Резултати од пребарување
1178 results found with an empty search
- Слушачка промоција на „Јоруклук“ – авторскиот албум на Елена Баклава
На 1 јули во Бифе Тафталиџе Во понеделник, 1 јули, со почеток во 20:30 часот, во Бифе Тафталиџе ќе се одржи премиерната промоција на албумот Јоруклук – првото целосно авторско остварување на Елена Христова, позната како фронтменка на групата Баклава. Албумот, објавен под името Елена Баклава, е резултат на повеќегодишно истражување и лично ангажирана посветеност. Инспириран е од јуручката култура во Македонија, тема која Христова ја проучува и антрополошки, и музички. Настанот ќе понуди ексклузивно преслушување на албумот, а ќе бидат презентирани и CD и винил изданијата, заедно со видео премиера на песната што го отвора албумот. Според најавата, албумот Јоруклук е интимна приказна за идентитетот, сеќавањето и гласот што минува низ времињата – и сè уште пее. Христова за првпат ќе ја раскаже приказната за создавањето на албумот – од теренското истражување, преку композицијата, до неговата продукција. 🎧 Настанот е отворен за сите. Влезот е слободен. 📍 1 јули | 20:30 | Бифе Тафталиџе, Скопје
- Во време на заглушување: „Штефица Цвек“ 2025 и книжевниот избор како отпор
Регионалниот квир-феминистички книжевен проект објави список на 22 наслови што ја прекројуваат мапата на ангажирана литература Во ,,интересни времиња” - кога тишината станува стратегија на моќ, а активистичките повици и манифести почнуваат да се слејуваат во маркетинг флоскули, книжевниот избор „Штефица Цвек“ повторно се јавува како простор за гласност, отпор и критичко читање. Колективот „Бунтовни читателки“, составен од книжевни работнички и активисти од регионот, го објави поширокиот избор за 2025 година — листа од 22 дела објавени на македонски или на еден од БХСЦ јазиците во 2024 година, кои се издвојуваат по тематска смелост, квир сензибилитет и литерарна сила. Оваа година, „Штефица“ крои избор во услови што жирито ги нарекува „вонредни“: за време на политичко насилство, општествено заглушување и напад врз критичката мисла. Со изборот, таа испраќа солидарна порака до активистите во Србија и пошироко, но и ја потврдува мисијата на иницијативата: книжевноста не е прибежиште, туку терен за дејствување. „Свесни сме дека оваа вест можеби ќе помине тивко, но не се одрекуваме, токму затоа што и оваа листа е дел од дискурсот кој именува, книжевноста што не се плаши и гласовите што не се купуваат… Потсетуваме дека денес не е доволно само да се чита, туку и да се биде со другите, гласно и гневно, заедно надвор. Борбата продолжува.“ — од соопштението на жирито Започната како независна иницијатива во 2021 година, оваа книжевна селекција го носи името на јунакињата од култниот роман на Дубравка Угрешиќ, и од тогаш гради феминистичко-квир канонско јадро во книжевноста на регионот. Наместо една награда, „Штефица“ работи по модел на колективно истакнување — листа на дела што ги гледа како значајни, не само по литературна вредност, туку и по начинот на кој го разбираат светот. Процесот се одвива преку два круга на жири: Првото жири: Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ Вториот круг (кој ќе ја состави финалната селекција): Ивана Дражиќ, Марија Бошковска и Матеј Вребац Повеќе од 100 наслови беа номинирани оваа година, а жирито го сведе изборот на 22 дела – романи, збирки поезија и раскази, книги за деца и млади, графички романи. Во него се најдоа: Румена Бужаровска со ТОНИ – роман што ги надминува границите на интимното и се соочува со заедничките живеени искуства. Кица Колбе, Простување – книжевна размисла за губење, покајание и преиспитување. Билјана С. Црвенковска со роман за деца Приказни од Ѕунливото Море – потсетник дека и детската литература може да биде ангажирана. И авторки и автори од Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, кои отвораат теми како трансгендерност, автофикција, општествено насилство и телесно искуство. Во интегралното соопштение, жирито нуди и храбар увид во состојбата со книжевната продукција: „Во голем број случаи стануваше збор за почетнички збирки или поезија што го исполнуваше критериумот за феминистичка ангажираност, но не беше доволно комплексна за да влезе во поширокиот избор… Дел од книжевната заедница која номинираше книги ги занемари примерните критериуми…“ Според жирито, ангажираноста не смее да биде само декларативна. Потребна е авторска храброст, стилска инвентивност и способност да се обработат чувствителни теми со длабочина. Во спротивно, остануваат празни гестови, без уметничка тежина. Целосен список на избраните 22 наслови: Билјана С. Црвенковска, Приказни од Ѕунливото Море (ИД-Концепт / Чудна шума, роман за деца) Даниела Репман, Столица без наслон (Treći trg, роман) Данка Ивановиќ, Омразени куќи (Партизанска книга, роман) Драган Великиќ, Виенски роман (Лагуна / Meandermedia, роман) Калина Малеска, Светот што го избрав (ИЛИ-ИЛИ, роман) Катарина Митровиќ, Сите добри Барбики (PPM Enklava, роман) Кица Колбе, Простување (ИЛИ-ИЛИ, роман)Корана Свилар, Соба за девојчиња (Фрактура, роман) Лука Козина, Бегство од телото (Buybook, поезија) Луција Тунковиќ, Папочна врвца (Фрактура, роман) Мак Маслаќ, Како се кршат чинивчиња (Durieux, поезија) Марина Вујчиќ, Сигурна куќа (Фрактура / Лагуна, роман) Марја Андријашевиќ, Рибарска лига (Oceanmore, збирка раскази) Михаела Шумиќ, Човек волк (Imprimatur, роман) Моника Стојановска, На крајот сѐ ќе биде како што треба (Полица, поезија) Нада Душаниќ, Пловидба низ забранети теми (Raštan издaвaштво, роман) Натали Спасова, Не ѝ верувај на баба ти (Скоро Театар, збирка раскази) Оља Кнежевиќ, Страда фортуната ( Hena.com , роман) Румена Бужаровска, ТОНИ (ТРИ, роман) Тања Ступар Трифуновиќ, Долж остар нож лета птица (Лагуна, роман) Фрањо Нагулов, Крвава книга (Durieux, 2024). Јосип Чекољ, Доба на бескорисните умници (HDP, поезија) Книжевната награда е и жесток одговор на тивките норми, на конвенциите на „пристојна“ книжевност, и на потребата да се задоволи пазарот. Тоа е форма на женско, квир и критичко читање што не бара дозвола – туку крои сопствен модел. Во услови на заглушување, оваа листа се појавува како глас што не се извинува и не моли за простор – туку го зазема. Соопштението во целост: Во време на заглушување – книжевен отпор: Донесен е поширокиот избор на „Штефица Цвек“ за 2025 година Во време на заглушување – книжевен отпорДонесен е поширокиот избор на „Штефица Цвек“ за 2025 година Почитувани претставници на медиумите, Со задоволство ви го пренесуваме во целост соопштението на првата жири комисија која го донесе поширокиот избор за овогодинешната книжевна селекција „Штефица Цвек“. Се надеваме дека ќе го пренесете преку вашите платформи за јавно информирање. Со почит, Колективот на Бунтовни читателки *** Книжевниот избор „Штефица Цвек“ оваа година се одвива во услови кои не можеме да ги наречеме ништо помалку од вонредни. Кога поводите за бес и револт се многубројни, ги поместуваме своите тела, глас и гнев на улица, таму каде што политиката се сретнува со вистинскиот живот. Го споделуваме поширокиот круг на „Штефица Цвек“ во солидарност со нашите пријател(к)и од Србија кои моментално минуваат низ бран на политичко насилство, отпор и мобилизација. Свесни сме дека оваа вест можеби ќе помине тивко, но не се одрекуваме, токму затоа што и оваа листа е дел од дискурсот кој именува, книжевноста што не се плаши и гласовите што не се купуваат. Не се одрекуваме од она што го работиме ниту кога е најгусто, убедени дека токму во ваквите моменти го градиме континуитетот на критичките културни практики. Во време на заглушување на сиот разум, остануваме непокорни, и потсетуваме дека денес не е доволно само да се чита, туку и да се биде со другите, гласно и гневно, заедно надвор. Борбата продолжува. *** Штефица Цвек оваа година, по четврти пат , продолжи да го крои регионалниот феминистички и квир избор што го носи нејзиното име. За изработка на моделот, потребно беше да се обезбеди материјал од корпусот на сите книжевни дела првпат објавени на БХСЦ или на македонски јазик во текот на 2024 година. Бидејќи „штофот“ навистина беше обемен – над 100 книги номинирани од регионалната книжевна заедница – книги од областа на прозата, поезијата, драмата, литературата за деца и млади, графички романи и други книжевни жанрови – Штефица мораше поширокиот избор да го сведе на 22 наслови , за кои може да се каже дека се квир-феминистички и уметнички развиени. Што се однесува до техниката на работа на Штефица за својот крој, како и во претходните две години, таа состави тим од два жири круга. Првото жири – кое оваа година го сочинуваа Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ – ѝ помогна на Штефица да го евалуира изобилието од книжевен материјал и да го прекрои во список од 22 наслови, кој се наоѓа подолу во овој текст. Потоа, вториот круг жири – сочинето од Ивана Дражиќ, Марија Бошковска и Матеј Вребац – го презема кројот составен од 21 книга со цел да го сведе на финалниот книжевен избор. Крајниот модел е ист како и претходните години – треба да се добие, наместо една наградена книга, збир од неколку квалитетни и естетски остварени дела со феминистички, квир или друг општествено ангажиран карактер, за кои Штефица, заедно со своите кројачки, смета дека треба да бидат истакнати. Сепак, засега е важно да се истакне дека Штефица и првиот круг жири ги избраа насловите од поширокиот избор , од кои ќе се крои крајниот модел. Станува збор за следниве книги: Билјана С. Црвенковска, Приказни од Ѕунливото Море (ИД-Концепт / Чудна шума, роман за деца) Даниела Репман, Столица без наслон (Treći trg, роман) Данка Ивановиќ, Омразени куќи (Партизанска книга, роман) Драган Великиќ, Виенски роман (Лагуна / Meandermedia, роман) Калина Малеска, Светот што го избрав (ИЛИ-ИЛИ, роман) Катарина Митровиќ, Сите добри Барбики (PPM Enklava, роман) Кица Колбе, Простување (ИЛИ-ИЛИ, роман)Корана Свилар, Соба за девојчиња (Фрактура, роман) Лука Козина, Бегство од телото (Buybook, поезија) Луција Тунковиќ, Папочна врвца (Фрактура, роман) Мак Маслаќ, Како се кршат чинивчиња (Durieux, поезија) Марина Вујчиќ, Сигурна куќа (Фрактура / Лагуна, роман) Марја Андријашевиќ, Рибарска лига (Oceanmore, збирка раскази) Михаела Шумиќ, Човек волк (Imprimatur, роман) Моника Стојановска, На крајот сѐ ќе биде како што треба (Полица, поезија) Нада Душаниќ, Пловидба низ забранети теми (Raštan издaвaштво, роман) Натали Спасова, Не ѝ верувај на баба ти (Скоро Театар, збирка раскази) Оља Кнежевиќ, Страда фортуната ( Hena.com , роман) Румена Бужаровска, ТОНИ (ТРИ, роман) Тања Ступар Трифуновиќ, Долж остар нож лета птица (Лагуна, роман) Фрањо Нагулов, Крвава книга (Durieux, 2024). Јосип Чекољ, Доба на бескорисните умници (HDP, поезија) Оваа година, како и претходните две, за изборот можеа да конкурираат сите книжевни дела што првпат се објавени во 2024 година на БХСЦ или македонски јазик, без оглед на нивниот жанр. Навистина, номинираните книги беа исклучително разновидни по форма, тема, стил и жанр, но првиот круг жири забележа неколку разлики во минатогодишната книжевна продукција во однос на претходните години. Првата и најочигледна е доминацијата на прозата над поезијата. Се добива впечаток дека изминатата година, кога станува збор за поезијата, беше продукциски послаба, што можеби звучи парадоксално, бидејќи беа објавени доста поетски збирки. Сепак, во голем број случаи стануваше збор за почетнички збирки или поезија што го исполнуваше критериумот за феминистичка ангажираност, но не беше доволно комплексна за да влезе во поширокиот избор на Штефица. Второ, првиот круг жири забележува трендовска ангажираност кај поширокиот избор на номинирани книги, односно насилно вметнување на привидно феминистички или прогресивни теми, без критичко преиспитување и оправдување на нивното присуство во конкретното дело. Освен тоа, недостигаат уреднички интервенции кои би ги зацврстиле дури и најквалитетните книги во изборот. Книгите што се храбри по тематика и форма, често се одликуваат со репетитивност, со елементи што добар уредник би ги „фатил“ и спречил книгата да се разводни во клучните моменти. Конечно, недостигаше и поголема смелост за пишување надвор од „пристојното“ и „безбедното“, односно повеќе острина и слобода за што како читатели можеме да се закачиме, нешто свежо и автентично. Тоа беше особено впечатливо кај поезијата, која парадоксално овозможува можеби најголема слобода за пишување надвор од познатото. Затоа е неопходно повторно да се преиспитаат и разгледаат критериумите на Штефица, кои во својата суштина се квир – отворени, нестабилни, непредвидливи и бескомпромисно политички. Генерациската проза дефинитивно исплива како можеби најдоминирачка подврста на прозата, но во неа често се препознаваше отсуство на јасен критички осврт. Припаѓањето на одредена генерација само по себе не беше доволно, и неретко книгите што се потпираа на тој сегмент беа стереотипни, затворени во сопствени обрасци и во секој случај помалку достапни за пошироката читателска публика. Најдобрите примери на генерациска проза, кои го најдоа своето место во поширокиот избор, не се задржуваа само на идиосинкратичното искуство на нивните јунакињи/јунаци, туку на интелигентен начин го испитуваа односот на поединката со нејзината околина и општеството. Уште еден важен увид се однесува на критериумите за номинација – во некои случаи се добива впечаток дека дел од книжевната заедница која номинираше книги ги занемари примерните критериуми на селекцијата. Тоа нè наведе повторно да се запрашаме: дали доволно јасно дефиниравме што всушност претставува изборот „Штефица Цвек“? Тој не тежнее да ги избере „најдобрите“ книги според однапред зададени мерила, туку ги бара оние што се издвојуваат по тематска смелост, стилска иновативност и авторска храброст. Во конкуренција имаше доста книги што формално исполнуваа некои од тематските критериуми, но потфрлија речиси на сите други полиња. Исто така, ни се чини дека нашата определба ниеден книжевен род или жанр да не биде исклучен од разгледување за изборот не беше доволно јасна во сите аспекти, и ни е жал што не добивме повеќе предложени книги за деца и млади. Сепак, во сето тоа успеавме да ги пронајдеме оние книги кои навистина вреди да се истакнат – книги во кои е видлива авторска посветеност, раскажувачко умеење и способност да се обработуваат важни и чувствителни теми на начин што им е близок на читателите. Во поширокиот избор се наоѓаат книги што непретенциозно си поигруваат со востановените норми, не се плашат да бидат или да создадат несимпатични, сложени ликови; атмосферични книги што ве вовлекуваат во својот свет само за подоцна да ги изневерат вашите очекувања – но успеваат да ве задржат во доменот на непријатните теми, повикувајќи ве да размислувате надвор од рамките и да откриете нови начини за полесно поднесување на неизвесноста од светот што нè опкружува.
- Градот како сцена: Како архитектурата станува катализатор за културна трансформација
Во петок, на 28 јуни, со почеток во 20 часот, киното на Железничката зграда ќе стане место на инспирација, дијалог и визии за урбана иднина. Во рамки на проектот „Градот како сцена: еколошки иднини“, организацијата Факултет за работи што не се учат го најавува јавното предавање на реномираните архитекти Миодраг Куч и Конрад Браун, под наслов „Ре-адаптација на културните чинители“. Двајцата архитекти доаѓаат од срцето на Берлин, каде што работат на револуционерни трансформации на јавниот простор – не само како физички туку и како општествено и културно ткиво. Нивното предавање ќе прикаже два клучни примери: ZK/U (Zentrum für Kunst und Urbanistik) и Haus der Statistik, објекти кои прераснуваат од запуштени згради во живи центри на заедничко делување, уметност и урбана солидарност. Просторот како платформа за заедништво ZK/U, стара индустриска зграда, под раководство на Миодраг Куч, денес е повеќе од уметничка резиденција – тоа е лабораторија за урбана трансформација преку културни практики. Наспроти тоа, HDS, како модел на административно-културна хибридност, е пример за тоа како може да изгледа општествено одговорен урбанизам, каде културата и јавната управа делуваат заедно. Преку конкретни процеси на реадаптација, Куч и Браун не нудат само архитектонски решенија, туку визија за тоа како просторот станува катализатор за колективна промена. Архитекти на новиот јавен дух Миодраг Куч, познат по својата трансдисциплинарна работа, комбинира уметност, урбана теорија и социјална работа. Како програмски директор на ZK/U, тој развива критичка урбана педагогија и модели на самоорганизација на локално ниво. Преку одделот ZEDucation, тој работи на прашања поврзани со архитектура, театар и урбани политики. Конрад Браун, ко-основач на openberlin e.V., се залага за партиципативен пристап кон урбан развој. Неговиот фокус е ставен на модели на недвижности управувани од заедницата – како практичен одговор на експлоататорскиот урбанизам. Неговата работа во Haus der Statistik покажува како јавниот интерес може да биде столбот на градската трансформација. Просторот не е празен – тој зборува Настанот е дел од пошироката програма на „Градот како сцена“, продукција на Лабораторијата за просторно-изведувачки практики, во рамки на АКТО фестивалот. Поддржан од Гете Институт Скопје, ARCH+, Архитектонскиот факултет – УКИМ, и бројни меѓународни партнери, проектот носи во Скопје критички гласови и практики кои градот го третираат како сцена за еманципација. Проектот е поддржан од Програмата за култура на Швајцарската амбасада во Северна Македонија.
- „Парадоксот на Грејсленд“ во МСУ: Вежба на имагинација во време на криза
Изложбата која ја заокружува летната програма на КРИК 2025 отвора простор за дијалог меѓу уметноста и неизвесната иднина Како изгледа светот по катастрофата – или токму на работ од неа? Дали е можно, од урнатините на климатската нестабилност, политичките парализи и технолошкото отуѓување, да се роди ново општествено ткиво? И ако е така – со какви алатки, со какви тела, и со какви материјали? На овие прашања не се даваат дефинитивни одговори, туку се испишуваат можни сценарија во „Парадоксот на Грејсленд: Навигирајќи ја неизвесноста“, изложбата што ќе се отвори на 25 јуни во Музејот на современа уметност во Скопје. Курирана од Лидија Хацијакову од Солун, изложбата ја заокружува летната програма на КРИК 2025 – платформа која веќе неколку години наназад артикулира храбра, понекогаш и непријатна критика кон општествениот статус кво, преку уметнички гестови и културна конфронтација. Изложба во три дејства: гледање, движење, учество Настанот започнува со отворање во 20:00 часот, проследен со курурано водење и дискусија – но не станува збор за класично разгледување. Уште со самиот наслов, „Парадоксот на Грејсленд“ отвора терен на сличнословен судир: идеализираното засолниште (Graceland) станува поле на неизвесност, каде што уметниците ја спојуваат пропаста со надежта. Делата на Фани Будуроглу, Рања Емануилиду, Лиа Псома и Билал Јилмаз не се сведени на естетски објекти – тие се жива материја, истовремено сведоштва за постоечките кризи и алатки за имагинација на иднината. Користејќи биопластика, кристализирана хартија, глина и ризоми, нивните дела предизвикуваат традиционалните бинарности: човек/нечовек, природа/машина, отпор/контрола. Просторот станува лабораторија – не како метафора, туку како конкретно место каде експериментирањето е форма на отпор. Хибридни фигури за хибриден свет Во центарот на изложбата не се хероите, туку хибридите: човечки, нечовечки, пост-индустриски тела и пејзажи што не припаѓаат ниту на утопија, ниту на дистопија – туку на нешто меѓу. Работите на Будуроглу, Емануилиду и Псома не прават хиерархии меѓу кризите – тие се заплеткани. Климатскиот колапс, раселувањето и технолошкото отуѓување не се засебни феномени, туку различни манифестации на истиот капиталистички ќорсокак. Во нивните дела, фигурите не се поставени во идилични пејзажи, туку во недефинирани услови – помеѓу траумата и можноста. Наместо да ни кажат што да мислиме, тие ни покануваат да размислуваме: Што би било да одлучиме дека постојат и други начини на живеење? И, поважно, како би изгледале тие начини? Социјална акција како уметничка практика Гостин во изложбата е турскиот уметник Билал Јилмаз, чие дело го проширува дискурсот преку политичка акција и колективно искуство. Од протести на улиците во Истанбул, па сè до локалните мобилизации во Скопје, Јилмаз со својата пракса повикува на будност, против манипулацијата на сликите и медиумите. Неговото дело е материјално, но не е тивко. Тоа повикува. Изградено од звук, сенка, движење – и веројатно и нешто немерливо, нешто што се пренесува како импулс низ телото на гледачот. „Лабораторија“ на можни иднини Во срцето на изложбата е замислен и реализиран просторот „Лабораторија“, активен пункт каде се покажува – а не само раскажува – уметничкиот процес. Тоа е простор на трансформација: материјали кои не се завршени, туку стануваат. Оваа лабораторија е повик за учество, соучесништво, и за преиспитување: не само на она што го гледаме, туку и на начинот на кој гледаме, доживуваме и замислуваме. Уметноста тука не е декор, туку инструмент на имагинацијата, која пак е првиот чекор кон политичка промена. Кој зборува? Со кого? По курураното водење, следува модерирана дискусија со учество на самите уметници и Владимир Јанчевски (МСУ), Ана Микоњати (Нац. музеј на современа уметност, Атина) и Тули Мисироглу (MoMus). Разговорот го модерира самата кураторка Лидија Хацијакову, чие долгогодишно искуство ја позиционира меѓу најзначајните фигури на медитеранската сцена на ангажирана уметност. Изложбата е поддржана од MOMus, Министерството за култура и туризам на С. Македонија, и Амбасадата на Република Грција во Скопје – а дел е од поширокиот европски проект Re-Imagining Europe. „Парадоксот на Грејсленд“ не нуди утеха, ниту носталгија. Не се обидува да нè убеди дека сè ќе биде во ред. Но тоа и не е нејзината мисија. Таа покажува дека постојат алтернативи, дека кризата не мора да биде крај, туку точка на одвивање – на нови гестови, нови фигури, нови релации.
- „Состојбата на нештата - Возила“ на Наташа Гелева пристигнува во Струга: фотографии за распадот и присуството
Изложбата „Состојбата на нештата - Возила“ на фотографката Наташа Гелева ќе биде поставена во фоајето на Н.У. Центар за култура ,,Браќа Миладиновци” во Струга во 19 часот. Станува збор за внимателно избрана серија од околу 30 фотографии во формат 30x45 см, создадени низ неколку години континуирана работа и набљудување. Доследна на нејзината перспектива која го слави чудното и чудноватото, традиционалниот пристап кон автомобилската фотографија, каде возилата се во центарот на вниманието, фетишизирани и сексуализирани како проекција на машкиот поглед на сопственото либидо, симболи на брзина, моќ, Гелева нуди тивка, но моќна контрапозиција. Возилата во нејзините кадри не се субјекти на обожување, туку дел од пејзажи што сведочат за распад, запоставеност и минливост. Понекогаш замрзнати во состојба на полуисчезнатост, како слеани со сопствената околина, овие објекти стануваат носители на тишината — на сѐ она што некогаш било, и веќе не е. Преку „Состојбата на нештата - Возила“, Гелева продолжува да ја истражува естетиката на отпаднатото, она што е оставено, одминато, потценето или едноставно заборавено. Во овој серијал, уметницата наоѓа радост во напукнатоста на времето, а во распаднатите возила — документ за еден животен циклус, за отфрлените машини како отелотворување на човечкиот страв од сопствената непотребност. Нејзиниот фотографски јазик останува посветен на апсурдот како уметничка истина, каде предметите зборуваат тивко, но со длабока емоционална резонанца. Сашо Насковски за „Возила“: Смртноста како визуелна тема Во критичкиот осврт на изложбата, Сашо Насковски пишува: , „Понекогаш се чини дека уметникот следи една тема во текот на својот живот и таа се манифестира во различни форми. Гледајќи ги изложбите Елегија за старата железничка, Хомо натура – хомо технологикус, Излишно, видеото И фабриките имаат душа – се провлекува заедничка нишка: смртноста, ефемерноста, ранливоста, емпатијата кон отфрленото, деструктивната сила на конзумеризмот.“ Насковски ја чита „Состојбата на нештата - Возила“ како естетска елегија за еден свет кој умира полека — не во експлозија, туку во тишина. Возилата не се прикажани како симболи на моќ, туку како сведоштва за употреба, истрошеност и неважност, за краткотрајната слава на предметите (и луѓето) во современото општество: „Во серијава не се гледаат скапи или нови автомобили. Сликите се на стари, отпаднати возила, често прикажани како дел од околината, слеани со неа. Фотографиите не се посветени на деталите од машината, туку на целината – односот помеѓу објектот и неговиот контекст. Така, автомобилот станува метафора за телото, за истрошеноста, за поминувањето.“ Оваа симбиотска врска помеѓу возилата и нивната околина е во срцето на изложбата. Насковски додава: „Понекогаш возилата се толку камуфлирани што стануваат тешко препознатливи – дел од пејзажот, а не централен објект. Таа избалансираност ја избегнува експлицитната моќ на просторот и го нагласува контекстот како коавтор.“ Апсурдизмот како отпор и утеха Со „Возила“, Наташа Гелева ни го покажува светот што лежи покрај автопатот на интересот — оној свет што повеќето го гледаат, но не го забележуваат. Во распаднатите машини таа гледа метафора за живеењето: за тоа како нештата се користат, забораваат, и понекогаш, токму во својата запуштеност, стануваат најискрено убави.
- Импровизирана музика во Дуња: концерт на Додовски, Георгиевски и Спировски
Концерт на 29 јуни – амбиентален концерт без репетиција, само слободна звучна експресија од тројца авангардни македонски музичари На 29 јуни, во просторот на Социјалниот центар Дуња, ќе се одржи музички настан кој нема намера да се вклопи – ниту во жанровски рамки, ниту во однапред дефинирани очекувања. Наместо репертоар, постои само состанок. Наместо сет-листа – моментална интеракција. Најавен е концерт на импровизирана музика, во кој ќе учествуваат тројца автори што се движат по различни траектории, но се допираат во точката на слободното истражување на звукот: Димитар Додовски, Мартин Георгиевски и Нинослав Спировски. Настанот ќе започне во 20:00 часот, а влезот е со препорачана донација за артистите. Тројца музичари еден заеднички музички простор Соработката помеѓу Додовски, Георгиевски и Спировски не е резултат на претходен бенд или заедничка платформа – туку на нивното вкрстување во просторот на звучната авангарда, на амбиенталните текстури и на отворените, неформирани структури што настануваат во моментот. Ова не е настап што се репетира или може да се репродуцира. Тоа е ситуација – создадена со внимание, слух и подготвеност да се одговори на туѓата гестура без да се покрие. Димитар Додовски, продуцент и визуелен уметник од Битола, делува под сопствено име, но и како дел од формации како Post Global Trio, Moss Garden, Dérive Dub и Private Mountain. Неговиот последен албум, Mineralmusik, го одбележува 20-годишниот јубилеј во музичкото творештво – маркантно присуство кое низ годините останува фокусирано на текстурата, просторноста и органската еволуција на звукот. Мартин Георгиевски, под псевдонимот Амплидајн Ефект, веќе повеќе од една деценија развива продукција што се движи на границата помеѓу амбиенталното, електроакустичното и концептуалното. Неговите изданија се достапни на bandcamp, но уште поинтересни се неговите живи настапи: на регионални фестивали како Похода (Словачка), Десонанз и Лајв Саундтрак (Белград), ToBe Continued (Италија), ПНЕМ Саунд Арт Фестивал (Холандија), како и на Скопскиот џез фестивал. Публиката го памети и од Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, Пост Глобал Трио, и други форми на спојување и распаѓање. Нинослав Спировски е еден од најинтензивните кларинетисти и саксофонисти на македонската сцена. Доаѓа од сензибилитетот на фри џезот, но делува далеку од стандардниот репертоар – неговото свирење е гест, исклучиво присутен во сега и тука. Застапува личен и оригинален пристап, што избегнува стилска украденост и повикување на икони. Освен со Светлост и Светлост + Одрон, учествувал во голем број колаборации, често и во спонтани, неконвенционални постави кои го впишуваат токму него како присуство кое ја прекинува хомогеноста. Импровизација како начин на постоење Што точно ќе се случи на 29-ти во Дуња? Никој – вклучувајќи ги и самите музичари – не може однапред да каже. Се работи за отворена звучна сесија, без зададена форма или нотиран материјал. Инструментите ќе бидат тука. Присуството ќе биде тука. Публиката ќе биде сведок и учесник во еден процес на слушање и одговарање. Како што велат самите уметници, во вакви средби нема простор за виртуозност, туку за чувствителност. Слични настани во минатото, како импров сесиите на Post Global Recordings или спонтаните настапи во подземните скопски простори, го отвораа прашањето: дали музиката мора да биде произведена или може едноставно да биде пронајдена? Додовски, Георгиевски и Спировски не бараат големи сцени, туку топли ѕидови и добар акустичен простор. Простор за ризик. Простор за недефинираност. Во времиња кога дури и алтернативната сцена често се сведува на реплики, рендгенски чисти сетови и copy/paste изведби – настани како овој се неочекуван и посакуван повик кон автентичност. Слушањето ќе биде чин на внимание, можеби и на интимност. Ова е еден од оние настани што се случуваат ретко – и уште поретко се документираат. Но токму затоа живеат долго во паметењето на оние што биле таму. Ако сакате да го слушнете звукот како се раѓа во мигот на својот настанок – без интервенција, без продукциска исполираност, без алтер его – знаете каде треба да бидете. 📍 29 јуни 2025, 20:00 часот 📌 Социјален центар Дуња, Скопје 🎟 Препорачана донација за артистите 🔗 Facebook event 🌐 www.ampeff.com 🎧 amplidyneeffect.bandcamp.com 🎧 dodovskidimitar.bandcamp.com
- Брајан Вилсон, 1942-2025: иноватор што ја дефинираше културата и го претставуваше будењето на поп музиката
Измачената, но брилијантна креативна душа и темелот на The Beach Boys засекогаш го промени начинот на кој уметниците и публикатa создаваат и конзумираат музика, помагајќи да се изгради еден неограничен нов свет со неговите разиграни поп песни. Автор: Марк Бомонт Неодамна, на 12-ти јуни 2025 година кога Брајан Ино напиша „ играта е начин на кој децата учат, уметноста е начин на кој возрасните играат“ , тој би можел директно да мисли на Брајан Вилсон. Темелот и современиот епитом на маченичкиот гениј на The Beach Boys, кој почина вчера (11-ти јуни) на 82-годишна возраст, на кој може да се сеќаваме во многу фази од неговото легендарно воздигнување, пад и повторно појавување. Младиот човек со залижана коса и карирана кошула на плажата Малибу во 1962 година, со раката околу сурфбордот заедно со неговите браќа и колеги од бендот. Осамената, проблематична фигура што ја пее „Surf’s Up“ на пијано во 1966 година. Незгодниот муабетџија од телевизиските интервјуа во 1970-тите. Насмеаниот поп-бог од неговата турнеја „Pet Sounds“ во 2002 година, вратен после децении депресија, зависност, изолација и борби со менталното здравје; или – како што видовме во документарниот филм на Брент Вилсон од 2021 година „Brian Wilson: Long Promised Road“ – исплашениот, збунет и осамен човек кој што го оставиле. Но, најдобро би било да го паметиме во неговиот несовесен врв: бос во песок, противпожарна кацига под опасен агол, чад од студискиот пожар што се шири околу неговото пијано. Ваквите студиски лудории често се наведуваат како чудни, тажни докази за психолошките проблеми на Вилсон, бидејќи неговите експерименти со дрога предизвикаа нервни сломови и биполарно шизоафективно нарушување што ќе го мачи со гласови во неговата глава до крајот на животот. Но, тие исто така го претставуваат најинспирираното и највлијателно будење на поп музиката; нескротлива, ако не и премногу кратка експлозија на звучна разиграност и авантура што ни даде некои од највозвишените музички дела од 60-тите години („God Only Knows“, „Wouldn’t It Be Nice“, опсесивно конструираната „тинејџерска симфонија до Бога“ „Good Vibrations“) и ја турна деценијата напред во голем скок. Инспирирајќи ги сопствените звучни истражувања на The Beatles на „Sgt Pepper…“, Вилсон беше американската половина од музичкиот голем тресок што го уништи ограничувачкиот стар свет на поп музиката и создаде неограничен нов. Вилсон е роден во Инглвуд, Калифорнија, на 20-ти јуни 1942 година, како прво дете на Одри Нева и стругарот кој стана текстописец Мури Вилсон. Покажувајќи вродена музичка надареност од рана возраст – имаше совршен слух и беше надарен со способност да учи по слух – тој настапуваше со соло точки во црковниот хор на седумгодишна возраст, пишуваше песни на 12, а ги водеше своите помлади браќа Карл и Денис во тесни хармонични делови инспирирани од вокалната група The Four Freshmen. За средношколски уметнички проект, тој формираше група наречена Carl And The Passions во која учествуваа Карл и неговиот редовен партнер за пеење, Мајк Лав; нивниот другар од училиште и музичар Ал Џардин ги гледаше импресиониран. Во 1961 година, по кусото студирање на Ел Камино Колеџ во Лос Анџелес, Вилсон ги формираше The Pendletones со своите браќа, Лав и Џардин; бендот беше преименуван во The Beach Boys од Candix Records пред нивниот прв сингл „Surfin’“, локален хит во Лос Анџелес. И покрај тоа што самиот не беше сурфер, во следните три години Вилсон и The Beach Boys ја дефинираа калифорниската култура и станаа американски поп феномен, издавајќи 10 албуми и серија безвременски хитови кои ги опејуваа вечните задоволства на автомобилите, девојките и сурфбордите: „Surfin’ Safari“, „Surfin’ U.S.A.“, „Fun, Fun, Fun“, „I Get Around“, „Help Me, Rhonda“, „California Girls“ и веселата берберска „Barbara Ann“. Сепак, гледајќи се себеси повеќе како фигура од зад сцената во стилот на Спектор – тој беше првиот поп-артист што пишуваше, изведуваше и продуцираше сопствена музика – Вилсон се чувствуваше непријатно на турнеи. Во декември 1964 година, под стрес од заканата на Битлманија, неговата сеопфатна улога во бендот и неговиот неодамнешен брак со Мерилин Ровел, тој доживеа нервен слом на лет од Лос Анџелес до Хјустон – првиот од три – и се повлече од свирење во живо со бендот. Од тој момент, The Beach Boys стана револуционерен предлог со два дела. Бендот, со басистот Брус Џонстон кој го замени Вилсон, продолжи да патува низ светот со диво воодушевување од тинејџерите, додека Вилсон се изолираше во студиото, компонирајќи се повеќе инвентивни и разработени песни за нив да ги снимаат по нивното враќање. Сè поголемиот интерес за филозофија, религија и дрога – „California Girls“ делумно беше напишана за време на првото ЛСД патување кое Вилсон го нарече „религиозно искуство“ кое „ми ја разнесе главата“ – предизвика амбициозен и интензивен креативен бран во студиската работа на Вилсон, кулминирајќи во албумот „Pet Sounds“ од 1966 година, елегантна, симфониска и интроспективна еволуција на звукот и темите на The Beach Boys, кој беше релативен неуспех при издавањето, но сега се смета за еден од најголемите поп албуми на сите времиња. Тука Вилсон го воведе прогресивниот поп и психоделијата, ја револуционизираше продукцијата на студиото како инструмент и стана една од водечките фигури на арт-рок движењето. Албумот го интензивираше пријателското трансатлантско ривалство помеѓу The Beach Boys и The Beatles, инспирирајќи ја групата од Ливерпул да експериментира уште повеќе со студиските техники на „Sgt Pepper's Lonely Hearts Club Band“ од 1967 година. Но, неговиот поразувачки недостаток на успех во САД, исто така, ја продлабочи паранојата и депресијата на Вилсон предизвикани од дрогата. Самостојниот сингл „Good Vibrations“, „џебна симфонија“ сложено склопена со огромни трошоци од десетици сесии и 90 часа лента, беше хит кој ја подигна поп-музиката како уметничка форма и го започна бранот на поп и психо-рок експериментирање од крајот на 60-тите години, но амбициозниот, авангарден арт-поп проект на Вилсон „Smile“ – сниман долго време среде студиски глупости како играње улоги, јадење моркови и сега веќе легендарната сесија за „Fire“ во која музичарите носеа противпожарни кациги, а во студиото гореше дрво – беше напуштен и остана незавршен до 2004 година. Вилсон остана креативниот центар на The Beach Boys и направи кратки, спорадични враќања во поставата во живо, но сè повеќе се изолираше од бендот во следните децении, станувајќи повлечен, затворен во спална соба, непродуктивен, повлечен за време на сесиите и зависен од прејадување, алкохол и кокаин. Уништен од продажбата на каталогот на The Beach Boys од страна на неговиот татко во 1969 година за само 700.000 долари – и последователната смрт на Мури во 1973 година – имаше периоди во психијатриска нега, обиди за самоубиство и предозирање. Во 1975 година, тој падна под надзор на психологот Јуџин Ленди, чија 24-часовна терапевтска програма првично го ревитализираше Вилсон. Но, вториот период под негова грижа во 1980-тите беше уште поконтролиран, бидејќи Ленди ја презеде улогата на менаџер, деловен партнер, соавтор и значаен креативен корисник на Вилсон, сè додека не беше отпуштен со судска забрана во 1991 година. Во текот на овие години имаше неколку обиди за „враќање“, вклучително и неговото учество во истоимениот албум на The Beach Boys од 1985 година, добро прифатен соло албум во 1988 година и соработка во 1995 година со текстописецот на „Smile“, Ван Дајк Паркс, насловена „Orange Crate Art“. Но, неговото најславна повторно појавување дојде со неговите оркестарски турнеи на албумите „Pet Sounds“ и „Smile“ во раните 2000-ти; емотивно наполнети концерти кои го вратија во центарот на вниманието по децении во сенка, нешто на што неговите милиони фанови одамна се откажаа да го видат повторно. Имаше славенички настап на Гластонбери во 2005 година, а до 2011 година повторно беше на турнеја со The Beach Boys, среде низа албуми на Вилсон од 21-от век и развојот на биографски филм од 2014 година, „Love & Mercy“. Вилсон честопати беше повеќе симболично отколку активно присутен на концертите, сепак, и неговото здравје продолжи да се влошува. Тој го одржа својот последен концерт во живо во Чикаго во 2022 година, седејќи „вкочането и без израз“ цело време, а во 2024 година беше објавено дека Вилсон боледува од деменција. Тој почина 18 месеци подоцна од сè уште неодредени причини, оставајќи зад себе наследство од поп симфонии вечни како божеството за кое ги пишуваше.
- Марија Бошковска ја освои Првата награда на Конкурсот „Тоде“ за најдобра детска песна
На 7 март 2025 година, во големата сала на Општина Охрид, се одржа свеченото доделување на наградите од Третиот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“. Настанот беше организиран од ЗПРКДУ „Креативна верига“ – Охрид, со поддршка од Општина Охрид, а публиката имаше можност да ужива и во изведби на песни од детскиот поет Тоде Илиевски, претставени од ученици од ООУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид. КОЈА Е МАРИЈА БОШКОВСКА? Марија Бошковска е современа македонска авторка која пишува за деца. Овој пат се истакна со песната „Во една шума чудесно чудна“, која ѝ ја донесе Првата награда на конкурсот „Тоде“ – признание што се доделува во чест на поетот за деца Тоде Илиевски. Песната е објавена во новиот број на електронското списание за литература и култура (е)Лит, каде може да се прочита во целост. ОСВРТ НА НАГРАДЕНАТА ПЕСНА: „Во една шума чудесно чудна“ Во една шума, чудесно чудна, мисла необично залудна остави една мала верверица будна. Стуткана под лисје златно едно прашање ѕуни гласно: ,,Како таа да лета? Да лета високо – ко комета?“ Се собраа сите, одговор се бара советници разни мудреци, бистрици, почитувани претставници какви има само во сказни. Прв збор зеде мешести Медо, но место одговор – ја погледна бледо: ,,Кај ќе леташ?“ – рече и додаде – ,,Не е таков редот!“ „Со ред и поредок никој не постигнал ништо!“ –зајадливо дофрли осамениот Волчко.„Пробај и скокни, можеби рацете ти се како крилја – силни, моќни!“ „А зошто сакаш да леташ?“ се огласи забести Зајко. „Светот е толку голем, а јас толку мала…Ох, што не би дала да го прелетам цел, да танцувам со облакот бел! Цветови, бобинки, семки, дренки да јадам,во далечни шуми дом да изградам…“ Ова ги засмеа сите. ,,Зар со соништа мегаломански, една ситна верверичка си ги троши дните?“ „Каква штета!“ – некој шепна. ,,Зар во оваа шума никој нема да каже паметна дума?“ Тогаш Лисицата, златноопашеста, се сети:„Можеби некоја птица од мед и пердуви може крила да ти сплети?“ Но... ниедна птица не може крила да вети. „Јас не знам крила да правам, мила,“ рече ластовичката тивко, ,,но на разни места сум била, под светкави сонца сум се свила. Далеку, еднаш, на југ, видов ко тебе силуета, што умее да лета!“ Од радост верверицата потскокна, на ластовицата бакнеж ѝ даде. Можеби крила нема, но сега има –барем надеж. Некаде,можеби дури и на друга планета, некоја мала верверица веќе лета. Песната на Бошковска е полна со живописни слики, динамичен дијалог и искрена детска љубопитност. Главната хероина – една мала верверица – сонува да лета, иако тоа не е во нејзината природа. Наместо да се соочи со осуда или потсмев, таа буди дебата меѓу шумските суштества, секое со своја логика и став. Стиховите се лесни за читање, музички обликувани, и со префинета доза хумор и емоција. Највредното во песната е токму последниот пресврт – не станува збор за тоа дали некој може да лета, туку за тоа дали некој ќе најде надеж, инспирација и поддршка. Песната на Бошковска е пример за тоа како детската поезија може да биде истовремено поетична, педагошка и актуелна, без да изгуби од топлината и магијата. НАГРАДЕНИ АВТОРИ: Прва награда: Марија Бошковска – „Во една шума чудесно чудна“ Втора награда: Светлана Котевска – „Бунт на природата“ Трета награда: Ружица Денковска – „Градинарска судница“ Жирито составено од Славе Ѓорѓо Димоски (претседател), Лилјана Пандева и Наташа Аврамовска, нагласи дека трите избрани песни се одликуваат со јасен израз, поетска чистота и способност да ги ангажираат и возбудат младите читатели. Конкурсот „Тоде“ станува значајна платформа за автори што создаваат за деца – и потсетник дека детската книжевност е сериозна уметност.
- Нападот на Израел врз Иран — последица, пресврт или почеток на нова регионална катастрофа?
Израел со масовен удар врз нуклеарните капацитети и воениот врв на Иран — дали светот влегува во нова ера на отворен конфликт на Блискиот Исток? Во петокот рано наутро, Блискиот Исток се разбуди во сосема нова геополитичка реалност. Израел изврши масовна воена офанзива врз Иран, таргетирајќи ја не само нуклеарната инфраструктура, туку и високите ешалони на иранската воена хиерархија. Во нападот беа убиени тројца од главните ирански безбедносни челници, а едновремено беа уништени и низа одбрани и инфраструктурни капацитети — вклучително и центарот за збогатување ураниум во Натанз, клучната точка на иранската нуклеарна програма. „Последна опција“ или калкулиран потег? Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, го опиша нападот како „последна опција“ за спречување на нуклеарно вооружен Иран, кој Израел го доживува како егзистенцијална закана. Сепак, размерот на офанзивата — преку 200 израелски борбени авиони, над 100 таргетирани локации — не делува како очајнички потег, туку како долгорочно планирана воена кампања со јасна политичка и дипломатска стратегија. Таа стратегија доаѓа во исклучително чувствителен момент. САД, главниот сојузник и поддржувач на Израел, токму преговараа со Иран околу нов дипломатски договор за ограничување на нуклеарната програма — обид да се врати некаква рамнотежа во регионот. САД официјално изјавија дека не се вклучени во нападите, но изјавата на Доналд Трамп за Fox News дека бил информиран за плановите фрла сенка врз навидум неутралната позиција на Вашингтон. Што значи ова за Иран? Сателитска слика од нуклеарната централа Натанц во Иран Одговорот не доцнеше. Иранската армија, според израелски воени извори, испратила околу 100 дронови кон Израел неколку часа по нападот. Воената риторика се засили со заканите на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој најави „жестока казна“ за Израел. Сепак, ударот врз Натанз — симболично и технолошки „круна“ на нуклеарните амбиции на Иран — претставува огромен пораз за државата. Според Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), не е забележано зголемено ниво на радијација, но тоа е слаба утеха во однос на големината на штетата. Дополнително, убиството на генералот Мохамед Багери, втор човек по ајатолахот, остава длабока празнина во воената структура. Во Техеран, граѓаните сведочат за експлозии и чад кој се издигнува од стратешки згради. Пропагандната машина на државната телевизија емитува снимки од огнени облаци — симболични за повторно разгорување на регионалниот оган што тлее со децении. Како реагира остатокот од светот? Иако Израел тврди дека делува самостојно, реакциите се мешани. Западот е во незгодна позиција. Од една страна, загриженоста за иранската нуклеарна програма е реална и долготрајна. Од друга страна, нападот се случува во момент кога дипломатијата беше (барем на површина) на маса. Иран веќе изјави дека нема да учествува во планираните преговори во Оман, каде што американскиот посредник Стив Виткоф и натаму планира да присуствува. Вашингтон, загрижен за можни одмазднички напади, веќе ги повлече дипломатите од Ирак и овозможи доброволна евакуација на семејствата на воениот персонал во регионот. Прашањето што сега се поставува е: дали САД навистина ќе успеат да се држат надвор од директен конфликт, или ова е само вовед во ново вовлекување? Економските последици се веќе видливи Цените на суровата нафта експлодираа веднаш по нападот. Брент суровата нафта скокна за 9%, достигнувајќи 78 долари за барел — остар потсетник дека безбедносните кризи на Блискиот Исток се секогаш и глобален економски настан. Секоја ракета во Техеран, се чини, има реперкусии и на пумпите за гориво во Берлин, Париз или Њујорк. Кој всушност победува? Ова не е традиционална војна со јасни фронтови и завршници. Ова е борба за симболичка надмоќ и стратешка предност, за позиционирање пред следната фаза на меѓународните преговори. Израел, со еден потег, ја наметна својата визија за „црвена линија“ околу иранскиот нуклеарен капацитет. Но цената за тој чекор може да биде долготраен регионален судир, вклучувајќи не само Иран и Израел, туку и нивните сојузници, прокси-групи и економските интереси што ги движат големите сили. За Иран, ова е понижување, но и повод за мобилизација. За Израел — момент на политичка консолидација, особено за премиерот Нетанјаху, кој со години ја најавуваше оваа ескалација како „неопходна“ и „неизбежна“. За светот, пак, ова е уште едно предупредување дека новиот светски поредок не се гради на договори и дипломатија, туку преку воена технологија, удари без најава и шок-тактики. Што следува? Во најдобар случај, ново редефинирање на преговарачките позиции. Во најлош — продолжена, несразмерна војна што ќе ги засегне Либан, Ирак, можеби дури и Саудиска Арабија и Заливот. Прашањето не е дали ќе има одмазда, туку колку ќе биде контролирана. Дали ќе видиме серија симетрични удари или ќе влеземе во спирала на насилство што ќе ги зафати и цивилите? Одговорот не зависи само од генералите и лидерите. Зависи и од политичката волја на останатиот свет да го прифати ова како „нова нормала“ или да каже — доволно е. Д.М. Во рубриката „Увид“, се осврнуваме на клучни глобални настани со сериозни последици врз регионалната безбедност, економијата и иднината на меѓународните односи.
- Македонската кореографска платформа дебитира вечерва во МКЦ: Глас за танцот
Вечерва, на 9 јуни во 20:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ), започнува ново поглавје за современиот танц во Македонија. Во рамки на Перформанс Платформа Фестивал (ППФ) 2025 – јунска едиција, организиран од Локомотива, ќе се одржи првото издание на Македонската кореографска платформа (МКП) – пионерска иницијатива што го става танцот во центарот на вниманието. Зад оваа платформа стојат кураторките Биљана Тануровска-Ќулавковски и Викторија Илиоска, кои ја иницираа МКП со визија да создадат простор за новата генерација македонски кореографи да ја споделат својата работа, ресурси и визија – но и да упатат гласен повик за подобри услови во секторот. Во првото издание на МКП учествуваат седум кореографи со различни уметнички пристапи, но заедничка посветеност кон танцот како форма на истражување, израз и отпор: Ивана Балабанова, Дејан Битровски, Адријана Данчевска Ровчанин, Теодора Ежовска, Александар Георгиев, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска. Настанот нема да биде само уметнички, туку и политички чин. Македонската кореографска платформа не е само сцена за изведби, туку и простор за соработка, споделување, критика и промена. Корографите во рамки на МКП отворено се обратија до институциите со повик за системска поддршка на современиот танц и подобри услови за работа на независната сцена. Публиката ќе има можност да присуствува на презентации од 20 до 30 минути, каде ќе се прикажуваат завршени перформанси, работни процеси или истражувачки формати, со цел да се добие поширока слика за тоа што значи да се биде кореограф денес во Македонија. Секој ден ќе завршува со отворен разговор со уметниците, модериран од Нефели Јоти и Калиа Димитрова, со фокус на контекстот, предизвиците и можните насоки за иднината на танцот. МКП не само што го активира локалниот танцов сектор, туку и го поврзува со поширокиот европски дискурс за перформанс и работнички права – поставувајќи ја македонската сцена на мапата на иновативните и ангажирани културни практики. Ова не е само перформанс. Ова е движење.
- Тројца финалисти награда ДЕНЕС 2025: Наташа Неделкова, Крсто Глигоријадис и Мила Добревска
Тројцата финалисти за XIX Награда ДЕНЕС претставуваат различни уметнички практики кои ја истражуваат современата човечка состојба низ перформанс, скулптура и социјално ангажирана уметност. Уметниците Наташа Неделкова, Крсто Глигоријадис и Мила Добревска се тројцата селектирани финалисти за XIX Награда ДЕНЕС 2025, која традиционално се доделува на визуелен уметник до 35 години кој живее и работи во Северна Македонија. Оваа награда се доделува од 2002 година и претставува една од ретките независни платформи за следење и афирмација на младата уметничка сцена во земјата. Во партнерство со меѓународната награда Henkel Art.Award. (2002–2012), Наградата ДЕНЕС разви континуитет што го одржува нејзиниот кредибилитет и по престанокот на европската поддршка. Денес таа функционира како иницијатива на организацијата Цивитас – Центар за граѓански и идентитетски студии и Контекст – Стручно здружение за уметност и теорија на уметноста. Со селекција на три финалисти, Наградата го задржува фокусот на индивидуалниот развој на уметничкиот јазик и контекстуалната релевантност на праксата, без да создава натпреварувачка атмосфера во традиционална смисла. Образложението на жирито: Од портфолиото на Наташа Неделкова „Работејќи во широк спектар на медиуми, од колективно реализирани инсталации и (предавања) перформанси до партиципативни аудиовизуелни дела, уметничката и истражувачка Наташа Неделкова ги истражува темите на ментални нарушувања, лажни вести, исцрпеност од труд во времињата на капитализмот, родова нееднаквост и, паралелно со нив, начини за отпор, контра-акција, смирување и редефинирање на постоечките структури, норми, однесувања и навики кои го еродираат нашето секојдневие. Нејзиниот социјално свесен, политички и економски критички пристап е концептуален разгранок кој делува како чувствително и комплексно огледало на нашата сегашна фрагментирана човечка состојба. Од портфолиото на Крсто Глигорјадис Перформативната пракса на Крсто Глигоријадис ги спојува ритуалот, митот и критиката на родот во патријархалниот контекст на Балканот. Работејќи преку различни дисциплини и црпејќи од своето образование во правото, педагогијата и визуелните уметности, тој го користи телото како простор на ранливост, отпор и трансформација. Неговите дела — длабоко лични, а сепак со политички набој, го деконструираат машкото преку симболични гестови, терапевтски ритуали и колективно учество. Глигоријадис ја поканува публиката во простори на исцелување и интроспекција, каде срамот станува сила, а наследените норми се преосмислуваат преку грижа, емпатија и отелотворен дијалог. Скулптуралните дела на Мила Добревска го исполнуваат пресекот меѓу репрезентативното и апстрактното, дводимензионалноста и тридимензионалноста, визуелното и физичкото. Вклучувајќи разновидни тактилни материјали во скулптури во човечка големина, нејзините дела даваат форма на емоции и идеи кои инаку се визуелно неуловливи — темперамент, чувствителност и его — додека ,,Македонска жена” е составена од високо апстрактни форми што се суспендирани во воздухот. Игрива и динамична, праксата на Добревска нуди енергична арена за облик, боја и супстанца за да го ,,претстави” начинoт на кој човештвото напредува.“ Изборот на жирито го сочинуваа кустоската и критичарка Љубица Беќаревиќ (Белград), уметницата Славица Јанешлиева (Скопје), како и Моника Ивановска и Јованка Попова како ко-претставнички од организацијата Контекст. Што значи Наградата ДЕНЕС денес? Од портфолиото на Мила Добревска Во еден културен пејзаж каде институционалната поддршка за младите автори е сè помалку конзистентна, Наградата ДЕНЕС останува простор за артикулација на нови гласови и критичка визуелна мисла. Наместо да фаворизира една естетика или медиум, жирито доследно избира уметници чии практики се насочени кон сложените општествени и лични релации — од класната нееднаквост, преку родовиот дисбаланс, до интимната психолошка деструкција и исцелување. Награда ДЕНЕС“ е единствена и независна годишна награда посветена на младите визуелни уметници до 35 години во Северна Македонија. Со деветнаесетгодишна традиција, ова признание стои како ретка платформа која ги идентификува, поддржува и промовира исклучителните уметнички пракси во земјата. Наградата се доделува за „исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување“, како што појаснува самиот текст од образложението. Финалистите ќе бидат претставени на заедничка изложба во текот на есента 2025, кога ќе биде објавено и кој/која од нив ќе ја добие паричната награда, продукциска поддршка и резиденцијален престој во една од европските партнерски институции.
- 80 години од официјализирањето на македонскиот правопис – ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија одбележува јубилејот во ,,Аполонија”
Од Мисирковите јазични норми до АСНОМ и Блаже Конески – патот на македонскиот јазик кон официјално признание, азбука и правопис На 7 јуни 2025 година се навршуваат 80 години од историскиот чин на официјализирањето на македонскиот правопис – темелна пресвртница во развојот на македонскиот литературен јазик и национален идентитет. По тој повод, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија организира свечен настан што ќе се одржи на 5 јуни (четврток), со почеток во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“ во Гевгелија. Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“ и има за цел да потсети на значењето на кодификацијата на македонскиот јазик и историските процеси кои ја изградиле современата јазична норма. Во рамки на свеченоста ќе говорат еминентни гости – проф. д-р Димитар Пандев, еден од најистакнатите македонски лингвисти, и публицистот Мишо Китаноски, кои ќе понудат историски и лингвистички осврт врз контекстот и влијанието на донесувањето на правописот во 1945 година. Настанот ќе го отвори директорот на библиотеката, Стефан Марковски, а улогата на модератор ја презема Стефчо Стефанов. Атмосферата ќе биде збогатена со музички настап на Влатко Иљачев – Валдера, што ќе му даде дополнителна уметничка тежина на настанот. Кодификацијата на македонскиот јазик, донесена на 2 август 1944 година за време на Првото заседание на АСНОМ, претставува пресвртна точка во јазичната историја на македонскиот народ. Со оваа одлука, македонскиот јазик добива официјален статус и почнува неговата институционализирана примена како службен јазик на новоформираната македонска држава. Но кодификацијата не беше изолиран чин – таа произлезе од децении претходни напори за стандардизација и артикулација на еден заеднички литературен израз, кој ќе ги обедини разновидните говори и ќе ја афирмира културната посебност на македонскиот народ. Корените на оваа стандардизација може да се проследат сè до 19 век, со просветителите и мислителите како Ѓорѓија Пулевски и припадниците на Лозарското движење. Сепак, најконкретниот и највлијателен чекор го направил Крсте Петков Мисирков, кој во 1903 година ја објави книгата „За македонските работи“. Во петтата статија од оваа книга, насловена „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“, Мисирков ги постави основните јазични принципи што подоцна ќе бидат прифатени и институционализирани: основа на централните дијалекти, фонетски правопис и отвореност кон целокупниот дијалектен спектар при збогатување на лексиката. Овие насоки, тогаш новаторски и контроверзни, ќе станат идниот темел на официјалната јазична политика. По кодификацијата во 1944 година, следуваа конкретни институционални чекори. Во ноември истата година, АСНОМ формира комисија која доби задача да предложи азбука и правопис. Оваа комисија, и покрај почетните несогласувања и промени во членството, во мај 1945 година донесе решенија кои го цементираа јазичниот идентитет: утврдување на формите од централните говори, задржување на народната основа и збогатување со зборови од сите дијалекти, и конечно, воспоставување на азбука и правопис врз фонетски принцип. Правописот беше озаконет на 7 јуни 1945 година, со што македонскиот јазик доби функционален инструмент за писмена и образовна примена. Кодификацијата на јазикот не е само административна одлука, туку културна и идентитетска декларација. Таа го обележа втемелувањето на македонската државност и културна самобитност, создавајќи простор за образовна, уметничка и научна продукција на мајчин јазик. Денес, кога се зборува за македонскиот јазик како кодифициран, не се зборува само за граматика и правопис — се зборува за историска борба, за културна самосвест и за едно долго патување кон признавање и афирмација. Со овој настан, библиотеката „Гоце Делчев“ оддава почит на еден од најважните датуми во македонската културна историја, испраќајќи порака за важноста на јазикот како темел на националниот идентитет.













