top of page

Резултати од пребарување

Search this site

1211 results found with an empty search

  • Маалска архива: работилница за приказните што градот ги памети, но не ги запишува

    Во Паркот на Франкофонија на 10 и 11 јуни ќе се одржи дводневна работилница за креативно пишување со Марија Бошковска, посветена на маалските легенди, исчезнатите простори и невидливите градски приказни. Секој град има свои неофицијални хроничари. Луѓе што паметат каде била старата продавница, кој живеел во напуштената куќа на аголот, како настанала некоја маалска легенда или што се случувало на клупата под дрвото каде што денес никој не застанува. Тие приказни ретко завршуваат во книги, архиви или музеи. Најчесто остануваат во разговорите меѓу соседи, во случајните средби и во колективната меморија на едно маало. Токму по тие невидливи траги ќе тргне работилницата „Маалска архива“, дводневна работилница за креативно пишување што ќе се одржи на 10 и 11 јуни во Паркот на Франкофонија. Под водство на авторката и едукаторка Марија Бошковска, учесниците ќе создаваат фиктивни маалски хроничари инспирирани од реални собирачи на улични приказни, урбани легенди, исчезнати простори и необични локални ликови. Преку читање, набљудување и собирање детали од непосредната околина, ќе се гради заедничка архива во која намерно ќе се мешаат стварноста и фикцијата. Пријави се >>>ОВДЕ Работилницата е отворена за сите љубопитни, без разлика на претходно искуство со пишување. Потребни се само внимателно око, желба за истражување и подготвеност да се забележи она што најчесто останува на маргините на градската меморија. Она што ќе се создаде во текот на двата дена нема да остане затворено во рамките на работилницата. Архивата ќе продолжи да живее и по нејзиното завршување, како отворен документ што идните архивари ќе можат да го читаат, дополнуваат и надградуваат со нови приказни. Работилницата ќе ја води Марија Бошковска, програмска координаторка во КСП Центар – Јадро, која работи како авторка и едукаторка. Во изминатите години развива програми за креативно пишување за деца и млади, а нејзини текстови се објавувани во различни жанрови и изданија, од проза и поезија до книжевни и филмски критики и литература за деца. „Маалска архива“ ќе се одржи на 10 и 11 јуни, од 17 до 19 часот, во Паркот на Франкофонија.

  • Телото како утопија: лусијана ачугар гостува со предавање за задоволството како практика на бидување

    Предавање за современ танц, соматски практики, телесност, утопија и кореографско истражување Во рамки на своето гостување, уругвајската кореографка лусијана ачугар ќе одржи предавање посветено на нејзиното кореографско творештво, уметничко истражување и развојот на методот што таа го нарекува The Pleasure Practice. Што ако танцот не е само уметничка дисциплина, туку начин на постоење? Што ако телото не е инструмент за изведба, туку простор во кој се замислуваат и вежбаат поинакви светови? Токму околу овие прашања се движи работата на лусијана ачугар, кореографка од Уругвај која живее и работи во Бруклин, а која на претстојното предавање ќе го претстави своето повеќедецениско кореографско истражување и развојот на методот што таа го нарекува The Pleasure Practice. Предавањето ќе понуди увид во уметничките процеси што постепено ја довеле ачугар до специфичен начин на работа, размислување, бидување и одучување. Во центарот на нејзината практика се наоѓаат колективното соматско исцелување, прифаќањето на сопствените „сенки“ и потрагата по поослободена и поинстинктивна состојба на постоење. За ачугар, телото не е само носител на движење. Нејзините проекти го третираат како место каде што може да се манифестира утописка реалност, простор во кој се испитуваат можностите за ослободување, задоволство, ранливост и заедништво. Во нејзината работа, кореографијата често се движи на границата меѓу ритуал, политички гест и колективно искуство. Нејзината уметничка биографија е тесно поврзана со современата танцова сцена во Њујорк и Уругвај, каде што од 1999 година работи и независно и во соработка со бројни уметници и колективи. Во срцето на нејзината филозофија стои идејата дека театарот е простор за утопија, утопијата е практика, практиката е ритуал, ритуалот е посветеност, посветеноста е танц, а танцот е практика на бидување во задоволството. лусијана ачугар е добитничка на две Bessie Awards и е препознаена како една од најзначајните фигури на современата перформативна сцена. Во текот на кариерата има добиено бројни награди, признанија и грантови, меѓу кои Guggenheim Fellowship, Creative Capital, Foundation for Contemporary Arts, MAP Funds, Jerome Foundation и Alpert Award. Нејзиното дело PURO TEATRO: A Spell for Utopia започнува како Инстаграм проект за фестивалот Time-Based Art на Portland Institute of Contemporary Arts во 2020 година, за подоцна да прерасне во сценска продукција премиерно изведена во The Chocolate Factory и Skirball Center for the Performing Arts при NYU во 2021 година. Во 2022 година ја добива престижната стипендија USA Doris Duke Fellow, а во 2024 година магистрира танц на Bennington College.

  • Како се преведува еден глас? Наталија Орлиќ ја промовира книгата „Краток вовед во толкувањето“

    Од симултано толкување до интеркултурно посредување, новото македонско издание отвора прашања за јазикот, комуникацијата и професијата што стои меѓу нив Повеќето луѓе ретко размислуваат за толкувачите. Тие се присутни во судници, болници, полициски станици, на конференции, во мигови кога еден јазик треба да премине во друг без да се изгуби смислата. Нивната работа е речиси невидлива, а сепак од неа понекогаш зависат нечии права, нечие сведочење или нечие разбирање на светот. Токму на оваа професија и е посветена книгата „Краток вовед во толкувањето“ од д-р Наталија Орлиќ, која ќе биде промовирана на 4 јуни во 12 часот во Библиотеката за македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Книгата, објавена во издание на „Фуснота“, е првиот ваков практичен прирачник на македонски јазик посветен на толкувањето како професија, дисциплина и секојдневна практика. Наместо апстрактни дефиниции, Орлиќ го отвора просторот каде што јазикот се среќава со реалниот живот: разговорите со институции, миграциските постапки, сведочењата, недоразбирањата и обидите луѓето да се разберат едни со други. Родена во Скопје и израсната во повеќејазична средина, Наталија Орлиќ дипломирала македонски јазик на УКИМ, а паралелно студирала словенечки јазик во Љубљана. Нејзината докторска дисертација на Филозофскиот факултет во Љубљана се занимава со меѓујазичното посредување во областа на меѓународната заштита и миграциите и претставува едно од првите емпириски истражувања од ваков тип во Словенија. Денес работи како конференциски, судски и толкувач за заедницата, а дел од нејзината работа е врзана и за комуникацијата помеѓу институциите и луѓето кои не го зборуваат јазикот на средината во која се нашле. Во „Краток вовед во толкувањето“ таа ги обработува различните техники на толкување, од консекутивно и симултано до толкување на далечина, придружно толкување и толкување за деца. Но можеби најинтересниот дел од книгата е местото каде што професијата престанува да биде техничка дисциплина и станува културно прашање. Што точно пренесува толкувачот? Зборови? Намери? Контекст? Тишини? Орлиќ предлага една поширока перспектива: толкувачот не е само личност која знае два јазика, туку посредник меѓу две култури. Во таа смисла, толкувањето не е механички пренос на реченици, туку процес на разбирање. Првото издание на книгата е објавено во Љубљана во 2024 година, потоа следува издание во Подгорица во 2025 година, а македонското издание од 2026 година пристигнува во проширена форма. Воедно, книгата веќе се користи како дополнителна литература на Филозофскиот факултет во Љубљана. Со авторката ќе разговара уредничката Драгана Евтимова, додека дизајнот на корицата го потпишува Мите Спасовски. За сите што ги интересираат јазикот, преведувањето и начините на кои значењата патуваат од еден човек до друг, ова е ретка можност да се ѕирне зад сцената на една професија која речиси никогаш не е во центарот на вниманието, а постојано е таму каде што луѓето се обидуваат да се разберат. Поднаслов: Практичниот прирачник на д-р Наталија Орлиќ ја отвора професијата што стои меѓу јазиците, културите и човечкото разбирање.

  • Што се случува кога категориите ќе почнат да се распаѓаат? Џек Халберстам гостува во Скопје

    Предавањето „Анархитектура по сè“ на еден од највлијателните современи квир теоретичари го отвора прашањето за телото, родот и политиките на разградба низ јазикот на уметноста и архитектурата. Еден од највлијателните современи квир теоретичари, Џек Халберстам(Jack Halberstam), на 3 јуни ќе гостува во Скопје со предавањето „Анархитектура по сè“ (Anarchitecture After Everything), кое ќе се одржи во Музеј на современата уметност – Скопје во 20:30 часот, во рамките на Викенд на гордоста – Скопје 2026 и КРИК – Фестивал за критичка култура. Предавањето носи наслов што звучи како архитектонски термин, но неговото поле на интерес е многу пошироко: телото, родот, просторот и можностите за живот надвор од однапред зададените форми. Халберстам тргнува од концептот на анархитектурата, радикална уметничка практика поврзана со работата на Gordon Matta-Clark, кој во седумдесеттите години наместо да гради нови објекти, сечел, отворал и демонтирал постојни градби, откривајќи ги нивните скриени структури. Во читањето на Халберстам, ваквите интервенции отвораат корисен јазик за размислување за трансотелотворувањето. Наместо транс телото да се разбира како нешто што треба да стане читливо или конечно препознаено во рамките на бинарниот родов систем, тој предлага поинаква перспектива: трансот како сила што ги нарушува токму оние категории преку кои системот се одржува. Оттука и неговиот интерес за анархитектурата. Ако кај Мата-Кларк зградата се отвора за да ги покаже своите внатрешни противречности, кај Халберстам телото станува место од кое може да се согледаат пукнатините во воспоставените идеи за идентитет, припадност и нормалност. Наместо стабилна форма, тоа се појавува како процес, како терен на постојано преобликување. Една од централните линии во предавањето се однесува и на односот меѓу транс искуството и капиталот. За Халберстам, анархитектурата нуди можност трансот да се мисли надвор од логиките на интеграција и пазарна апсорпција. Наместо нова категорија што треба да биде вклучена во постојниот поредок, трансот се појавува како практика на разградба, отворање и преиспитување на самиот поредок. Во описот на предавањето се појавува и една впечатлива слика: транс телото како урнатина, како пејзаж, како место на рушење и создавање во исто време. Тоа не е фигура што бара конечно обликување, туку простор во кој репрезентациските системи можат да се распаднат и повторно да се состават во нови форми. Халберстам е професор по хуманистички науки на Универзитетот Колумбија и автор на книги кои оставија силна трага врз современата теорија на родот и квир студиите, меѓу кои „Женска мажественост“, „Во квир време и место“, „Квир уметност на неуспехот“, „Гага феминизам“ и „Транс: краток и ексцентричен осврт на родовата различност“. Неговата нова книга, исто така насловена „Анархитектура по сè“, ќе биде објавена од MIT Press во август 2026 година. Гостувањето е дел од програмата на годинашниот Викенд на гордоста Скопје, кој се одржува под тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“. Фестивалот трае до 13 јуни и се одвива на повеќе локации низ градот, меѓу кои МСУ, МКЦ, Драмски театар, Котур и Љубов бар. За публиката што ги следи современата теорија, уметноста и критичката мисла, ова е ретка можност идеите што најчесто циркулираат низ книги, универзитетски програми и академски дебати да се слушнат во живо, од еден од авторите кои помогнаа да се обликува нивниот современ речник.

  • Перформанс Платформа фестивал 2026 помеѓу утопија, тело и заедничка имагинација

    Перформанси, танц, работилници и технобурлеска од 1 до 13 јуни во Скопје, во програма што ги истражува телото, задоволството, меморијата и колективната имагинација. Од 1 до 13 јуни, Скопје повторно станува простор за современи перформативни практики со пролетното издание на Перформанс Платформа фестивал (ППф) 2026, кое низ претстави, работилници, предавања, перформативни прошетки и технобурлеска ќе ги истражува пресеците меѓу задоволството, отпорот, колективноста и политичката имагинација. Годинашната програма го разгледува перформансот не само како уметничка форма, туку и како простор за создавање заедници, споделување знаење и преосмислување на начините на кои живееме заедно. Во фокусот се телото, сеќавањето, желбата и јавниот простор, како и нивната улога во создавањето нови можности за колективно дејствување. Фестивалот започна со четиридневната лабораторија „The Pleasure Practice (A Spell for Utopia)” на американската кореографка Лусијана Ачугар, која заедно со уметници и истражувачи од Македонија, регионот и Европа го истражува потенцијалот на танцот како простор на ослободување, ранливост и заедничко создавање. На 5 јуни во КСП Центар – Јадро, Ачугар ќе го одржи предавањето „Utopia as Practice; Practice as Ritual; and Dance as a Practice of Being in Pleasure“, додека следниот ден ќе води и отворена танцова работилница за професионалци и непрофесионалци. Еден од поинтересните програмски сегменти е „Амам интернационала – под куполите“ на Синиша Илиќ и Бојан Ѓорѓев, што ќе се одржи на 7 јуни пред остатоците од поранешниот Ѓулчилер/Шенѓул амам. Перформативниот патопис го користи историскиот простор како појдовна точка за размислување за меморијата, архитектурата и можностите за заеднички живот во градот. На 12 јуни, во Киното во Железничка зграда, словенечката уметница Неја Томшич ќе го изведе „Opium Clippers“, перформанс кој ги поврзува приказните за чајот, опиумот, трговските патишта и колонијалната историја со современите форми на глобална потрошувачка и капитализам. Завршницата на фестивалот е резервирана за „Крадци на слики“ на словенечкиот колектив The Feminalz, технобурлеска што преку хумор, поп-културни референци и визуелен ексцес ги преиспитува родовите норми, национализмот и медиумски конструираните идентитети. Настанот е ко-програмиран со Викендот на гордоста Скопје и ќе се одржи на 13 јуни во МКЦ. Перформанс Платформа фестивал 2026 е во организација на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а кураторка на јунската програма е Биљана Тануровска-Ќулавковски. Програмата се реализира во соработка со Викенд на гордоста Скопје, Факултетот за драмски уметности, КСП Центар – Јадро, ФРУ, МКЦ и платформата Медуза.

  • ПАНУКЛА СЕСИИ #03: пост-ноиз, дрон и слободна импровизација во Јавна соба

    НАМУЗ и триото Букршлиев/Хаџи Коцев/Спировски на 29 мај во Јавна соба носат вечер на авангардна импровизација, дрон, ноиз и слободен џез од скопскиот андерграунд. На 29 мај, со почеток од 21:30 часот, во Јавна соба ќе се одржи третото издание на „Панукла сесии“ – серијал посветен на импровизирана, авангардна и жанровски неукротлива музика од локалната сцена. Вечерта ќе обедини две различни формации од актуелното скопско музичко подземје: дуото НАМУЗ и триото Букршлиев/Хаџи Коцев/Спировски. Влезниците чинат 200 денари, а за студенти 100 денари. „Нивната музика претставува фино контролирана бучава што се движи помеѓу искршен мат рок, расипан џез, пост-ноиз рок и електронски рок за техно отпадници.“ НАМУЗ, составен од Андреј Татарчевски на електрична гитара и ефекти и Кристијан Новковски на тапани, носи звук што функционира како нервозен електричен систем на работ на прекин. Нивните настапи се движат низ дисторзија, распаднати ритми и ненадејни звучни судири, избегнувајќи каква било стабилна жанровска дефиниција. Од другата страна на програмата е триото Филип Букршлиев, Константин Хаџи Коцев и Нинослав Спировски, чиј пристап е значително посуптилен, но подеднакво интензивен. Со гитара, пијано, кларинет и саксофон тие создаваат атмосферски композиции што лебдат помеѓу амбиентален џез, дрон и слободна импровизација. Нивната музика повеќе наликува на ноќна прошетка низ празно и сиво Скопје отколку на класичен концертен формат. Наместо класична концертна динамика, нивниот настап се гради низ внимателни звучни поместувања, тишини, повторувања и колективна интеракција што постепено прераснува во густи и меланхолични звучни пејзажи. „Панукла сесии“ се замислени како простор каде музиката не се третира како финален производ, туку како процес, ризик и разговор во реално време. Настаните ги поврзуваат музичарите, слушателите и идеите околу практика што одбива институционализирани калапи и фиксни форми. „Музика со отворени краеви и слободната импровизација ќе бидат земани како главни водилки.“ Името „Панукла“ доаѓа од архаичен збор што најчесто се користи во Преспа и југозападните делови на Македонија. Иако буквално значи „чума“, зборот низ народниот говор добивал значења на проклетство, голема беља или некакво немирно, демонско присуство. Организаторите велат дека терминот е намерно „извртен на Деридаовски начин“ – како симбол за музика што внесува нарушување, непослушност и креативен хаос во рутината на градот.

  • Резолуција на остатоците: Зорица Зафировска ја претвора негрижата на градот во архива на сеќавања

    Изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска во КИЦ Скопје ги претвора урбаните траги, отпадот и еколошките сеќавања во инсталации за грижа, заедништво и колективна иднина. Изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска во КИЦ Скопје ги претвора урбаните траги, отпадот и еколошките сеќавања во инсталации за грижа, заедништво и колективна иднина. Во петок, на 15 мај со почеток од 20:00 часот, во Културно Информативен Центар – Скопје ќе биде отворена изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска, поставена во галеријата „Империјал 1“. Изложбата функционира како тивка, но моќна архива на урбани траги: пораки оставени по ѕидови, почва, отпад од градилишта, исечени гранки, искосена трева, траги од автомобилски гуми и фрагменти од секојдневниот живот што обично остануваат невидливи. Наместо да бидат исчистени или заборавени, овие остатоци се преточени во инсталации што сведочат за начинот на кој градот дише, троши, гради и распаѓа. Ткаенините во изложбата се појавуваат како палимпсести на современото живеење. Обоени од елементи пронајдени низ Скопје, прегазени од гуми или потопени во водите на Вардар, тие стануваат материјални записи на колективното искуство. Низ слоеви тули, цемент, дрво и билни остатоци, Зафировска отвора прашања за гентрификацијата, екстракцијата и екологијата на урбаниот живот. Градот тука не е само позадина, туку тело што ги носи сите свои гребнатини. Во центарот на проектот е идејата за грижа како културна и политичка практика. Работејќи со пронајдени материјали од различни делови на Скопје, уметницата го третира невидливиот труд на одржување, поправање и зачувување како форма на отпор кон брзото трошење на просторот и природата. Наместо класичен изложбен гест, „Резолуција на остатоците“ предлага поинаков модел на културна екологија, каде уметноста станува платформа за заедничка одговорност и граѓанска имагинација. Изложбата е дел од програмата „Како се ткаат градови“, овогодишната тема на Европскиот месец на креативноста. Во рамки на програмата „Негување на грижливи екосистеми“, реализирана во соработка со КИЦ и поддржана од Град Скопје, беа организирани работилници и едукативни активности со ученици и наставници од основното училиште „Страшо Пинџур“. Куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски, координатор е Емил Шулајковски, а техничката поддршка ја реализираат Миле Брцески и Владо Кутузовски. Зорица Зафировска е позната по својата работа на социо-политички и еколошки теми, преку инсталации, акции и колаборативни проекти што ги истражуваат заедништвото, бездомништвото, конзумеризмот и односот кон јавниот простор. Во својата практика често работи помеѓу уметноста и активизмот, создавајќи дела што повеќе личат на процеси на колективно сведочење отколку на затворени објекти за набљудување. „Резолуција на остатоците“ делува како обид да се слушне она што градот го оттурнува на маргините: скршените материјали, трагите од трудот и малите екологии што преживуваат помеѓу бетонските блокови. Налик на урбан хербариум составен од прашина, текстил и бетон, изложбата нуди простор за забавување и преиспитување на тоа што оставаме зад себе, и што сè може повторно да се замисли од тие остатоци.

  • Дива површина: Елена Ристовска со нова изложба на современ накит во „Руди Арт Спејс“

    Дива површина: Елена Ристовска со нова изложба на современ накит во „Руди Арт Спејс“ Елена Ристовска со изложба на накит ,,Дива површина” На 20 мај, со почеток од 19 часот, во Rudi Art Space ќе биде отворена изложбата „ДИВА ПОВРШИНА“ на дизајнерката на современ накит Елена Ристовска. Станува збор за нова колекција што се движи помеѓу суровото и елегантното, каде формата не се обидува да ја сокрие својата природа. Во фокусот се масивни прстени со необработени камења и ланчиња со текстури оставени намерно „диви“, како материјалот да одбива да биде целосно припитомен. Изложбата ја следи и размислата на уметникот и галерист Зоран Рунчев, кој за колекцијата вели дека „го зема здивот“ токму поради нејзината суровост и одбивањето на компромис со убавината. Насловот „ДИВА ПОВРШИНА“ звучи како мала естетска провокација: површината тука не е мазна и декоративна, туку жива, текстурална и речиси геолошка. Накитот повеќе наликува на пронајдени артефакти отколку на класични модни аксесоари, како парчиња ископани од некоја урбана пештера во која металот и каменот уште ја чуваат својата првична енергија. Ова е четврта самостојна изложба на Ристовска, која покрај дизајнирањето накит организира и едукативни работилници за деца и возрасни, посветени на современите пристапи во изработката на накит.

  • Kanye West наводно добива сопствен стадион во Албанија, но има ,,квака”

    Масивна привремена арена за 60.000 луѓе би требало да биде изградена само за еден концерт Контроверзниот рапер порано познат како Канје Вест, наводно ќе добие сопствен стадион во Албанија за претстоен концерт во Тирана, но постои прилично необичен детал: стадионот ќе постои само неколку дена. Според извештај на VICE, концертот е планиран за 11 јули, а организаторите наводно работат на изградба на огромна привремена структура околу постојниот национален стадион во Тирана, со капацитет од околу 60.000 посетители. Проектот веќе предизвикува дебати во албанската јавност, бидејќи конструкцијата би била демонтирана веднаш по настанот. Локални медиуми го опишуваат како „фантомски стадион“, а дел од критичарите прашуваат дали ваква инвестиција има смисла за концерт што ќе трае само една вечер. Настанот би се одржал околу стадионот Arena Kombëtare, домот на албанската фудбалска репрезентација, кој моментално собира околу 22.500 луѓе. Планот е околу него да се изгради модуларна концертна арена што значително би го проширила капацитетот. Албанското Министерство за култура, според VICE, го поддржува проектот како можност за туристичка и медиумска промоција на земјата. Во меѓувреме, интернетот веќе почна да го нарекува целиот потфат „најголемиот pop-up концерт на Балканот“. Је беше во центарот на контроверзии поради низа јавни испади и антисемитски изјави кои во последните години доведоа до откажани соработки, прекинати партнерства и реакции од политички и културни организации ширум светот. И покрај тоа, интересот за неговите настапи останува огромен, каде секое негово појавување, функционира како мешавина од концерт, медиумски спектакл и интернет хаос во реално време.

  • Балконска градина за почетници: 5 чекори до тераса што мириса на лето

    Балконското градинарство не бара совршени услови, туку малку трпение, сонце и чувство за ритамот на растенијата. Од домати и босилек до нане и јагоди, ова е водич за сите што сакаат терасата полека да им стане мала урбана градина. Постои еден момент што секој човек со мала градина на терасата го памети. Најчесто е рано наутро, со кафе во рака, кога ќе излезе на балкон и ќе забележи дека нешто навистина пркнало и почнало да расте. Не купено од продавница или пазар. Не донесено во букет. Туку нешто што сам(а) го полевал(а), преместувал(а) од сонце во сенка и му ги следел(а) листовите како да чита промени во расположението. Тогаш терасата престанува да биде само тераса: прераснува во мало живо место. И не, не мора да знаете сè однапред за да почнете. Најголем дел од луѓето учат градинарство така што прво ќе направат неколку грешки. Ќе претераат со вода. Ќе сфатат дека нането има амбиција да ја освои целата саксија. Ќе спасуваат марула од јулско сонце како да е пациент на интензивна нега. Така и треба. 1. Почнете со растенија што ќе ви „простуваат“ Ако сте почетник, не почнувајте со нешто што бара прецизност како лабораториски експеримент. Чери домати, босилек, магдонос, нане и јагоди се добар почеток затоа што брзо покажуваат раст и лесно создаваат чувство дека терасата навистина живее. Чери доматите и босилекот се особено добра комбинација. И визуелно и практично. Делуваат како да припаѓаат еден до друг, медитеранско дворче пренесено на балкон. Марулата и спанаќот, пак, сакаат помирно темпо и посвежи услови, па подобро функционираат во одделни саксии. Три растенија што речиси секогаш им даваат самодоверба на почетниците: чери домати, босилек, нане. Ако овие три успеат, многу брзо ќе почнете да гледате на секој празен агол од терасата како на „место за уште една саксија“. 2. Не ја потценувајте големината на саксијата Ова е моментот кога многу луѓе сфаќаат дека растенијата имаат поголемо его отколку што изгледа на прва. Малите декоративни саксии изгледаат прекрасно првите две недели. Потоа доматот почнува да се однесува како човек кој брза дома до WC заглавен во лифт среде август. Колку повеќе простор има коренот, толку подобро ќе расте растението. Доматите особено сакаат длабоки саксии со добра дренажа. Ако водата останува заглавена на дното, коренот може да почне да скапува без веднаш да забележите. Нането е приказна за себе. Мириса прекрасно, расте брзо и делува безопасно. А потоа ќе сфатите дека сака да ја преземе целата саксија. Најдобро е да живее само. 3. Запознајте ја светлината на вашата тераса Искусните градинари често велат дека прво треба да го набљудувате балконот, па дури потоа растенијата. Каде удира најсилно сонцето? Каде има сенка попладне? Дали има ветер што ќе исуши сè за неколку часа? Патлиџанот и јагодите сакаат многу сонце. Марулата и спанаќот полесно поднесуваат делумна сенка, особено во екстремни горештини. Во скопските лета, понекогаш и растенијата изгледаат како да бараат климатизер. Малку сенка во најжешкиот дел од денот често прави огромна разлика. 4. Не ги давете растенијата со љубов Најчеста почетничка грешка е премногу вода. Ќе видите едно омалаксано ливче и веднаш ќе посегнете по цревото да наводнувате. Но растенијата не сакаат паника. Сакаат ритам. Најдобро е земјата да ја проверите со прст. Ако е уште влажна, почекајте. Ако е сува неколку сантиметри под површината, време е за полевање. Со време ќе почнете да ја разбирате разликата меѓу растение што е жедно и растение што само се изморило од сонце. Тоа е моментот кога човек навистина почнува да учи градинарство. 5. Оставете простор градината да ве изненади Не секое растение ќе успее. И тоа е дел од приказната. Ќе има босилек што ќе се навреди од промена на време. Јагода што ќе даде еден плод и ќе се однесува како да завршила огромна работа за сезоната. Или домат што драматично ќе овене, па следното утро ќе изгледа како ништо да не се случило. Но токму тука е убавината. Балконската градина не е проект за совршенство. Таа е место каде човек полека учи да забави. Да гледа. Да чека. Да се радува на нешто мало. И некако, без многу да забележите, терасата почнува да мириса на лето дури и пред навистина да дојде летото.

  • Генералка викенд 2026: Македонија повторно чисти диви депонии и отпад на 500 локации

    Илјадници луѓе ќе собираат отпад на повеќе од 500 локации низ државата. Но под пластиката, дивите депонии и чадот од запалените сметишта лежи подлабока приказна за земја што постепено се навикнала на сопственото ѓубре. Акција во Новаци Рано наутро, додека маглата сè уште лежи над Вардар, првите волонтери ќе почнат да се собираат на кејот во Скопје. Ќе носат гумени ракавици, црни вреќи и пластични елеци во неонски бои. Некои ќе дојдат од компании, други од училишта, невладини организации или локални здруженија. Дел ќе дојдат сами, тивко, без големи пораки, како луѓе што едноставно решиле дека веќе не можат да гледаат истиот отпад на истите места. Во следните три дена, слични сцени ќе се повторуваат низ цела Македонија. Во шумски патеки над селата, каде ветерот со години собира пластични шишиња меѓу лисјата. Покрај регионални патишта каде стари гуми лежат во тревата како темни фосили на транзицијата. Во суви речни корита исполнети со градежен шут. На периферии на градови каде дивите депонии одамна престанале да изгледаат привремено. Од 8 до 10 мај, „Генералка викенд“, најголемата еколошка акција во земјата, повторно ќе мобилизира десетици илјади волонтери на повеќе од 500 локации во 80 општини. Според организаторите, во акцијата ќе учествуваат над 600 организации и повеќе од 250 државни институции. Во многу држави, ваквите акции се дополнителен граѓански гест. Во Македонија тие сè повеќе изгледаат како обид привремено да се пополни празнината што ја остава нефункционалниот систем за отпад. И токму тука започнува приказната што „Генералка викенд“ секоја година ја отвора одново. Не само за тоа колку ѓубре има во Македонија. Туку и за тоа како ѓубрето постепено станало дел од културниот пејзаж на државата. Земја на диви депонии Активист во Радовиш Во Македонија речиси и да нема регион без диви сметилишта. Тие постојат покрај автопати и планински патишта, до реки и ниви, на влезови во населби, зад индустриски хали, покрај туристички места и во напуштени долови. Понекогаш се мали, составени од неколку кеси и стар мебел. Понекогаш се цели ридови од шут, пластика, гуми, текстил и градежен отпад. Во некои делови од земјата, дивите депонии веќе се толку нормализирани што луѓето речиси престанале да ги забележуваат. Стар фрижидер среде поле. Изгорен душек до река. Купишта пластика што чадат со денови. Кеси заплеткани по гранки како чудни урбани плодови. Ѓубрето постепено станува дел од визуелната позадина на секојдневието. И токму тоа е можеби најопасниот дел од проблемот. Не само загадувањето, туку навикнувањето. Кога секојдневно гледате отпад, отпадот престанува да изгледа како аларм. Станува нормална состојба на просторот. Според последните државни податоци, Северна Македонија создава стотици илјади тони комунален отпад годишно, а речиси целиот собран отпад завршува на депонии. Рециклирањето останува ограничено, додека дивите сметилишта продолжуваат да никнуваат побрзо отколку што се расчистуваат. Во лето тие депонии стануваат ризик од пожари. Во дождливи периоди отпадот се слева во реки и подземни води. Пластиката и текстилот се распаѓаат со години, понекогаш и децении. Но, проблемот одамна не е само еколошки. Тој е и психолошки. Во градови и населби каде јавниот простор изгледа напуштен, луѓето постепено престануваат да чувствуваат дека тој простор им припаѓа. Кој стои зад „Генералка викенд“? Јоханес Јекл и Гордана Софија од Man and Mountain придружени од претседателката Силјановска Зад иницијативата стои Man and Mountain, организација основана во Скопје што комбинира продукција, културни проекти и еколошки активизам. Интересно е што организацијата никогаш не се развиваше како класична НВО структура со стерилен административен јазик и кампањи исполнети со корпоративни пароли за „зелена иднина“. Наместо тоа, „Генералка викенд“ постепено почна да личи на нешто друго: масовна граѓанска мобилизација што истовремено е и логистичка операција, и јавен настан, и еколошки ритуал. Во акцијата денес учествуваат општини, училишта, Црвениот крст, министерства, приватни компании, универзитети, локални иницијативи и волонтери. Официјалното отворање годинава ќе биде во Скопје, со чистење на кејот на Вардар, на потегот од Лепенец до мостот „Киро Глигоров“. Волонтерите ќе бидат поделени во осум тимови распоредени на двете страни на реката. Паралелно ќе се организираат акции во ,,Национален парк Шар Планина”, каде ќе се чистат диви депонии со учество на Армијата, локално население и експерти за отпад, како и во Охрид, каде ќе се реализира акција за заштита на крајбрежјето. Во училиштата, преку програмата „Еко час“, реализирана со UNICEF и Министерството за образование, ќе се спроведуваат и едукативни активности за екологија и отпад. Но, можеби најинтересниот аспект на „Генералка викенд“ е што акцијата веќе почнува да функционира како сезонски ритуал. Секоја пролет, илјадници луѓе излегуваат со ракавици и вреќи во обид да поправат нешто што изгледа поголемо од нив самите. Во земја каде институциите често делуваат бавно и фрагментирано, ваквите акции создаваат чувство на колективна интервенција. Барем за еден викенд, јавниот простор повторно станува нешто заедничко. Потфрлил ли системот? Чистење на Шара Еден дел од одговорот лежи во инфраструктурата што со години не успева да го следи отпадот што државата го произведува. Во многу населби нема доволно контејнери. Кабастиот отпад ретко има организирано собирање. Рециклирањето е минимално. Инспекциите се ретки, а казните уште поретки. Во некои рурални и периферни средини, дивата депонија практично станува единствениот „систем“ што луѓето го имаат. Кога нема легално и достапно место за стар мебел, шут или електронски отпад, луѓето почнуваат да го оставаат каде што можат: покрај река, во дол, на шумска патека. Проблемот дополнително се влошува од хаотичната урбанизација, слабата координација меѓу институциите и долгорочното отсуство на сериозна стратегија за отпад. Македонија има еколошки акции. Но многу поретко има еколошки континуитет. Често се чисти само кога проблемот ќе стане медиумски видлив. Или потфрлил менталитетот? Млади волонтери во Виница Приказната не завршува со институциите. Постои и подлабока културна димензија на проблемот: односот кон јавниот простор. Во општества што долго живееле низ политичка нестабилност, транзиција, сиромаштија и недоверба кон институциите, јавниот простор постепено престанува да се чувствува како нешто заедничко. А кога просторот е „ничиј“, тогаш и одговорноста лесно исчезнува. Постои и логиката на заморот: „И онака е валкано.“ Така отпадот почнува да се шири како визуелна зараза. Една кеса станува десет. Една мала депонија постепено станува нов пејзаж. Сведувањето на проблемот само на „менталитет“ е исто така опасно поедноставување. Луѓето не живеат надвор од системот. Ако државата со години испраќа порака дека јавниот простор не е вреден за заштита, граѓаните постепено почнуваат да се однесуваат како тоа навистина да е така. Можеби токму затоа ѓубрето во Македонија делува толку тврдоглаво. Тоа не е само отпад. Тоа е трага од подлабока криза: криза на институции, доверба и чувство за заедничко. Чистење како форма на надеж „Генералка викенд“ веројатно нема да ја реши еколошката криза во Македонија. Следниот месец, некои од исчистените места повторно ќе бидат полни со отпад. Некои диви депонии повторно ќе се појават како да никогаш не исчезнале. Но, акцијата открива нешто друго, можеби подеднакво важно. Дека и покрај заморот, цинизмот и долгогодишната запуштеност, сè уште постојат луѓе што веруваат дека просторот околу нив вреди да се спаси и пркосат. Макар за еден викенд.

  • Стотици демонстранти го блокираа израелскиот павилјон на Венециското биенале: „Нема уметност што може да го испере геноцидот“

    Пропалестински активисти, уметници и културни работници протестираа на отворањето на Венециското биенале 2026, барајќи исклучување на Израел од изложбата На првиот ден од програмата на Venice Biennale, стотици пропалестински демонстранти го блокираа влезот на израелскиот павилјон во Арсенале, претворајќи го еден од најголемите светски уметнички настани во сцена на политички судир, отпор и морална дебата околу улогата на културните институции во време на војна. Протестот, организиран од Art Not Genocide Alliance (ANGA), траеше околу половина час и привремено го затвори пристапот до изложбата Rose of Nothingness на уметникот Belu-Simion Fainaru. Демонстрантите мавтаа со палестински знамиња и носеа транспаренти со пораки како „No Artwashing Genocide“ и „No Genocide Pavilion at Biennale“. „Израел, не можеш да се скриеш. Те обвинуваме за геноцид“, извикуваа насобраните, додека делеа летоци и лажни биеналски брошури насловени A Guide to Complicity and Protest. Атмосферата во Арсенале, инаку препознатлива по тивки редици колекционери, куратори и новинари со акредитации околу вратот, накратко се претвори во протестен коридор исполнет со говори, мегафони и скандирања. Моментот уште еднаш ја отвори старата дилема: дали големите уметнички институции можат да останат „неутрални“ додека светот се распаѓа околу нив. Повеќе од 200 уметници, меѓу кои и дел од учесниците на овогодинешното биенале, претходно потпишаа отворено писмо со барање Израел да биде исклучен од меѓународната изложба во 2026 година. Тоа не се случи. Наместо тоа, организаторите му обезбедија алтернативен простор во Арсенале, бидејќи официјалниот израелски павилјон во Џардини е во реновирање. Контроверзиите околу биеналето дополнително се засилија минатата недела, кога жирито за наградите колективно поднесе оставка. Според дел од медиумите и учесниците, причината била политичкиот притисок поврзан со одлуките околу Израел и Русија, две држави кои се соочуваат со сериозни меѓународни обвинувања за злосторства против човештвото. „Венециското биенале е соучесник во геноцид“, изјави еден од говорниците за време на протестот, нарекувајќи ја изложбата „празна фантазија за инклузија и толеранција“. Меѓу присутните беше и јужноафриканскиот уметник Nolan Oswald Dennis, чие дело е дел од интернационалната изложба In Minor Keys, концепирана од кураторката Koyo Kouoh, која почина кратко по нејзиниот избор за оваа улога. „Должност на уметникот е да биде искрен“, изјави Денис за Hyperallergic. „Во овој случај, мора да бидеме искрени околу тоа со кого делиме простор: со геноцидна држава.“ Повлекувајќи паралели со Јужна Африка, тој додаде дека искуството на апартхејдот покажува оти системите на сегрегација и насилство не се вечни. „Ако доаѓате од Јужна Африка, знаете дека апартхејдот мора да се порази. Но уште поважно, знаете дека апартхејдот може да заврши.“ Во друг дел од биеналето, членовите на Pussy Riot се приклучија на активистките од украинската феминистичка група FEMEN во протест пред рускиот павилјон. За разлика од Израел, Русија ќе биде отворена само за време на preview деновите, по што павилјонот ќе биде затворен за јавноста во согласност со санкциите. По протестот пред израелскиот павилјон, демонстрантите продолжија низ Арсенале и мирно се разотидоа. Нема информации за апсења. Но протестите веројатно нема да завршат тука. За 8 мај, културни работници во Венеција најавија 24-часовен штрајк во солидарност со Палестинците, што потенцијално би можело да го наруши распоредот на отворањата и привремено да затвори дел од павилјоните. „Овој штрајк е колективно одбивање на нормализацијата на геноцидот во културата, но и на несигурните работни услови врз кои е изградено биеналето“, изјави еден од организаторите. Во меѓувреме, Венециското биенале повторно се најде во својата стара, можеби неизбежна улога: не само изложба на современа уметност, туку и огледало на глобалните конфликти, идеологии и линии на поделба што пулсираат под површината на културниот свет.

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page