Резултати од пребарување
1187 results found with an empty search
- „Акреа“ Кога везот зборува – модата како акт на културна ревитализација
Дизајнерката Анета Трпчевска преку брендот „Акреа“ гради мост помеѓу етничките кодови и современата мода – со почит кон културното наследство, женската енергија и автентичната рачна изработка, таа ја трансформира традицијата во жива, нослива уметност. Етничките кодови не се само визуелни украси или естетски избори – тие се комплексен систем од симболи, бои, техники и материјали што ја носат душата на одредена култура. Во нив се вткаени спомени, вредности и животни филозофии на заедниците што ги создавале и ги пренесувале низ генерации. Модата и дизајнот, како особено визуелни и комуникативни форми, имаат потенцијал не само да ги претстават овие кодови, туку и да ги трансформираат во нови јазици на израз, под услов тие да бидат разбрани и почитувани. Во последните децении, глобализацијата на модата создаде хибридни естетики, но и бројни етички дилеми. Модните брендови често ги „позајмуваат“ локалните мотиви и техники како визуелни украси, губејќи го нивниот изворен контекст. Таквата културна апропријација се разликува од акултурацијата – процес кој подразбира взаемно влијание, почит и соработка. Кога автентични традиционални елементи се интегрираат со внимание и дијалог, тогаш тие не се инструментализираат, туку добиваат нов живот, притоа зачувувајќи ја својата суштина. Во модата, апропријацијата честопати ги сведува автентичните етнички мотиви на површен декоративен слој, користен за да создаде чувство на "боемски" или "етно" стил. Притоа се губат контекстот, значењето и авторството на тие мотиви. Наспроти тоа, вистинското интегрирање на локалната култура бара чувствителност, соработка и длабоко разбирање. Бара почит кон занаетот, кон историјата, и кон луѓето зад традицијата. Токму во тој пресек помеѓу локалната припадност и современото изразување се роди приказната на „Акреа“. „Приказната си се пишуваше години наназад,“ вели креаторката Анета Трпчевска: „во мојот тефтер со желби.“ Посветеноста на македонската култура, посебно на женскиот ракопис во традиционалниот вез, древните зборови и археолошките артефакти, не претставува само визуелен избор – туку идентитет, став и животна мисија. Таа не се занимава со површна референца кон традицијата, туку ја интерпретира преку сопствено образование, археолошки знаења и интуитивно истражување. Изборот на мотиви, нивната трансформација во дизајн, и целата наративна архитектура на „Акреа“ се дел од еден чин на културна ревитализација – не на пазарна експлоатација, туку на емпатична и одговорна креација. ДИВА: Како започна твојата приказна со дизајнот и рачната изработка? Дали уште од почеток знаеше дека ова ќе ти биде патот, или тоа беше процес на откривање низ искуство и интуиција? Што беше пресудниот момент кога сфати дека ова не е само хоби, туку твој идентитет? Анета Трпчевска(Акреа): Приказната си се пишуваше години наназад, во мојот тефтер со желби. Од секогаш посакував и знаев дека доколку работам нешто свое, тоа ќе биде креативно, уникатно и поврзано со македонската култура и традиција. Од секогаш бев сигурна дека доколку ја реализирам долгогодишната желба, тоа ќе биде мојот белег и идентитет, а не само хоби. Зошто токму „Акреа“? Како се роди ова име, што значи за тебе, и кога почувствува дека е време да изградиш свој бренд, свој универзум? Колку е тешко да се даде форма на нешто што носи и лична приказна и поширока културна мисија? Истражувајќи стари, антички македонски зборови, „акреа“ се издвои сама уште пред да го откријам значењето на зборот. Убавото, длабоко значење кое го носи, совршено се вклопи во приказната – мојата лична и во приказната на целиот Акреа концепт. Зборот ја слави женската енергија, женската храброст, вештината, убавината. Акреа како ќерка, како божица. Во периодот после завршувањето на долгогодишниот работен ангажман, мојот немирен и креативен дух не ме остави мирна и тогаш се случи пресудниот момент – приказната на Акреа да излезе од тефтерот со желби и идеи. Македонските везови, симболи и културното наследство се во срцето на твоите дизајни. Кога започна оваа врска? Што најмногу те фасцинира кај тие традиции – естетиката, симболиката, приказните зад нив – и како одлучуваш што и како ќе преточиш во современ јазик на модата? Врската со културното наследство, традицијата и уметноста постои од одамна. Љубовта и интересот кон културното наследство беа клучни и во одлуката за моето образование – јас сум дипломиран историчар на уметност и археолог. Стручното знаење и богатото работно искуство беа квалитетна основа која ми беше од голема помош во креаирањето на Акреа. Фасцинирана сум од македонскиот народен вез, од сета вредност и значење претставени во вештината на македонската жена – вековноста, пренесувањето од генерација на генерација, чувањето на носиите како најголемо богатство и светост. Боите, шарите, тајните кодови скриени во нив и мистичноста со која зрачат. Уникатноста на археолошките артефакти, нивното значење во македонската археологија и посебноста. Народните обичаи, сета нивна специфичност и начинот на изведување се особено фасцинантни. Мотивот кој ќе го обработам го избирам водена од интуицијата. Во изборот влијае и приказната што ја носи, значењето, теренското истражување, користењето на стручна литература. Кога ќе се поврзат повеќе аспекти, од мотивот се креира дизајн. Како успеваш да останеш верна на себе и на својот ритам во време на брза мода, инфлуенсер култура и визуелна преекспонираност? Што е она што те држи настрана од компромисите што ги прават многу дизајнери за да „опстанат“ на пазарот? Кога започнував со Акреа, бев помалку скептична како ќе биде прифатен концептот во современото време кое го живееме – време на дигитализација, вештачка интелигенција, инфлуенсери, слепо следење на трендови. Но не отстапив и не се откажав од мојата замисла. Останав верна на себе затоа што верував во мојот концепт. Особено ме радува што Акреа за брзо време беше прифатена со воодушевување, концептот беше препознаен и веќе создаваме едно големо и убаво Акреа семејство. Концептот е интересен затоа што претставува спој на минатото и историјата со современото. Културното наследство и традицијата се претставени со современ, креативен израз на нов и уникатен начин. Дизајните и производите се адаптирани на современиот начин на живот – достапни и прифатливи за секого. Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како независна дизајнерка во Македонија? Недостиг на институционална поддршка, финансии, платформи? И од друга страна – што или кој ти е најголем извор на поддршка во ова патување? Предизвиците се огромни и многубројни. Не е нималку едноставно сам да ја раскажуваш својата приказна, да биде препознаена и прифатена. Не е воопшто едноставно, чувствата кои се вткаени во секој еден дизајн и производ да допрат до другите – затоа што за мене дизајните не се само обични цртежи, тоа е мојот свет, дел од мене, љубов. Од друга страна, независноста овозможува креативна слобода која е многу значајна и безценета. Дел од предизвиците се и недостатокот на институционална поддршка, самофинансирањето и пласманот на производите. Но постои и позитивна страна – најблиските, семејството и пријателите, од кои ја добивам најголемата поддршка. Каде го гледаш брендот „Акреа“ во следните неколку години? Размислуваш ли за нови колекции, проширување, интернационален пласман? И конечно – каква порака би испратила до сите што веруваат во рачната работа, локалната традиција и модата како културен израз, не само тренд? Плановите и желбите за иднината на Акреа се многубројни. Дел од нив се свое продажно и креативно катче, нови начини на изработка на дизајните, нови производи. На секоја замисла и идеја може да ѝ биде даден живот само доколку силно веруваш во себе и во својот сон. Со многу работа, посветеност и љубов, секој сон е возможен.
- Затворен 15. Филозофски филмски фестивал: „Шамбала“ го освои жирито, „Универзален јазик“ – публиката
Со интензивна, но топла атмосфера и проекција на делата кои го носат потписот на филозофската мисла, завчера свечено заврши 15. јубилејно издание на Филозофскиот филмски фестивал. Последната вечер во Кинотеката ја заокружи проекцијата на селекцијата на видеоесеи (во избор на м-р Ивана Мирчевска) и филмот „Витгенштајн“ на Дерек Џарман, во чиј контекст беше прикажано и видео излагање на неодамна починатиот Ернесто Ередеро дел Кампо – културен аташе на Шпанија во Скопје и посветен поддржувач на фестивалот. Вечерта кулминираше со доделување на фестивалските награди. Жирито, во состав Хасан Сердар Гергерлиоглу (Турција), Кумјана Новакова (Македонија) и д-р Мартин Ередеро Кампо (Шпанија), за најдобар долгометражен филм го избра непалскиот „Шамбала“ на режисерот Мин Бахадур Бхам. Тие го оценија како филм со редок визуелен интегритет и длабока емотивна резонанца, истакнувајќи дека „преку тишина, ритуал и пејзаж, 'Шамбала' нè повикува да се соочиме со непостојаноста, одговорноста и природата на искупувањето“. Публиката, пак, својот глас му го даде на канадскиот филм „Универзален јазик“ на Метју Ренкин, кој го доби признанието „Златен був“ за најдобар долгометражен според гледачите. Во категоријата за краткометражни, жирито ја издвои венецуелската „Горчлива трпеза“ на Хорхе Тиелен Арманд – филм кој, преку едноставен симбол како пакетче тестенини, отвора глобални теми за миграцијата и сиромаштијата. Наградата од публиката за краткометражен филм ја доби „Барајќи рече заборавив“ на Наоми Пасифик, која им се заблагодари на гледачите што ги препознале темите инспирирани од филозофската литература што ја оформила во младоста. Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ му беше доделено на „Возвишени врвови“ на Диего Салгадо, за начинот на кој филмот ја обработува младоста како идеја – и буквално и алегориски. Како дополнителен знак на признание, Салгадо доби и оригинална уметничка слика од Соња Чингарова-Фотева. Водител на вечерта беше координаторот на фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски, кој во завршното обраќање праша: „И после 15 години – Што? Што ќе следи? Не знаеме ниту ние...“, но посочи дека фестивалот, иако завршува една целина, останува отворен за идни трансформации. Под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен“, фестивалот оваа година се одржа од 22 до 28 мај, во организација на Филозофското друштво на Македонија, во соработка со Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ, и со поддршка на Агенцијата за филм. ФФФ останува редок културен простор каде што филмот и мислата не се исклучуваат – туку се предизвикуваат.
- Започнува „Викенд на гордоста – Скопје 2025“: Југоквир во фокусот со изложба за панкот и симпозиум за квир култура
Претстојниот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“, под тематската рамка ЈУГОКВИР, свечено ќе биде отворен на 3 јуни во Музејот на современа уметност (МСУ). Програмата започнува во 20:30 часот со импресивната изложба „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“, која ќе биде проследена со симпозиум на тема „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“ на 4 јуни. Големата архивска поставка во МСУ, курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ во соработка со Славчо Димитров, нуди ретка можност за домашната публика. Според кураторскиот текст, "со изложбата на сеопфатен начин се истражува пресекот на фотографијата и словенечкото панк-движење во периодот од 1977 година до средината на 1980-тите години, заедно со периодот што му претходел и што следувал по панкот." Ова е петто издание на изложбата, која по успешното отворање во Цанкарјев дом во Љубљана, патуваше низ Пфорцхајм, Грац/Лафелд и Нови Сад. Во Скопје, како што објаснува Гржиниќ, изложбата е "приспособена на просторниот капацитет на галеријата и фокусот на Коалицијата Маргини на нејзината сексуалност, супкултурата и перформативните аспекти." Посебен акцент е ставен на "супкултурните и алтернативните настани во Љубљана во текот на 1980-тите години, вклучително и појавата на ЛГБТ+ заедницата, подемот на групи каква што е Лајбах и други смели, субверзивни активности." Меѓу уметниците чии дела се изложени се Јанез Богатај, Јануш Чех, Божидар Доленц, Тоне Стојко, групата Релации / 25 години Лезбејска група ШКУЦ-LL и Игор Видмар. Кураторскиот текст понатаму ја нагласува улогата на фотографијата, наведувајќи дека таа "се претвори во суштински медиум за распространување на пораките на панкот за општествените и политичките прашања и понуди алтернативни перспективи и визуелно го долови етосот на времето." Се додава дека "панк-фотографијата често документира провокативни чинови и пркос кон конвенционалните норми." Словенечкиот панк, освен критика на системот, претставувал и "просоцијалистички бунт на работничката класа и на младите против општествената неправда, политичката апатија и економската криза." Целта на поставката е да се истакне "отпорот како политичка категорија што му се спротивставува на телото на политиката со политиката на телото." Изложбата е реализирана во соработка со Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите (ЗРЦ САЗУ). Во Скопје, таа е организирана од Коалиција МАРГИНИ во рамки на Викендот на гордоста, во партнерство со МСУ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, со дополнителна поддршка од ИЦ при САНУ, Љубљана, д-р Ото Лутар, како и од А.К.Т; од Пфорцхајм и уметничкиот директор Јануш Чех. Повеќе: Ревизија на идентитетите: Скопје го најавува фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ Програмата продолжува на 4 јуни во КСП Јадро, со почеток во 19:00 часот, каде ќе се одржи симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“. На него ќе учествуваат истакнати автори, уметници и истражувачи како Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија. Тие ќе дискутираат за "историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам", со цел артикулирање на "радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва." Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе трае од 3 до 14 јуни и ќе се одвива на повеќе локации, вклучувајќи ги МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија. Организиран е од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка и партнери како Тиииит! Инк., МСУ – Скопје, А.К.Т; од Пфорцхајм, и ЗРЦ САЗУ. Како што се наведува во соопштението, Скопје Прајд Викенд, Прво Па Женско и Перформанс Платформа го посветуваат јуни на современата и критичка перформанс уметност, "како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација." Целосната програма на настанот, како и постерот и зборникот на Викендот на гордоста - Скопје 2025 - ЈУГОКВИР, се достапни онлајн. Фестивалот е поддржан од Heinrich Böll Stiftung, Friedrich Ebert Stiftung, А.К.Т; и Global Fund for Women.
- Пловечки универзитет од Берлин инспирираше со предавање за урбан активизам во Скопје
Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје, во средата беше местото каде значајниот архитектонско-уметнички експериментален колектив од Берлин, ПЛОВЕЧКИ УНИВЕРЗИТЕТ, одржа впечатливо предавање. Како што информираа од тимот на АКТО и Факултетот за работи што не се учат (ФРУ), предавачите Кристин Лаз и Дејвид Нил Морзи "исклучително ја заинтересираа публиката". Предавањето, кое се одржа завчера, е дел од програмата „Градот како сцена: еколошки иднини“. Организаторите истакнаа дека со ова предавање воедно се најавува и повеќедневната работилница на колективот со студенти од повеќе сродни факултети во киното на Железничката зграда во Скопје. Според известувањето, " ПЛОВЕЧКИ УНИВЕРЗИТЕТ со своето предавање оставија силен впечаток пред македонската публика составена од различни професионалци и граѓани заинтересирани за нивната работа, токму поради темата на предавањето кое се однесуваше на методи на урбана пракса. " Публиката имаше можност " да се запознае со она што го работат преку нивните еколошко-ахитектонски визии, но и да ги видат урбаните делувања и примери преку кои се обидуваат да го трансформираат јавниот простор." Од АКТО и ФРУ додаваат дека преку дискусијата се отворија и пошироки прашања за тоа што всушност урбаните трансформации и методите кои се користат, значат во јавниот простор во Берлин, ресурсите, поддршката и нивното остварување наспроти она што може да се научи и да се преземе тука, кога размислуваме за урбаните еколошки иднини, одржливоста, но и нови концепти за работа и инспирација. Во фокусот на настанот, како и на целокупната работа на колективот, беше "еколошката одржливост и перспектива на тие трансформации... но и воопшто нивната работа и визии за опстојување." Посетата на колективот на Македонија трае до сабота, а во меѓувреме, тие продолжуваат со практична работа. Како што е наведено во известувањето, "тие продолжуваат да работат на конкретен пример преку киното на Железничката зграда во Скопје, каде заедно со избраните учесници на отворен повик се фокусираат на неговата иднина преку концептите на ре-употреба и сценографска итервенција во јавните простори, демократското и солидарно градење заедништво и потенцијалот кој може да се искористи за вклучување на различни актери кои можат да придонесат за менување на урбаните простори и активностите кои можат да бидат дел од промените на просторот." Мајската програма на „Градот како сцена: еколошки иднини“, според најавите, завршува во сабота, со перформативна јавна работилница на која ќе се презентираат резултатите од повеќедневниот процес насловен како ИДНИНАТА НА КИНОТО [релациите] во ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ЗГРАДА-модели на управување преку [урбано] готвење.
- Повик до сите велосипедисти: „Ало 091, критично е!“ – Време е за 91-та Критична маса во Скопје
Групата ентузијасти „НаТочак“, препознатлива по својата долгогодишна борба за подобри велосипедски услови во главниот град, го најавува 91-то издание на Критичната маса. Под мотото „Ало 091, критично е!“, настанот ќе се одржи во среда, 28 мај 2025 година, со почеток во 17:30 часот на Плоштадот Македонија. Велосипедската поворка ќе се движи низ скопските улици и ќе заврши во Градскиот парк околу 18:30 часот. Ако излезевте од дома пред 10 или 5 години ќе се израдувавте на новооформени јавни простори, на коридори ослободени за пешаци и велосипедисти, на нови велосипедски патеки кои, иако скромни, најавуваа поинаква, поубава иднина за Скопје. Ако излезете од дома денес ќе видите дека изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Она што се подобрило пред 10 или 5 години таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај можете да поминете. Тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази. Овогодинешната Критична маса носи силна порака, изразена преку симболичниот наслов „Ало 091, критично е!“. Со ова, „НаТочак“ сака да го сврти вниманието на јавноста и надлежните институции кон, како што велат, стагнацијата, па дури и уназадувањето на велосипедската инфраструктура во Скопје. Според нив, ентузијазмот и напредокот што беа видливи пред неколку години, кога се градеа нови патеки и се промовираше велосипедизмот, сега се заменети со негрижа и недостаток на визија. „НаТочак“ ги повикува сите велосипедисти, но и сите граѓани кои сакаат подобро и похумано Скопје, да се придружат на оваа јубилејна, 91-ва Критична маса. Целта е да се испрати јасна порака дека е неопходно итно делување за подобрување на условите за велосипедистите, за поголема безбедност во сообраќајот и за промоција на одржливи начини на транспорт. Заинтересираните можат да го следат Фејсбук настанот за повеќе информации и да ја погледнат планираната рута на возење , кои се достапни на официјалните канали на „НаТочак“ . Исто така, достапни се и промотивни материјали кои учесниците можат да ги споделат за да го поддржат настанот. Придружете се на 91-та Критична маса и бидете дел од гласот што бара подобро велосипедско Скопје! Ало Скопје, критично е!
- Нови книжевни гласови и изложба в петок на „Клинци“ во Europe House Скопје
Во петок (30 мај), во просториите на Europe House Скопје, ќе се одржи ново издание на „Клинци“ — мултимедијален настан кој веќе неколку сезони го отвора просторот за млади автори и авторки, поети и визуелни уметници, да го претстават своето творештво пред публика. Настанот е во организација на младинската организација „Култура Бета“ во соработка со Europe House Скопје. Овојпат фокусот паѓа на четири млади поетеси: Гала Матевска, Ана Тодоровска, Ана Шапкарова и Светла Јакшиќ , кои со своите стихови ќе понудат увид во современиот поетски глас на новата генерација. Нивното книжевно читање ќе се одвива во придружба на самостојна изложба на визуелната уметница Сара Митковска , чија работа внесува дополнителна димензија на чувствителност, боја и визуелен ритам во настанот. Модератор на вечерта ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски. „Клинци“ е жива сцена на која се сечат патиштата на литературата и визуелната уметност. Од неговиот почеток досега, на оваа сцена се претставиле над триесетина поети и поетеси и дваесетина визуелни уметници — бројка што зборува за ангажираноста и енергијата со која оваа иницијатива го поттикнува младинското културно творештво. Настанот започнува во вечерните часови, а влезот е слободен.
- Азилија Бенкс го „нападна“ Гластонбери: „Фестивалот е пропаднат“
Контроверзната раперка Азилија Бенкс повторно е во центарот на вниманието, овој пат со остри критики упатени кон организаторите на легендарниот музички фестивал Гластонбери. Преку својот профил на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), Бенкс го изрази своето незадоволство од овогодинешната листа на изведувачи, изјавувајќи дека фестивалот е „некако пропаднат“. Претходно овој месец, Гластонбери ја објави програмата за 2025 година, најавувајќи ги Нил Јанг, The 1975 и Оливија Родриго како главни ѕвезди. Покрај нив, на сцената на Ворти Фарм во Пилтон, Сомерсет, од 25 до 29 јуни ќе настапат и Charli XCX, Biffy Clyro, Noah Kahan и многу други, со најава за уште имиња во наредните месеци. Сепак, Бенкс не е импресионирана. Таа јавно ги доведе во прашање одлуките за рангирање на изведувачите. „Во кој свет The 1975 се повисоко рангирани од Franz Ferdinand и The Libertines во Англија?“ – прашува Бенкс во својата објава. „Во кој свет Charli XCX е повисоко рангирана од Deftones?? Повисоко од Pink Pantheress? Во Велика Британија????“ Раперката исто така го истакна отсуството на имиња како Central Cee, Honey Dijon, Basement Jaxx и Shygirl, кои според неа, заслужуваат место на престижниот фестивал. Интересно е што интересот за Гластонбери и понатаму е огромен. Првата тура билети за 2025 година беше распродадена за само 35 минути во ноември минатата година, а организаторите воведоа и нов систем за онлајн купување, што предизвика поделени реакции кај фановите. Минатата година, главни ѕвезди на фестивалот беа Coldplay, Дуа Липа и SZA, а публиката уживаше и во настапите на IDLES, Fontaines D.C., The National и LCD Soundsystem. Емили Ејвис, една од организаторите, потврди дека 2026 година ќе биде година за одмор за фестивалот, со цел да се „одмори земјиштето“, што значи дека Гластонбери ќе се врати во 2027 година. Критиките на Бенкс кон The 1975 можеби имаат и подлабока позадина. Во декември 2024 година, таа се закани дека ќе го тужи фронтменот на бендот, Мети Хили, откако тој ѝ се закани со физичко насилство поради нејзините коментари за неговата пријателка и соработничка, Charli XCX. Хили подоцна ја избриша објавата и се извини, но Бенкс побара отштета од 1 милион долари.
- Европски месец на креативноста во Скопје (28 мај – 20 јуни): Изложби и работилници за алтернативна фотографија и сито печат
Културно-информативниот центар – Скопје со богата програма што ги слави аналогната фотографија, графичките техники и ракотворната креативност во рамки на европската иницијатива за културна размена. Од 28 мај до 20 јуни, Културно-информативниот центар – Скопје ќе го отвори својот простор за програмата на Европскиот месец на креативноста. Настанот, кој се одвива во рамки на пошироки европски културни мрежи, ќе понуди изложби и работилници што го слават експериментот, аналогната уметност и човечката рака како медиум на изразување. Програмата започнува на 28 мај со изложбата „Три години игра со светлината“, селекција од ЗРНО фестивалот за алтернативна фотографија, која ќе се отвори во 20 часот во Продажниот ликовен салон на КИЦ. Станува збор за можност да се погледне опусот на автори што работат во технички сложени и визуелно неочекувани фотографски процеси како мокар колодиум, цијанотипија, лумен принт, мордасаж, полароид манипулации, како и класични и експериментални црно-бели техники. Името на изложбата е директна алузија на истрајноста и посветеноста на оваа независна иницијатива која веќе три години гради заедница околу „рачното гледање“ во фотографијата. На само два дена подоцна, на 30 мај, публиката ќе има можност и да се вклучи практично во процесот на создавање на една од најпопуларните благородни техники – цијанотипијата, на специјализирана работилница под менторство на Сашо Алушевски и Петар Стојановски. Работилницата започнува во 11 часот во истиот салон и е отворена за љубопитници и практиканти од сите нивоа. Фестивалот ЗРНО, основан како одговор на дигиталната заситеност, низ годините успеа да изгради респектабилна позиција на културната мапа – не само во Македонија, туку и во поширокиот регион. Над стотина уметници, истражувачи и ентузијасти го имаат претворено фестивалот во живо ткиво на заедничко учење и експериментирање, каде што фотографијата е начин на размислување и начин на гледање и заборавените процеси добиваат нов живот преку современи читања. Во втората половина на програмата, вниманието се префрла кон графичките уметности. На 2 јуни во изложбениот салон Империјал 2, во 20 часот, ќе се отвори изложбата „Графичка имагинација во сито печат“, која носи фокус на техника што сè поретко се применува во дигиталната ера – сито печатот. Изложбата ќе ги обедини делата на десет уметници од различни генерации, меѓу кои и Илија Аџиевски, Родољуб Анастасов, Павле Кузмановски, Дијана Томиќ Радевска, Горјан Ѓорѓиев и други. Секој од овие автори има својот визуелен глас, но заедничко им е чувството за материјалот, печатот и текстурата – нешто што сито печатот особено нагласува. Оваа изложба е повик на сеќавање за занаетот, но и актуелна рефлексија за телесноста на отпечатеното во време кога екранот е доминантен медиум. Следува и работилница за сито печат, на 4 јуни во 12 часот, со ментори Зоран Младеновски и Јован Атанасовски – двајца уметници кои со години ја практикуваат и пренесуваат оваа техника, особено на млади генерации дизајнери и графичари. Присутните ќе имаат можност да се запознаат со целиот процес: од подготовка на шаблони до рачното печатење, што го прави ова искуство и едукативно и хедонистичко. Програмски осврт: -28.5, 20:00 ч. – Отворање на изложбата „Три години игра со светлината“, Продажен ликовен салон - 30.5, 11:00 ч. – Работилница за цијанотипија -2.6, 20:00 ч. – Изложба „Графичка имагинација во сито печат“, Изложбен салон Империјал 2 -4.6, 12:00 ч. – Работилница за сито печат
- Guided By Voices ги побиваат гласините за распад со најавата на нов албум – веќе 42-ри по ред
Инди рок ветераните Guided By Voices не се распаѓаат – напротив, подготвуваат нов албум со наслов „Thick Rich And Delicious“. Наместо распаѓање на бендот, нов албум. Така изгледа одговорот на легендарниот инди рок бенд Guided By Voices на шпекулациите дека нивниот четиридецениски музички пат е пред крај. Само три месеци по излегувањето на нивниот 41. албум „Universe Room“, групата најави дека на 31 октомври ќе го издаде новиот — „Thick Rich And Delicious“, втор по ред за 2025 и неверојатно — 42-ри во нивната кариера.Guided By Voices ги побиваат гласините за распад со најавата на нов албум – веќе 42-ри по ред Причина за хаосот? Еден недолжен поткаст. Сомнежите околу евентуален крај започнаа кога гитаристот Боби Беар Џуниор, гостувајќи на подкастот Raw Impressions на Лу Барлоу од Dinosaur Jr. и неговата сопруга Адел, во еден момент изјави: „Се распаѓаме. Никогаш нема да одиш на наш концерт. Готово е.“ Но, како што се испостави — распаѓањето на кое се повикувал Беар Џуниор било… интернет конекцијата. Адел подоцна за Brooklyn Vegan изјави дека имале „многу технички проблеми за време на снимањето“, со што потврди дека изјавата била извадена од контекст и погрешно протолкувана. Сепак, иако бендот не планира нови концерти во блиска иднина, студиската работа не застанува. Адел објасни: „Мислам дека не планираат повеќе настапи во живо, но очигледно — сѐ уште снимаат!“ Историја на интензитет без преседан Guided By Voices се оформени во Дејтон, Охајо, и со деби албумот „Devil Between My Toes“ од 1987 го почнаа својот уникатен, лоу-фај звук кој ги направи култни херои на американската инди сцена. Од 1987 до 2004 издадоа низа влијателни албуми, па направија пауза, се вратија во 2010, повторно пауза во 2014, и конечно стабилизирање во 2016 — со Беар Џуниор и басистот Марк Шуе како нови членови. Од тогаш, продуктивноста им е со турбо-погон: „Thick Rich And Delicious“ ќе биде 20-ти албум во последните 10 години.
- Grimes го откажа настапот на World Pride поради семејни проблеми
Музичарката Грајмс ( Grimes) ја откажа својата планирана изведба на престојниот фестивал World Pride во Вашингтон, закажан за 7 јуни, со образложение дека мора да се справи со „семејни проблеми“. Веста ја соопшти преку социјалната мрежа X (поранешен Twitter), изразувајќи жалење кон фановите и ветување дека наскоро ќе им се оддолжи. „Многу ми е жал и искрено жалам што морам да го откажам настапот на Pride поради семејни околности. Свесна сум дека ова е разочарување за фановите и правам сѐ што можам да осигурам дека ова нема да се повтори,“ напиша Грајмс. „Сепак, мислам дека шоуто ќе биде одлично — настапува фантастична постава. Се надевам дека оваа најава е доволно навремена за оние што сакаат да ги променат своите планови.“ На фестивалот, кој е наменет за ЛГБТКИА+ заедницата, како хедлајнери настапуваат Џенифер Лопез и Трој Сиван. Но уште од најавата на Грајмс во февруари, нејзиното присуство на листата беше предмет на јавна дебата — главно поради нејзината поранешна врска со контроверзниот техно-магнат Илон Маск и шпекулациите за нејзина поврзаност со десничарски кругови. Коментарите на Instagram објавата од фестивалот не беа воопшто благонаклонети: „Ама зошто баш Грајмс? Од кога белите супремасисти се поканети на прајд?“, пишува еден корисник. „Дали ќе го донесе и Илон Маск со неа?“, прашува друг. Критиките кулминираа кога активистката Хоуп Гизел, транс жена и застапничка за права од Вашингтон, јавно се огласи преку Instagram Live: „Грајмс буквално има деца со Илон fucking Маск — човекот кој прави сѐ за да нѐ натера да се чувствуваме мали. И вие решивте да ѝ дадете сцена веднаш под хедлајнерите? Тоа нема смисла,“ изјави таа. Контроверзијата ескалираше и откако Washington Blade објави дека Грајмс наводно била видена на забава организирана од десничарски кругови во барот Butterworth’s — локација која Washington Post ја опиша како MAGA прибежиште, особено популарна меѓу симпатизерите на поранешниот претседател Доналд Трамп. Иако Грајмс и Маск официјално се разделија во 2021 година по тригодишна врска, таа сѐ почесто јавно го критикува неговото родителство и политички изјави. Тензиите дополнително се зголемија кога Маск го однесе нивниот син Лил Икс во Белата куќа на состанок со Трамп, што Грајмс го осуди, велејќи дека го „молела“ Маск да ги држи децата подалеку од јавноста. Минатата година таа дури и го тужеше Маск за старателство врз нивниот син Тау, и изјави дека „не го видела едно од своите деца цели пет месеци“. Во ноември 2023, нејзината мајка јавно апелираше до Маск да дозволи нејзината 93-годишна мајка да ги види правнуците „барем уште еднаш пред да почине“. Иронично, и покрај тоа што Маск ја поддржува политиката на Трамп која директно ги напаѓа правата на ЛГБТКИА+ граѓаните — вклучително и укинување на употребата на правилни заменки и прекин на финансирање на DEI иницијативите — Грајмс јавно ја поддржа неговата трансродова ќерка Вивијан, која целосно се откажа од татко ѝ. „Ја сакам и бесконечно сум горда на Вивијан,“ напиша Грајмс на X. Откажувањето на настапот доаѓа како олеснување за многумина во заедницата, кои сметаа дека нејзиното присуство е неусогласено со вредностите што ги застапува Pride. Од друга страна, има и такви кои изразуваат жалење што не ја гледаат Грајмс на сцена, со оглед на нејзината музичка оригиналност и влијание врз алтернативната поп сцена. Фестивалот World Pride сепак продолжува според планот, со Џеј Ло и Трој Сиван како централни имиња, додека организаторите допрва треба да соопштат дали и со кого ќе биде пополнето испразнетото место на Грајмс. Извор: Washington Blade, Instagram, X/Twitter
- Книжевна вечер со хрватскиот автор од БиХ, Жарко Милениќ во КИЦ
Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ) ќе биде домаќин на реномираниот прозаист, драмски автор, поет и преведувач, Жарко Милениќ. Настанот е закажан за четврток, 29 мај 2025 година, со почеток во 19:19 часот, во Салон Империјал 2. Оваа вечер ќе биде посветена на богатото и разновидно творештво на Милениќ, автор чии дела ги надминуваат границите и јазиците. За неговиот книжевен опус и значење ќе говорат проф. д-р Славчо Ковилоски и Нове Цветаноски, Роден во 1961 година во Брчко, Босна и Херцеговина, Жарко Милениќ е фигура со импресивна кариера. Неговиот живот и творештво се протегаат низ различни градови и култури – од Осиек и Риека, до неговите сегашни адреси во Брчко (БиХ) и Подмосковје, Русија. Неговиот авторски печат е видлив во повеќе од триесет прозни дела, вклучувајќи романи и збирки раскази, четири поетски книги, две книги со критики и една со есеи. Милениќ е познат и како приредувач на антологии и тематски избори, како и автор на радиодрами. Неговата работа е преведена на македонски, украински, ерменски, руски, француски и англиски јазик, а неговиот талент е препознаен и наградуван во Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Ирак и Кина. Милениќ и Македонската Книжевност Македонската публика имаше можност да се запознае со делата на Милениќ преку преводите на романите-сказни за деца „Леон, ученикот на волшебникот“ и „Леон во Стаклената Гора“, романите „Ги изеде дождот“ и „Заедно“, како и расказите „Од училиште до дома“. Тој е и приредувач на „Антологијата на хрватски научнофантастични раскази“ објавена на македонски јазик. Посебно значаен е неговиот придонес како преведувач и промотор на македонската литература. Со преведени повеќе од десет книги од македонски на босански, хрватски и српски јазик, Милениќ игра клучна улога во афирмацијата на македонските автори во регионот. Пророчица ( извадок од роман) Жената беше сосема обична. Обична домаќинка. Домаќинка која не се шминка, не ја следи модата, не внимава на линијата. Домаќинка која, значи, седи по цел ден дома. Кога некој ќе ѝ дојде, муабети со него со кафе. Кога е сама, гледа телевизија. Се надевам дека никогаш нема да бидам таква. Дека никогаш нема да изгледам како домаќинка. Не би сакала да бидам таква. Не би сакала да бидам домаќинка. Жената можеше да има најмногу педесет години. Имам доволно време да се подготвам. Да се подготвам да не бидам како неа. Влезе во дневната соба. Таа просторија истовремено беше и кујна. -Седни. - покажа на неугледната, празна маса. Седнав. Таа нали вода од чешмата во мало ѓезве и го стави на стариот плински шпорет. Го запали плинот со автоматска запалка. -Брзо ќе биде кафето. - рече. Не е баш гостопримлива, помислив. Не ме праша дали пијам кафе. Пиев кафе со млеко. Дали имаше млеко? Кога кафето беше готово, зеде од висечкиот кујнски елемент стандардна бела шолја и го истури кафето во неа. Само за мене. Нејзе, изгледа, ѝ беше доста кафе за денес. -Испиј го кафето. - ми рече. Не звучеше како наредба. Бев гладна. Сакав нешто да јадам, а не да пијам кафе. Немав обичај да пијам кафе во ова време. Кафето ќе ми го расипеше апетитот. Ако го испиев, ќе го одложев ручекот за барем два часа. Тоа веќе немаше да биде ручек, туку вечера. А јас не вечерам. Оваа, дебела домаќинка, сигурно вечера и тоа обилно. Жената, значи, нема да пие, туку ќе чека јас да испијам. Непријатно ми беше да кажам дека не ми се пие кафе. Зошто не ме праша? Ќе ѝ кажев дека не можам. Непријатно ми беше да побарам млеко. Како ќе пијам кафе без млеко? Пиев кафе со млеко од две причини. Првата беше таа што повеќе ми се допаѓаше вкусот на белото отколку на црното кафе. Втората, што во врелото кафе се става ладно млеко. Млекото така го разладува кафето. Не сакам да пијам ниту да јадам ништо врело. Ладното не ми пречи. Помеѓу храна од фрижидер и онаа тукушто зготвена, би ја избрала ладната. Една дизајнерка, откако ми ги погледна дланките, ми рече дека сум ладен тип. -Пиј го кафето. - Жената одеднаш стана нетрпелива. Или така ми се чинеше. -Благодарам. - реков и се напив голтка. Беше врело. Како што и претпоставував. Сега цел ден ќе ме пече јазикот. Ужас. Продолжив да пијам. Никогаш не сум пиела кафе толку бавно. Кога конечно го испив, ја погледнав жената. Таа не гледаше во мене, туку во шолјата. Кога го испив, ја зеде. Ја подигна и почна да ја разгледува. Значи, така таа пророкува, бев разочарана. Од кафе. - Живееш сама во стан што си го наследила... Точно, сакав да кажам. Но, бев толку изненадена што останав без зборови. -Станот си го наследила од мајка ти. Татко ти е во родителската куќа во твојот роден град... Далеку. Го посетуваш кога можеш. Тој те оптоварува. Но, не грижи се, нема уште долго... И ова беше точно. Неверојатно. -Имаш брат близнак кој живее блиску до вашиот татко. Но, не сте во контакт... Зарем знае и за Сандро? И дека со години не разговараме? -Работиш здодевна работа... Во право е. Сметководството е навистина здодевно. -Немаш пријатели... Гледам некои личности почесто од другите, но никого од нив не би можела да го наречам мој пријател. -Немаш многу пари... Навистина немам. Платата не ми е баш голема. Многу работи не можам да си ги дозволам. - Никаде не излегуваш... Реков како не би сакала да изгледам како домаќинка. Не сум домаќинка затоа што сум вработена. Не пијам по цел ден кафиња, ниту озборувам со соседските. Не сум зависна од телевизија. Но, сум зависна од книги. На домаќинките телевизијата и озборувањето им се единствена забава. Гледаат сапуници и „Големиот брат“, а потоа за тоа коментираат пиејќи кафе. Ги озборуваат телевизиските протагонисти и потстанарите. Не им е здодевно како што ми е мене. Не работат здодевна работа, ниту мораат да го посетуваат таткото кој тврди дека има рак и постојано го зборува истото. - Но, твојот најголем проблем е што не сонуваш... И тоа беше вистина. Спиев ноќе како и другите. Но, ништо не сонував. Читав за тоа во некоја книга по психологија. Таму се тврдеше дека сите луѓе сонуваат, само едни го паметат она што го сонувале, а други не го паметат. Ако е тоа точно, јас спаѓав во оние кои не се сеќаваат на своите соништа. Тогаш првпат ѝ поставив прашање на мојата соговорничка: -Би сакала да се сеќавам на своите соништа. Како да го постигнам тоа? -Како? Не смееш да бидеш таква кон својот сон! Мораш пред спиење да го замолиш да остане запаметен. Зборуваше за сонот како да е живо суштество. Како да е човек. -Дури кога ќе направиш така, ќе го запаметиш она што си го сонувала. - Ќе го запаметам тоа. Така ќе направам вечерва. -Кога наутро ќе се разбудиш, ќе се сетиш на својот сон. Тогаш мораш да го запишеш... -Да го запишам? -Да. Да го запишеш во посебна тетратка... - Зошто? -Затоа што ќе го заборавиш. -Зошто би требало да го запишам сонот? -Затоа што тоа е, како прво, израз на почит кон него. Запишувајќи го, го оставаш да трае. Како второ, мораш постојано да ги читаш запишаните соништа и да размислуваш за нив... -Зошто? -Тоа се пораки кои ни користат во животот. Не можев да ја замислам оваа домаќинка како писателка. Но, ниту себеси. -Ви благодарам на советот. Ќе направам така. -Мораш така да направиш. Ако не направиш, нема да ти се случи она убавото, што би можело да ти се случи... -Ќе го послушам вашиот совет. Ќе направам така. А што убаво ќе ми се случи? -Ќе ти се случи она за што сонуваш на јаве. Дека ќе го сретнеш мажот на својот живот. Но, мораш да сонуваш. Мажите не сакаат жени кои не сонуваат... Тогаш се сетив на една реченица од Борхес. „Не ја оставив затоа што ме изневеруваше, ниту затоа што не знаеше да готви, туку затоа што не знаеше да сонува.“
- Монодрама „Сите најубави нешта” со Игор Ангелов: Интимна лекција за животот, болката и радоста
📍 29 мај (четврток) | 20.00 часот; КСП Центар Јадро. Во време кога темите за менталното здравје сè уште се опкружени со тишина, осуда или несигурност, монодрамата „Сите најубави нешта“, работена според текст на британскиот драматург Данкан МекМилан, претставува редок театарски настан што со топлина, хумор и искреност ја отвора оваа комплексна, а сепак длабоко човечка тема. Преведена и адаптирана на македонски јазик, во режија на Дејан Пројковски, оваа монодрама ќе биде изведена од Игор Ангелов – еден од најпознатите актери на македонската сцена, кој во изминативе години особено се докажа во проекти што бараат емотивна длабочина, директност и поврзаност со публиката. „Сите најубави нешта“ започнува со една наивна, дури и детски едноставна идеја – правење список на нешта поради кои вреди да се живее. Оваа потреба произлегува од болното, но животно искуство на дете кое се соочува со обид за самоубиство на својата мајка. Неговата реакција е да создаде список на радости: од сладолед, преку балони, до смеата на куче. Со текот на времето, списокот станува поголем, посложен, подлабок. И во тоа растење на списокот се одразува и растењето на детето кое се бори да ги разбере светот, болката, и родителот кој страда. Токму преку оваа основна наративна линија, монодрамата ја отвора темата на менталното здравје, семејната траума, но и на човечката способност за емпатија, адаптација и отпорност. Претставата е еден вид театарска психотерапија, но без дидактика, без поука – туку со искреност, несигурност, хумор и сочувство. Еден од најкарактеристичните елементи на оваа монодрама е начинот на кој публиката е вклучена во самата изведба. Од самиот влез во просторот, посетителите не се само гледачи – тие се дел од списокот. Добиваат мали задачи, понекогаш имаат кратки реплики, нивната енергија и одзив стануваат материјал од кој се гради секоја изведба. Игор Ангелов, кој со години е активен на сцената, тука се покажува не само како актер, туку и како присутен човек – некој кој знае да чита простор, гестикулации, молк и смеа. Тој не игра улога, туку ја живее приказната на ликот, се движи заедно со публиката низ спектарот на емоции: од неудобност, преку катарза, до смирување. „Се работи за посебно интимно театарско искуство… гледачите се смеат и плачат, непријатно им е и се збунети, се радуваат и препознаваат и се поттикнати да размислуваат за значењето на среќата и животот“, вели самиот Ангелов. Таа мешавина на емотивни состојби не е случајна – таа е суштината на претставата. Иако темата што ја отвора „Сите најубави нешта“ е длабоко емотивна и трагична, стилот на раскажување е лесен, топол и со многу хумор. Претставата не е мрачна. Напротив – таа е светла. Потсетува дека хуморот е често најсилниот механизам за справување, дека смеата може да биде мост помеѓу две тешки точки во душата. Во еден од најтрогателните моменти, ликот вели: „Направив список на сите најубави нешта… за да ѝ покажам на мајка ми дека има причини да живее. Но вистинската вистина е дека тој список ми беше потребен мене.“ Тоа е момент на препознавање – кога гледачот сфаќа дека секој од нас понекогаш води ваков список, свесно или несвесно. Монодрамата „Сите најубави нешта“ ја доби првата награда од публиката на 25. Интернационален фестивал на монодрама во Битола, кој се одржа во мај 2024. Ова признание е значајно, не само поради компетитивноста на фестивалот, туку и поради тоа што токму публиката – онаа која е толку клучна во оваа форма на театар – ја избра претставата за највпечатлива. На крајот на ова интимно патување низ зборови, спомени, гестови и погледи, „Сите најубави нешта“ остава чувство на олеснување. Не затоа што нè измамила дека животот е лесен. Туку затоа што нè потсетила дека е убав, дури и кога е тежок. Дека малите нешта се суштински. Дека листа од „најубави нешта“ може да биде мапа за преживување, за благодарност, за љубов. На 29 мај во 20.00 часот, оваа монодрама ќе има нова изведба. Без разлика дали ја гледате за првпат или веќе сте ја доживеале, секоја претстава носи нова нијанса – затоа што се случува во живо, со нова публика, со нова енергија. И секоја изведба е можност за да се додаде нова точка на нечииот личен список на убави нешта.













