Резултати од пребарување
1178 results found with an empty search
- ЗРНО – изложба на благородни процеси и живи фотографии
Изложба што ја слави уметноста на аналогната фотографија – спој на занает, експеримент и современ израз. Во рамките на фестивалот „Зрно 2025“ се отвора изложба на дела создадени за време на неговите фотографски работилници простор каде што хемија, хартија и светлина се среќаваат во експериментален ритуал. Учесниците работеа со низа благородни процеси кои ја слават материјалноста на фотографијата: цијанотипија, Van Dyke Brown, мокар колодиум, фотограм, лумен принт, напредна црно-бела фотографија, фоџо и гумотипија. Резултатот е колекција што ја преминува границата меѓу занает и современ авторски израз, сведоштво за живата, отпорна енергија на аналогната сцена во регионот. Секое дело носи белег на времето и процесот: отпечаток од сонце, трага од рака, хемиска сенка или случајна несовршеност што станува дел од приказната. Мал сегмент од изложбата е посветен на оживувањето на оригиналните негативи на браќата Манаки, реализиран во соработка со Државниот архив на Македонија , одделение Битола. Со оваа интервенција, „Зрно“ им оддава омаж на пионерите на фотографијата на овие простори, вплетувајќи ја нивната оставина во современиот контекст на експерименталната практика.
- Архитектура на суетата: од „Arc de Trump“ до „Скопје 2014“
Во политиката, архитектурата ретко е недолжна. Секој лак, секој купола, секоја камена фигура е дел од една интимна држава на имагинацијата. Зад секој триумфален лак стои човек кој сака да го надмине својот век. Замислете ја сцената: во Овалната соба на Белата куќа, Доналд Трамп со задоволство го крева моделот на бела арка, објаснувајќи ѝ на групата донатори дека „најдобро изгледа кога е големо“. Сите се смеат, а еден новинар прашува: „За кого е оваа капија?“ „За мене,“ одговара Трамп, без трошка иронија. Сцената изгледа скоро како перформанс: американскиот претседател, опкружен со минијатури на сопствената суета, зборува за архитектура со реченици на бизнисмен кој продава квадратни метри од бесмртност. „Arc de Trump“ триумфална арка за жив лидер, за време на неговиот мандат, звучи како пародија на империјален сон. Но и како повторување на нешто веќе видено: бел лак со релјефи од митска историја, подигнат во центарот на град, во обид да се претвори нацијата во наратив со автор. Во тој момент, некаде далеку, на другиот крај од светот, стои речиси идентична капија: Порта „Македонија“. Изградена во 2012 година, висока 21 метар, декорирана со бронзени коњи, војници и гравури на митски претци. Обете, и Трамповата арка и нашата, се проекции на ист архетип: неоимперијален кич стил што ја симулира моќта на минатото за да ја легитимира слабоста на сегашноста. Триумфалната арка е наједноставната архитектонска лага. Во антички Рим, лаковите биле поставувани на патиштата по воени победи, врата кон градот и кон вечноста. Тит, Константин, Наполеон, сите тие знаеле дека за да владееш со луѓето, мораш да владееш со нивното чувство за простор. Но во демократскиот век, арките стануваат анахронизми. Денес, тие повеќе не означуваат триумф, туку копнеж по него. Во Скопје, арката ја слави независноста, но без победа, без борба. Во Вашингтон, арката се гради за слобода која одамна е симболичка и одвоена од секојдневната реалност. Овие зданија не се меморијали на триумфот, туку архитектонски авто-портрети на власта. Кога Трамп ја подига својата арка, тој не ја слави Америка, туку себе како идеја на Америка. Кога Груевски го подига својот проект „Скопје 2014“, тој не ја слави историјата, туку сопствената улога во неа. Архитектурата тука не е функција таа е перформанс. Секој лидер што гради споменик за себе ја претвора државата во огледало. Парадоксот е дека и Трамп и Груевски инсистираат дека тоа е „волјата на народот“. Дека арката е за сите, не само за нив. Но луѓето под лакот не минуваат како триумфатори туку како статисти во туѓа драма. Проектот „Скопје 2014“ беше масовен архитектонски експеримент во колективна психа. Десетици неокласични фасади, бронзени фигури, нимфи, лавови, цел еден театар во кој државата глуми да е стара империја, закопувајќи го минатото и историјата која е вредна за почит и сакање. Новите градежници сосема слепи и глуви за нејзе. Трамп ја повторува истата психодрама: арката како терапија за нација што се плаши дека нејзиниот зенит е зад неа. Тоа што и едниот и другиот ја бараат својата инспирација во античкиот Рим, не е случајно. Рим е митот на вечноста. Но секој што се идентификува со Рим заборава дека тој град паднал, не од непријател, туку од тежината на сопствената митологија. Кога власта зборува за „величественост“, архитектите се повлекуваат. Во Скопје, струката беше исмевана како елитистичка; во Вашингтон, Американскиот институт на архитекти предупреди дека уредбата на Трамп го ограничува креативниот израз. Но токму тука лежи суштинскиот конфликт: вкусот на народот наспроти вкусот на историјата. Популизмот секогаш ја сака архитектурата што може да се фотографира. Мермерот мора да свети, куполата да личи на небо, бронзата да тежи колку авторитетот што недостига. Во Скопје тоа беше спектакл на визуелна врева; во Вашингтон, тоа е спектакл на форма без функција. И двете места се сведоци на истата транзиција: од архитектура како уметност, кон архитектура како огласна табла на моќта. Можеби токму затоа триумфалните капии се толку фасцинантни. Тие не се само објекти: тие се портрети на човечката суета во камен. Суетата, за разлика од арката, нема основа; таа не држи ништо, но бара да биде гледана. Трамп ја сака својата арка како потврда дека постои исто како што Груевски ја сакаше својата „Порта Македонија“. И двајцата претставуваат еден вид архитектонски нарцизам: вербата дека со доволно бетон и мит може да се задржи времето. Но времето секогаш поминува низ тие лакови и никогаш не се враќа назад. Психоаналитички гледано, триумфалната арка е симбол на премин: од смртност кон бесмртност, од поединец кон мит. Не е случајно што Трамп ја поставува својата арка на прагот на Вашингтон како врата кон главниот град, исто како што Груевски ја постави својата во срцето на Скопје. И двајцата го користат просторот како психолошки инструмент, за да кажат: „Јас сум овде, јас сум оној што ќе остане.“ Но архетипот секогаш бара цена. Она што почнува како архитектура завршува како автопортрет на пропадната идеологија. Секоја арка на крај се претвора во рамка низ која народот гледа колку малку од својата слава останало. Историјата има своја иронија: помина една декада, и спомениците од „Скопје 2014“ веќе се лупат, металот потемнува, фонтаните не работат. Трамп можеби ќе ја изгради својата арка — можеби не но на крај, и таа ќе стане позадина на некој нов селфи момент. Каменот е најтешката материја за заборав, но и најсигурното место за исчезнување. Она што е подигнато за вечност, често трае пократко од идејата што го родила. На крај, сите арки се само врати кон празнината врати низ кои човек минува надевајќи се дека ќе биде запомнет, додека времето, рамнодушно, минува во обратен правец. И можеби токму затоа, иронично, триумфалната арка е најискрениот споменик на нашата ера: не затоа што слави победа, туку затоа што открива страв. Страв од заборав, страв од историја без лик, страв дека по нас нема да остане ништо. Во Скопје и во Вашингтон, под лакот од бел камен се кријат исти сенки. Арката не е врата кон вечноста, таа е огледало. И во него, кога ќе поминеш, секогаш го гледаш истиот лик: човекот кој не може да се помири дека сѐ што гради, е минливо. А.Ч.
- DAFT PUNK: 20 години подоцна, „Human After All“ се враќа на винил- и можеби нешто повеќе
Дваесет години по излегувањето на нивниот најконтроверзен и најсиров албум, Daft Punk повторно нè враќаат во електричниот свет на Human After All , овојпат со ремикс издание на винил за првпат во историјата. Француското дуо, кое ја дефинираше модерната електронска култура пред да исчезне во тишината на 2021, го слави јубилејот со лимитирано 2xLP gatefold издание на Human After All Remixes, кое излегува на 28 ноември. Плочата е реминисценција на една ера кога клубовите пулсираа со неонска монотонја и машини што звучеа премногу човечки. Списокот е вистински пантеон на француската електронска сцена од 2000-тите: Justice, Soulwax, SebastiAN, Basement Jaxx, The Juan Maclean, Vitalic, Peaches, Para One… секој од нив оставил сопствен отпечаток на хромираниот звук на Daft Punk. Од Erol Alkan’s Horrorhouse Dub до Guy-Man After All remix од Justice, ова е колекција што истовремено звучи како ретро фетиш и фјучр-носталгија. Винил, пластика и митологија За да ја комплетираат реанимацијата, Daft Punk објавуваат и нов сет фигурини од Super7 ReAction, инспирирани од видеото за Technologic (2005). Роботите ќе бидат достапни со гитари, заменливи кациги и дозирана иронија , потсетник дека и митот може да се продава во blister пакување. Ако некогаш сте посакале да ги имате Bangalter и Guy-Manuel на полицата меѓу вашите плочи и слики од Homework и Discovery ерата - еве ја шансата. Сенката на изгубениот албум Но можеби највозбудливата вест доаѓа не од архивите, туку од зад сцената. Quinn, сесиониот тапанар кој работел со дуото на Random Access Memories (2013), потврди дека постои изгубен албум на Daft Punk. „It’s coming out the locker,“ рече тој за студентското медиумско тело alt.news 26:46, сугерирајќи дека овој непознат материјал би можел да биде логичен наследник на нивното последно ремек-дело. Дали ова значи дека ќе го слушнеме последниот здив на Daft Punk? Или пак, како што вели насловот на нивниот албум, ќе сфатиме дека навистина се — Human After All. 🪩 „Human After All Remixes“ 20th Anniversary Vinyl 📀 Издавач: Daft Life / Parlophone 📆 Излегува: 28 ноември 2025 💿 Двојно винил издание со ремикси од Justice, Soulwax, SebastiAN, Basement Jaxx и други. 🧰 Фигурини: Super7 ReAction – достапни на Super7.com Светлата повторно трепкаат во мракот на роботската митологија. И ако некогаш верувавме дека Daft Punk згаснаа, можеби токму ова винил издание е нивниот електронски пулс што сè уште чука — некаде под шлемот.
- Минијатурна слика на Пикасо мистериозно исчезна во Шпанија
Полицијата истражува како исчезнала сликата наменета за изложба во Гранада Минијатурна гваш слика на Пабло Пикасо, со наслов „Naturaleza muerta con guitarra (Мртва природа со гитара)“ од 1919 година, исчезнала во Шпанија , потврди културниот центар CajaGranada Fundación. Делото, мало колку еден iPhone SE (12,7 x 9,8 сантиметри), требало да биде дел од изложбата „Bodegón: La eternidad de lo inerte“ („Мртва природа: вечноста на неживото“), која се отвори на 9 октомври во Гранада. Сликата, чија вредност се проценува на околу 600.000 евра, била испратена од приватна колекција во Мадрид, но при распакување на делата на 6 октомври , три дена пред отворањето на изложбата, кураторите откриле дека делото недостасува. Според соопштението од институцијата, уметнините пристигнале со доставно возило на 3 октомври и биле пренесени со виљушкар во складиште под постојан видео-надзор. Сепак, пакетите биле погрешно нумерирани, што оневозможило детална проверка без целосно отворање. Персоналот ја потврдил само документацијата, а не и физичката содржина на пакетите, пред возачите да си заминат. Шпанскиот дневен весник El País јавува дека во возилото имало двајца лица кои преноќиле во близина на Гранада. Засега нема приведени, а истрагата е насочена кон тоа во кој момент од патувањето исчезнало делото, и дали воопшто било качено во камионот. CajaGranada Fundación поднела пријава до Националната полиција на Шпанија, која ја води истрагата. „Ги ставивме сите наши ресурси на располагање за да се расветли случајот,“ стои во нивното соопштение. Ова не е првпат делата на Пикасо да бидат мета на крадци. Во 2012 година, неговата слика „Tête d’Arlequin“ беше украдена во Холандија, а во 2019 година француски суд осуди електричар кој заедно со сопругата скрил 271 дела на Пикасо во својата гаража 40 години. Мистериозното исчезнување на минијатурното платно, кое требаше да ја отвори изложбата за „вечноста на неживото“, ја потврдува токму спротивната идеја, дека уметноста понекогаш живее најбурно зад затворени сандаци и недовршени етикети.
- Лувр во шок – историски накити украдени за само седум минути
Лувр затворен по дрзок дневен грабеж: украдени „непроценливи“ кралски накити Драматично утро во музејот на сите музеи Во неделата, 19 октомври 2025 година, Париз се разбуди со вест што одекна низ целиот културен свет: во музејот Лувр се случи еден од најхрабрите дневни грабежи во поновата историја. Група крадци украле осум предмети од Галеријата на Аполон, дел од националната збирка на францускиот кралски накит. Според Министерството за внатрешни работи на Франција, крадците влегле во музејот околу 9:30 наутро, само половина час по отворањето. „Се движеа смирено, не напаѓаа никого, за неколку минути ги скршија витрините, ги собраа предметите и исчезнаа. Сè беше професионално изведено,“ изјави министерката за култура Рашида Дати за TF1. Полицијата смета дека групата користела механичка платформа – таканаречен basket lift – за да се искачи до вториот кат од југоисточната фасада. Преку прозорецот на галеријата Аполон влегле во просторијата каде што се изложени скапоцености кои датираат од XVIII и XIX век. Во акцијата учествувале најмалку четири лица. Петмина чувари биле присутни во просторот, но нападот бил толку брз и координиран што не успеале да реагираат. Крадците поминале само седум минути внатре, а потоа побегнале со два моторцикла кои ги чекале пред музејот, открива Ројтер. Меѓу осумте украдени предмети се наоѓаат дела од француското кралско наследство со непроценлива вредност. 📿 Сет на кралица Мари-Амели и кралица Ортанс (Hortense de Beauharnais) — вклучува сафирна и дијамантска тиара, огрлица и обетки, изработени од париски златари на почетокот на XIX век. 💎 Сет со смарагди и дијаманти, подарок од Наполеон Бонапарта на неговата сопруга Мари-Луиза од Австрија по нивната венчавка во 1810 година. 👑 Тиара со бисери и дијаманти на царицата Eugénie, сопруга на Наполеон III, која била меѓу највредните парчиња во колекцијата. 💠 Голем дијамантски брош во облик на панделка, исто така дел од сетот на Ежени. Еден од познатите симболи на Лувр – круната на царицата Ежени со вградени дијаманти – е меѓу ретките пронајдени предмети. Таа била пронајдена фрлена во близина на музејот, што на истражителите им сугерира дека крадците дел од пленот го оставиле во брзањето. „Овие предмети не се само накит – тие се дел од историјата на Франција,“ соопшти портпаролот на Лувр. „Нивната културна и историска вредност е поголема од која било пазарна цена.“ Француската полиција ја вклучи специјалната единица за уметнички кражби (OCBC), која претходно работела на враќање на дела од Пикасо и Моне. Експертите предупредуваат дека првите 48 часа се клучни: ако предметите не бидат лоцирани во тој период, голема е веројатноста да бидат растопени, препродадени или сокриени во приватни колекции. Ова не е првпат најпознатиот музеј на светот да стане сцена на криминална приказна. Во 1911 година, вработен во музејот ја украл „Мона Лиза“ – дело кое било пронајдено дури по две години. Во 1998 година, од една од салите била украдена слика на Жан-Батист-Камил Коро која никогаш не е вратена. Новата кражба повторно го поставува прашањето: колку е навистина безбеден музејот кој секојдневно го посетуваат околу 30.000 луѓе? Лувр веќе извесно време се соочува со преголема посетеност и недостиг на кадар. Во јуни годинава, дел од вработените штрајкуваа, барајќи подобри услови и поголема безбедност. Францускиот претседател Емануел Макрон во јули најави децениумски проект за целосна обнова на музејот, вклучувајќи и нов систем на безбедносен надзор и периметарска заштита. По вчерашниот грабеж, Министерството за култура соопшти дека ќе се забрзаат сите безбедносни инвестиции, а музејот ќе остане затворен на неодредено време додека трае истрагата. Француските медиуми го опишуваат грабежот како „удар врз националната гордост“. За многумина, накитот на кралиците и цариците не е само збирка луксузни предмети – туку симбол на историјата, моќта и уметничката изведба на една епоха. „Да се изгуби ваков предмет е како да изгубиш страница од колективната меморија,“ напиша Le Monde во својата уредничка колумна. Што следува Истрагата продолжува, со учество на специјални единици за културно наследство и меѓународна координација преку Интерпол. Музејот ќе биде делумно отворен за јавноста најрано по неколку недели, со ограничен пристап. Француската влада најави дека ќе ја зголеми безбедносната обука за сите вработени во националните музеи. Кражбата на накитот од галеријата на Аполон се случува во време кога Европа дебатира за враќање на колонијални артефакти и редефинирање на музејската етика. Парадоксално, токму симболот на француската слава стана жртва на сопствената уметничка привлечност , но и на современите безбедносни пропусти. Извори: Reuters · AP News · The Guardian · Le Monde · Time · People
- Snoop Dogg со детска песна во поддршка на LGBTQ+ заедницата
Хип-хоп легендата го внесува духот на прифаќањето во детската култура преку музика и анимација. Snoop Dogg објави нова детска песна во поддршка на LGBTQ+ луѓето, откако претходно беше критикуван поради коментарите за лезбејската репрезентација во еден филм на Disney. Песната, насловена „Love Is Love“, е создадена во соработка со поранешниот учесник на The Voice, Џереми Белоут, и се појавува во најновата епизода од анимираната YouTube серија на раперот — Doggyland. Проектот доаѓа после контроверзијата околу Snoop Dogg започна по неговиот коментар за филмот на Disney „The Proud Family: Louder and Prouder“, во кој спомена дека не се согласува со начинот на кој е прикажана лезбејската репрезентација. Изјавата предизвика реакции на социјалните мрежи, каде многумина го обвинија за нетолеранција и неразбирање на значењето на видливоста на LGBTQ+ заедницата во детските медиуми. По критиките, раперот јавно изјави дека бил „погрешно разбран“ и дека секогаш се залагал за љубов и почит меѓу луѓето. Проектот е направен во партнерство со GLAAD, како дел од одбележувањето на Spirit Day (16 октомври) — годишна иницијатива што ги охрабрува јавните личности да застанат против малтретирањето на LGBTQ+ младите и нивните семејства. GLAAD објави разговор меѓу Snoop и Белоут за песната. „Прекрасно е што децата можат да имаат родители од сите животни патишта и да бидат опкружени со љубов, да научат што значи љубов,“ изјави Snoop. „Без разлика дали се двајца татковци, две мајки — љубовта е клучот.“ Во продолжение додаде дека песната ги истражува современите семејни облици преку музика, танц и мелодија: „Ова е начин да им дадеме повеќе јасност на децата за светот во кој растат. Сметам дека музиката може да биде мост кон разбирање. Децата имаат прашања, а преку вакви песни можеме да им помогнеме да разберат дека љубовта е љубов.“
- Кевин Федерлајн тврди дека Бритни Спирс користела кокаин додека го доела нивното бебе
Поранешниот сопруг на поп-ѕвездата, Кевин Федерлајн, изнесе нови шокантни тврдења за Бритни Спирс во своите мемоари You Thought You Knew, кои треба да бидат објавени на 21 октомври. Во откриени одломки, Федерлајн вели дека пејачката користела кокаин во 2006 година, во период кога ги доела нивните синови, Шон Престон (тогаш 13 месеци) и Џејден Џејмс (еден месец). Федерлајн, кој беше во брак со Спирс од 2004 до 2007 година, опишува сцена од промоција на неговиот албум Playing With Fire, кога таткото на Бритни (Џејми Спирс), го предупредил дека „нешто не е во ред“. „Ми фрли поглед, ја стресе главата и ми покажа кон вратата од собата,“ пишува Федерлајн. „Изгледаше како да вели: ‘Тука е, и не е добро.’“ Тој продолжува дека кога влегол, ја затекнал Бритни заедно со позната актерка. „Првото што го видов беше Бритни и нејзината ѕвездена пријателка како шмркаат дебела линија кокаин од масата,“ тврди тој. „Двете носеа смешни перики Бритни носеше дреч сина. Беше надреално. Дури и не се обидоа да го сокријат тоа.“ Во мемоарите, Федерлајн дополнително изразува загриженост за менталното здравје на Спирс, велејќи дека нејзината состојба „оди кон нешто неповратно“.
- Florence + The Machine со „Everybody Scream“ во живо на Graham Norton Show
Во нова, театрална изведба која го потврдува статусот на модерна митска фигура на поп-сцената, Florence Welch настапи синоќа во The Graham Norton Show со песната „Everybody Scream“. Нумерата е дел од претстојниот, шести албум на Florence + The Machine, кој излегува на 31 октомври продолжение на нивниот последен проект Dance Fever (2022). Изведбата, исполнета со хорови, драма и неонска светлина, ја претвори студиската сцена во ритуален театар. Со карактеристичниот интензитет и глас што се издига до катарза, Florence ја рецитираше строфата: “The harvest, the needle, protect me from evil / The magic and the misery, madness and the mystery / Oh, what has it done to me? Everybody scream.” Групата неодамна го објави и задниот омот од претстојниот албум, кој содржи 12 песни. Албумот се отвора со двете неодамнешни сингл-објави, а потоа следуваат насловите: „Witch Dance“, „Sympathy Magic“, „Perfume And Milk“, „Buckle“ и „Kraken“. Вториот дел од плочата ги вклучува „The Old Religion“, „Drink Deep“, „Music By Men“ и „You Can Have It All“, а завршува со финалната песна „And Love“. Погледнете ја целата изведба подолу: 🎥 Категорија: дива појачало
- Во Салон 19:19 — магијата оживува со „Оки Железо и магичното сечило“ на Елена Бошбож
Во среда, на 22 октомври од 19:19 часот, во Салонот 19:19 при Културно-информативниот центар – Скопје, ќе се одржи промоцијата на детската книга „Оки Железо и магичното сечило“ од младата авторка Елена Бошбож, во издание на „Антолог“. За книгата ќе зборува Ивица Дукоски, а модераторка на настанот ќе биде самата авторка. Во фантастичниот свет на Бошбож, сончевите моќи се враќаат на земјата преку ликот на човек што ги носи во себе, а кралството Крунски се распаѓа меѓу магии, предавства и борби за престолот. Две кралски ќерки, секоја заробена во свој свет, мораат да изберат меѓу преживување и владеење, додека Токиј Токмак тргнува на потрага што ја преиспитува лојалноста и пријателството. Приказната отвора прашање што ја надминува жанровската рамка: Кој кому ја плете судбината — боговите на луѓето, или луѓето на боговите? Елена Бошбож (1996) е писателка и магистриран професор по англиски јазик и книжевност. Нејзиниот дебитантски роман е првиот дел од епската фантазија Сонцето под земја, кралството над него. Има објавено раскази во The Dark Corner Zine (2020) и Collective Chaos (2024), и е членка на Македонското научно друштво – Битола.
- Зајакот беагалец
Бед Бани го освои светот. Ова лето се врати дома. Автор: Келефа Санех 15 септември 2025 Во 2016 година, еден заводлив ремикс на песната „Diles“ почна да пулсира низ стриминг-платформи и ноќни клубови. Во неа настапуваа неколку порторикански изведувачи, но главниот беше нов хитмејкер со смешно име и сериозен глас: Бед Бани( Bad bunny). Неговото вистинско име е Бенито Антонио Мартинес Окасио; уметничкото име, како што подоцна дознаа обожавателите, било инспирирано од фотографија од детството на која тој намуртен стои облечен во костим на зајак. Гласот му беше тажен и елегантен: пееше (а понекогаш и рапуваше) со некоја рамна, речиси литургиска сериозност - дури и кога ритамот и текстот сугерираа разиграност, што често се случуваше. „Diles“ значи „кажи им“, а во песната Бед Бани ја поттикнува една жена да им каже на нејзините пријателки колку добро се однесувал со неа. „Dice que le gusta hacerlo con mis temas de trap“, пее тој: „Вели дека сака да го прави тоа на моите трап песни.“ Тоа беше и сексуална и музичка фалба. Новиот стил наречен латино-трап беше во подем во Порторико, и Бед Бани се самопрогласуваше за еден од неговите најсилни гласови. Девет години подоцна, јасно е дека Бед Бани имал причина за својата нескромност - барем кога станува збор за музиката. Со шест одлични соло-албуми, тој прво се утврди како најголемиот успех на латино-трап сцената, а потоа како нешто сосема друго: стилски и непредвидлив ѕвезден феномен без вистински претходник или ривал. Можно е да е најпопуларниот пејач на шпански јазик во историјата, а веројатно и најважниот музичар на светот во моментов - личноста кон која идните генерации ќе посочуваат кога ќе зборуваат како звучеле раните дваесетти години од овој век. („Un Verano sin Ti“ од 2022 е најслушаниот албум во историјата на Spotify, а минатиот месец една негова песна стана првата од 2025 што достигнала милијарда слушања на платформата.) Настапуваше како професионален борач (WrestleMania 37), глумеше во филмови („Bullet Train“, „Happy Gilmore 2“, „Caught Stealing“), беше во врска со Кардашијан (Кендал Џенер) и соработуваше со модни брендови (Adidas, Calvin Klein). Но една од тајните на неговиот успех е токму тоа што — колку повеќе расте, толку повеќе изгледа како да не си заминал од дома. Ова лето беше токму таму: во Порторико, со резиденција од триесет концерти во најголемата сала на островот: Колосеумот „Хосе Мигел Агрелот“, со капацитет од речиси дваесет илјади луѓе. Во една врела, дождлива августовска сабота, додека ураганот Ерин беснееше во близина, концертот почна со десетици танчери и тапанари во традиционални порторикански носии. Бед Бани се појави во нешто помалку традиционално: крзнена капа, како да штотуку пристигнал од некое студено место и му е мило што е повторно дома. Настанот беше прослава, но и со нијанса на тага. Резиденцијата се вика „No Me Quiero Ir de Aquí“ („Не сакам да си одам одовде“) , фраза што често ја користат славни кои премногу патуваат. (Во еден од претходните албуми, Бед Бани му се подбива на непознат ривал со стихот: „Никој не те знае, ни во твоето маало / Вчера бев со Леброн, и со ДиКаприо.“) Во оваа сала, „овде“ беше на два начина: главната сцена, обвиена со зеленило и магла, потсетуваше на нераспоседнат рид, а во задниот дел имаше ниска розова куќичка — како место за дивa домашна забава. Додека ја изведуваше грмогласната „Safaera“, Бед Бани пееше од покривот на куќичката, а еден од гостите под него танцуваше толку жестоко со украсно растение што изгледаше како да се обидува да го оплоди. Двете сцени го симболизираа двојниот импулс на неговиот најнов албум „DeBÍ TiRAR MáS FOToS“ („Требаше да сликам повеќе“), кој ги спојува најсовремените тракови со влијанија од салса и други постари порторикански стилови. Кога се искачи на „вештачкиот рид“ за да ја отпее „PIToRRO DE COCO“, омаж за домашната музика и домашното пијалче, го придружуваше четирижична гитара куатро, типична за џибаро музиката, а тој држеше тегла што изгледаше како вистинскиот самогон од песната. Неговиот воздржан стил прави неговите рефрени уште позаразни, и маестрално ја користи контрадикцијата помеѓу мирниот глас и бучната енергија на музиката. Целата вечер изгледаше како да создава сопствен микроклимат — барем петнаесет степени постуден од сите во салата. Можеби затоа и ја носеше капата. Пред латино-трапот, Порторико беше опседнат со регетон — разметлив стил со луплив, стакато ритам наречен дембо, потекнат од џамјанскиот денсхол. (Името доаѓа од песната „Dem Bow“ на Шаба Ренкс од 1990.) Во 2000-тите, експлозијата на регетон ги направи ѕвезди Деди Јенки и Дон Омар, кои беа и ривали. Латино-трапот, инспириран од јужниот американски хип-хоп, беше поспор, потемелен и попроменлив. Во почетоците се поврзуваше со секс и насилство; неколку месеци пред ремиксот на „Diles“, Ануел АА, еден од пионерите на движењето, беше уапсен и осуден на две и пол години затвор поради нелегално поседување оружје. Бед Бани ги спои двата жанра, но со интроспективен пристап: во „Soy Peor“ („Полош сум“), песната што го направи ѕвезда, зборува дека купил пиштол само за да го „убие Купидон“ и да му се одмазди за скршеното срце. Од почеток, Бед Бани негувал боемски имиџ; повеќето фанови не се изненадија кога во видеото за „Estamos Bien“ (2018) покажа нокти насликани во светло сина боја. Подоцна стана и политички активист — го носи светлосиниот Порторикански знаме што го симболизира движењето за независност и јавно ја критикува владејачката Нова Прогресивна Партија (П.Н.П.), која поддржува државност. П.Н.П. беше на власт во 2017, кога ураганот Марија одзеде речиси три илјади животи и предизвика месеци без струја. (Во 2022 ја објави „El Apagón“ – „Прекин на струја“, гневна и горда химна на порториканскиот идентитет.) Минатата година финансираше дигитални билборди со пораки како „votar pnp es votar por la corrupción“ („да гласаш за П.Н.П. значи да гласаш за корупција“). Единствената сцена што сè уште не ја освоил е политиката: есента, кандидатката на П.Н.П. Џенифер Гонзалес-Колон стана гувернерка на Порторико. Таа одби да присуствува на концертите, иако призна дека резиденцијата е „голема можност“ за островот бидејќи привлече туристи од целиот свет. Токму туризмот беше една од темите на вечерта. Првите девет концерти беа продадени лично и исклучиво за локалци, но подоцнежните билети ги купија и посетители, што го преполнија Сан Хуан и дури придонесоа за економски раст — Moody’s објави мало подобрување на прогнозата, нарекувајќи го „ефектот на Бед Бани“. Во арената се слушаа американски акценти; публиката доби приврзоци со светлечки камери — симбол на албумот, но и знак дека сите сме туристи. На сетлистата беа и „TURiSTA“ — меланхолична балада за љубовник кој сака да ги види само забавните делови од неговиот живот — и „LO QUE LE PASÓ A HAWAii“, предупредување со рефрен: „Не сакам да ти го направат истото што ѝ го направија на Хаваи.“ По мрачниот момент, повика салса оркестар што ја претвори меланхолијата во славење. До „DtMF“, главниот рефрен веќе се претопи во празнична исповед: „Требаше да сликам повеќе кога те имав / требаше да те гушкам и бакнувам повеќе, кога можев.“ Неколку локалци плачеа. Следното утро, Бед Бани ретвитна вест дека ветерот од ураганот Ерин оставил без струја 150.000 домови. Бед Бани имаше среќа што кариерата ја започна токму кога интересот за латино музика нагло растеше: во 2017, само неколку месеци по „Diles“, Луис Фонси го објави „Despacito“ со Деди Јенки — светски хит што покажа дека публиката во САД е подготвена да пее и на шпански. Истовремено, стримингот го обедини глобалниот аудиториум и потсети дека англофоните се малцинство. Бед Бани понекогаш се оддалечуваше од традиционалното порториканско звучење — неговиот прв албум „X 100PRE“ (2018) содржи емо-трап песна со електрична гитара. Денес се враќа кон корените, и на сцената во Колосеумот изгледаше и изненаден и возбуден што се „преродил“ како салса пејач со пола работно време. За време на резиденцијата, ја полнеше својата „касита“ со гости од Порторико и целиот континент, претворајќи ја арената во културен центар на Америка. Таа августовска вечер таму беа Џон Хем, комичарот Рејмонд Ариета, пејачите Беки Џи и Иван Корнехо, и регетон-ѕвездата Де ла Гето. Благодарение на Бед Бани, порториканската музика денес е глобален феномен: неговото влијание се слуша во песните на шпанецот Кеведо, на чилеанецот Крис МЈ, и на колумбиецот Бееле, чиј нов албум „BORONDO“ се инспирира од Сан Хуан, Кингстон, Лагос и понатаму. Но во моментов, сета таа музика не звучи како конкуренција — туку како доказ дека наследството на Бед Бани сè уште расте, и дека неговата ера не е завршена. ♦︎
- „Муабет со портретот и актот преку цртежот“ изложба на Лоран Куфало во КИЦ
Во изложбениот салон „Империјал 1“ на Културно-информативниот центар – Скопје, на 16 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Муабет со портретот и актот преку цртежот“ од ликовниот уметник Лоран Куфало. Куфало (р. 1967, Скопје) е дипломец на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (1992), член на ДЛУМ од 1998 година, со искуство во телевизиска и филмска сценографија и графички дизајн. Има изложувано во Скопје, Сан Франциско и други простори, а оваа изложба претставува негово враќање на домашната сцена по повеќе од една деценија. Во „Муабет со портретот и актот преку цртежот“, уметникот ја третира линијата како „корен на секоја креативна идеја“ — едноставна, но моќна трага што го открива неговиот темперамент и внатрешна состојба. „Цртам движење, поглед, психолошка состојба, карактер… секој лик и секое тело за мене се универзум“, вели Куфало. Изложбата е составена од портрети и акти во кои едноставната линија станува динамичен разговор со емоцијата и моментот, повикувајќи на тивок, беззборен дијалог меѓу гледачот и цртежот.” Изложбата ќе биде отворена до 29 октомври 2025 година во Културно-информативниот центар – Скопје, салон „Империјал 1“.
- Премиера на „Молкот на Марија Магдалена“ – театарска претстава за трговијата со луѓе
Модерна интерпретација на Марија Магдалена што ја разоткрива тишината околу трговијата со луѓе. На 15 октомври (20:00 ч.) во Салон 19:19 ќе се одржи премиерата на драмската претстава „Молкот на Марија Магдалена“, авторски проект на Театар за тебе, со поддршка од Салон 19:19 и Град Скопје. Претставата ја отвора темата на трговијата со луѓе низ призма на современата Марија Магдалена – лик што патува меѓу вина и простување, збор и тишина. Публиката ќе биде дел од емотивно и музички интензивно патување, во кое се преплетуваат вистински приказни, исповеди и прашања што ретко се изговараат гласно. Настанот е наменет за публика 16+, а повеќе информации се достапни на zlatenzab.mk/event/19001-2 .













