друга текстура, мал, но значаен знак дека „Декалог“ останува вкоренет во занаетот, и во човечките раце. Видео како втор слој на раскажување Во текот на ревијата беше прикажано и видео со ремиксирани секвенци од филмот „Терански фрагменти“ на авторката Кумјана Новакова. Овој избор не е случаен: филмот е фрагментиран, органски, со поглед на телото и просторот како нешто што се распаѓа и повторно се составува. Тоа е иста линија на размислување со „Декалог“ – тело што преминува, материјал што се трансформира, свет што може да се чита преку детали. Сликите од ревијата: тишината на формата (Визуелен коментар според приложените изгледи) Минимализам во движење:) Моделите во бели, скулптурални форми носат нешто речиси духовно. Ткаенината паѓа слободно, без притисок да „покажува“, без да ги диктира линиите на телото. Еден фустан, широк како летна сенка, го враќа телото во состојба на мир. Некои изгледи асоцираат на антички силуети, но во целосно современ контекст. Црното како простор, не како тежина Црните асиметрични модели се движат меѓу острина и мекост. Едното рамо слободно, другото спуштено – како да ја трасираат линијата на новата визуелна насока: внимателна, но храбра. Теракота и земјеното наследство Долгиот теракота капут стои како скулптура со структурирани копчиња, патенти и прецизни драпирања. Боја што личи на печена глина, на земја, на некој стар занает каде сè се правело на рака. Овој изглед нивелира топлина во целината на колекцијата. Структура наспроти леснотија Сивите и пругирани модели, особено долгите палта и костумите со широки бермуди, покажуваат дека Ludus не бега од класичен мотив , само го превртува наопаку. Пругата не е деловна, туку апстрактна; кројот не е строга рамка, туку простор за движење. Модата како простор за дишење во леснотија Најизразени се широките бели кошули-фустани со долги ракави и слоеви. Во нив има нешто што наликува на негативен простор во архитектура — делови што не се пополнети, што оставаат воздух меѓу материјалот и кожата. Што му дозволуваат на телото да постои без наметнат наратив. Заклучна нишка: каде води „Декалог“? Со оваа колекција, „Лудус“ прави тивок, но значаен пресврт. Од строгиот монохромен минимализам кон сложен, природно текстуриран свет што го отвора патот за следната декада на брендот. „Декалог“ не се обидува да шокира. Тој се обидува да врати човечност во формата, да ја одближи модата до телото, до природата, до занаетот, до нешто што е поавтентично од тренд. Колекцијата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија – уште еден знак дека локалната сцена може да произведува моден јазик со впечатоци кои одекнуваат надвор од границите.

  • Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ во Музејот на град Скопје

    Приказни што се одмотуваат: уметност, текст и невидливи животи во Музејот на град Скопје На 20 ноември, во 20:00 часот, Музејот на град Скопје ќе се отвори за „Приказни од маргините“, најновиот мултимедијален проект на Ѓорѓе Јовановиќ, уметник кој одамна го артикулира грчот на нашата епоха преку јазикот на инсталацијата, документот и гестот. Изложбата е најавена како хибрид: комбинација од кратки раскази напишани од седум автори од регионот и визуелни секвенци анимирани од Јовановиќ. Овој мост меѓу литературата и уметноста не служи само како формален експеримент; тој создава патека кон невидливите животи кои го носат товарот на секојдневието, но ретко се појавуваат во културниот фокус. Тоа зборува за храброста и одважноста на оваа генерација културњаци, а во исто време не се зборува за таа калкулирана молчаливост во најлош случај, или за недостаток на волја да се загази и залута во ,,длабокото”. Концептот на изложбата е едноставен во конструкцијата, но богат во импликациите. „Маргината“ овде не е географска, просторна одредница, туку еден подвижен ментален простор, зона во која се сместуваат оние приказни што не стануваат носечки. Инсталациите функционираат како мали апарати за слушање: свитоци што се одмотуваат под тежината на допирот, анимации што го оживуваат текстот, цртежи што се разлеваат како графички дневници. Посетителот не е само гледач; тој е оној што активира, што го „пали“ наративот, што ја доведува приказната до живот. Во својот кураторски текст, Јовановиќ говори за маргините како места на нестабилност простори каде што политиките се кршат, каде што економијата произведува тивки загуби, каде што општествените неправди стануваат навика. Но тој додава и нешто важно: маргината е исто така место каде што растат алтернативни форми на заедништво, начини на грижа што центарот едноставно не ги препознава. Интеракцијата меѓу текстот и визуелниот материјал создава полифонија. Расказите се тивки, често интимни; анимациите се решени во суптилни тонови, како да не сакаат да ја нарушат деликатноста на приказните. Темите што се обработуваат прекарност, тивка сиромаштија, невидлива бездомност, квир-осаменост, граѓански ранливости, еколошки ерозии се преплетуваат во еден трагикомичен регистар, блиску до документарната поезија. Роден во 1980 година, Јовановиќ веќе две децении е фигура чија практика го спојува антрополошкото со ликовното. Често употребува хумор, но не за да ја разигра темата туку за да пробие простор за размислување. Неговите проекти постојано тестираат како уметноста може да стане медиум за општествена интеракција, а не само за естетско доживување. Последните години ги обележа со изложби како „Bitter Sugar“ во МСУ (2023), „Chocolate Drops“ во Виена (2018) и радио-интервенцијата „Радио Слободно Скопје“ (2015–16). Уметник кој истражува, но и гради терен: член е на неколку колективи, соработува со независни иницијативи и знае да ja претвори уметничката сцена во заеднички проект, а не во поле на индивидуални подвизи. Изложбата се потпира на седум кратки раскази секој со своја меморија и свое микрокосмичко согледување на маргината. Стефан Алијевиќ (Македонија) Млад автор, остроок, со јазик што го познава урбаниот хабитус. Во изложбата се присутни неговите „Одбивање“ и „Одрон“ текстови кои се занимаваат со институционалното молчење и со колективната амнезија, но преку ликови што дишат, страдаат, се надеваат. Николина Андова Шопова (Македонија) Нејзиниот расказ „9:15“ функционира како фотографија фатена во движење: момент што го обележува животот на жена што работи како чистачка, фрагмент што се претвора во метафора за повторувањето, тивкоста и уморот што ретко допираат до јавната свест. Петар Андоновски (Македонија) Автор кој одамна ја отвори темата на телото, стравот и другиот. „Покана за дејт“ е кратка, но силна интервенција во романтичниот мит: приказна за двајца аутсајдери кои не успеваат да ја „слушнат“ љубовта што ја посакуваат. Румена Бужаровска (Северна Македонија) Нејзините раскази одамна функционираат како рендген на општеството. Во „Пловење по Дунав“ реката е наративен канал: носи луѓе, носи тајни, носи општествени талози. Во анимацијата, сино-зелените тонови се движат како да го симулираат текот на времето. Георги Господинов (Бугарија) „Задоцнетиот подарок“ е прецизна, нежно иронична приказна мал есеј за долговите, пропуштените моменти и сентиментот што ги опкружува „малите животи“. Господинов е автор што знае да го претвори секојдневието во метафизичка опсервација. Теа Тулиќ (Хрватска) „Вила Тибериа“ отвора митологија од модерна перспектива. Напуштената куќа крај морето станува приемник на уловени гласови, резервоар на сеќавања, простор што ги впива трагите на изгубените. Интерактивниот формат е главната иновација на овој проект. Посетителите не седат и гледаат; тие влегуваат во мали темни простории, одмотуваат хартија, го следат линискиот тек на цртежот, како да читаат стрип кој се движи. Во овој процес, расказите добиваат трета димензија: боја, светлина, звук. Тоновите се внимателно избрани: жолтата светлина на „9:15“ што потсетува на автобуски утрини; студената сина на Дунав; црвените пробиви на Господинов; пастелната тивкост на Тулиќ. Ништо не е случајно. Секој расказ има свое микросценографско дишење. Во време кога културните институции често се обидуваат да го репродуцираат познатото, „Приказни од маргините“ нуди нешто спротивно: документарен хибрид што го опфаќа регионот како органска целина. Фактот што автори од Македонија, Бугарија и Хрватска настапуваат во заеднички фронт во една изложба зборува за нешто потивко и поважно: дека маргините се глобален јазик. Секое општество ги има своите невидливи, своите „тишини“, своите исклучени. Но овде тие гласови се враќаат, видливи, движејќи се низ простор на уметничка грижа. На 20 ноември, во Музејот на град Скопје, ќе започне уште едно мало движење кон видливост. Јовановиќ и неговите соработници ќе нè поведат низ темните улици, пристаништата, скриените ходници и напуштените куќи што ја сочинуваат сенката на општеството. Нивната порака е едноставна, а сепак неопходна: ако сакаме поинаква реалност, мора прво да ги слушнеме оние кои најчесто се тешко чујни.

  • Приказната за Силјан од Тамара Котевска се приближува кон Оскарите со две номинации на Cinema Eye Honors

    Двојната номинација на Cinema Eye Honors го поставува македонскиот документарен филм во редот на најсилните меѓународни кандидати оваа сезона, отворајќи му пат кон американската филмска сцена и потенцијалното доближување до Оскарите. Како поттик за домашната филмска сцена документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, обезбеди две значајни номинации на престижните Cinema Eye Honors, позиционирајќи го како силен конкурент во трката за Оскарите. Филмот, кој ја опишува невообичаената врска помеѓу еден сиромашен фармер и повреден бел штрк, освои место во категоријата Audience Choice Prize, признание што носи значителна тежина во документарните кругови. Организаторите на Cinema Eye Honors истакнаа дека Audience Choice Prize често служи како клучен претходник на големите признанија, вклучително и Оскарот за најдобар документарен филм, подцртувајќи ја неговата улога како индикатор за успехот во наградната сезона. Тамара Котевска со Керолин Бернстин – извршна потпретседателка во National Geographic (за глобална играна продукција и документарни филмови) Настан: Cinema Eye Honors Nominee party Дополнително, филмот доби номинација за Outstanding Achievement in Cinematography, признавајќи ја работата на Jean Dakar за неговиот автентичен визуелен стил и суптилната, длабоко филмска естетика што го дефинира проектот. Овие почести доаѓаат додека „Приказната за Силјан“ се движи низ критичната фаза од меѓународниот награден циклус, дополнително подигнувајќи го неговиот глобален профил. Котевска, чиј претходен документарен филм „Медена земја“ (2019) влезе во историјата како прв филм номиниран за Оскари во категориите за најдобар документарен филм и најдобар меѓународен филм, ги гледа номинациите како сведоштво за моќта на културното раскажување среде домашните предизвици. „Овие две признанија уште еднаш покажуваат дека културата има моќ да нè обедини, дури и во период кога земјата беше целосно зафатена со политички изборни кампањи“, изјави г-ѓа Котевска во соопштение. „Иако ‘Приказната за Силјан’ влезе многу подоцна во кампањата за Оскари, македонската публика масовно застана зад него и ги претекнавме филмовите и продукциите со огромна меѓународна поддршка. Ова ми потврди дека, и покрај сите разочарувања што сум ги доживеала во домашниот филмски контекст, народот знае да ја препознае и да ја поддржи вистинската вредност. „Филмот е единствениот неамерикански и неполитички во трката и сепак рамноправно се натпреварува со сите“, додаде таа. „Тоа е доказ дека од нашето поднебје доаѓа автентичен, слободен и исклучителен квалитет, различен од стандардизираните формати што доминираат во светските документарни продукции. Испраќам огромна благодарност до сите што гласаа. Кога публиката застанува зад културата, можеме да постигнеме повеќе од успех; можеме да направиме чудо.“ Тамара Котевска со познатиот актер Бен Стилер, кој во моментов интензивно се занимава со документаристика. Тој на забавата на Cinetic Media изјави дека го обожава филмот Honeyland,бидејќи тоа е еден од последните филмови што неговиот долгогодишен продуцент му ги препорачал да ги погледне пред да почине Почестите доаѓаат по објавата на National Geographic Documentary Films за американската премиера на филмот, закажана за 28 и 29 ноември во IFC Center во Њујорк, означувајќи го неговото влегување на пошироката американска филмска сцена. Објавувањето следи по светската премиера на филмот на Венецијанскиот филмски фестивал порано оваа година, каде што се натпреваруваше надвор од конкуренција. Со теми што се допираат до климатските промени, економската миграција и врските помеѓу луѓето и животните, „Приказната за Силјан“ се истакнува со својот интимен, набљудувачки пристап, потсетувајќи на претходната работа на г-ѓа Котевска. Додека наградната сезона се интензивира, овие номинации од Cinema Eye можат да го поттурнат филмот кон поголемо признание, потврдувајќи ја виталноста на македонската кинематографија на светската сцена.

  • CODOMESTICATION во Скопје: перформанс на Кроот Јурак и Алекс Бејли возрасни и деца што ја става грижата во центарот

    Локална изведба на Симона Спировска во Театар за деца и младинци – дел од европскиот проект (M)others on Tour и Перформанс Платформа 2025 18.11.2025 / 19:00 / Театар за деца и младинци Слободен влез (местата се ограничени: lokomotivaskopje2015 Есенското издание на Перформанс Платформа фестивал (ППф) 2025 завршува со CODOMESTICATION дело на Кроот Јурак и Алекс Бејли, кое во Скопје ќе добие локална верзија преку изведба на Симона Спировска и нејзините деца. Овој перформанс, првично создаден во семејниот дом на авторите, денес патува низ Европа преку моделот showing without going, концепт што дозволува делото да се приспособи на секоја средина без физичко присуство на авторите. Во оваа скопска интерпретација фокусот останува на она што CODOMESTICATION го истражува од самиот почеток: како изгледа уметноста кога децата, грижата и секојдневниот ритам стануваат дел од сцената. Делото ја преиспитува идејата за авторство, заедничко одлучување и меѓузависност, отворајќи простор за ситуации во кои возрасните не се „водичи“, туку партнери во процесот. Перформансот се вградува во поширока дискусија околу работните услови во културниот сектор и видливоста на уметниците кои живеат или работат со ограничени ресурси. Во таков контекст, CODOMESTICATION го поставува прашањето што ретко се отвора јавно: кои гласови остануваат надвор од уметничката сцена кога продукцијата бара постојана мобилност и интензивни распореди? Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, која веќе долги години работи на застапување за подобри услови за уметниците, е локален партнер во проектот. Преку програмата Perform Europe, тие оваа година учествуваат во транснационални иницијативи што ги поддржуваат алтернативните модели на создавање и презентирање, со акцент на инклузивност и одржливост. Проектот (M)others on Tour, во чиј рамки се изведува и ова дело, внесува нови начини на соработка што ги препознаваат мајките и негувателките како активни носители на уметничката продукција, а грижата како составен дел од творечкиот процес, не како пречка, туку како ресурс. CODOMESTICATION во Скопје ќе понуди ретка можност публиката да погледне перформанс што доаѓа од домашниот простор, но не останува затворен во него; уметнички процес што расте преку секоја локална средба. Она што ќе се случи на сцената нема да биде „реплика“ на оригиналното дело, туку негова нова, скопска верзија оформена од луѓето што ја создаваат токму оваа вечер. Проектот (M)others on Tour е иновативна европска иницијатива во рамките на програмата Perform Europe, финансирана од Европската Унија преку Креативна Европа. Тој се насочува кон прашањата што ги засегаат мајките и родителите кои работат во изведувачките уметности, особено кога станува збор за турнеи и меѓународна мобилност. Проектот промовира одржлив и инклузивен модел на „турнеирање“ кој не бара физичко патување, туку локални адаптации и хибридни формати што им дозволуваат на уметниците да останат во близина на своите семејства. Започнат во јули 2024 година и со траење до ноември 2025 година, (M)others on Tour е дел од поширокиот екосистем на 42 поддржани партнерства, со над 187 партнери и 63 дела низ 40 земји од програмата Креативна Европа. Главната цел на проектот е да ја истакне системската невидливост на уметниците-родители, особено на мајките, во сектор кој често е обликуван од брза продукција, постојана мобилност и прекарни услови. (M)others on Tour го проблематизира фактот дека многу уметници се принудени да избираат помеѓу професијата и семејството, па затоа предлага алтернативни модели како showing without going — презентирање и ко-креирање без патување. Проектот го става фокусот на грижата како суштински, а не спореден труд во културната продукција, потсетувајќи дека уметноста може да се гради и од локалните односи, домашните ритми и заедничките потреби. Во рамките на проектот се турнеираат две клучни дела: Bliss, соло перформанс што ја истражува бременоста како искуство на телесна и емоционална трансформација, и CODOMESTICATION, дело на Кроот Јурак и Алекс Бејли кое го комбинира родителството со уметничката практика. CODOMESTICATION се адаптира локално во секоја земја — како во Скопје, каде Симона Спировска го изведува заедно со своите деца — и на тој начин станува „турнеја без патување“ која ги вклучува семејствата како активни соавтори. Паралелно со изведбите, проектот реализира онлајн обуки, разговори и работилници што создаваат простор за уметници-родители да се вклучат без да го напуштат домот, градејќи нов модел на културна циркулација што е пофер, поодржлив и поусогласен со реалниот живот.

  • Премиера на „Хелверовата ноќ“ во Охрид – интимна приказна за ранливоста во време на фанатизам

    На малата сцена на НУЦК „Григор Прличев“, новата продукција на ЗУКЦ Медиа Артес го отвора прашањето за различноста и човечноста во тивките пукнатини на едно мрачно време. На 17 ноември 2025, со почеток во 20 часот, малата сцена на охридскиот НУЦК „Григор Прличев“ ќе стане простор за една од најинтимните, најраспарчени приказни што современиот театар ја поставил пред публиката. Премиерата на „Хелверовата ноќ“, во продукција на ЗУКЦ Медиа Артес, пристигнува како тивок повик да се погледне во она што најчесто се истиснува на маргините – ранливото, неприфатеното, „инаквото“. Во режија на Александар Јовановски, претставата ја оживува драмата на полскиот автор Ингмар Вилквист (Јарослав Свијершч), напишана во 1999 година – текст кој настрана од политичката сценографија, всушност проговорува за врската меѓу две осамени суштества фрлени во немирниот свет на 1930-тите. Љубовта, стравот, обидот за спас – сето тоа се меша во домот на мајката и нејзиниот посинок, млад човек со посебни потреби, чии реакции на насилството надвор стануваат болен ехо на времето што ги следи. Даријан Петров и Јасмина Билаловиќ го носат ова партнерство на сцена со внимателна, кревка динамика: мајка и дете, но и старател и штитеник, сестра и брат, жена и маж, џелат и жртва – сите тие релации се појавуваат и исчезнуваат како сенки што се поместуваат со секое ново зовриено надворешно мешење. Во оваа претстава има нешто потресно човечко: чувството дека две души се обидуваат да го задржат светот однадвор да не ги проголта. Историската позадина — фашистичкиот занес, фанатизмот, фабрикуваните непријатели — е присутна како тежок здив во собата, но фокусот останува врз оние што во такви времиња „немаат место“. „Хелверовата ноќ“ не проповеда, туку сведочи: за тоа колку лесно е општеството да ги прогласи најранливите за пречка, и колку малку е потребно за љубовта да стане акт на отпор. Креативен тим Режија: Александар Јовановски Текст: Ингмар Вилквист Превод: Јасмина Билаловиќ Драматуршка адаптација: Александар Јовановски Играат: Даријан Петров, Јасмина Билаловиќ Автор на музика: Лука Тошев Избор на музика: Александар Јовановски Сценографија: Симона Димковска Костими и шминка: Павел Маслов Светло-дизајн: Александар Јовановски Тон-мајстор: Митко Серафимовски Светло-мајстор: Илија Левески Сценски работници: Ѓоко Китоски, Кире Ангелоски Дизајн на плакат: Филомена Дода Билети Билетите по цена од 400 денари се достапни на билетарата на НУЦК „Григор Прличев“ секој работен ден од 10:00 до 17:00, како и на денот на изведбата од 10:00 до 20:00 часот. Проектна поддршка Претставата е дел од Годишната програма на ЗУКЦ Медиа Артес, финансирана од Општина Охрид. Логистичка поддршка: КСП Центар-Јадро и НУЦК „Григор Прличев“.

  • Мили Боби Браун го обвини колегата Дејвид Харбур за „вознемирување и малтретирање“ на сетот на Stranger Things

    Мили Боби Браун го обвини колегата Дејвид Харбур за „вознемирување и малтретирање“ на сетот на Stranger Things Пред последната сезона, актерката поднела пријава со „страници и страници обвинувања“, а Netflix молчи за исходот на истрагата Мили Боби Браун (Millie Bobby Brown) наводно поднела пријава против својот колега и екрански „посвоен татко“ Дејвид Харбур (David Harbour), обвинувајќи го за вознемирување и малтретирање на снимањето на последната сезона од серијата Stranger Things. Според британскиот Mail On Sunday, тужбата била поднесена пред почетокот на снимањето, а случајот довел до внатрешна истрага на продукцијата. Весникот пренесува дека против Харбур била спроведена долготрајна истрага, но без обвинувања од сексуална природа. „Мили поднесе пријава за вознемирување и малтретирање пред да почне снимањето на последната сезона. Имаше страници и страници со обвинувања, а истрагата траеше со месеци“, изјавил извор близок до продукцијата. Од Netflix досега нема официјален коментар, а исходот на истрагата не е познат. Според информациите, компанијата ја завршила проверката пред стартот на новите епизоди, но не објавила никакви резултати или мерки поврзани со инцидентот. Во серијата, Браун ја толкува Елевен тинејџерка со телепатски и психокинетички способности која станува посвоена ќерка на ликот на Харбур, полицискиот началник Џим Хопер. Тие двајца се меѓу најцентралните и најемотивни односи во Stranger Things, што го прави случајот особено чувствителен за фановите. Петтата и последна сезона на хит-серијата ќе биде поделена во три дела: првиот ќе пристигне на 27 ноември, вториот на 26 декември, а големото финале ќе биде објавено на 1 јануари. Сè уште не е познато дали контроверзијата ќе влијае на промотивните активности или појавите на актерите за финалето на серијата.

  • „Идентитетски паралели“ – заедничка изложба на Лудовико Елиа Персич и Ана Трајковска

    Современа уметничка фузија меѓу Венеција и Скопје во рамките на проектот CreArt Време и место: 🗓 4 ноември 2025 (вторник) 🕗 20:00 часот 📍 Културно-информативен центар – Скопје, Изложбен салон „Империјал 2“ Во Културно-информативниот центар – Скопје ќе се одржи отворањето на изложбата „Идентитетски паралели“ од Лудовико Елиа Персич (Италија) и Ана Трајковска (Македонија). Настанот е дел од програмата „Уметник во престој“ во рамките на европскиот проект CreArt, што во КИЦ се реализира веќе шеста година по ред, со поддршка од Град Скопје. Двајцата автори, кои во текот на еден месец работеа заедно во Скопје, создадоа дела што ја истражуваат интроспекцијата, културниот идентитет и личната митологија низ различни медиуми и техники. Фузија на две перспективи Во својот критички осврт, Маја Чанкуловска-Михајловска забележува дека Персич и Трајковска „преку различни уметнички јазици водат интимен дијалог за процесите на самоидентификација и авторефлексија“ — создавајќи простор каде што медитативното и аналитичкото се сретнуваат. Ана Трајковска ја претставува својата трилогија на дела, налик на визуелна ретроспектива: „Почетоци“ – експресивен фигуративен период исполнет со човечка напнатост и потрага по излез од личните и колективни состојби; „Истражување“ – премин кон апстрактни експерименти и комбинирани сликарско-графички техники; „Градот убав“ – апстрактна интерпретација на градот, каде што бојата и фрагментите на фасадите стануваат симболи на сеќавање и трансформација. Лудовико Елиа Персич, пак, своето истражување го гради околу автопортретот и италијанското лонче за кафе – симбол на секојдневието, уметничкиот процес и контемплативната пауза. Како што забележува Чанкуловска-Михајловска, „лончето станува метафора за фазите на креативноста – од идеја до конзумирање на резултатот“. Персич преку своите дела ги спојува материјалноста и симболиката на кафето со надреални автопортрети, создавајќи атмосфера на смиреност и меланхолија во доминантна сина тоналност. Биографски контекст Лудовико Елиа Персич (Венеција, Италија) е визуелен уметник кој дипломирал графички уметности на Академијата за ликовни уметности во Венеција, а во моментов ги продолжува своите магистерски студии на Универзитетот „Ка’ Фоскари“. Работел на Биеналето за архитектура и Биеналето за филм, а неговите дела често ги истражуваат постмодерните промени во западната свест, интегритетот и фрагментацијата. Ана Трајковска (Скопје, 1995) е интердисциплинарна уметница, магистерка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и асистентка на Европски универзитет – Факултет за арт и дизајн. Нејзината практика е насочена кон експеримент во графичкиот медиум и општествено ангажиран уметнички дијалог. Изложбата ќе биде отворена до 16 ноември 2025 година. Повеќе од Лука Елиа Персич на неговиот Инстаграм профил.

  • „Силјан“: Македонскиот документарец кој го освои светот е номиниран за престижната Cinema Eye Honors награда

    Гласањето за документарниот филм „Силјан“ на режисерката Тамара Котевска е отворено до понеделник филмот е номиниран за престижната Cinema Eye Honors Audience Choice Award, една од најценетите меѓународни награди за документарна уметност. По својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција 2025, „Силјан“ се најде во фокусот на светската критика и брзо стана едно од највпечатливите документарни остварувања на годината: нежна, поетска и длабоко човечка медитација за осаменоста, пријателството и кревката врска меѓу човекот и природата. Оваа недела, IndieWire ексклузивно го објави новиот трејлер за филмот, опишувајќи го како „најубавиот документарец на годината“ и повикувајќи ја глобалната публика да гласа. Гласај тука:  cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting „Силјан“ веќе се вбројува меѓу најистакнатите документарци во пресрет на оскаровската сезона. По одличниот прием во Венеција каде критичарите го нарекоа „триумф“ и „чудо над чудата“ филмот наскоро ќе се прикажува во киносали низ целиот свет, во дистрибуција на National Geographic Documentary Films. Критичарот Кристијан Блауелт од IndieWire напиша: „‘Приказната за Силјан’ е без сомнение најубавиот документарен филм на годината - внимателно изработен, човечен и поетски приказ на односот меѓу еден постар човек и штркот кој му станува пријател и спасител.“ Во центарот на приказната е Никола, човек кој се обидува да ја зачува семејната фарма откако неговите најблиски се иселуваат во потрага по сигурен живот. Во миг на осаменост, еден штрк случајно слетува во неговиот двор и така започнува тивка, речиси митска врска меѓу човек и птица, меѓу болка и надеж. Иако реална, приказната носи во себе одглас од стара македонска легенда за залутаниот син што се враќа дома откако се претвора во штрк мотив што во филмот се претопува во современа алегорија за миграцијата, разделбата и можноста за повторно поврзување. Со суптилна камера и поетска прецизност, Котевска создава современ мит за човековата издржливост и нежност, каде документарното се спојува со духовното. Режисерката Тамара Котевска ја следела семејната приказна на Никола повеќе од година и пол, уште пред да се појави штркот. Првично инспирирана од темата за миграции и глобализација, таа открила нешто многу поретко: вистински момент кога животот почнува да ја имитира уметноста. „Силјан“ прераснува во човечко сведоштво за времето, природата и повторното пронаоѓање на смислата, филм што потсетува дека старите митови не исчезнуваат тие само чекаат да бидат препознаени во современоста. Во моментов, Котевска е на американска турнеја во рамките на својата Оскар кампања. Пред неколку дена настапи меѓу десетте најдобри документарни режисери на годината, според селекцијата на The Hollywood Reporter, на фестивалот во Савана, Вирџинија. Турнејата продолжува низ неколку американски градови, а јавноста ќе може да ја следи преку медиумите и официјалните канали на филмот.

  • Вечер на саксофон и пијано во КИЦ – Скопје: Лазар Соколов и Емилија Кабранова Филипова

    Дуо-концерт со дела од Клод Болинг, Димитрије Бужаровски, Роже Бутри, Јана Андреевска, Роберто Молинели и Педро Итуралде во салон 19:19 Време и место: 🗓 4 ноември 2025 (вторник) 🕖 19:19 часот 📍 Културно Информативен Центар – Скопје, салон 19:19 На 4 ноември 2025 година, со почеток во 19:19 часот, во салон 19:19 на Културно Информативен Центар – Скопје, ќе се одржи концерт за саксофон и пијано на Лазар Соколов и Емилија Кабранова Филипова – двајца истакнати македонски музичари познати по својата виртуозност, емотивна длабочина и современ пристап кон класичниот израз. Публиката ќе има можност да ужива во програма составена од дела на Клод Болинг, Димитрије Бужаровски, Роже Бутри, Јана Андреевска, Роберто Молинели и Педро Итуралде – спој на француска елеганција, медитеранска експресивност и современа македонска уметничка мисла. Концертот претставува ретка можност да се чуе дијалог меѓу саксофонот и пијаното – разговор исполнет со енергија, суптилност и инспирација. Ве очекува вечер исполнета со музичка енергија, дијалог и современ звук што ги поврзува класиката и модерната интерпретација.

  • Година на опасно живеење - емпатијата како чин на одговорност

    Филмот на Питер Вир нè соочува со моралната цена на новинарството и прашањето: дали вистината без емпатија е само уште една форма на насилство? авторка: Лени Гелева; Година на опасно живеење е филм на брилијантниот Питер Вир (Пикник кај Хенгинг Рок, Последниот бран и Шоуто на Труман). Како и сите негови филмови во овој филм провејува некоја мистериозност како вел на вештачки чад која остава чувство на немир. Во филмот е собран одличен кастинг со Линда Хант која толку успешно го доловува ликот на машкиот кинеско-австралиски фотограф Били Кван, што после тоа се прашувате дали се тоа различни личности кога игра женски улоги. Мел Гибсон во своите најдобри години, кој го игра австралискиот новинар Гај Хамилтон, со див и гладен поглед на новинар кој сакаа да успее, носејќи ги своите западни предрасуди со себе и Сигурни Вивер во улога на британски дипломатски аташе по успехот со „Осмиот патник“. Линда Хант добива и Оскар за најдобра споредна женска улога во 1984 година —првпат жена да освои Оскар за толкување на машки лик. Дејствието е сместено за време на немирите во Индонезија, пред падот на претседателот Сукарно. Една од носечките теми во филмот е судирот помеѓу западниот и источниот светоглед. Гај Хамилтон, доаѓа со наивна верба дека ќе ја открие вистината. Но постепено сфаќа дека западната објективност е илузија — секоја новинарска приказна е под влијание на интересите на големите сили. Исто така проблематични се неговите експлоататорски методи како доаѓа до таа вистина. Тој не доаѓа како човек кој сака да разбере туѓа култура, туку како набљудувач кој ја гледа земјата како „приказна“, а не како реалност полна со живи луѓе. Тој ја користи блискоста со Били Кван, кој му обезбедува пристап до информации и до луѓето од сиромашните квартови, но тоа го прави од професионален интерес, не од сочувство. Кван го поддржува Хамилтон во почетокот, верува дека тој може да известува со сочувство и интегритет, но подоцна гледа дека Хамилтон ја користи сиромаштијата како материјал за своја кариера. Со Хамилтон, Питер Вир покажува дека потрагата по вистината може да стане чин на насилство, ако не е заснована на емпатија и одговорност. Ликот на Били Кван е мост меѓу два света: роден во Азија, школуван на Запад, и постојано во внатрешна борба — дали да верува во западниот рационализам или во источната духовност и сочувство. Џил Брајант ја симболизира британската дистанца, ладен прагматизам, кој на крај сепак се урива под тежината на човечката драма. Филмот ја поставува дилемата: дали Западот навистина може да разбере што се случува во источните земји, или гледа на нив само низ призма на сопствената политика и амбиции?   Улиците на Џакарта се прикажани преполни со луѓе кои просат, кои делуваат како духови, додека западните новинари и дипломати седат во климатизирани барови, зборувајќи за револуција со пијалок во рака. Уште на почетокот на филмот кога Хамилтон доаѓа во Џакарта тој залутува во една сиромашна населба, Кван му предлага да ги донира сите свои пари на сиромашните како што тоа го направил Толстој еднаш. Хамилтон на тоа одговара дека со тоа нема да смени многу, и дека би било само капка во океанот. Тој смета дека како новинар не смее да се вмешува, додека пак Кван мисли дека човек не треба да мисли на големите проблеми, туку треба да направи нешто за несреќата што е пред него. Подоцна ќе ги опише луѓето зафатени од глад на островот Ломбок како лица на опседнати луѓе, што не можете да ги заборавите како кошмари кои се повторуваат, со празни безживотни очи, кои се движат со испружени раце како месечари низ агонијата на гладта. Кван се разочарува од Хамилтон кога сфаќа дека тој е спремен да ја жртвува безбедноста на другите заради добра приказна или како што ќе запише во досието што го води за него: „ја злоупотреби својата позиција како новинар и се навлече на ризик“. Уште ќе запише дека тој ја фетишизира својата кариера и дека врските му се краткотрајни од страв дека ќе му ја загрозат неговата професионална амбиција.  Тој толку го идолизира Хамилтон и му помага да ја оствари својата амбиција, што дури е разбирливо што е одбрана жена да го глуми ликот на Кван. На крајот, „Година на опасно живеење“ не е само филм за еден новинар, ниту за еден политички преврат. Тој е филм за совеста, за тенката линија меѓу набљудувањето и соучесништвото, меѓу амбицијата и сочувството. Во секоја сцена се чувствува невидливата магла на вина, што се шири како чад над Џакарта, потсетувајќи дека вистината никогаш не е чиста, а неутралноста секогаш има цена. Хамилтон сака да види и да разбере, но го мери светот со погрешен аршин. Наспроти него, Били Кван, мал, речиси незабележлив, а сепак најголем лик во филмот, го носи на своите рамења она што им недостига на сите околу него: способноста за сочувство. Питер Вир нè остава без одговор, само со чувство на немир,истото чувство со кое започнува филмот. Во свет во кој веста вреди повеќе од вистината, Вир нè потсетува дека емпатијата е единствената форма на отпор. Лени Гелева, фотограф , е една од најважните имиња во современата македонска фотографија и важен глас на домашниот визуелен идентитет. Има работено на филмови, десетици групни и самостојни изложби, во последните две децении. Таа е страстен филмски фан, која се прелева во филмската критика.

  • Музејот на графити слави 6 години со нова изложба „Origins“ за време на Miami Art Week

    Музејот на графити -неодамна прогласен од U.S. News & World Report за еден од најдобрите музеи во САД, годинава ја одбележува својата шеста годишнина со нова, полу-постојана изложба насловена „Origins“, која го следи настанувањето и еволуцијата на графити-движењето: од улиците и подземните железници на Њујорк во раните седумдесетти, до неговиот статус на глобално призната и легитимна уметничка форма. Посетителите на „Origins“ ќе влезат преку реконструирана вintage железарија, замислена како временска капсула што ги пренесува во периодот кога графитите беа чисто DIY-уметност создадена со индустриски материјали и импровизација. Овој имерзивен вовед во изложбата воедно функционира како вистинска продавница за боја, снабдена со Rust-O новата линија спреј-бои на Rust-Oleum специјално создадена за уметници, со што се означува значаен напредок во однос на старите денови на уличното експериментирање. Еден од централните моменти во „Origins“ е презентацијата на оригинални слики од членовите на колективот United Graffiti Artists (UGA) : PHASE2, FLINT 707, SNAKE 1 и COCO144 кои не биле изложени уште од нивниот историски деби настап во 1973 година, кога графитите за првпат влегле во галериски простор. „Пронаоѓањето на вакви ретки артефакти отсекогаш беше дел од нашата мисија да ја споделиме вистинската историја на графитите на најавтентичен начин“, изјави Алисон Фрејдин, ко-основачка на Музејот на графити. Современата димензија на оваа приказна се прикажува преку голема самостојна изложба на меѓународно признатиот уметник JonOne (John Andrew Perello). Неговиот проект „El Tiguere“ , термин од доминикански уличен сленг што означува издржливост и бунтовна енергија, ја одразува трансформацијата на авторот од харлемски тинејџер што цртал возови, до светски афирмиран сликар со париско ателје. Преку динамичните линии и експлозивната палета, JonOne ја пренесува приказната за издржливост, отпор и уметнички подем. За првпат во Мајами, Музејот ќе вклучи и активна уметничка работилница, во која JonOne ќе создава дела во живо, пред публиката. На денот на отворањето, посетителите ќе можат да присуствуваат на перформанс во реално време, во кој уметникот ќе го трансформира просторот со својот препознатлив ритам и стил. „Го следам Џоновиот уметнички пат уште од 1980-тите во Њујорк и сè уште се восхитувам на тоа што го постигна со својот препознатлив потпис. Она што некогаш беше осудувано, денес го славиме како чиста уметничка генијалност“, вели Алан Кет, ко-основач и куратор на Музејот на графити. Тродневната прослава на отворено ќе се одржи од 3 до 5 декември, поврзувајќи ги Museum of Graffiti, The Art of Hip Hop и The Private Gallery со една заедничка влезница. Повеќе информации: museumofgraffiti.com

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page