Резултати од пребарување
1178 results found with an empty search
- Објавен потесниот избор за регионалната книжевна награда „Штефица Цвек“ 2025
Во финалето се најдоа Румена Бужаровска и Билјана С. Црвенковска, заедно со авторки и автори од регионот. Четвртото издание на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ повторно го собра корпусот на највозбудливата современа книжевна продукција од просторот на поранешна Југославија. Оваа година беа номинирани повеќе од сто наслови објавени во текот на 2024 година на македонски и на БХСЦ јазиците, што сведочи за жива и разновидна литературна сцена во регионот. Книжевната награда „Штефица Цвек“ 2025, која четврта година по ред ги препознава најсмелите, феминистички и квир книжевни гласови од регионот. Меѓу седумте финалисти годинава се издвојуваат и две македонски авторки — Румена Бужаровска со романот „Тони“ (ТРИ) и Билјана С. Црвенковска со детската книга „Приказни од Ѕунливото Море“ (ИД-Концепт / Чудна шума). Нивното присуство во потесниот избор потврдува дека современата македонска книжевност има силен и разновиден глас во регионалниот контекст. Првата жири-комисија — Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ — ја имаше задачата да го прегледа и евалуира целиот корпус, сведувајќи го изборот на 22 книги. Потоа, второто жири во состав Марија Бошковска, Ивана Дражиќ и Матеј Вребац ги „наостри ножиците“ и го скрои финалниот, потесен избор за 2025 година. „Ги баравме оние книги што ќе ги разнишаат кроевите и силуетите на регионалната книжевност, што ќе ги распорат конзервативните шавови на литературата. Сакаме да оставиме дупки незакрпени за низ нив да може да протече воздух, светлина, феминистичка, бунтовна книжевност“, изјавија членовите на второто жири. Да се изберат неколку наслови што најјасно го отелотворуваат духот на признанието „Штефица Цвек“ — квир и феминистички книжевен гест, критички немир и уметничка сила — значело да се мисли не само на естетската вредност, туку и на политичката и општествената резонанца на делата. „Не баравме совршенство“, велат тие, „туку книги што најсилно инсистираат на несавршеноста на светот, што се осмелуваат да вознемират и разнишаат хоризонти, што отвораат простор за нови имагинарии и субверзивни читања.“ Потесниот избор на „Штефица Цвек 2025“ не ги содржи „најдобрите“ книги во класична смисла, туку оние што успеале да изненадат, потресат и ги поместат границите на современата регионална книжевност. Во продолжение е финалниот избор на книги за 2025 година (по азбучен ред): Долж остриот нож лета птица, Тања Ступар Трифуновиќ (Лагуна) Поетски згуснат роман што на зрел начин ја обработува темата на војната и загубата, избегнувајќи херојски приказни. Гласот на тинејџерката Вања открива универзална приказна за растење во страв и молк, во општество што одбива да погледне кон насилството. Како се кршат тањирчиња, Мак Маслаќ (Дурије, 2024) Хумористична, формално разновидна и квир поезија што го мисли телото како простор на траума и еуфорија. Со свеж тон и храброст, Маслаќ отвора теми на љубов, идентитет и род со стилска мерка и искреност. Празни куќи, Данка Ивановиќ (Партизанска книга) Фрагментарен, духовит и поетски деби роман што ја отвора темата на женските наследства и празнините што стануваат поетика на присуство. Ироничен, топол и критички прецизен текст што ја расклопува идејата за „полната“ куќа. Приказни од Ѕунливото Море, Билјана С. Црвенковска (ИД-Концепт / Чудна шума, 2024) Детска книга што зборува за врсничко насилство, родови предрасуди и еколошка свест низ фантастичен универзум. Со јазична игривост и изворен израз, ја потсетува литературата за најмладите дека може да биде и магична и ангажирана. Папочна врвца, Лусија Тунковиќ (Фрактура, 2024) Автофикциски роман-дебитант што ја разоткрива генерациската и класната траума на посттранзициското општество. Исповедна, бесна и емотивно остра проза што говори за табуа без патетика — книжевно и феминистички уверливо. Столица без наслон, Данијела Репман (Трети трг) Исповедна, хумористична и болна книга за смртта, депресијата и животот со попреченост. Нараторката не нуди утеха, туку искреност што предизвикува емпатија. Миграцијата тука станува чин на самоодржување, а не бегство. Тони, Румена Бужаровска (ТРИ) Со „Тони“, Бужаровска остроумно ја превртува перспективата — пишувајќи од гледна точка на еден нарцисоиден, емоционално дисфункционален маж. Јазикот е прецизен, ироничен и вознемирувачки, а романот — лесен за читање, тежок за заборав. Регионалниот избор „Штефица Цвек“ го организира поширокиот колектив Побунети читателки, во соработка со Побунети читателки (Србија), Културтрегер / Букса (Хрватска), Нараториум (Босна и Херцеговина) и Коалиција МАРГИНИ (Северна Македонија), со поддршка од Реконструкција женски фонд (Србија).
- „Штефица Цвек“ 2025: Објавување на финалниот избор во Подгорица за време на Неделата на гордоста
Финалниот избор на регионалната книжевна награда „Штефица Цвек“ ќе биде објавен вечерва во Подгорица. Вечерва, на 3 октомври 2025 година, со почеток во 20 часот, во просторот Сопствена соба (Бокешка 20) во Подгорица, ќе биде објавен финалниот избор на регионалната книжевна награда „Штефица Цвек“. Настанот е дел од програмата на Неделата на гордоста во Црна Гора и ќе биде проследен со разговор со организаторките и дел од жири-комисијата. Во поширокиот избор за годинашното издание се најдоа 22 дела, а публиката ќе дознае кои од нив влегуваат во финалниот круг. За оние кои нема да присуствуваат во живо, организаторките обезбедија пренос преку YouTube каналот на „Побунети читателки“. Историја и значење на „Штефица Цвек“ Книжевниот избор „Штефица Цвек“ е именуван по култниот роман „Штефица Цвек во канџите на животот“ (1981) на Дубравка Угрешиќ, едно од најважните и најсмели книжевни дела од југословенскиот период. Со ироничен и духовит тон, Угрешиќ ја отвори темата на женските животи, емоции и социјални притисоци во време кога ваквите перспективи ретко беа признати како сериозна литература. Изборот го презема ова име токму за да се истакне континуитетот на женското писмо, на критичките и бунтовни книжевни гласови во регионот, и како симбол на отпор кон патријархалните и канонските ограничувања во литературата. Зад иницијативата стои колективот „Побунети читателки“, кој низ години ја гради својата заедница преку номинации, читања и разговори за современата книжевна продукција. Финалниот избор за „Штефица Цвек“ ќе биде објавен вечерва, а по завршувањето на настанот јавноста ќе може да го проследи и разговорот со дел од селекторките и писателките. 👉 Пренос во живо ќе биде достапен преку YouTube линкот на Побунети читателки .
- Ретроспектива на Александар Кондев: изложба на фотографии што ја одбележаа македонската уметност
Фотографиите на Александар Кондев добиваат ретроспективна изложба која ја прикажува неговата визија и придонес во културата. Александар Кондев е едно од најпрепознатливите имиња во македонската фотографија и визуелна култура. Познат по својата острина на погледот и способноста да ја фати човечката приказна во еден миг, Кондев остави длабок белег во современата уметничка сцена. Неговото дело се движи помеѓу документарна прецизност и уметничка експресија, отворајќи нови перспективи кон секојдневието, градот и човекот. Овие денови, неговите фотографии повторно оживуваат низ ретроспективна изложба која ја собира неговата долгогодишна работа. Изложбата претставува пресек на клучните моменти од неговата кариера – од раните црно-бели кадри, преку урбаните хроники, до интимните портрети. За љубителите на фотографијата оваа ретроспектива е можност не само да се потсетат на еден мајстор на медиумот, туку и да го согледаат развојот на македонската визуелна култура низ неговиот објектив Александар Кондев, визионерот што ја обликуваше македонската фотографија Во една земја каде што фотографијата често беше сведена на документ, Александар Кондев создаде нешто повеќе: визуелна историја на Македонија и интимен разговор со Европа. Роден во 1950 година во Скопје, Кондев рано го откри својот медиум. Уште како ученик освојуваше награди за фототехника, а во тинејџерските години експериментираше со кратки филмови и анимации. Неговиот прв игран филм, „Ден како секој ден“, веќе во 1967 беше награден на републички фестивал. Но вистинската опсесија беше фотографијата моментот во кој светлината и времето се спојуваат во една рамка. Во 1969 година донесе одлука што ќе го дефинира неговиот живот: фотографијата ќе му биде професија и повик. Првата самостојна изложба ја постави во 1977 во Домот на младите „25 Мај“ во Скопје. Тој истовремено стана и основач на фотоклубот „25“, лабораторија на идеи и сензибилитет што ќе обликува генерации. Со текот на времето, Кондев се движеше меѓу различни улоги: од професионалец во студиото „Фотоцентар“ до слободен автор, педагог и ментор на млади фотографи на Академијата за ликовни уметности. Но постојаноста секогаш ја носеше неговиот објектив: фокусирана љубопитност кон лицата, градовите, архитектурата, урнатините и воскреснувањата. Еден од неговите најпознати долгорочни проекти, „FRAUENKIRCHE – фото приказна“, следеше две децении реконструкција на катедралата во Дрезден. Тоа не беше само архитектонски дневник, туку медитација за времето, траумата и обновата. Слична внимателност донесе и во „Париз, Ла Дефанс“, серија фотографии снимани во период од 1993 до 2021 година, кои ја документираат метрополата преку геометрии на стакло и бетон. Во 2015 година, Националната галерија во Скопје организираше ретроспективна изложба во Чифте Амам, признание дека неговата работа веќе не е само дел од личниот архив, туку и дел од колективната меморија на една земја. Фотографиите на Кондев се опишуваат како експресионистички: тие не се ограничуваат на регистрирање на фактите, туку создаваат емоција и резонанца. Тој верува дека вистинската магија е во чинот на создавање во изборот на кадар, во мигот кога сенката и светлината се пресретнуваат. Со повеќе од педесет години работа, Кондев е не само сведок туку и хроничар на културните и социјалните промени. За многумина, неговите фотографии се мост меѓу личното и историското, меѓу Македонија и светот. Ретроспективната изложба што деновиве се отвора во Скопје ја прикажува токму таа траекторија: од младинските експерименти до зрелите европски проекти. Тоа е повеќе од изложба тоа е архива на погледи, на моменти што инаку би исчезнале. „Магијата е во мигот,“ знае да каже Кондев. А неговите фотографии го потврдуваат тоа, едно по едно ,,интересно” време.
- Утре започнува јубилејниот 20-ти АКТО фестивал за современи уметности
АКТО слави 20 години со предавања, инсталации, перформанси и работилници во Железничката зграда, 2–5 октомври во Скопје. Утре, 2 октомври, започнува јубилејното 20-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, еден од најдолговечните независни културни настани во земјава. Фестивалот ќе се отвори со преднастан во форма на јавно предавање насловено „Еколошки иднини“, кое ќе го одржи архитектот Даниел Кунерт од германското списание ARCH+ – едно од водечките европски изданија за архитектура и урбанизам. Предавањето ќе се одржи во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет (УКИМ) со почеток во 19 часот. „Еколошки иднини“ е проект на ARCH+ и Гете-институт кој обединува урбани практичари, уметници, локални заедници и институции заеднички да ги истражуваат предизвиците на еколошката и социјалната иднина. Кунерт ќе ја претстави работата на списанието и ќе говори за важноста на иницијативи како „Градот како сцена“ – практика која е во сржта на АКТО последната деценија. Тридневна програма во Железничката зграда Официјалната програма ќе се одвива од 3 до 5 октомври во киното на Железничката зграда во Скопје, каде што е лоцирана и новоотворената Лабораторија за просторно-перформативни практики „Градот како сцена“. Фестивалот носи богата содржина: изложби, проекции, разговори, работилници и музички настани. Ќе учествуваат бројни домашни и странски автори и колективи, меѓу кои Зорица Милисавлевиќ – Милојковиќ (Урбани Оази, Белград), Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз (Floating University, Берлин), ОПА (ЗаУМ архива), Славчо Димитров (Викенд на гордоста, Скопје), Кристина Леловац (Прво па женско, Скопје), Димитар Самарџиев (Бостание – општествена градина, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (ЗЕМЈОТРЕС фестивал на независна музика), Пијан Славеј, група Сиз, група Трето колено и други. „Како се прави?“ – тема на годинешното издание Годинешното издание е насловено „Како се прави?“, фокусирано на процесот на создавање на културни настани: како се конципираат, продуцираат и трансформираат фестивалите, изложбите и перформансите низ времето. „АКТО, од позиција на оние што дејствуваат надвор од институциите, веќе 20 години создава простор за колективност, критичност и дијалог. Ова издание ги отвора прашањата за тоа како културата опстојува и се создава во сложени општествено-политички околности,“ велат од организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, која стои зад фестивалот. Распоред на програмата 📅 Четврток, 2 октомври – Амфитеатар, Архитектонски факултет (УКИМ) 19:00–20:00 – Јавно предавање „Еколошки иднини – Алатки“ (Даниел Кунерт, ARCH+). 📅 Петок, 3 октомври – Кино во Железничка зграда 19:30–22:00 – „Киното во Железничка зграда, изгубена [модернистичка] утопија“ – просторна инсталација, разговор и филмски проекции. 📅 Сабота, 4 октомври – Кино во Железничка зграда 11:00–18:00 – Работилници и дискусии – Лабораторија „Градот како сцена“. 19:00–22:30 – Перформанси, разговори и мултимедијални инсталации. 📅 Недела, 5 октомври – Кино во Железничка зграда 11:00–17:00 – Презентации на студентски и колективни проекти, завршни разговори. 19:00–21:00 – Завршна проекција и дискусија „20 години АКТО – продолжуваме“. АКТО 20 е посветен на слободната мисла, јавниот простор и колективното создавање. Фестивалот ги вклучува младите автори, студентите и заедниците во креативни и едукативни процеси. Јубилејното издание се отвори со кампањата „Годините се само бројка“, преку која организаторите порачаа: „Она што навистина се брои е истрајноста – потенцијалот да се продолжи и да се создава, дури и кога контекстот драстично се менува.“ Проектот е поддржан од Гете-институт Скопје, во партнерство со списанието ARCH+, како и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Продукцијата е на Лабораторијата за просторно-перформативни практики „Градот како сцена“, во рамки на платформата ФРУ – АКТО фестивал за современи уметности.
- Амплидајн Ефект со соло концерт на импровизирана амбиентална музика во Скопје
На 26 септември 2025 година, љубителите на експерименталните и амбиенталните звуци ќе имаат уникатна можност да го проследат соло концертот на Амплидајн Ефект. Настанот ќе се одржи во Културно-информативниот центар – Скопје (Салон 19:19) со почеток во 20:00 часот. Амплидајн Ефект е проект на скопскиот продуцент Мартин Георгиевски, активен уште од 2009 година. Во текот на својата кариера, Георгиевски има издадено бројни албуми и настапувано на познати регионални и меѓународни фестивали како што се Похода (Словачка), Десонанз, Лајв Саундтрак (Белград), ToBe Continued (Италија), ПНЕМ Саунд Арт Фестивал (Холандија) и Скопскиот џез фестивал. Неговото уметничко портфолио вклучува и соработки со Пост Глобал Трио, Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, како и многу други уметници од различни музички жанрови. На концертот во Скопје, Амплидајн Ефект ќе настапи со соло импровизиран сет, користејќи пијано, клавијатури, гитара и лупови за создавање на уникатна звучна атмосфера. Белгискиот медиум TURBULENCES VIDÉO го опиша неговиот последен албум како „органска звучна атмосфера, балансирана меѓу психоделичен амбиент и кинематографско искуство, инспирирано од бетонската естетика на Скопје“. Според нив, слушателите ќе бидат водени низ нежна имерзија со кристално чисти гитарски линии и електронски текстури, создавајќи аудиовизуелно „slow trip“ искуство кое цели да ја трансформира неизвесноста во уметност. За повеќе информации за настанот и Амплидајн Ефект посетете ги: Facebook настанот Официјална веб-страница Bandcamp профил
- Што значи признавањето на палестинска држава?
Британија, Австралија, Канада и Португалија им се приклучуваат на мнозинството земји во светот Протест во Брисел за поддршка на Палестинците; Одлуките на Британија, Австралија, Канада и Португалија да ја признаат државата Палестина претставуваат важен дипломатски пресврт и одраз на сè поголемото незадоволство од политиките на Израел во Газа и на Западниот Брег. Овие чекори доаѓаат во момент кога војната во Газа однесе десетици илјади палестински животи и остави голем дел од енклавата во урнатини. Признавањата беа објавени непосредно пред годишното Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде што и Франција најави дека ќе гласа за признавање на Палестина. На тој начин, расте меѓународниот притисок врз Израел и се отвораат нови прашања: што точно значи признавање на една држава и какви последици носи тоа? Критериумите за државност Меѓународното право уште во 1933 година ги дефинирало основните услови за државност: постојано население, дефинирана територија, влада, способност за водење меѓународни односи. Иако палестинските територии се делумно окупирани и границите се предмет на спор, експертите сметаат дека Палестина ги исполнува основните услови: постојат население и земја, палестинската самоуправа делумно управува со Западниот Брег, а Палестинската ослободителна организација ги претставува Палестинците на меѓународно ниво. Признавањето не е само правна формула – тоа е и политичка порака. Според професорката по право и меѓународни односи Зинаида Милер, тоа претставува афирмација на правото на Палестинците на самоопределување и отфрлање на израелските политики што го попречуваат тоа право. Последици од признавањето миграции кон југот на Газа; Правните експерти предупредуваат дека признавањето на палестинска држава носи и практични импликации. Земја што ја признава Палестина мора да ги преиспита своите договори со Израел за да не бидат во спротивност со правата на палестинската држава – од трговски и економски релации до културни и дипломатски односи. Ако, на пример, се увезуваат земјоделски производи од израелски населби во окупираните територии, тоа би значело поддршка на незаконски чин. Според Арди Имсеис, професор по право во Канада и поранешен функционер на ОН, признавањето може да стане основа за зголемен притисок врз израелската влада преку јавноста и законодавците во самите држави што го направиле тој чекор. Меѓународниот баланс До денес, 147 од 193 земји членки на ОН веќе ја признаа Палестина. Со последните одлуки на Франција, Британија, Канада, Австралија, Португалија и Белгија, овој број расте и создава уште посилно мнозинство. Особено значајно е тоа што Британија и Франција се постојани членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето. Нивната одлука ги приближува ставовите со оние на Кина и Русија, оставајќи ги САД како единствената голема сила во Советот што продолжува да се спротивставува на целосно членство на Палестина во ОН. Во моментов, Палестина има статус на набљудувач, но не и полноправно членство – нешто што е невозможно без американска поддршка или воздржаност. Целите на признавањето Различни земји поставуваат услови околу признавањето. Белгија бара ослободување на заложниците и исклучување на Хамас од управувањето со Палестина. Британија го врза својот чекор со условот Израел да не постигне прекин на огнот со Хамас до септември. Премиерот на Британија, Киер Стармер, изјави дека признавањето има за цел да ја врати надежта за мир и да го поттикне решението со две држави. Канада, пак, нагласи дека сака да помогне во изградбата на „мирна иднина за двете држави – Израел и Палестина“. Иако овие чекори може да изгледаат симболично, правниците истакнуваат дека тие се дел од „малите чекори“ што со тек на време создаваат услови за преговори и вистинска имплементација на решението со две држави – единственото сценарио кое меѓународното право и резолуциите на ОН го предвидуваат. Израелскиот одговор Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста за палестинска држава, тврдејќи дека тоа би ја загрозило безбедноста на Израел. Во својата реакција на најновите признавања, тој порача: „Оние што ја признаваат палестинската држава по масакрот на 7 октомври, наградуваат терор со огромна награда. Но, тоа нема да се случи.“ Неговата влада, составена од коалиција со силно десничарски министри, останува непоколеблива против било какво решение што подразбира создавање независна палестинска држава. Признавањето на палестинската држава од страна на клучни западни земји е повеќе од симболичен гест – тоа е дипломатски инструмент што може да ја промени рамнотежата на меѓународните односи. Со растечкото мнозинство во ОН и со притисокот што се создава, прашањето повеќе не е дали Палестина ќе биде призната, туку кога и на кој начин тоа ќе се претвори во целосно членство и функционална државност. Во меѓувреме, конфликтот продолжува да ја обликува политичката карта на Блискиот Исток, а признавањата стануваат дел од пошироката битка за легитимитет, правда и иднината на регионот.
- Cardi B се враќа со албумот Am I the Drama?: Гласна, лична и храбра
По седум години пауза од нејзиниот деби-албум Invasion of Privacy, Cardi B се врати на сцената со проект кој е сè освен скромен. Am I the Drama? носи 23 траки, трае повеќе од еден час и се чувствува како музички дневник во кој се преплетуваат агресија, рефлексија и хип-хоп сјај. Албумот уште од насловот го става прашањето директно на маса: дали навистина Cardi е драмата, или само е огледало на хаосот што јавноста го проектира врз неа? Одговорот го даваат песните — дел борбени, дел ранливи, а сите искрени. Звучни експерименти и големи имиња Најголемата сила на албумот е разновидноста. Cardi не се држи до едно сценарио: има латино звук во Bodega Baddie, doo-wop влијанија, bounce ритми и mid-tempo R&B моменти. Соработките со Summer Walker, Selena Gomez, Kehlani, Lizzo, Janet Jackson и Megan Thee Stallion додаваат тежина и ја отвараат вратата кон различни публики. Каде блеска, а каде попушта Карди блеска во песните што се директни и лични: Shower Tears со Summer Walker ја открива нејзината ранливост, а Safe со Kehlani е интимна и неочекувано нежна. Од друга страна, со 23 траки, албумот ризикува да стане премногу долг и не секој експеримент остава ист впечаток. Вметнувањето на веќе познатите WAP и Up е разбирливо, но делува како двоен меч — од една страна ја зацврстува нејзината приказна, од друга страна одзема простор за нови изненадувања. Am I the Drama? е повеќе од листа на песни. Уште пред да излезе оние кои го имаа чуено повторуваа едногласно дека не е дури ниту албум туку ,,body of work”. Cardi B покажува дека е свесна за сите критики и митови околу неа, и наместо да се крие, ги претвора во гориво. Албумот е голем, храбар и полн со енергија што или ќе ја обожавате или ќе ве замори и токму тоа е дел од нејзиниот шарм.
- „Жена инспирација“ – изложба на Весна Ничевска во КИЦ Скопје
Нова изложба на слики и цртежи ја претставува жената како вечна инспирација; отворање на 23 септември во Изложбениот салон Империјал 1, Културно-информативен центар – Скопје. Во вторник навечер, Културно-информативниот центар – Скопје ќе ја отвори вратите за „Жена инспирација,“ нова изложба на ликовната уметница Весна Ничевска, која ја истражува комплексноста на женската форма и енергија. Настанот се одржува во Изложбениот салон „Империјал 1“ и ќе трае до 4 октомври. За Ничевска, која слика повеќе од две децении, жената не е само тема туку таа е медиум, алатка и огледало. „Лично јас како жена се изразувам интроспективно преку сликањето на женскиот акт и лице,“ вели уметницата во својата изјава. „Се само сознавам, барам и одново се градам во метафорите на изразите и позите на женската енергија, сензуалност и убавина.“ Поставката вклучува дела создадени со различни техники – туш, акварел, акрилик и масло – каде што линиите и боите варираат од суптилни и прозирни до експресивни и импулсивни. Токму таа разновидност, според критичарите, ја прави изложбата особено современа: таа ја избегнува академската строгост и наместо тоа ја нагласува непредвидливоста на моментот на создавање. Ничевска, родена во 1977 година во Скопје, е дипломирана сликарка од класата на професорот Родољуб Анастасов. Нејзиниот досегашен опус е богат и разновиден – од самостојни и групни изложби, преку илустрации за детски изданија, до стрипови и графички решенија за вински етикети. Нејзината изложба „Ерос и Танатос“ од 2020 година привлече внимание со еротската тематика, а групните проекти што ги организирала во последните години ја втемелија нејзината улога како активна фигура на локалната уметничка сцена. Темата на оваа нова изложба, жената како универзална инспирација, останува меѓу најтрајните во историјата на уметноста. Но делата на Ничевска ја носат во поинаква насока – интимна и исповедна. Во нив, жената не е само предмет на восхит, туку и акт на самоспознавање, место каде што кршливоста и моќта коегзистираат. Фото : Facebook; Весна Ничевска (1977, Скопје) е македонска ликовна уметница која дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Родољуб Анастасов. Работи во различни техники – туш, акварел, акрилик, масло – и нејзиното творештво секогаш ја носи како централна тема жената: женскиот акт, лицето и женската енергија. Преку експресивни потези и богатство на материјали, Ничевска ја истражува жената како извор на сила, кршливост, сензуалност и духовност. Има реализирано самостојни изложби („Ерос и Танатос“ во МКЦ, 2020) и учествувала на бројни групни поставки, стрип-фестивали и уметнички колонии, како и соработки со винаријата „Ерос“ и со илустрации за детски изданија.
- ABC ја суспендира „Jimmy Kimmel Live!“ поради контроверзни коментари околу убивањето на Чарли Кирк
Од 17 септември 2025 година, мрежата ABC повлече од емитување до понатамошно известување своето популарно ноќното шоу „Jimmy Kimmel Live!“ поттикнато од жестоки реакции на коментари кои домаќинот Џими Кимел ги упати за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк. Одлуката следува откако Кимел, во емисијата од 15 септември, се осврна на убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк и го критикуваше начинот на кој политичките противници реагирале на настанот. Неговите коментари предизвикаа остра реакција од конзервативните медиуми и дел од јавноста. ABC потврди дека емисијата е „прекината на неодредено“, без да прецизира колку ќе трае суспензијата. Неколку локални телевизиски оператори кои ја емитуваат програмата веќе објавија дека ја тргаат од своите распореди. Во емисијата на 15 септември, Кимел коментира дека „Мага бандата“ се обидува да го прикаже личноста која го уби Кирк како „нешто друго освен еден од нив“ и да извлече политички поени. Тој, исто така, остро го критикуваше начинот на кој некои конзервативци, вклучувајќи и поранешниот претседател, реагирале на настанот и жалењето за Кирк. Опоненти на ваквиот потег, вклучувајќи дел од демократските законодавци и неколку организации за слобода на говор, го критикуваа како напад врз медиумската слобода и начин на политичка цензура.
- „Морето“ како политички бран: Културниот министер на Израел се закани дека ќе ги укине националните филмски награди
Филм за палестинско дете ја запали дебатата за иднината на израелската кинематографија Во еден момент кога уметноста се обидува да говори за најосновното човечко право – правото на дете да види море политиката повторно се вмеша. Израелската филмска награда „Офир“ (Ophir Awards), еквивалент на Оскарите во земјата, заврши во сенка на закани и критики откако најдобар филм стана „Морето“ (The Sea) – драма за 12-годишно палестинско момче кое на училишна екскурзија е спречено да влезе во Тел Авив за да го види морето за првпат. Заканата на министерот: „Срамна церемонија“ Министерот за култура Мики Зохар реагираше жестоко: „Не постои поголема шлаканица за граѓаните на Израел од оваа срамна и отуѓена церемонија. Под мое раководство, израелските граѓани нема да плаќаат за настан што им плука во лицето на нашите херојски војници.“ Со оваа изјава, објавена на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), тој најави дека од 2026 година државата ќе престане да ги финансира наградите. Но, според Jerusalem Post, правната надлежност на министерството да повлече средства е под знак прашалник. Асоцијацијата за граѓански права во Израел веќе испитува дали ваков потег е воопшто законски можен. Филм што ја отвора најболната тема „Морето“ е напишан и режиран од Шаи Кармели-Полак и веднаш по победата стана официјален кандидат на Израел за категоријата „најдобар меѓународен филм“ на Оскарите. Главната улога ја носи 13-годишниот Мухамед Газави, кој освои и награда за најдобар актер. Покрај него, ветеранскиот актер Калифа Натур ја доби наградата за најдобра споредна машка улога. Сценариото е едноставно, но болно: момче кое сака да го види морето, спречено од војнички пункт, тргнува на опасно патување да ја пробие границата. Тоа што во други околности би бил детски филм за авантура, во контекст на израелско-палестинскиот конфликт станува алегорија за забраните, поделбите и човечките желби што се судираат со реалноста на окупацијата. Палестинскиот продуцент на филмот, Бахер Агбарија, ја прими наградата со зборови што веднаш влегоа во хрониките: „Овој филм е роден од љубов кон човештвото и кон кинематографијата. Неговата порака е една – правото на секое дете да живее и да сонува во мир, без опсада, без страв и без војна.“ Агбарија и останатите присутни на церемонијата беа дел од протестната атмосфера: маици со пораки како „дете е дете“ и „крај на војната“ ја претворија наградната вечер во сцена на отпор. Ова не е првпат Зохар да се судри со филмската заедница. Во февруари годинава тој предложи реформа на филмското финансирање со која парите од државата би оделе кон комерцијално успешни продукции, наместо кон авторски или независни проекти. Тогаш ја нападна и документарната продукција „No Other Land“, која ја нарече „саботажа против државата Израел“. Од друга страна, претседателот на Израелската академија за филм и телевизија, Асаф Амир, порача: „Во момент кога нашата кинематографија е нападната од сопствената влада, а меѓународната заедница размислува за бојкот, изборот на ‘Морето’ е моќен и јасен одговор.“ Наградата за животно дело му припадна на легендарниот режисер Ури Барбаш, познат по филмот Beyond the Walls (1984). Неговиот говор беше исто толку политички колку и емотивен: „Нашата света должност е да ги вратиме сите киднапирани на нивните семејства, и веднаш да ја прекинеме оваа проклета војна. Потребно е да го замениме режимот што објави војна на сопственото општество.“ Меѓународен одек и бојкоти Додека Израел ја води внатрешната културна битка, надвор од границите одекна повикот за бојкот. Повеќе од 3.000 филмски професионалци од целиот свет – меѓу нив Оливија Колман, Хавиер Бардем, Риз Ахмед и Ема Стоун – потпишаа писмо со кое повикуваат на бојкот на израелските филмски институции, обвинувајќи ги за „соучесништво во геноцид и апартхејд“. Одговорите се поделени: Израелските сценаристи, преку нивниот синдикат, порачаа дека бојкотот не носи мир, туку ги казнува токму оние кои се обидуваат да градат дијалог. Холивудскиот гигант Парамаунт пак соопшти: „Не се согласуваме со бојкотите. Замолчувањето на уметниците според нивната националност не придонесува за разбирање ниту за мир.“ Во оваа поларизирана атмосфера, „Морето“ стана повеќе од филм. За едни, тоа е „предавство“ – приказна што ја нарушува сликата за државата. За други, тоа е токму сржта на уметноста: да даде глас на оние што инаку би биле премолчени. Момчето кое сака да го види морето станува симбол на нешто поголемо – копнежот за слобода, за мир и за човечко достоинство.
- Cardi B повторно трудна – овојпат со Stefon Diggs
Раперката Cardi B повторно ја става својата лична приказна во центарот на поп културата: таа е трудна со НФЛ ѕвездата Stefon Diggs. Веста ја потврди во интервју за CBS Mornings со Gayle King, велејќи дека се чувствува „во добар простор“ и подготвена за ново поглавје – и како мајка, и како уметница. Ова ќе биде нејзино четврто дете, по Кulture, Wave и Blossom кои ги има од претходниот брак со Offset. Нов албум, нов живот Веста доаѓа во момент кога Cardi B се подготвува за објавување на својот нов албум – првиот по долга пауза. Симболично, како и минатиот пат, бременоста повторно ја следи музичката експлозија. Додека сцената очекува нови хитови, таа ја најавува и новата улога на мајка. Турнеја и бременост – паралелни приказни Бебето се очекува да пристигне пред почетокот на големата „Little Miss Drama Tour“ закажана за февруари 2026. Публиката шпекулира дали ќе има одложувања или, пак, Cardi ќе ја претвори бременоста во дел од својот настапен идентитет – нешто што не би било изненадување за уметница која отсекогаш ги поместува границите. Од љубовна приказна до јавна платформа Врската со Stefon Diggs, која започна во 2024, брзо прерасна во медиумски магнет. Двајцата се претставуваат како поддршка еден на друг и како пар што успешно спојува две различни арени на јавен живот – хип-хоп сцената и НФЛ терените. Оваа вест отвора повеќеслојна слика: за јавноста таа претставува нова културна приказна во која мајчинството и албумската ера се испреплетуваат; за Cardi B тоа е уште еден предизвик на баланс меѓу турнеја, студио и семејство; а за културата е потсетник дека уметничките и приватните настани во поп-светот често одат рака под рака – и токму така стануваат колективен спектакл. Cardi B уште еднаш ја демонстрира својата способност да ја претвори интимата во културен момент. Додека новите песни се подготвуваат да го најдат својот пат до публиката, таа истовремено најавува и нов живот. Совршен маркетиншки rollout И додека приватниот живот ѝ се претвора во културна нарација сам по себе, музичката индустрија ја фали Cardi B за начинот на кој го осмислила rollout-от на новиот албум. Наместо класични кампањи, таа започна со гестови што ја враќаат кон улицата – продавајќи ограничени CD копии директно на тротоар во Њујорк, создавајќи призор кој веднаш стана вирален. Потоа се појави на вечерни шоуа, каде што со типичната харизматичност ја плени публиката, пренесувајќи енергија дека овој албум не е само уште една плоча, туку културен настан. Сите го препознаваат тоа како совршено оркестриран маркетиншки план, кој успева да биде и спектакуларен и автентичен
- Clipse и Pharrell со историски настап во Ватикан
Настанот јасно покажа дека поп културата е способна да излезе од клубови и арени и да се издигне до места со историска и духовна тежина. Во Ватикан, на 13 септември 2025 на плоштадот „Свети Петар“ се одржа концерт кој веќе се опишува како пресвртница во културната историја на Ватикан. Хип-хоп дуото Clipse, заедно со Pharrell Williams и John Legend, изведоа песна на настанот Grace for the World првиот ваков музички собир кој обедини рап, госпел и поп во срцето на Католичката црква. Првиот рап концерт на Светата столица Иако Ватикан е познат како место за литургии, духовни хорски настапи и класична музика, никој досега не се осмелил да доведе рап артисти на оваа сцена. Clipse браќата Пуша Т и Но Малис од Вирџинија станаа првите хип-хоп музичари кои го сторија тоа. Настапот беше проследен од повеќе од 250.000 присутни и емитуван во живо за глобална публика. Хип-хоп дуото Clipse — браќата Pusha T и Malice — продолжија со својот камбек и станаа првиот хип-хоп акт што настапил во Ватикан. Настапот се случи на плоштадот „Свети Петар“, пред публика од над 250.000 луѓе, како дел од концертот Grace For The World, организиран од Pharrell Williams. Настап што ја помести историјата Clipse ја изведоа песната „The Birds Don’t Sing“ од нивниот албум Let God Sort Em Out, кој излезе во јули и претставува нивно прво издание по 2009 година. На сцената им се придружија John Legend и госпел хорот Voices of Fire, токму оние кои учествуваа и во студиската верзија на песната. Песната е копродукција на Pharrell и Stevie Wonder — вториот свири пијано и чита spoken word сегмент. Темата е длабоко лична: Pusha T и Malice се соочуваат со загубата на своите родители, создавајќи композиција што се движи меѓу болка, вера и надеж. Концертот Grace For The World се одржа како дел од Јубилејот 2025 и беше кулминација на третата годишна средба World Meeting on Human Fraternity. Намерата беше преку музика да се прослави универзалното братство и заедничката човечка поврзаност. Pharrell Williams, кој го курираше настанот, изјави дека ваквите моменти се „повик кон светлина“ — начин музиката да стане мост што ги спојува луѓето, наместо да ги дели. Хип-хоп култура во најсветиот простор Ватикан, место познато по литургии и класична музика, стана сцена за хип-хоп и поп-културни икони. Настанот веќе е опишуван како пресвртница: рапот влезе во институционалниот и духовниот простор, а Clipse и Pharrell го претворија моментот во глобален спектакл. Со изведбата на „The Birds Don’t Sing“, музика која доаѓа од улична култура се соедини со хор, госпел и пијано на Stevie Wonder — создавајќи еден вид современа молитва.













