top of page

Резултати од пребарување

1178 results found with an empty search

  • „Везилка“ – изложба на Јана Јакимовска во КИЦ Скопје

    „Везилка“ на Јана Јакимовска во КИЦ – Скопје: уметнички вез меѓу традицијата и современоста, инспириран од Блаже Конески На 24 септември 2025 година, во 20 часот, во Изложбениот салон „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар – Скопје ќе биде отворена новата самостојна изложба на Јана Јакимовска, насловена „Везилка“. Публиката ќе има можност да погледне серија цртежи и слики со кои уметницата ја истражува линијата помеѓу традицијата и современоста, интимното и општественото, женската рака и машката историја. Везот како критичка стратегија Кураторката на изложбата, д-р Ана Франговска, истакнува дека проектот „Везилка“ е осмислен како визуелен и теоретски премостувач: „Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години. Кај Конески, везилката е жената која во конец и игла вплетува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира – везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.“ Со тоа, везот излегува од рамката на декоративно-занаетчиска традиција и се трансформира во уметнички јазик со силна социјална и политичка нота. Фото: Инстаграм; Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломирала (2005) и магистрирала (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ. Нејзиното творештво се движи низ различни медиуми: сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во последните години, централна тема во нејзината работа е телото и себството – со особен акцент на сексуалноста и општествената позиција на жената. Таа има остварено 23 самостојни изложби во градови како Берлин, Њујорк, Белград, Приштина и Скопје, и учествувала на повеќе од 100 групни изложби во Европа и САД. Добитничка е на неколку награди, меѓу кои и признанието од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Моментално е редовен професор по сликање и сликарски техники на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Изложбата „Везилка“ ќе биде достапна за посетители до 4 октомври 2025 година во КИЦ – Скопје.

  • „Празно саќе“: скулптурите на Маргарита Симовска во КИЦ – Скопје

    Маргарита Симовска со нова изложба „Празно саќе“: скулптури инспирирани од природата и еко свеста Во Продажниот ликовен салон на Културно-информативниот центар – Скопје, на 18 септември (20 часот) ќе биде отворена изложбата на скулптури „Празно саќе“ од Маргарита Симовска. Ова е третата самостојна поставка на уметницата, која веќе има зад себе регионални и интернационални настапи, како и долгогодишна работа како ликовен педагог и асистент во атељето за мозаик при МАНУ. Еко свест и скулптура од отпад Со овој проект Симовска отвора прашања за нашиот однос со природата. Скулптурите се изработени од рециклирани материјали, земени од отпад, и ја следат логиката на формите и патерните што природата ги создава сама. „Празно саќе“ е симболичен аларм – како што вели авторката, ние често живееме надвор од природата, наместо во неа. Клучниот концепт на изложбата се врти околу принципот FAIR SHARE: ако земаме од природата, мора да ѝ возвратиме за да го задржиме динамичниот баланс. Изложбата го поставува и едно суштинско прашање – каде и како се вклопуваме ние во природниот циклус „Создади – Уништи – Обнови“? Токму преку формите што потсетуваат на празни пчелни саќиња, делата на Симовска ја повикуваат публиката да размисли за сопствената позиција во светот што го делиме со сите живи суштества. Маргарита Симовска е родена во Скопје (1986). Средното образование го завршува во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“, а студиите на Националната ликовна академија во Софија, на отсекот за монументално сликарство. Во моментов е на постдипломски студии за визуелни уметности на Интернационалниот Балкански универзитет. „Празно саќе“ ќе биде достапна за јавноста во Продажниот ликовен салон на КИЦ – Скопје до 2 октомври 2025.

  • „Култура Бета“ со ново издание на „Поетска епизода“ на фестивалот „Комшилук“ во Побожје

    Поетски гласови во срцето на Побожје: „Култура Бета“ со ново издание на „Поетска епизода“ на фестивалот „Комшилук“ Во селото Побожје, утре ќе се одржи фестивалот „Комшилук“, настан кој веќе станува препознатливо место на културна размена и соседска блискост. Во рамки на програмата, Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ го продолжува циклусот поетски читања „Поетска епизода“. На ова издание ќе настапат поетите Марија Велинова, Ива Петреска, Владимир Мартиновски, Викторија Ангеловска, Марија Ангеловска, Александра Спасевска и Стефан Спасовски, како и младите автори Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски кои ќе ја имаат и модераторската улога. Поетската сесија ќе се одвива од 11:30 до 12:30 часот во една од куќите во селото, создавајќи интимна и органска атмосфера за средба со поезијата. Фестивал на заедништво „Комшилук“ и годинава ја задржува својата препознатлива разноликост: покрај поетските читања, програмата вклучува свирки, концерти, настапи на културно-уметнички друштва, изложби, работилници, предавања, како и дегустации на јадења приготвени од локалните жители. Фестивалот го оживува село Побожје како простор на културно и општествено поврзување – место каде што уметноста и секојдневието се надополнуваат. Со ова издание на „Поетска епизода“, „Култура Бета“ ги отвора своите програмски активности за вториот дел од годината. Организацијата останува доследна во својата мисија – да создава сцена за младите гласови, но и да овозможи дијалог со веќе афирмираните автори. Поетското читање во Побожје е уште една можност поезијата да излезе од класичните институционални рамки и да стане дел од поширокиот културен мозаик што го нуди „Комшилук“.

  • „Поглед кон далечина обоена сино“ - самостојна изложба на Дарко Алексовски во КСП Центар Јадро, Скопје

    Поглед кон далечина обоена сино: новата изложба на Дарко Алексовски во Јадро На 18 септември (четврток) во 20 часот, во КСП Центар – Јадро, Скопје, ќе се отвори самостојната изложба на визуелниот уметник Дарко Алексовски со наслов „Поглед кон далечина обоена сино“, во кураторство на Славчо Димитров. Настанот е финанскиски поддржан од Министерството за култура и туризам. Оваа изложба не е само визуелна поставка, туку и покана за размислување за утопијата – како визија за иднината, како хоризонт што секогаш нè оддалечува, но и како состојба која можеби ја живееме во малите секојдневни мигови. Сината како почетна точка Во својата книга A Field Guide to Getting Lost, есеистката Ребека Солнит пишува дека сината е боја на далечината: боја на планините кои отсјајуваат на хоризонтот, на небото кое никогаш не можеме да го достигнеме, на сеќавањата што исчезнуваат во времето. Овој мотив се провлекува низ историјата на уметноста. Во ренесансното сликарство, синиот тон се користел за да се прикаже перспективата и длабочината – колку подалеку е пределот, толку е посин. Во византиските мозаици, пак, ултрамаринот бил симбол на небесното и божественото. Подоцна, уметници како Пол Кле, Анри Матис и особено Ив Клајн ја направија сината боја експериментално поле, каде апстракцијата и чувството за бескрај стануваат неразделни. Кај Клајн, синото не е само нијанса, туку чиста енергија – неговата „International Klein Blue“ е опит да се долови бездната, духовната димензија на просторот, она што не може да се каже со зборови. Кај Алексовски, сината е мост меѓу физичкото и метафоричкото, меѓу далечината и копнежот, меѓу утопијата и секојдневието. Во основата на изложбата лежат и размислувањата на Хозе Естебан Муњоз, авторот на Cruising Utopia. Муњоз предлага утопијата да се сфати не како конечна дестинација, туку како „привремена неорганизираност“, момент кога сегашноста се отвора кон она што „може и треба да биде“. Алексовски ја преплетува оваа идеја со сопствениот визуелен јазик. Неговите дела функционираат како сеќавања – делумно вистински, делумно конструирани – кои го испитуваат прашањето како минатото и иднината се вгнездени во нашето сегашно искуство. Сината станува медиум низ кој овие временски слоеви се преклопуваат. Кураторот Славчо Димитров не ја поставува изложбата само како визуелен простор, туку и како градски настан, место каде што теоријата и секојдневната култура се среќаваат. Димитров, познат по своите критички текстови за современата уметност и ангажманот во областа на културните политики, тука делува како медијатор – отворајќи го поетскиот свет на Алексовски кон прашања за иднината што можеме да ја замислиме и градиме заедно. фото: Инстаграм; Дарко Алексовски (р. 1989) е визуелен уметник кој работи на пресекот на слика и текст. Неговата пракса често е партиципативна и произлегува од секојдневни искуства, кои тој ги претвора во визуелни наративи. Алексовски има учествувано на резиденции во Виена, Франкфурт, Линц, Сплит и Дубровник, а неговите дела се изложувани во Мелбурн, Токио, Грац, Чикаго, Белград и Скопје. Минатиот април ја претстави изложбата „Никогаш незаљубен“ во Францускиот институт во Скопје, интимна медитација за љубовта и човечките врски. Во МСУ пак, проектот „Landscapes of Astonishment“ отвори простор за утописки дистанци и магични можности. „Поглед кон далечина обоена сино“ е обид да се преиспитаат границите на утопијата и да се испитаат можностите за нови хоризонти – не само во уметноста, туку и во начинот на кој размислуваме за нашите животи, иднини и колективни желби. Со сината како боја на сеќавањето, но и на иднината, изложбата отвора простор за интимна и политичка рефлексија. Таа е повик да погледнеме подалеку, но и подлабоко – во она што можеби веќе го живееме, но сè уште не сме го препознале како утопија. „Поглед кон далечина обоена сино“ Самостојна изложба на Дарко Алексовски Куратор: Славчо Димитров 📍 КСП Центар – Јадро, Скопје 📅 Четврток, 18 септември 2025 🕗 20:00 часот Повеќе за уметникот: вебсајт Инстаграм

  • Антивикенд програма на „Мртов коњ“: пет дена концерти, експерименти и светски гости

    Издавачката куќа „Мртов Коњ“ повторно го крева темпото со „Антивикенд програма“ од 8 до 12 септември. Во пет дена ќе се одржат осум концерти, една радио-сесија и работилница, со учесници од Македонија и гости од Хрватска, Америка, Италија и Виетнам. Почеток со Стражар на 103 На 8 септември, Стражар (Мартин Џорлев) ќе настапи со целовечерен концерт на Канал 103 во чест на Денот на независноста. Настанот стартува во 20:00 часот и ветува сиров и жесток поход. Хрватско-македонски судир во Паб Ѕе На 9 септември, од 21:00, во Паб Ѕе настапува хрватското гараж-панк трио Dad Joke, заедно со локалната поддршка од Кајзер Созе. Линк од настанот Sound Escapes во Буква На 10 септември, во Буква од 19:00, публиката ќе има можност да се запознае со теремин преку работилница и концерт во рамки на „Sound Escapes“. Ќе настапат Александар Ордев и Improof. Линк од настанот Тамшамагандаз во МКЦ На 11 септември, Тамшамагандаз (Јордан Костов, Там Пхам, Никола Коџабашија, Ник Де Карло, Марко Печеновиќ и Александар Галевски) ќе настапат во Кино Фросина (МКЦ). Настан што ветува воинствена и експериментална енергија. Линк од настанот 🎟️ Билети: mktickets.mk Големото финале со Passepartuot Duo и Алембик На 12 септември, во КИЦ, на програмата е највозбудливиот настан: настапот на Passepartuot Duo (Италија/Америка), кои од формирањето се во постојана светска турнеја. Тие се креаторите на првиот електромагнетен синтисајзер Chromaplane, со кој во 2021 ја освоија првата награда на Guthman Musical Instrument Competition 2025. Заедно со нив настапуваат и нашите Алембик. Линк од настанот 🎟️ Билети: mktickets.mk „Пуста независност и распадот навестен кој сѐ уште доаѓа, но не се даваме. Нека нѐ има за да нѐ има,“ велат од „Мртов Коњ“.

  • Во Венеција, македонскиот филм „Силјан“ ја освои и публиката и критичарите

    Во градот кој со векови е сцена за уметнички револуции, македонска приказна за еден земјоделец и еден повреден штрк испиша ново златно поглавје. „Силјан“, документарниот филм на двојно номинираната за Оскар режисерка Тамара Котевска, ја освои „Наградата на музата“ , ретко признание на Биеналето, доделено за најинспиративен филм. Од 20 филмови во конкуренција, токму „Силјан“ се издвои и стана лауреат на фестивалот. Иако беше прикажан „Out of Competition“, делот од официјалната програма каде традиционално настапуваат имиња како Вернер Херцог и Софија Копола, филмот не само што не остана во сенка туку замина од Венеција со врвна награда и со внимание што ретко му се случува на еден документарец од Балканот. Во конкуренција од 20 филмови, дел од официјалната секција „Out of Competition“ просторот резервиран за автори како Werner Herzog и Sofia Coppola „Силјан“ се издвои и замина од Лидо со признание што ретко кој филм го понел. Со тоа, Котевска успеа да го повтори сценариото што ја направи глобално позната по „Медена земја“, но овој пат со дело што критичарите го нарекуваат и „подлабоко, и поетски пософистицирано“. „Ова е мојот најважен филм досега,“ изјави Котевска по свеченото доделување. „Го започнав во време кога филмската индустрија во Македонија беше во криза. Не сакав да чекам решив сама да го реализирам. ,,Силјан” е лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура. Тоа беше единствениот начин да го направам искрено.“ Легенда преточена во современа филмска бајка „Силјан“ ја следи судбината на Никола, земјоделец што по лична загуба пронаоѓа повреден бел штрк на депонија. Од таа средба започнува метафорична врска за надеж и опстанок. Приказната е инспирирана од македонски фолклор од 17-от век за момче кое се претвора во штрк, мотив што Котевска го трансформира во универзална алегорија за човечката кршливост и отпорност. Со визуелна поезија на кинематографот Jean Dakar, беспрекорна монтажа од Мартин Иванов и музика што потекнува од студиото на Hans Zimmer, „Силјан“ нуди повеќеслојно искуство каде звукот и сликата стануваат ликови сами за себе. Критиката од Венеција ја стави Котевска во иста реченица со Disney и Herzog. The Hollywood Reporter го нарече филмот „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица“. The Wrap го вброи меѓу трите најдобри документарци на фестивалот, а Toronto Star го издвои меѓу филмовите што мора да се гледаат годинава. Screen International предвидува дека може да стане фаворит во наградната сезона. На Letterboxd, каде публиката често знае да биде построга од критиката, филмот има ретка максимална оцена: 5/5. „‘Силјан’ има истата ненаметлива универзалност како ‘Honeyland’, но со уште подлабок уметнички израз,“ напиша официјалниот критичар на Биеналето. Филмот е резултат на меѓународна соработка со Ciconia Film и Concordia Studios, продуцентката Anna Hashmi, и тим на автори што го заокружуваат визуелниот и музичкиот свет на Котевска. Македонскиот продукциски партнер Јорданчо Петковски, со кого Котевска веќе има долга соработка, ја обезбеди локалната поддршка. Успехот на „Силјан“ не застанува во Венеција. Филмот речиси веднаш продолжи на Toronto International Film Festival, позиција што му гарантира глобална видливост и отвора врати кон нова можност за „Оскар“. Повеќе од успех на филм За Македонија, победата е повеќе од награда тоа е потврда дека малата земја може да раскажува приказни со светско значење. За Котевска, тоа е чекор напред кон авторска зрелост и трајно место во светската кинематографија. Како што напиша Indiewire: „Триумф. Болно прекрасен. Одличен документарец кој е и заносно поетско дело.“ Со „Силјан“, Котевска уште еднаш ја донесе Македонија на највисокото светско филмско ниво. И како што покажува реакцијата во Венеција, приказните од малите предели можат да освојат големи сцени доколку некој знае како да ги претвори во уметност што зборува на универзален јазик.

  • Дистрибутерскиот гигант Dogwoof ги откупи светските права за „Силјан“ на Тамара Котевска

    Соработката со Dogwoof и Concordia Studios покажува дека малите кинематографии можат да градат глобална репутација преку силен уметнички глас. Англиската компанија Dogwoof, еден од највлијателните дистрибутери на документарни филмови во светот, ги откупи светските права за интернационална продажба на „Силјан“ (The Tale of Silyan) – најновиот документарец на режисерката Тамара Котевска. Dogwoof е со седиште во Лондон и изгради репутација како дистрибутер на филмови кои ја дефинираат современата документаристика. Во нивното портфолио се наоѓаат дела номинирани за Оскар и BAFTA, како што се Blackfish (2013), Free Solo (2018) и The Cave (2019). За македонската јавност, името Dogwoof е добро познато – токму тие го претставуваа глобално и „Медена земја“ (Honeyland, 2019), филмот кој ѝ донесе на Македонија историски две номинации за Оскар. Со тоа „Силјан“ ја започнува својата интернационална патека со значителна предност: вклучувањето на Dogwoof е јасен сигнал дека филмот се гледа како сериозен кандидат за престижните награди. Филмот ќе ја има својата светска премиера за една недела на Венецијанскиот филмски фестивал 2025, во селекцијата Out of Competition. Потоа ќе биде прикажан и на Торонто (TIFF), каде што е вклучен во официјалната натпреварувачка програма. За пазарот во Северна Америка, правата ги обезбеди агенцијата UTA Independent Film Group, а на продукцискиот тим се приклучи и Concordia Studios, компанија основана во Лос Анџелес позната по своите иновативни копродукции. Веста дека британскиот дистрибутерски гигант Dogwoof го откупи „Силјан“, новиот филм на Тамара Котевскa, не звучи како обична индустриска трансакција. Таа одекнува како сигнал: македонската документаристика, која со Медена земја го ,,улови” светското внимание, веќе не е „изненадување“ и исклучок, туку авторска традиција во подем. Dogwoof, лондонска компанија со повеќе од две децении искуство, е позната по тоа што ги препознава филмовите што го менуваат разговорот за документарниот жанр. Од Blackfish (2013), кој отвори глобална дебата за заробеништвото на китовите, до Free Solo (2018), кој го претвори адреналинот во оскаровска категорија: нивните избори се културолошки лакмуси. Со тоа што „Силјан“ влегува во нивниот каталог, Котевска ја става својата приказна рамо до рамо со највлијателните документарни дела на нашето време. Од „Медена земја“ до „Силјан“: континуитет на визија Доколку „Медена земја“ ја отвори сцената со хипнотички кадри на Хатиџе Муратова и социјалната екологија на пчелите, „Силјан“, ја продлабочува истата логика: интимна човечка судбина која во себе го содржи метафизичкиот запис на еден народ. Приказната е едноставна, речиси архетипска. Земјоделец, оставен сам по криза, наоѓа повреден бел штрк на депонија. Околу таа слика Котевска ткае визуелна бајка инспирирана од фолклорот за Силјан штркот, македонска народна приказна од XVII век. Филмот го гради полето на тензија, меѓу реалното и митското, покажувајќи дека човекот и птицата: едната заглавена во општествена криза, другата во природна немоќ – се паралелни алегории за состојбата на нашето време. Котевска вели: „Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“. Оваа изјава ја носи во себе и естетската стратегија на режисерката: маргиналното како универзално, локалната народна меморија како глобална алегорија. Музиката како невидлив лик Особено внимание привлекува изборот на музичари. Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, дел од студиото на Hans Zimmer, ја создадоа оригиналната музика за „Силјан“. Zimmer, автор на неколку од најпознатите филмски партитури во последните децении (Gladiator, Inception, Dune), изгради бренд каде музиката не е само придружба, туку ритам што го обликува наративот. Davies и Oukpark ја следат таа школа. Нивната музика не се наметнува – таа дише заедно со кадрите. Звук кој ја поддржува тивката болка на ликот, нежноста на птицата, па дури и самата кршливост на пејзажот. Во „Силјан“, музиката станува уште еден лик: невидлив, но длабоко присутен. Соработката со Concordia Studios (основана од Davis Guggenheim и Jonathan King во САД, препознатлива по филмови како Boys State и Time) и продажбата на правата за Северна Америка преку UTA Independent Film Group ја вметнува Македонија во една мрежа на престижни партнери. Ова не е само „успех на македонски филм“. Тоа е пример за тоа како малите кинематографии, кога се потпираат на моќен авторски глас, можат да станат дел од глобалните текови. „Силјан“ не е филм што бара да се протне по клучот на ,,квота за егзотика и диверзитет” тој е сериозно земен како конкурент за Оскар. Од аспект на културна политика, ова е и сигнал дека македонската документаристика може да го изгради својот углед без да зависи исклучиво од државни фондови или регионални копродукции, туку преку интернационална мрежа на партнери кои инвестираат во визија. Симболиката на штркот Не може да се занемари и симболичката тежина на изборот на приказната. Штркот во балканската култура е птица на преминот, на граничноста меѓу светови. Силјан, човекот што станува птица во народната приказна, е метафора за искуството на распнатост меѓу тука и таму, меѓу човечкото и животинското, меѓу локалното и космополитското. Фактот што токму оваа приказна сега ја раскажуваме во Венеција и Торонто, а преку Dogwoof и низ целиот свет, носи еден културен пресврт: митот што беше локален, сега станува глобален симбол за кршливоста на животот и општеството. Гласови од индустријата Од Dogwoof, Oli Harbottle изјави: „ Чест е повторно да соработуваме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот“. А во зборовите на Casey Meurer од Concordia Studios, Котевска е препознаена како авторка чија храброст и уникатна визија се светски капитал. Во „Сиљан“, се сретнуваат три елементи: македонска народна приказна, интернационална филмска инфраструктура и авторка со препознатлив ракопис. Тоа е комбинација што ретко се случува кај малите кинематографии – и токму затоа овој филм е повеќе од следниот чекор на Котевска. Тој е испитување на тоа како една малечка земја, преку моќта на документарната визија, може да стане дел од глобалниот културен разговор. Тамара Котевска (р. 1993) е македонска режисерка која со „Медена земја“ ја вброи Македонија меѓу водечките земји во светската документаристика. Филмот ја освои Големата награда на Sundance 2019 и беше номиниран за два Оскара. Со „Силјан“, Котевска продолжува да истражува теми на кревката рамнотежа меѓу човекот и природата, но со уште поизразена бајковидна и симболична сензибилност. Продукција и екипа Филмот е копродукција на Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi. Екипата: Режисерка и продуцентка: Тамара Котевска Кинематограф и продуцент: Jean Dakar Продуцент: Јорданчо Петковски (втора соработка со Котевска; заедно го подготвуваат и „Човек против јато“) Монтажер: Мартин Иванов Музика: Joe Wilson Davies и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio) Тонска обработка: PROTA Колор корекција: GHABHA Studios Консултанти за наратив: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz

  • Промоција на книгата „Дневна среде шума“

    📅 9 септември (вторник) 🕐 11:00 часот 👤 Промотор: Велко Неделковски Во градот ни пристигнува уште една културна вечер посветена на книжевноста за најмладите. Промоцијата на книгата „Дневна среде шума“ од авторката Виолета А. Наумовска претставува своеобразно заокружување на едицијата „Шумски приказни“, циклус кој низ повеќе изданија ја гради визијата за Природата како заеднички дом на сите. Приказна што носи порака Низ интересни случки и топло раскажани ситуации, книгата ја пренесува главната порака: „Природата е нашиот заеднички дом“. Таа повикува на градење заедништво преку одговорност и доверба, како и на почитување на секое живо суштество. Особен акцент има и интерактивниот дел, вграден во книгата, кој го поттикнува детското љубопитство, раскажувањето и правилното изразување. Со тоа, книгата не е само приказна за читање, туку и практична алатка за учење и комуникација. Авторка со долгогодишна посветеност Виолета А. Наумовска е родена и живее во Скопје, а нејзината професионална кариера е тесно поврзана со образованието. Била средношколски професор, универзитетски професор, како и директор и раководител во јавни образовни институции. Нејзиното творештво за деца и тинејџери е богато и разновидно – вклучува 17 наслови во неколку едиции: Облачиња, Шумски приказни, Чудесни приказни, како и романот „Огне и време за желби“. Со „Дневна среде шума“ таа ја заокружува една значајна приказна во своето творештво – онаа која ги охрабрува децата да гледаат на Природата како на простор на заедништво и грижа.

  • Концерт на Passepartout Duo и Алембик

    📅 12 септември 2025 📌 Салон 19:19 🕐 20:00 На 12 септември (петок) со почеток во 20 часот, во Салон 19:19 ќе се одржи концертот на италијанско-американското дуо Passepartout Duo и македонскиот состав Алембик. Настанот носи експериментален и авангарден звук, исткаен од два различни музички света кои се среќаваат во Скопје. Passepartout Duo – патувачки лаборатории на звукот Формирани во Верона во 2015 година, пијанистката Николета Фавари и перкусионистот Кристофер Салвито го градат својот музички универзум со постојано истражување на материјали, технологии и ритми. Тие користат електроакустични текстури, електромагнетни принципи, па дури и спроводливи текстилни влакна за да создадат полиритмични композиции. Од самиот почеток живеат во движење – нивните турнеи минуваат низ уметнички резиденции како The Watermill Center (САД), Swatch Art Peace Hotel (Кина) и Embassy of Foreign Artists (Швајцарија). Соработките се неизоставен дел од нивната практика – минатата година го снимија албумот Radio Yugawara заедно со легендарниот јапонски амбиентален состав Inoyama Land. Особено внимание привлече нивниот изум – електромагнетниот синтисајзер Chromaplane, со кој оваа година го освоија првото место на престижниот Guthman Musical Instrument Competition. До сега имаат издадено неколку EP изданија и четири албуми: Vis-à-vis (2020), Daylighting (2021), Circo Pobre (2022) и Argot (2024). Концертот во Скопје е нивен прв настап во Македонија. Алембик – домашната алхемија на звукот Двојката Виктор Танасковски (гитара) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин) делува под името Алембик. Нивниот прв, истоимен албум (2022) е посветен на судирот – но и можната симбиоза – помеѓу природата и технологијата. Музиката е градена така што самото нејзино создавање е дел од концептот, баланс меѓу органското и машинското. Алембик се веќе препознатливи на домашната сцена, а истовремено активно држат концерти низ Европа (Чешка, Естонија, Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Италија). Тие се редовни учесници во истражувачко-уметнички проекти, а во моментов работат на својот втор албум. 🎟️ Влез: 300 денари (билетите ќе бидат достапни на влез и онлајнѕ преку mktickets.mk )

  • Fashion Neurosis со Courtney Love: разговор за стилот како исповед

    Во 2024 Бела Фројд, британска дизајнерка и правнучка на Сигмунд Фројд, го започна поткастот Fashion Neurosis. Форматот е замислен како психоаналитичка сесија: со глас и атмосфера што потсетуваат на терапевтски простор, но темите се движат низ мода, уметност, култура и идентитет. Меѓу досегашните гости се издвојуваат имиња како Рик Овенс, Ник Кејв, Кејт Бланшет, Кејт Мос, Кортни Кокс и Зејди Смит, што го позиционира поткастот како културно влијателен проект кој ги спојува различните слоеви на современата сцена. Епизодата со Кортни Лов, објавена во јуни 2025, ја покажува специфичната моќ на овој формат. Разговорот започнува со нејзините сеќавања на првите цртежи од облека што ги правела уште како дете секогаш со истиот облик, како лична фиксација. Од таму, нарацијата се шири кон темите на семејното наследство и улогата на мајка ѝ, која ја отфрлала потребата да угодува на машкиот поглед, но и кон нестабилните семејни релации што ја одбележале младоста на Лов. Преку поткастот, таа открива и симболични предмети како белиот slip фустан што го носи низ целата кариера, претворен во еден вид костум на идентитет. Кортни зборува и за музиката, инсистирајќи дека никогаш не била „панк“ во строга смисла, туку дека секогаш ја следела мелодијата како внатрешен компас. Така, поткастот ја претставува нејзината уметност и стил како крстосување меѓу бунтовност и кревкост, меѓу јавен имиџ и интимна потрага по смисла. Бела Фројд ја задржува атмосферата на доверливост: не се работи за интервју со однапред зададени прашања, туку за дијалог кој им дозволува на гостите да се движат низ сопствените спомени и врски меѓу стилот и животот. Во случајот со Кортни Лов, тоа резултира со портрет на една фигура која останува контроверзна и влијателна, но која тука зборува со изненадувачка отвореност за терапијата, религијата, љубовта и цената на славата.

  • Тамара Котевска и патувањето од македонските планини до сибирската тундра

    „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“, филм кој неодамна Variety го претстави како една од највозбудливите нови документарни авантури. Овој филм ја продолжува мисијата на Котевска да раскажува приказни што балансираат помеѓу антропологија, уметност и преживување. Во една земја што често е ставена на маргините на европската културна мапа, Тамара Котевска успеа да изгради филмографија која ја носи Македонија на најпрестижните фестивали во светот. После добро познатиот успех на „Медена земја“, каде го следеше животот на Хатиџе и нејзините пчели; се впушти во европската одисеја на сириски бегалци со „The Walk“; а годинава повторно снима: филм за штркот и еден селанец што го спасува („Сиљан“) и нов проект што расте на најсуровиот север, меѓу племето Долгани и нивните ирваси. На крајот на август, на Венецијанскиот филмски фестивал, ќе се одвива ретко сценарио: истата режисерка ќе биде претставена со два документарни филма. „Сиљан“, нејзиниот трет долгометражен проект, ќе има светска премиера на 29 август во официјалната програма, а во исто време „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“ ќе биде претставен на престижниот Venice Gap-Financing Market. И додека првиот филм е класичен поетичен документарец со балканска митологија, вториот претставува нешто сосема друго: сведоштво за народ и територија во кои ретко кој европски филмски автор се осмелил да влезе. Една режисерка, два света Variety неодамна ја претстави Котевска како „двократно номинирана авторка за Оскар што го носи Сибир во Венеција“. Во текстот се вели дека „Мамутите…“ ја следи судбината на млад ловец на ирваси, Владик, кој е растргнат меѓу гласовите на предците кои предупредуваат дека копањето мамутски коски е лоша среќа и искушението на капиталистичкиот пазар, кој во древните заби гледа профит. Преку таа интимна драма, филмот ја отвора пошироката приказна за судирот меѓу традицијата и модерниот свет. Она што Variety не го кажува, а македонското соопштение за јавност го нагласува, е дека ова е дел од еден континуитет. Тамара Котевска е авторка што речиси секоја година создава филм достоен за „А“ категорија фестивали, градејќи архива на човечки искуства: од заборавени села до бегалски патишта и далечни тундри. Тоа е темпо кое ретко може да се одржи, дури и кај најголемите имиња во светската документаристика. Живот со Долганите Заедно со кинематографот Жан Дакар ( нејзин соработник на „The Walk“ и „Сиљан“ ) таа минатото лето заминала во селото Јурунхаја, на работ на арктичкиот круг. Таму живееле еден месец во шатори направени од кожа на ирваси, јаделе со луѓето, ловеле со нив, патувале со чамец по реката Анабара и со квадроцикли низ бескрајната рамнина на тундрата. „Чувството беше како да сме на друга планета,“ вели Котевска во интервјуто за Variety. И навистина, кога сонцето не заоѓа, а секојдневието е борба за опстанок, снимањето документарец станува истовремено антрополошко истражување и лично преобликување. Архива на светот Како што таа вели, документарниот филм е „архива на светот, богатство што не смее да се заборави“. Таа страст ја води кон култури што исчезнуваат, а нејзината камера ги претвора во визуелни архетипи. Оттаму и амбицијата за „Мамутите…“ не е само да прикаже конфликт меѓу татко и син, или традиција и профит, туку да создаде филмско сведоштво. „Документарните филмови за мене се архива на светот,“ вели Котевска за Variety. „Тоа е богатство што не смее да се заборави. Моја пасија е да ги раскажувам приказните на културите што исчезнуваат.“ Идејата за „Мамутите…“ потекнува од детството на Котевска и страниците на National Geographic, списание кое ја обликувало нејзината љубопитност за луѓето и природата. Подоцна, заедно со Дакар, инспирација нашле и во делото „Before They Pass Away“ на фотографот Џими Нелсон. Но патот до племето бил долг и речиси невозможен: три години трагање по контакт, војната во Русија, и конечно првото патување во 2024 година, четиридневна авантура од Истанбул преку Москва и Јакутск, со мал авион, чамец и квадроцикл до селото Јурунхаја. Проектот засега е поддржан со приватни средства и бара нови партнери за да продолжи. Следниот чекор е арктичка обука во Норвешка, а потоа враќање во тундрата во ноември, каде снимањето ќе се одвива на температури од минус шеесет. Тоа е подвиг што ја надминува рамката на „филмски проект“ и се претвора во тест на издржливост, верба и упорност. Котевска и овој пат е и режисерка и продуцентка, авторка што не дозволува ограничувањата на индустријата да го определат нејзиниот хоризонт. И додека институциите често се скептични кон вакви ризици, нејзината биографија веќе е доказ дека токму таму, во ризикот, се создаваат делата што опстојат. Не е новост дека светската кинематографија е фокусирана на пазарот и безбедните формули, сепак Тамара Котевска избира непредвидливи терени и маргинализирани заедници. Со тоа таа не само што го поместува документарниот жанр, туку и ја редефинира улогата на авторот како сведок, архивар и раскажувач на приказни што светот не смее да ги заборави. Со два филма во Венеција „Сиљан“ и „Мамутите…“ Котевска уште еднаш покажува дека македонскиот филм може да биде глобален, храбар и бескомпромисен.

  • Заврши меѓународниот стрип салон и петтата стрип колонија ,,Велес 2025”

    Живописното село Нежилово, близу Велес, ова лето беше домаќин на 5-та Меѓународна стрип колонија, традиционално организирана од страна на Стрип центарот на Македонија – Велес. Колонијата, која веќе прераснува во еден од препознатливите сегменти на културниот календар, повторно покажа дека стрипот е повеќе од хоби или поджанр – тоа е форма на визуелно раскажување што обединува генерации, култури и идеи. На годинешната колонија учествуваа автори од регионот и од земјава: Србија: Владимир Весовиќ, Ивица Сретеновиќ и Срѓан Тодоровиќ Бугарија: Боб Клисурски, Венцислав Крстев и Христо Тренев Македонија: Методија Стојановски (Куманово), Ангела Петрушевска и Елена Апостоловска (Скопје), како и Меланија Стојанова, Тамара Николова, Симона Митреска и Горан Мазнев (Велес). Учесниците работеа во атмосфера на размена и заедничко творење, инспирирани од природниот амбиент на Нежилово и под будното менторство на Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија – познат стрип-сценарист и долгогодишен пријател на македонската стрип сцена. Во текот на неколкудневната работа, авторите минуваа низ процес на колаборативно создавање, каде што индивидуалните сензибилитети се преточија во заеднички стрипови. Овој метод на работа не само што гради колективен дух, туку и создава платформа за младите автори да учат од поискусните, да ги тестираат своите стилови и да ја најдат својата наративна динамика. Колонијата уште еднаш се потврди како инкубатор за нови идеи, но и како мост што ги поврзува регионалните автори со домашната сцена. Со завршувањето на колонијата, свечено беше затворено и 22-то издание на Меѓународниот салон на стрип „Велес 2025“. Салонот, кој две децении наназад претставува најзначајната точка на македонската стрип култура, и оваа година донесе рекорден број учесници и дела. Традицијата да се затвора со колонијата уште еднаш ја покажа органската врска меѓу изложбата, креацијата и едукацијата – три столба на кои се темели целокупната мисија на Стрип центарот. Настаните беа финансиски поддржани од Министерството за култура на РС Македонија и Општина Велес, што овозможи да се зачува континуитетот и да се привлече нова публика. Со тоа, Велес не само што го задржува статусот на главен град на македонскиот стрип, туку и ја позиционира Македонија на мапата на балканските и европските стрип-средишта.

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page