Резултати од пребарување
1187 results found with an empty search
- Локомотива на Canal 2026: македонската кореографија во европскиот танцов разговор
Локомотива, Викторија Илиоска и Тереза Лазарев ќе ја претстават современата сцена од Северна Македонија во Витри-сир-Сен. Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата од Северна Македонија ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse, која во јануари ќе се одржи во Витри-сир-Сен, во близина на Париз. Настанот обединува десет француски танцови институции и шест институции од Балканот, вклучувајќи ги Грција, Словенија, Бугарија и Северна Македонија, и претставува еден од поретките формати во кои регионалната кореографска сцена се појавува не како маргинален гостин, туку како рамноправен соговорник во европскиот танцов екосистем. Canal 2026 ќе претстави 32 уметнички тима преку извадоци од перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти. Програмата ќе се одвива на три локации – La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar – а паралелно ќе постои и онлајн издание на платформата cnd.fr , кое започнува од март 2026. Форматот ја нагласува тенденцијата современиот танц сè повеќе да функционира како поле на истражување и институционален дијалог, а не само како сценска форма. Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на организацијата и ќе ги претстави кореографките и танчерки поврзани со нејзината програма: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија во петок, 30 јануари, во MAC VAL, на тема „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“, прашање што ја отвора комплексната мрежа на продукциски услови, институционални ограничувања и уметнички стратегии што ја дефинираат сцената во регионот. Во рамки на уметничките презентации, Викторија Илиоска ќе ја претстави својата пракса, вклучувајќи го и проектот Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг кој го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на културни кратења и економии што често функционираат екстрактивно, работата ја поставува публиката не како пасивен набљудувач, туку како активен материјал на ситуацијата, каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како колективни ресурси. Делото го поставува прашањето за што треба да се тренираме како колективно тело во иднината што доаѓа, во време кога самата идеја за заедничко станува сè покревка. Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса преку Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја испитува врската меѓу колективната меморија и личната танцова меморија. Проектот прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото, не само како физичка форма, туку како носител на искуства и траги од историски и интимни прекини. Како дел од истражувањето, Лазарев ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски, во кој движењето и звукот функционираат како слоеви на меморија што се преплетуваат во реално време. Учеството на Локомотива на Canal 2026 е индикативно за пошироката динамика во која балканските кореографски практики сè почесто се читаат како релевантни токму поради условите во кои се создаваат: во средини со ограничени ресурси, нестабилни институционални рамки и постојана потреба од адаптација. Во таа смисла, овие дела не се само презентации на естетски јазици, туку и модели на уметничко преживување и колективна имагинација. Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд, CN D и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт и француските министерства за култура и надворешни работи. Организаторите нагласуваат дека содржината и изразените мислења не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.
- Куќата од мали коцки – тивка анимација за сеќавањата, времето и загубата
Наградуваниот анимиран краток филм „Куќата од мали коцки“ на Кунио Като е бездијалошка, поетска медитација за стареењето, сеќавањата и животот што потонува слој по слој. (погледнете го на крајот на текстот) „Куќата од мали коцки“ (The House of Small Cubes )е мал, тивок, речиси невидлив филм ако не му пријдеш со забавено дишење како да приоѓаш на пеперутка или диво животно. Нема дијалог, нема објаснување, нема потреба да се „разбере“, само да се остане со него некое време, како со стара фотографија пронајдена меѓу страници на книга. Што ќе видиме кога ќе се приближиме? Куќа што расте нагоре бидејќи водата непрестајно расте. Старец кој додава нов кат секогаш кога сегашниот ќе стане неупотреблив. Секој кат е сегашноста, секое нурнување е во минатото. Просторите што веќе не можат да се живеат не исчезнуваат, тие само тонат. Под водата остануваат маси, чаши, детски чекори, нечии очи. Архитектурата тука не е функционална, туку мемориска. Куќата е тело. Водата е време. Филмот трае дванаесетина минути, но се чувствува како еден долг внатрешен монолог што никогаш не бил изговорен. Визуелниот јазик на Като е намерно кревок: линии што не се сигурни во себе, бои што личат на сеќавање пред да избледи. Нема спектакл, туку упорна, тврдоглава тишина. Токму таа тишина ја носи емоционалната тежина. Куриозитет што вреди да се знае: филмот ја доби наградата Оскар за најдобар краток анимиран филм во 2009 година – редок момент кога нешто толку интимно и антиспектакуларно влезе во центарот на глобалната сцена. Кунио Като, дотогаш релативно маргинален автор, остана верен на својот минималистички, речиси зин-естетски пристап и по овој успех. Ниту го „објасни“ филмот, ниту го претвори во платформа за големи пораки. Често се чита како алегорија за климатските промени, но филмот одбива да биде заклучен во еден кат. Може да се чита како филм за стареењето, за губењето, за прилагодувањето, за животот што продолжува и кога не изгледа логично да продолжи. Или едноставно за тоа како ги складираме спомените: не во главата, туку во просториите што веќе не ги користиме. Зошто да се гледа? Затоа што The House of Small Cubes не бара ништо од гледачот, освен внимание, присутност. Затоа што нè потсетува дека минатото не е зад нас, туку под нас. Дека се раѓаме во иднината секој ден. И затоа што во култура што постојано бара гласност и став, овој филм избира нешто порадикално: тивка, упорна емпатија.
- Дисциплина на светлината: Како двајца професори од Нови Сад со сребро и трева го бранат човечкото сеќавање од заборавот
Изложбата „Дисциплина на светлината“ на Јелена Ковачевиќ Воргучин и Предраг Узелац во Скопје ја затвора сезоната на Зрно фестивал со радикална одбрана на фотосинтезата како метафора за меморијата. На периферијата на есента, кога Скопје делува како град што чека да се накрене завесата за уште еден чин на непредвидливост, Зрно фестивал ја затвора својата година со гест на тивка одлучност: изложба на двајца професори од Нови Сад што го третираат светлото како дисциплина , не како алатка. Не како ресурс, туку како субјект. Јелена Ковачевиќ Воргучин и Предраг Узелац : двајца внимателни луѓе кои, на свој начин, секојдневно се занимаваат со најстарото прашање на фотографијата: ако светлината е сведок, кому точно сведочи? Во салата Империјал 2 во КИЦ–Скопје, нивните дела стојат едно до друго како два модела на постоење. Едниот, органски, зелен, минлив. Другиот, металоиден, упорен, но длабоко човечки. Заедно, тие го носат она чувство што го препознаваме кога ќе влеземе во тивка, добро курирана галерија: воздухот е ист, но просторот станува подлабок од сопствените ѕидови. Делата на Предраг Узелац го носат здивот на друга епоха. Не од носталгија, туку поради изборот на медиум што одбива да се одрече од тежината. Дрвена камера, стаклена плоча, сребрен раствор. Тоа не е само техника. Тоа е цел систем на верување: дека фотографијата сè уште може да биде сведоштво што не се распаѓа во дигиталната брзина. Узелац ги снима своите лицата на своите модели , тие се обични: граѓани, минувачи, луѓе со кои би се разминале на улица без да ги забележиме, но под неговите услови стануваат нешто друго, нешто што го тера гледачот да се задржи подолго отколку што првично планирал. „Сепак херои“ е проект што не бара од публиката да го препознае херојството; тој ѝ дава време да го види. Херојот, по Узелац, е оној што не излегува од рамката на своето секојдневие човек што го брани својо интегритет без барање видливост. Јелена Ковачевиќ Воргучин, пак, постапува како да е дел од тивка алхемија. Хлорофилните записи, медиум што граничи со ботаника и поезија, ѝ дозволуваат да го пронајде фотографското не во моментот, туку во процесот. Нема фотоапарат. Нема клик, нема блиц. Само трева, сонце и неколку недели на невидлив договор меѓу природните сили. Хлорофилот, како постар брат на фотографската емулзија, реагира на светлината не со фиксирање, туку со менување. Пигментот се смирува, бледнее, попушта. Сликата не се создава со додавање, туку со губење. Тоа е парадокс што Јелена го претвора во метод. Овие дела не нудат отпор кон исчезнувањето, тие го прифаќаат. И токму во тоа прифаќање има некаква исклучителна нежност. Во делата каде што се појавува фигура на мајката минимална, едвај присутна , хлорофилот станува архив на нешто што не може да се формулира без да се наруши. Споменот не е зачуван, туку само допрен. Како отпечаток на влага на страница што веќе почнала да се суши. Во овие зелени површини има некаква интуиција што нè потсетува дека сеќавањето не е херметичка структура, туку поле што секојдневно се преработува, како земја што ја зема светлината и ја враќа во нов тон. Меѓу среброто и тревата како две поетики се допираат без да се нарушат Ако работите на Узелац се обидуваат да фиксираат, работите на Јелена се обидуваат да пуштат. Едниот систем ја слави трајноста. Другиот- минливоста. Во нивната заедничка појава се отвора едно прашање што звучи старо, но се чини дека секоја генерација мора да го постави повторно: Што останува од светлината? А што: неизбежно, колку и да го одложуваме, се враќа во нејзината тишина? Зрно фестивал тука го добива својот најубав аргумент за кураторска смисла: двајца автори што се движат во сосема различни правци одеднаш го покажуваат истиот идеален лак. Среброто и тревата, херојството и сеќавањето, упорноста и распаѓањето — сето тоа се трансформира во една голема, колективна разбраност: дека светлината, колку и да ја дисциплинираме, секогаш има последен збор. Годинешната тема на фестивалот ФотоСинтеза во почеток звучеше речиси наивно, како игра со зборови, но со оваа изложба станува јасно дека кураторскиот избор бил многу поширок од биолошка метафора. ФотоСинтеза како животворен процес. ФотоСинтеза како безбедно собиралиште на воини на светлината. ФотоСинтеза како начин да се спојат оние што не се допираат, но се разбираат. Со учесници од целиот свет, фестивалот оваа година ги славеше сите можни видови на љубов кон светлината: техничка, етичка, лична, метафизичка. И можеби токму затоа оваа последна изложба делува како затворање круг — синтеза на две до скоро одвоени уметнички траектории што сега се погледнуваат како да биле наменети една за друга. Светлината, во овие две практики, не е невина. Таа бара избор. Узелац ја користи за да сочува. Јелена за да пушти да замине. Во тој дијалог се крие една мала, но важна вистина: секој човечки живот се движи меѓу двете тенденции. Сакаме да зачуваме нешто, а истовремено го разбираме неговото исчезнување. А можеби оваа изложба, со својата едноставна, а комплексна поставка, нè потсетува дека ниту една дисциплина на светлината не е конечна. И дека понекогаш токму уметноста , сребрената, кревката, упорната е најдобриот начин да се погледнеме себеси не како трага што ќе остане, туку како светлина што одамна почнала да се враќа дома.
- Кочанскиот бенд „Корка“ настапува во финалето на меѓународниот музички натпревар „Imagine Experience“ во Брисел
Младиот рок бенд од Кочани ќе ја претставува Македонија на сцената на „La Botanique“, рамо до рамо со бендови од девет земји. Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември ќе настапи во финалето на меѓународниот музички натпревар „Imagine Experience“, кој оваа година се одржува во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија. Настапот ќе ги постави „Корка“ на иста сцена со млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве, во контекст што одамна ги надминува локалните рамки. Настанот ќе може да се следи и онлајн во живо, а публиката од дома ќе има можност да гласа, што дополнително ја отвора сцената кон поширока, меѓународна публика и директно ја вклучува во процесот на вреднување на младите музички гласови. Пласманот во финалето доаѓа по победата на „Корка“ на националниот натпревар „Imagine Macedonia“, одржан на 10 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на фестивалот „Здраво млади“. Таму бендот се натпреваруваше со низа силни имиња од актуелната македонска алтернативна сцена, меѓу кои „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“, што ја прави победата уште порелевантна. Во изминатата година „Корка“ се профилираа како еден од најгласните и најискрени нови бендови на домашната сцена. Нивниот звук: тврд, емотивен и без компромис директно го канализира гневот, збунетоста и чувството на притисок што го носи младешкото искуство денес. Самонасловениот албум, издаден во мај годинава, заедно со низа концерти низ Македонија и Србија, ја зацврсти нивната позиција како бенд кој не само што реагира, туку и артикулира. Но „Корка“ не се присутни на сцената само преку музиката. Членовите на бендот, од кои повеќето сè уште се средношколци, активно учествуваат и во локалното културно организирање во Кочани. Тие беа меѓу главните двигатели на дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, одржан кај Споменикот на слободата во градот настан што ја покажа моќта на самоорганизирана младинска сцена надвор од главниот град. Фестивалот беше посветен на Сара Алексова, нивна другарка и прва тапанарка на бендот, која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој гест го вгради личното, колективното и етичкото во нивното дејствување, потсетувајќи дека за „Корка“ музиката не е изолирана од реалноста, туку нејзин директен одраз. Настапот во Брисел, во тој контекст, не е само уште еден чекор напред во кариерата на бендот, туку и симптом на една генерација што бара простор, слушливост и смисла и не чека дозвола за тоа.
- Што е Slow Food и што носи Slow Food Салон 2025: заедно со природата
Slow Food Салон 2025 обединува мали производители, фарми, едукација и гастрономија околу идејата за одржлива храна. Slow Food не е гастрономски тренд, туку филозофија што го поврзува вкусот со одговорноста. Движењето се залага за храна што е добра (вкусна и автентична), чиста (произведена во согласност со природата) и праведна (со фер однос кон оние што ја произведуваат). Во време на индустриска исхрана, загадена животна средина и губење на локалните знаења, Slow Food го враќа фокусот кон малите производители, сезонската храна и образованието за тоа од каде доаѓа она што го јадеме. Токму оваа идеја стои зад Slow Food Салон 2025: „Заедно со природата!“ – настан што ја отвора храната како културно, еколошко и општествено прашање. Движењето Slow Food започнува во Италија во 1986 година, како реакција на отворање ресторан за брза храна во историското јадро на Рим. Наместо класичен протест, следи културен одговор: одбрана на локалната кујна, ритуалот на јадењето и правото на вкус. Во 1989 година, во Париз е потпишан Манифестот на Slow Food, со кој движењето добива меѓународна рамка. Неговиот основач, Карло Петрини, ја формулира суштината јасно и недвосмислено: „Slow Food ја брани идејата дека задоволството од храната е основно човеково право, а не привилегија.“ Во самиот Манифест стои и една од клучните мисли што и денес ја одредуваат филозофијата на движењето: „Противставени сме на универзалната лудост на Брзиот живот и ја потврдуваме вредноста на бавноста.“ Slow Food се темели на три едноставни, но радикални принципи: Добра – храната треба да биде вкусна, автентична и културно вкоренета. Чиста – производството мора да ја почитува природата, почвата, водата и биодиверзитетот. Праведна – фер услови за оние што ја произведуваат храната. Овие принципи се директна спротивност на индустрискиот модел, каде ниската цена често значи висока штета – по здравјето, животната средина и локалните заедници. Зошто Slow Food е особено важен за Македонија Во Македонија, храната одамна не е само гастрономско прашање. Таа е поврзана со лош квалитет на воздух, деградирана почва, осиромашени рурални средини и сè поголема зависност од увоз. Парадоксално, земја со силно аграрно наследство денес се соочува со губење на локалното производство и стандардизација на вкусот. Во таков контекст, Slow Food не е романтика, туку практична алтернатива: поддршка на малите производители, зачувување на земјата и водата и враќање на знаењето за храната во јавниот простор. Иако често се доживува како „увезена“ идеја, Slow Food во Македонија постои со децении – само без етикета. Домашното сирење од сурово млеко, ајварот направен од локални пиперки, медот од мали пчелари, виното од автохтони сорти – сето тоа се примери на good–clean–fair храна. Сè повеќе македонски фарми денес применуваат агроеколошки принципи: минимална хемија, грижа за почвата, почитување на сезоните. Овие практики покажуваат дека одржливоста не е теорија, туку секојдневна работа. Во земја со сериозни еколошки предизвици, локалното производство значи и пократок пат од нива до маса, помал еколошки отпечаток и поголема контрола врз квалитетот на храната. Slow Food Салон 2025: храната како јавен разговор Slow Food Салон 2025: „Заедно со природата!“ ја носи оваа филозофија во јавен, достапен формат. Програмата опфаќа: Саем на мали производители и салон на пијалаци Тематски форуми за едукација, одржливо производство и Slow Food туризам Презентации на фарми и маслинарство Едукативни програми за деца Мастер-класови и школа за одржлива гастрономија Простор за вмрежување на организации и иницијативи поврзани со храната Slow Food не нуди спектакуларни решенијa но нуди внимание, одговорност и избор. Во земја што се бори со квалитетот на животот, ова движење потсетува дека промената започнува од основното – од тоа што го јадеме, како го произведуваме и со кого го споделуваме. Програма: цел ден посветен на храната и одржливоста Отворање на настанот 11:30 – Свечено отворање и поздравни говори 1. Саем на мали производители – Свечена сала 11:00–20:00 Изложба на храна од мали локални производители – место за директна средба со оние што ја создаваат храната, со јасно потекло и приказна. 2. Салон на пијалаци – Кристална сала 11:00–20:00 Изложба на семејни винарии, дестилерии и занаетчиски пивари, со акцент на мали серии и традиционални техники. 3. Slow Food Арена – Банкет сала Тематски форуми што ја отвораат храната како јавна тема: 12:00–14:00 – Едукација за одржлива иднина Модератор: Ване Марковски 14:00–16:00 – Храна произведена во согласност со природата Модератор: Марко Марк 16:00–18:00 – Slow Food Travel Модератор: Ирена Спировска 4. Slow Food маслинарник – Кристална сала 11:00–20:00 Презентација на македонското маслинарство: ладно цедени масла, ферментирани и сушени маслинки и други маслинови производи. 5. Slow Food фарми – Кристална сала 13:00–18:00 Презентација на применети агроеколошки принципи на три македонски фарми – примери за одржливо производство во пракса. 6. Едукација за деца – Свечена сала Програма што ја приближува природата до најмладите: 11:00–12:00 – Шепотот на природата 12:00–14:00 – Природна сложувалка 14:00–15:00 – Разговор со природата 15:00–17:00 – Малите чувари на живиот свет 7. Мастер-клас – Сала Конти 1 13:00–14:30 – Вина од органско грозје или со минимална интервенција Ивана Симјановска 16:00–17:30 – Спарување на природно ферментирана храна со вина од Slow Wine Слободен Чокревски и шеф Зоран Мајновски 8. Школа за одржлива гастрономија – Сала Конти 2 12:00–13:30 – Производство на сирење од сурово млеко со природни сирила Давид Неделковски 14:30–16:00 – Природно ферментирани месни производи Деан Здравковски 9. Slow Food миксологија – Аперитив бар 13:00–17:00 Подготовка на македонски коктели со локални состојки. 10. Плоштад за вмрежување – Фоаје 11:00–20:00 Презентација и вмрежување на граѓански организации и фирми поврзани со производството на храна и одржливи практики. Slow Food Салон 2025 се организира со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect.
- Гласајте за „Приказна за Силјан“ на Тамара Котевска – Cinema Eye Audience Choice 2025!
Започна вториот круг гласање – секој глас нè приближува до Оскар! Гласајте до 16.12.2025 Денес стартува вториот и одлучувачки круг на гласањето за Cinema Eye Honors Audience Choice Prize – една од најпрестижните награди за документарниот филм што целосно ја доделува публиката низ целиот свет. По успешното освојување на номинацијата во првиот круг, македонскиот документарец „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска сега се бори за главната награда меѓу извонредни филмови од Бразил, Палестина, Гана, Нов Зеланд, Украина и уште многу земји. Оваа награда е посебна токму затоа што ја одредувате ВИЕ – гледачите. Во историјата на документарниот филм, добитниците на Audience Choice Prize често завршуваат во потесниот избор за Оскар следната година. Значи секој ваш глас директно влијае на иднината на филмот. Гласањето трае до 16 декември 2025 вo 02:00 часот по македонско време. Гласајте веднаш тука → https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/ А веќе на 16 декември во 22:00 часот ќе дознаеме дали „Приказната за Силјан“ влегува во потесната листа за Оскар 2026!
- Јасна Жмак на „Прво па женско“: настап на феминистичкиот фестивал во Скопје
Хрватска авторка со тивка радикалност пристигнува на скопската сцена На 10 декември, Академската сцена на Факултетот за драмски уметности ќе ја пречека хрватската книжевна авторка и драматургинка Јасна Жмак со нејзиниот нашироко пофален перформанс this is my truth, tell me yours (Ова е мојата вистина, кажи ми ја твојата). Настанот е дел од тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција Прво па женско, организиран од колективот Tiiiit! Inc. фестивал што со години гради стабилен, внимателен и критички културен простор на локално и регионално ниво. Перформансот што Жмак го носи во Скопје не е класична сценска форма. Тоа е истражување родено од лична повреда, претворено во метод, а потоа во културна анализа. Во 2011 година, за време на изведбата на претставата Mandić Stroj, Жмак доживува тинитус и хиперакузија поради истрел со сценски пиштол. Настан кој трае секунда, но ја менува траекторијата на нејзиниот живот. Токму од тој момент започнува прашањето што го носи целиот перформанс: Како уметноста навистина влијае врз телото, и каде лежи одговорноста кога тоа влијание станува трајно? This is my truth, tell me yours се движи меѓу стенд-ап, перформативно предавање и документарна исповед. Жмак ги отвора темите на авторството, одговорноста, анксиозноста на творечкиот процес, и системите патријархални и капиталистички што ги обликуваат уметничките полиња. Текстот е строг, дури аскетски по форма. Во таа воздржаност стои критика што не мора да вика за да биде слушната. Иако одамна присутна како писателка, драматургинка и професорка на Академијата за драмска уметност во Загреб, ова е првпат Жмак да настапи како изведувачка на сопственото дело. Нејзината изведба е тивка, без драматска претераност. Таа ги носи своите драматуршки, лични и сексуални искуства како доказен материјал, наместо како исповед. Наместо да бара емпатија, Жмак инсистира на внимателност. Наместо да ја изложи ранливоста, ја контекстуализира. Во октомври, перформансот ја доби Гран при наградата „Мира Траиловиќ“ на меѓународниот фестивал БИТЕФ во Белград една од најистакнатите европски платформи за современ и експериментален театар. Жирито ја истакна „автентичноста, прецизноста и повеќеслојноста“ на делото, како и неговата храброст во соочувањето со патријархалните и капиталистички структури во изведувачките уметности. „Бевме воодушевени од спојот на нежност и искреност, и од кревкоста што останува неуништлива,“ стои во образложението. Со своето тринаесетто издание, Прво па женско продолжува да функционира како културна инфраструктура, а не како еднократен настан. Програмата е внимателно курирана околу женски и квир перспективи, а изведбата на Жмак се вклопува во таа филозофија: размислена, прецизна и подготвена да ги отворат темите што обично се туркаат на маргините. Настанот се одржува со поддршка на Kvinna till Kvinna, Амбасадата на Шведска и Equality Fund. Средствата од билетите ќе бидат донирани за иницијативата Support Kočani, што му дава на настанот дополнителна етичка тежина. Делото на Жмак се движи од проза до документарни автофикциски перформанси и психодрамски пристапи. Таа одамна е присутна како критички глас на регионалната сцена, препознатлива по храброста со која ги отвора темите на родот, сексуалноста, авторството и репрезентацијата. Нејзините текстови не нудат готови одговори — туку внимателно изградени прашања. Билети: drugastrana.mk/event/this-is-my-truth-tell-me-yours
- „И после сѐ, проблеми со родот“ – промоција на зборник кој се спротивставува на антиродовите митови
На 3 декември, со почеток во 20 часот, во Кафе КОТУР ќе се одржи промоцијата на И ПОСЛЕ Сѐ, ПРОБЛЕМИ СО РОДОТ – Критички истражувања за родот, полот и сексуалноста, нова публикација на Коалиција МАРГИНИ која настојува да го отвори просторот што сè повеќе се стеснува под притисок на антиродовите политики и говори. Тоа е книга што се појавува како гест на отпор, но и како интелектуален одговор во време кога јавниот дискурс лесно се заплеткува во митови, паники и поедноставувања. Зборникот е замислен како колективна платформа за критичко мислење, особено важна во услови во кои неоконзервативниот наратив станува агресивно присутен. Наместо да се прифати диктатот на стравот и идеолошкото сведување, текстовите во ова издание се обидуваат да ги вратат поимите „род“, „пол“ и „сексуалност“ во нивната аналитичка, научна и еманципаторска димензија. Книгата се движи низ повеќе дисциплини – од историја до неврологија, од политичка економија до антропологија, од еволутивна биологија до југословенскиот социјализам и современите квир студии. Таа широкост не е случајна: токму преку пресек на знаења се расплетуваат механизмите што стојат зад антиродовите митови и се оголуваат нивните идеолошки претензии. Мрежа на идеи која ја откорнува фикцијата за „биолошкиот ред“ Една од силите на зборникот е неговата интердисциплинарност. Теориите на Џоан Валах Скот, Џудит Батлер, Гејл Рубин, Барбара Џ. Рисман и Џорџијан Дејвис се надоврзуваат со регионалните историографски истражувања на Ивана Хаџиевска, Ивана Пантелиќ и Адријана Захаријевиќ. Паралелно со тоа, текстовите на Франко Дота го отвораат погледот кон ран хомофилен активизам, додека Марија Лугонес, Серена Нанда и Џени Андрин Мадсен Еванг носат постколонијална прераспределба на перспективите. На биолошкиот терен, пак, делата на Џоан Рафгарден, Мајра Џ. Херд, Закари Дубоа, Хетер Шатак-Хајдорн, Хајд, Биглер, Џоел, Тејт, Ван Андерс и Агустин Фуентес се дел од современите научни ревизии што го разоткриваат митот за стабилниот биолошки бинаризам. Овој слој додава токму она што антиродовите наративи најчесто го исклучуваат: комплексност, нестабилност и разновидност на живиот свет. Во еден ваков амбиент – во кој политиката сака да го претвори телото во догма – зборникот делува како просторно ширење. Како отворање прозорец кон знаење што не се плаши од сложеност, ни од историја, ни од идни тела за кои, како што велат уредниците, „сè уште не знаеме што можат да направат и да бидат“. Промоцијата како простор за заедничко читање и отпор На настанот во КОТУР ќе разговараат Ирена Цветковиќ, Јана Јакимовска (Радио Милева) и Калиа Димитрова (МЕДУЗА) – три гласови кои самите се движат низ активизмот, медиумите и културната критика. Промоциите на МАРГИНИ ретко се само претставување на книги; почесто се средби на заедници што сакаат да мислат заедно и да создаваат отпорни структури во атмосфера во која јавниот говор за родот сè поотворено се инструментализира. Посетителите ќе можат бесплатно да добијат печатен примерок – гест што зборува за интенцијата ова знаење да циркулира. Да останеме со проблемите, а не да ги затвориме Во уредничката забелешка на Мања Величковска, Славчо Димитров и Сара Миленковска се чувствува тон што многумина ќе го препознаат како нужност во денешното време: да не се бега од „проблемите со родот“, туку да се остане со нив, да се талка низ нив, да се мислат. Тие пишуваат: „Родот повторно лебди како сениште, како проблем и неизвесност за која авторитарните гласови и фашистички страсти се мобилизираат хистерично… Наспроти нив, стои оваа книга, како повик да останеме, и после сѐ, со проблемите со родот… со остроумност и смеа, перформативно и импровизаторски.“ Во тоа има нешто човечко, нешто што говори за начинот на кој општествата растат: не преку затворање, туку преку отворање. И можеби токму затоа овој зборник е повеќе од академска публикација — тој е своеобразен културен документ на моментот во кој живееме.
- Избран добитникот на XIX награда ДЕНЕС 2025: нов бран во македонската млада визуелна сцена
Избран добитникот на XIX награда ДЕНЕС 2025: нови практики, нови гласови Во неделата, во просторот на Националната галерија – Чифте амам, беше соопштен добитникот на деветнаесеттото издание на наградата ДЕНЕС – единствената национална награда посветена на млади визуелни уметници до 35 години во Северна Македонија. Отворањето на изложбата на финалистите, проследено со објавувањето на лауреатите, уште еднаш покажа дека оваа награда е важен показател за развојот на локалната сцена и за новите генерации уметници кои ја туркаат практиката нанапред. Овогодишниот процес го организираше Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во соработка со меѓународната мрежа YVAA, резиденциската програма Residency Unlimited (RU) во Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding. Со дваесет и две години континуитет, ДЕНЕС одамна е повеќе од награда – тоа е структура што ги поврзува младите автори со меѓународни институции, резиденции и образовни програми кои отвораат нови перспективи во нивната уметничка работа. Жири-комисијата годинава беше составена од: Хитоми Ивасаки, поранешна кураторка и директорка во Queens Museum, а денес во Фондацијата Исаму Ногучи, Њујорк; Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност и уметничка директорка на галеријата acb во Будимпешта, ко-основачка на платформата Easttopics; и Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник кој живее во Хаг и добитник на наградата ДЕНЕС 2023. По увидот во делата и презентациите на финалистите, жирито се одлучи за тројца автори чијашто практика јасно се издвојува во различни насоки. Главната награда ДЕНЕС 2025 му беше доделена на Крсто Глигорјадис, кој во 2026 година ќе оствари двомесечна резиденција во Residency Unlimited во Њујорк. Мила Добревска е добитничка на едномесечен резиденцијален престој во Галеријата „Простор“ на „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, придружен со самостојна изложба во истиот простор. Наташа Неделкова, пак, ќе ја реализира својата самостојна изложба во Северна Македонија во 2026 година, како дел од програмата на наградата. Од своето основање во 2002 година, а официјално прво доделување во 2003, наградата ја има задачата да им отвори простор на младите автори да ја продлабочат својата уметничка практика, да се поврзат со меѓународната сцена и да изградат професионална самостојност. Покрај резиденциите, програмата вклучува и учество во специјалниот едукативен процес „Совршениот уметник“, средби со интернационалното жири и продукција на ново дело за финалната изложба. Преку годините, ДЕНЕС ја обликуваше локалната уметничка мапа; меѓу нејзините добитници се имиња како ОПА, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Елена Чемерска, Славица Јанешлиева и други автори кои денес се дел од пошироката регионална и европска сцена. Како жирито ги прочита годинешните практики? За делото на Крсто Глигорјадис, жирито го истакна неговото истражување на машкоста, траумата и ритуалот – области во кои телото се појавува како место и на распаѓање и на обновување. Според жирито, неговата „кореографија на дезинтеграција“ нуди можност да се размислува за ослободување од веќе познатите идентитетски рамки, третирајќи го телото како екосистем што може да компостира штетни наративи. Работата на Мила Добревска, посебно нејзината посветеност на мозаикот како редок, но богат медиум во современата продукција, беше оценета како практика што заслужува историски и материјален контекст каков што нуди Далмација. Сплит, со своето римско наследство, претставува природна средина каде нејзината чувствителност кон материјалот може да се развие понатаму. Во практиката на Наташа Неделкова, жирито ја препозна теоретската длабочина и концептуалната комплексност, особено во нејзините истражувања за алгоритамската слика, маските, менталните состојби и отпорот кон капиталистичките режими на исцрпеност. На авторката ѝ беше препорачано дополнително да ги зајакне презентациските вештини со цел богатството на проектите да биде уште повидливо и комуникабилно. Биографиите зад наградените практики Крсто Глигорјадис (1996, Скопје) е мултидисциплинарен автор чија практика се движи меѓу ритуалот, телото и бунтот. Делата како „Де(конструкција) на машкоста“, „Панталоните“ и „Здолништето на татко ми“ отвораат простори за кревкост, отпор и колективно исцелување. Добитник е на наградата QUEER MAKEDONIUM 2025, а неговите настапи се препознатливи по емоционалниот интензитет и телесната симболика. Мила Добревска (1999) работи на пресекот на сликарството, мозаикот, текстилот и скулптурата. Во нејзината практика, фигурата се појавува како симбол на емотивни и идентитетски слоеви. Изложувала на биеналето на современ мозаик во Равена, Paratissima во Торино, во Националната галерија во Скопје и бројни регионот. Добитничка е на наградата Paolina Brugnatelli (2022). Наташа Неделкова (1993, Скопје) делува помеѓу филмските студии, новите медиуми и современата уметност. Студирала во Скопје, Лион и Париз, каде моментално е докторска кандидатка на Универзитетот Париз 8. Нејзините истражувања се фокусирани на перформативноста на алгоритамските слики и на кризите на саморепрезентацијата во документарниот филм. Учествувала на Manifesta 14, Биеналето на млади во МСУ Скопје, GMK Загреб и Zeta Gallery во Тирана. Паралелна изложба: „Сè што незабележливо ползи“ на Ивана Самандова Вечерта беше збогатена со отворањето на самостојната изложба на Ивана Самандова, добитничка на наградата за самостојна изложба во рамки на ДЕНЕС 2024. „Сè што незабележливо ползи“ ја продолжува нејзината линија на внимателно набљудување на маргиналните, кревки процеси на секојдневието – работа што детално го слуша тивкото и неприметливото. Двете изложби се отворени за публиката до 13 декември во Чифте амам. Фотографија: Наташа Гелева;
- Сашо Алушевски и шумата што не сака да се претвори во слика
Изложба што ја покажува природата како трага, а не како реплика – шумата како визуелен јаз меѓу гледачот и стварноста. Понекогаш е лесно да заборавиме дека фотографијата е само тенка мембрана меѓу светот и неговата претстава. Го гледаме отпечатокот, но не и движењето. Ги гледаме сенките, но не и мирисот. Само на моменти сликата ја отвора вратата кон нешто подалечно и попрвично. Во новата поставка на Сашо Алушевски, „На мајката земја – шума“, таа врата се отвора токму толку колку што треба за гледачот да сфати дека зад неа има нешто недостижно. Алушевски одамна се движи по работ меѓу фотографијата, материјалната природа и прашањето: што всушност гледаме кога гледаме? Неговите претходни циклуси често ги допираат местата каде визуелната уметност не може да го имитира животот, туку само да се приближи до него преку траги, текстури и процеси. Новиот циклус кој ќе биде поставен на 3 декември во мобилната–монтажна галерија во Паркот на франкофонијата продолжува со истата упорност на автор што не се плаши да се соочи со границите на сопствениот медиум. Сашо Алушевски е фотограф што никогаш не ја третира фотографијата како едноставна репродукција на стварноста. Кај него нема романтизација на природата, ниту наивна желба за „фотографски реализам“. Тој е од оние ретки автори кои се вљубени и во процесот и во материјалот: во хемиската реакција, во нееднаквоста на емулзијата, во случајноста како соработник, не како грешка. Техниките што ги користи цијанотипија, Van Dyke, гумотипија, гумомаслена техника, колодиум, мордансаж, лумен не се избор од носталгија, туку од потреба. Тие се алатки што овозможуваат природата да не биде само мотив, туку партнер во сликотворниот чин. Кај Алушевски, фотографијата е физички предмет што дише, старее, оставa соларни лузни, а понекогаш сама се одупира на обликот што сакаме да ѝ го наметнеме. „На мајката земја – шума“ е циклус што ја разгледува шумата не како пејзаж, туку како жив организам што одбива да се редуцира во визуелна формула. На прв поглед, делата наликуваат на снимки од длабока, густа шума гранки, магла, подземни структури, ситна светлина што се пробива низ крошни. Но кога ќе се доближиме, сите тие наводно реалистични детали почнуваат да се расплетуваат во мрежи, точки, слоеви. Дрвјата стануваат текстура, листовите личат на молекуларни структури, просторот се претвора во шема што го негира сопствениот контекст. Оваа изложба не се базира на „сликани“ шумски мотиви. Таа е резултат на внимателно набљудување и паралелна деконструкција: на лист, на земја, на камен, на вода. Алушевски успева да ја покаже природата не преку јасни контури, туку преку траги и кодови. Како што и самиот вели во текстот за изложбата: „Фотографската слика не ја претставува природата директно, туку нејзините кодови и траги.“ Овде шумата не е херој од прв план; таа е присуство, енергија, структура што го држи кадарот, но не дозволува да биде прочитана до крај. Што сака да каже изложбата? Во оваа поставка има една јасна, речиси филозофска точка: и најпрецизната визуелна репрезентација е само сенка на стварноста. Не случајно Алушевски ја повикува платоновата разлика меѓу идеја, имитација и сенка. Неговите фотографии се токму тој полутон не се ни реалноста, ни нејзината директна имитација, туку некаков остаток од визија што делува како да е повторно и повторно прекршувана во природниот циклус. Тука, шумата е и буквална и апстрактна. Од една страна, можеме да препознаеме дрвја, кора, под, влажни листови, светлина. Од друга страна, материјалниот свет е разложен на чиста визуелност. Сликата станува истовремено фотографија, мапа и меморија. Главната порака е речиси нежно предупредување: ништо визуелно не може да го замени допирот со природата. Никој печат, ни најпосветениот аналоген процес, не може да донесе со себе мирис на мов или тежината на влажната земја под обувките. Фотографијата колку и да е богата со знаци, нуди само навестување. Реалното се случува пред и после неа, со телото, со воздухот, со шумот од гранките што се допираат. Во таа мисла има и нешто ослободувачко: фотографијата станува место на игра, а не на илузија. Наместо да се обидува да ја имитира стварноста, таа го признава сопствениот јаз празнината меѓу претставата и искуството. Токму таму, во тој јаз, Алушевски го наоѓа поетскиот потенцијал на медиумот. Просторот меѓу гледачот и шумата Изложбата има уште еден слој: она што го гледаме секогаш зависи од нас. Авторот предлага прашање што не е лесно да се игнорира: дали сликата е надвор од нас или во нас? Шумата, така како што е фатена во овие дела, е и објект и огледало. Ги повикува гледачите да проверуваат каде точно завршува нивната сопствена проекција. Каде престануваме да го гледаме дрвото и почнуваме да гледаме нешто своје, интимно, можеби и сосема неподвижно? Постапката со природни материјали и старински фотографииски процеси ни дава сензација дека сликата не е „готова“. Таа продолжува да се менува, барем во погледот на гледачот. Алушевски не нè повикува во шумата, туку нè повикува да ја почувствуваме празнината меѓу реалното и визуелното — простор каде се раѓа уметноста. Изложбата се отвора во среда, 3 декември, во 18 часот, во мобилната–монтажна галерија во Паркот на франкофонијата, Скопје. Изборот на овој неформален, подвижен простор одговара на самата природа на циклусот: тие фотографии се чувствуваат како да не бараат бела коцка, туку средина што може да дише со нив. Темата: шумата како место на трага, а не како пост-картичка доаѓа во време кога природата сè повеќе се сведува на дигитален впечаток. Во оваа поставка, природата не е сценографија, туку субјект што го одбива нашето поедноставување. Поставката е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам.
- Amplidyne Effect Trio и Добрила Грашеска во Буква- импровизиран музички дијалог под зимското небо
Импровизиран музички настап што ги спојува амбиенталните електронски текстури на Amplidyne Effect Trio со акустичниот вокален израз на Добрила Грашеска. Овој петок, на 5 декември во 21:00, Буква повторно ќе ја претвори сцената во лабораторија за звук. Amplidyne Effect Trio и Добрила Грашеска ќе настапат со целосно импровизиран концерт, вечер што ја става моменталната интеракција во центарот, онака како што знае да се случи само во жив простор, каде секој здив на музичарите може да го смени текот на композицијата. Amplidyne Effect Trio е концертната поставa на истоимениот проект на Мартин Георгиевски, активен од 2009 година. Публикацијата долго време го препознава по амбиенталноста, електронските наслаги и чувството дека музиката се гради во моментот, слој по слој. Проектот има зад себе повеќе албуми и гостувања на фестивали како Pohoda Festival, Десонанз, Live Soundtrack и PNEM Sound Art Festival. Најновото издание, Maelstrom EP за издавачката куќа Шарла, оди во насока на спој меѓу амбиентални пејзажи, шугејз текстури и синтсајзерски линии што се движат како подводни струи. Триото на сцената ќе го придружуваат Владимир Мартиновски (тамбура, кавал, удиралки) и Соња Димитриоска (флејта) комбинација што носи топлина и акустичен воздух на електронските структури. Специјална гостинка е Добрила Грашеска, вокалистка и авторка активна од 2006 година, чиј глас одамна стана препознатлив на регионалната сцена. Од Чалгија Саунд Систем до Добрила и Дориан Дуо, од албумите ТИХУВАЈ, Апокриф, Пиле шарено до бројни соработки за филм, театар и мултимедија нејзината работа се движи слободно меѓу традиција, експеримент и интимен музички израз. Зад сцената веќе чекаат и два нови албуми, подготвени за објавување. Настанот во Буква ветува вечер без фиксна форма, музика која се создава во реално време, меѓу амбиентални текстури, акустика и глас. Тоа чувство на спонтаност носи и мала возбуда: никој, ни музичарите, не знае точно каде ќе заврши композицијата што ќе започне во 21:00 часот. значи, да заклучиме: 📍 Буква, Скопје 📅 Петок, 5 декември 2025 ⏰ 21:00 https://www.facebook.com/events/817148607858968/ Maelstrom EP: https://sharla.bandcamp.com/album/maelstrom-ep
- „Приказната на Силјан“ со американска премиера во Њујорк
Американска премиера на филмот на Тамара Котевска во Менхетен Некои филмски премиери се најавуваат со црвен тепих и раскошни маркетинг кампањи. Други: со тивка возбуда, типична за документарните приказни што носат нешто поретко: човечка искреност, природна драматургија и симболика што не бара дотерување. Во таква атмосфера вечерва во легендарниот IFC Center на Менхетен ќе слета „Приказната за Силјан“, новиот документарен филм на македонската режисерка Тамара Котевска. Филмот, кој веќе трепка како значајна точка на радарот на светската документаристика, ја носи приказната за штркот Силјан, вистински штрк, со вистинско гнездо, и со вистинска врска со човекот кој од случајна средба создава нешто слично на заедничка судбина. Ако штрковите традиционално симболизираат дом и раѓање, Силјан вечерва добива уште еден слој: симбол на малата, но упорна кинематографија што го бара своето место во глобалниот разговор. Филмската авантура на „Силјан“ започна во Венеција, каде освои престижна Cinema & Arts Award, награда што ретко оди кај документарци со толку интимен радиус. Тоа беше првиот знак дека Котевска повторно го допрела она невидливо ткиво што поврзува човекот со природата, нешто што многумина го препознаа и во нејзините претходна филмски проекти. Оттаму, патувањето продолжи низ NY Doc, IDA Awards, Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival во Калифорнија и уште неколку десетици селекции што го позиционираат филмот како веќе стабилен титулар во документарниот календар. Но најцврстото признание, и најголемиот знак дека приказната допира до глобалната публика е откупувањето на филмот од National Geographic Documentary Films, куќа која знае да препознае уметничка сила зад природните феномени. Вечерва по проекцијата следи разговор со режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Jean Dakar. IFC Center, место славено за независни документарци и култни селекции, ќе им даде сцена на авторите да проговорат за процесот на создавање на филмот: како се гради доверба со птица што не познава човечки јазици, колку време треба за да се регистрира ритамот на еден штрков живот, и како камерата станува дел од пејзажот, а не наметнато око однадвор. За американската публика, ова е прва можност да ја слушне оваа приказна опипливо, без превод и без посредување. За фестивалските селектори, тоа е момент на одлучување: дали „Силјан“ ќе продлжи да расте во престојната сезона на награди, или ќе остане драгоцен, но мал бисер во брзата документарна продукција. Интересот околу „Силјан“ добива дополнителна тежина со најавата дека филмот ќе влезе во двојна трка за Оскар. Македонија го испраќа во конкуренција за најдобар странски филм, а National Geographic го пријавува и за најдобар документарен филм. Ова го отвора просторот за повторување на истата необична можност што Котевска веќе еднаш ја создаде: една авторка со два различни филмски јазици да се најде во двете најтешки категории на Академијата. Во документарниот свет, ваквата двојност е речиси исклучок. А токму тоа го прави патот на „Силјан“ толку интересен како да е продолжение на логиката на штрковите патувања: долги, трпеливи, со ризици, но со посебна енергија што ја носи самото движење. Во Њујорк, каде публиката често гледа документарни филмови со големи очекувања, приказните базирани врз природни чуда знаат да имаат привилегија: предизвикуваат чувство на свежина. На улиците околу IFC Center, кои живеат меѓу артхаус филмови, и долги редови на синефили, вечерва се очекува силно присуство на македонската заедница во градот. За нив, ова е повеќе од премиера. Тоа е момент на колективна близина: да се гледа како малите држави го наоѓаат својот глас во глобалната документарна архитектура. И можеби токму затоа оваа премиера има симболика што оди подалеку од филмската индустрија. Понекогаш, една птица може да го носи вниманието подалеку отколку што тоа би го можеле човечките амбиции. Додека светлата на Менхетен полека се собираат како сценографија за оваа премиера, „Приказната на Силјан“ го започнува најважниот дел од своето патување: средбата со американската критика, гледачи и индустриски медиуми. Секој ваков чекор е тест но и шанса плус. А приказната, префинета во својата едноставност, вечерва ќе се обиде да покаже дека врската меѓу еден човек и еден штрк може да биде доволно силна да го надмине локалното, да го спротивстави урбаното на природното, и да создаде мит што лесно прелетува граници.













