top of page

Резултати од пребарување

Search this site

1211 results found with an empty search

  • Florence + The Machine со „Everybody Scream“ во живо на Graham Norton Show

    Во нова, театрална изведба која го потврдува статусот на модерна митска фигура на поп-сцената, Florence Welch настапи синоќа во The Graham Norton Show со песната „Everybody Scream“. Нумерата е дел од претстојниот, шести албум на Florence + The Machine, кој излегува на 31 октомври продолжение на нивниот последен проект Dance Fever (2022). Изведбата, исполнета со хорови, драма и неонска светлина, ја претвори студиската сцена во ритуален театар. Со карактеристичниот интензитет и глас што се издига до катарза, Florence ја рецитираше строфата: “The harvest, the needle, protect me from evil / The magic and the misery, madness and the mystery / Oh, what has it done to me? Everybody scream.” Групата неодамна го објави и задниот омот од претстојниот албум, кој содржи 12 песни. Албумот се отвора со двете неодамнешни сингл-објави, а потоа следуваат насловите: „Witch Dance“, „Sympathy Magic“, „Perfume And Milk“, „Buckle“ и „Kraken“. Вториот дел од плочата ги вклучува „The Old Religion“, „Drink Deep“, „Music By Men“ и „You Can Have It All“, а завршува со финалната песна „And Love“. Погледнете ја целата изведба подолу: 🎥 Категорија: дива појачало

  • Во Салон 19:19 — магијата оживува со „Оки Железо и магичното сечило“ на Елена Бошбож

    Во среда, на 22 октомври од 19:19 часот, во Салонот 19:19 при Културно-информативниот центар – Скопје, ќе се одржи промоцијата на детската книга „Оки Железо и магичното сечило“ од младата авторка Елена Бошбож, во издание на „Антолог“. За книгата ќе зборува Ивица Дукоски, а модераторка на настанот ќе биде самата авторка. Во фантастичниот свет на Бошбож, сончевите моќи се враќаат на земјата преку ликот на човек што ги носи во себе, а кралството Крунски се распаѓа меѓу магии, предавства и борби за престолот. Две кралски ќерки, секоја заробена во свој свет, мораат да изберат меѓу преживување и владеење, додека Токиј Токмак тргнува на потрага што ја преиспитува лојалноста и пријателството. Приказната отвора прашање што ја надминува жанровската рамка: Кој кому ја плете судбината — боговите на луѓето, или луѓето на боговите? Елена Бошбож (1996) е писателка и магистриран професор по англиски јазик и книжевност. Нејзиниот дебитантски роман е првиот дел од епската фантазија Сонцето под земја, кралството над него. Има објавено раскази во The Dark Corner Zine (2020) и Collective Chaos (2024), и е членка на Македонското научно друштво – Битола.

  • „Муабет со портретот и актот преку цртежот“ изложба на Лоран Куфало во КИЦ

    Во изложбениот салон „Империјал 1“ на Културно-информативниот центар – Скопје, на 16 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Муабет со портретот и актот преку цртежот“ од ликовниот уметник Лоран Куфало. Куфало (р. 1967, Скопје) е дипломец на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (1992), член на ДЛУМ од 1998 година, со искуство во телевизиска и филмска сценографија и графички дизајн. Има изложувано во Скопје, Сан Франциско и други простори, а оваа изложба претставува негово враќање на домашната сцена по повеќе од една деценија. Во „Муабет со портретот и актот преку цртежот“, уметникот ја третира линијата како „корен на секоја креативна идеја“ — едноставна, но моќна трага што го открива неговиот темперамент и внатрешна состојба. „Цртам движење, поглед, психолошка состојба, карактер… секој лик и секое тело за мене се универзум“, вели Куфало. Изложбата е составена од портрети и акти во кои едноставната линија станува динамичен разговор со емоцијата и моментот, повикувајќи на тивок, беззборен дијалог меѓу гледачот и цртежот.” Изложбата ќе биде отворена до 29 октомври 2025 година во Културно-информативниот центар – Скопје, салон „Империјал 1“.

  • Премиера на „Молкот на Марија Магдалена“ – театарска претстава за трговијата со луѓе

    Модерна интерпретација на Марија Магдалена што ја разоткрива тишината околу трговијата со луѓе. На 15 октомври (20:00 ч.) во Салон 19:19 ќе се одржи премиерата на драмската претстава „Молкот на Марија Магдалена“, авторски проект на Театар за тебе, со поддршка од Салон 19:19 и Град Скопје. Претставата ја отвора темата на трговијата со луѓе низ призма на современата Марија Магдалена – лик што патува меѓу вина и простување, збор и тишина. Публиката ќе биде дел од емотивно и музички интензивно патување, во кое се преплетуваат вистински приказни, исповеди и прашања што ретко се изговараат гласно. Настанот е наменет за публика 16+, а повеќе информации се достапни на zlatenzab.mk/event/19001-2 .

  • „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“: ново капитално дело на Иван Џепароски во издание на „Аз-Буки“

    Како новото дело на Иван Џепароски го реконструира патувањето на естетичката мисла – од античката хармонија до просветителскиот разум, потсетувајќи дека убавината е најстарото човечко прашање. Во време кога науката ја мери дури и естетиката со прагматични инструменти, новата книга на Иван Џепароски, „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ (Аз-Буки, 2025), се појавува како тивок, но решителен потсетник на долгото паметење на убавината. Делото е објавено во рамките на едицијата Филозофски дисциплини и, како што забележува проф. д-р Денко Скаловски, претставува првата систематска историја на естетиката напишана на македонски јазик патување низ мислата од античката хармонија на Питагора до скептичниот реализам на Хјум. Џепароски, поет и филозоф со четиридецениска интелектуална биографија, не пишува историја како низа датуми и имиња, туку како жив организам на идеите за убавото. Неговата анализа се движи низ столетија во кои естетиката била метафизика на светлината, дисциплина на вкусот или критика на перцепцијата: од космосот на Питагора и рационалниот идеализам на Платон, преку теолошките визии на Августин и Аквински, до просветителската трезвеност на Волтер, Дидро и Баумгартен. Она што го прави ова издание ретко е спојот меѓу систематичност и поетска чувствителност. Џепароски не само што следи траги на мислата, туку ја слуша музиката што тие мисли ја создаваат во времето, филозофија што се чита со истата внатрешна ритмика со која се чита есеј за уметност. Во контекст на македонската филозофска продукција, „Историја на естетиката“ има тежина на темел. Таа е не само преглед на учењата за убавото, туку и размисла за самото пишување за убавината, за можноста да се зборува за она што е по природа недофатливо. Со оваа книга, Џепароски не само што ги оживува старите мислители, туку и ја реафирмира естетиката како човечка потреба дисциплина на восхитот.

  • Heaven (1987) документарниот филм на Дајен Китон и прашањето што никогаш не мирува

    Што е рајот? Филмот ,,Рај” (Heaven) е неочекувано интимно и чудно дело на актерката и режисерката Дајен Китон снимено во форма што стои некаде меѓу документарец, видео-есеј и визуелна архива на човечки соништа. Со прашањето „Што мислите, како изгледа рајот?“ таа му се обраќа на низа луѓе млади, стари, верници, скептици, комичари, мистици…. Камерата ги фаќа нивните лица додека одговараат со сериозност, иронија или детска наивност, додека зад нив се вртат архивски фрагменти од 50-тите, религиозни икони, научни снимки, парчиња поп култура. Keaton го создава филмот во време кога холивудските актери ретко се впуштаа во ваков тип на авторски експеримент. Наместо да гради нарација, таа создава мозаик од мисли, погледи и верувања, каде прашањето за „животот после животот“ се претвора во огледало на човековата имагинација. Heaven е делумно духовен колаж, делумно архивска поема. Не ветува одговор, туку ја картографира потрагата од религиозни визии до секојдневни утехи. Тоа е свет во кој се среќаваат старите телевизиски репортажи и егзистенцијални забелешки, како да гледаме во заеднички сон.

  • Дајен Китон, гласот на ексцентричната женственост што го промени Холивуд

    Со вратоврска наместо бисери и со интелигенција што не бара потврда, Китон создаде нов тип на хероина — несигурна, духовита и непредвидлива, но секогаш своја. Дајен Китон, актерка која со својот спој од интелект, ексцентричност и ранливост го редефинираше поимот „главен холивудски женски карактер“, почина на 79-годишна возраст. Нејзината смрт ја потврди долгогодишната продуцентка Дори Рат, без да наведе причина или место на смртта. Во повеќе од половина век на екранот, Китон изгради кариера што беше и непредвидлива и длабоко човечна. Лесно се движеше меѓу комедијата и драмата, често ги мешајќи, и го правеше секојдневното филмски возбудливо, било како искрената Кеј Адамс во Кум (The Godfather), или како невротичната, слободоумна главна хероина во Ени Хол (Annie Hall), за која ја освои својата единствена награда „Оскар“ во 1978 година. Во Ени Хол, Китон стана архетип: модерна, самосвесна жена чиј шарм лежи во нејзината несигурност. Со нејзините слоевити елеци, машки вратоврски и тивка насмевка, таа ја претвори чудноста во привлечност, а личниот стил во културен симбол. „La-de-da“, нејзиниот познат израз во филмот, стана мантра за сите што никогаш не се чувствувале дека сосема припаѓаат. „Таа имаше начин да биде апсолутно своја на екранот,“ рече режисерката Ненси Маерс во едно интервју. „Не можеше да ја помешаш со никого, токму тоа беше нејзината моќ.“ Дијапазонот на Китон беше огромен. Освен за Ени Хол, таа беше номинирана за „Оскар“ и за епската драма Црвени (Reds, 1981), за семејната трагикомедија Собата на Марвин (Marvin’s Room, 1996), и за романтичната комедија Нешто мора да попушти (Something’s Gotta Give, 2003). Во секоја улога внесуваше тивка, но продорна енергија, давајќи им и на најкомичните сцени тежина на човечка вистина. Нејзината филмографија може да се чита како огледало на американската чувствителност од седумдесеттите наваму: урбаната интроспекција на Вуди Аленовата Менхетен, семејниот немир на Shoot the Moon, генерациските пресметки на Father of the Bride и The First Wives Club, и доцната, нежна духовитост на Poms и 5 Flights Up. Дајен Хол е родена на 5 јануари 1946 година во Лос Анџелес, како најстара од четири деца. Нејзиниот татко, Џон Њутн Игнасиус „Џек“ Хол, беше инженер, а мајка ѝ, Дороти Дин Китон Хол, домаќинка и фотограф-аматерка, некогаш крунисана како „Мисис Лос Анџелес“. Презимето Китон го презела од мајка ѝ кога започнала актерска кариера во Њујорк, за да избегне забуна со друга актерка по име Дијан Хол. Таа го напушти факултетот и се запиша на актерска школа во Neighborhood Playhouse во Њујорк. На Бродвеј дебитираше во мјузиклот Hair во 1968 година, одбивајќи го дополнителниот хонорар за актерите што се согласија да се појават голи. Година подоцна го запозна Вуди Ален, со кого ја почна својата најзначајна соработничка врска, играјќи ја водечката улога во Play It Again, Sam : улога што ѝ донесе номинација за награда „Тони“. Во 1972 година, Френсис Форд Копола ја избра да ја игра Кеј Адамс во Кум. Таа подоцна се шегуваше дека не може да го гледа филмот, бидејќи не си се допаѓала на екранот: „Мислев дека изгледам ужасно здрвена како стап во тие ’40-ти години.“ И покрај славата, Китон секогаш говореше со карактеристична самоиронија. „Стареењето не ме направи помудра,“ рече во интервју за People во 2019 година. „Ништо не знам, и ништо не научив.“ Но нејзиниот опус ја демантира таа скромност: внимателна, духовита, постојано љубопитна, таа го обликуваше начинот на кој публиката гледа на женската интелигенција и недоверба кон совршенството. Китон режираше неколку филмови, меѓу нив документарецот Heaven (1987) и играниот Unstrung Heroes (1995), прикажан во програмата „Un Certain Regard“ во Кан. Нејзиниот мемоар Then Again (2011) беше интимен разговор со нејзината мајка и со самата себе, исполнет со остар хумор и тивка благодарност. Никогаш не се омажи. Усвои две деца, ќерка Декстер и син Дјук, на кои често им припишуваше заслуга за мирот што го најде надвор од Холивуд. Нејзиниот последен филм, Summer Camp (2024), беше комедија за пријателство и стареење, тема што денес звучи како нејзина последна порака. „Дајен Китон нè научи дека да бидеш различен може да биде блескаво,“ изјави Бет Мидлер, нејзината колешка од The First Wives Club. „Таа ја направи несигурноста храбра.“ Секогаш со шешир, во блејзер или со вратоврска, Китон остана симбол на нешто посуштинско од гламурот: автентичност. Китон никогаш не се омажи, но создаде свој вид семејство: две посвоени деца, Декстер и Дјук, и дом полн со фотографии, книги и архитектонски експерименти. Во последните години, таа стана писателка, уредничка, документаристка и колекционерка на куќи. Сè што правеше, дури и реновирањето на старите објекти, беше по ист терк: чувство за време, хумор и необична нежност кон несовршеното.

  • Судот ја отфрли тужбата на Дрејк против Universal Music Group: „Not Like Us“ е мислење, не фактичка клевета

    Fuck around and find out. -што е следно за Дрејк сега откако ја изгуби рап битката со Кендрик? -ќе тужи. Заборавате дека е пола бел. - мислеа повеќето а гласно го кажа Шарламејн од The Breakfast club. ,,Сите” се кикотеа на тоа во дланките , а кога се обистини: отворено и гласно. Е па - имаме апдејт: Федералниот суд во Њујорк ја отфрли тужбата за клевета што раперот Дрејк ја поднесе против музичкиот гигант Universal Music Group (UMG), оценувајќи дека навредливите стихови во песната „Not Like Us“ на Кендрик Ламар претставуваат мислење, а не фактички тврдења. Судијката Жанет А. Варгас, во писменото образложение објавено во четвртокот, го нарече случајот „дел од можеби нај berugната рап-битка во историјата на жанрот“ и потсети дека таа започна во пролетта 2024 година – период што го одбележа културниот набој околу „Not Like Us“, песна што подоцна освои Греми за запис на годината и песна на годината, стана најстримувана на Apple Music и помогна годинешниот Super Bowl настап да биде најгледан досега. „Разумен слушател не би поверувал дека станува збор за факти“ Во своето решение, судијката оцени дека просечниот слушател не би можел да заклучи дека стиховите во „Not Like Us“ пренесуваат објективни факти за Дрејк. „Иако обвинувањето дека тужителот е педофил е сериозно, поширокиот контекст – жестока рап-битка исполнета со навредлив јазик и провокации од двете страни – не би навел разумен слушател да поверува дека песната пренесува проверливи информации,“ напиша Варгас. Дрејк ја поднесе тужбата во јануари, обвинувајќи ја UMG дека свесно ја објавила и промовирала песната иако знаела дека содржи „лажни и клеветнички обвинувања за педофилија“. Во тужбата тој тврди дека песната ја нарушила неговата репутација, ја намалила вредноста на неговиот бренд, и дури поттикнала насилни реакции – вклучително и обиди за провали и пукање кон обезбедувањето во неговиот дом во Торонто, прикажан на корицата на песната. UMG ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ја тужбата „навреда за уметничката слобода“. „Од самиот почеток, овој случај беше напад врз креативниот израз и никогаш не требаше да стигне до суд. Задоволни сме што судот ја отфрли тужбата и со нетрпение очекуваме да продолжиме успешно да ја промовираме музиката на Дрејк,“ стои во соопштението на компанијата. Судијката истакна и дека и Дрејк и Ламар имаат договори со Universal Music Group, но Кендрик Ламар не бил директно наведен како тужен во постапката. „Not Like Us“ — метафоричен нокаут во музичката битка Во своето мислење, Варгас го нарече хитом „Not Like Us“ „метафоричкиот завршен удар“ во долгата вербална војна меѓу двајцата уметници. Песната, рече таа, е „исполнета со пцовки, закани, фигуративен и хиперболичен јазик – сите знаци дека станува збор за мислење, а не за проверливи факти“. Судот се осврна и на претходните „дис тракови“ меѓу двајцата: Дрејк го исмејувал растот и успехот на Ламар во „Push Ups“, додека Ламар возвратил со „Euphoria“, коментирајќи го неговиот стил и автентичност. „Not Like Us“ го именува Дрејк по име, нарекувајќи го „колонизатор“ на рап-културата и сугерирајќи дека „му се допаѓаат младите“ – стихови што Дрејк ги оцени како лажни и злонамерни. Судијката, сепак, заклучи дека жанрот на дис траковите е по дефиниција простор за претераност и провокација, а не за проверливи факти: „Ниту еден разумен слушател не би сметал дека ваков текст е резултат на внимателна или објективна истрага,“ напиша Варгас. Со оваа одлука, случајот е затворен, а „Not Like Us“ останува запишана како културен феномен што ја дефинираше 2024 година — не само како музичка победа, туку и како преседан за уметничката слобода во дигиталната ера на хип-хопот.

  • Перформанс Платформа фестивал (ППф) 2025 – октомври/ноември: телото како простор на трансформација

    Перформансите BLISS и CODOMESTICATION, фанзин-сесија и меѓународни уметнички соработки го сочинуваат октомврискиот дел од ППф 2025. Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста со задоволство ја најавува есенската програма на Перформанс Платформа фестивалот (ППф), која ќе се одвива во октомври и ноември 2025 година. Ова второ, есенско издание го продолжува феминистичкиот кураторски пристап на фестивалот, насочен кон споделување ресурси, создавање врски меѓу уметници и теоретичари и развивање на заеднички простори на грижа, телесност и со-живеење. Додека јуниското издание беше обликувано од еко-феминистички перспективи, октомвриската програма се насочува кон прашањата на репродукцијата, колективното живеење и иднините во создавање. BLISS – телото како метаморфоза Првиот дел од програмата ќе го претстави перформансот BLISS на полската кореографка Рамона Нагабчињска, кој ја истражува бременоста како трансформативна и несигурна состојба, но и како искуство на мајчинство. Покрај изведбата, Нагабчињска ќе одржи и работилница „Image, Matter, Presence“, на која учесниците ќе го истражуваат односот меѓу сликата, сензацијата и телото. Перформансот и работилницата се дел од проектот (M)others on tour, реализиран во соработка со повеќе европски партнери. CODOMESTICATION – уметност на заедничко родителство Во ноември, фестивалот ќе ја претстави претставата CODOMESTICATION на уметничкиот дуо Крот Јурак и Алекс Бејли (Естонија/Велика Британија, со седиште во Австрија). Првично создаден заедно со нивното дете, перформансот истражува алтернативни начини на циркулација и колективно родителство, без физичко патување на уметниците. Во Македонија, делото ќе го изведе Симона Спировска со своите деца, во рамките на турнејскиот концепт showing without going, кој го преосмислува односот меѓу локалниот контекст и меѓународната соработка. Фанзин во процес – колективна публикација и отворен уметнички дијалог Есенската програма се надоврзува и на пролетното издание на фестивалот, посветено на (не)конференцијата „(Еко)Феминизам во практиката/ите“, преку иницирање на фанзин во процес – колективна публикација која ќе се обликува како „вежбанка“ за идни соработки и истражувања. Во отворената сесија „Фанзин во процес“, уредничките Биљана Тануровска-Ќулавковски и Нефели Ѓоти, заедно со дизајнерката Софија Цветковиќ, ќе водат јавна работилница во која ќе се финализира изданието преку ко-креирање и споделено авторство. Телото како простор на грижа и иднина Со теми што се движат од бременоста и мајчинството, преку пореметувањето на телесната слика, до колективното родителство и создавањето на фанзин, есенското издание на ППф ја продолжува посветеноста на феминистички и плуриверзални практики. Кураторките Викторија Илиоска и Биљана Тануровска-Ќулавковски поставуваат суштинско прашање: „Како перформансот може да ги преосмисли условите на живеење, грижа и создавање – поинаку?“ Програма – октомври 2025 9 октомври @ МКЦ, Скопје 12:00–16:00 | Џебно кино – Сесија „Фанзин во процес“: отворена работилница и повик за ко-авторство. 20:00 | МКЦ – BLISS, танцов перформанс на Рамона Нагабчињска. По изведбата ќе следи разговор со Ирена Цветковиќ, независна истражувачка во областа на родовите студии. 10 октомври @ Факултет за драмски уметности 15:00–17:00 – Image, Matter, Presence, работилница со Рамона Нагабчињска (дел од програмата КУЛТРЕНИНГ). Ноември 2025 Премиера на CODOMESTICATION со Симона Спировска и семејството, во рамки на проектот showing without going. (Точниот датум ќе биде објавен наскоро.) Есенското издание на ППф 2025 е поддржано од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, Performance Situation Room (LLB 3) финансиран од Креативна Европа, како и од Perform Europe, Фондација Хајнрих Бел, Министерството за култура и туризам на РСМ и Гете-институт Скопје.

  • Паф Деди осуден на четири години затвор

    Судот во Менхетен го осуди музичкиот магнат Шон „Паф Деди“ Комбс на четири години и два месеци затвор, поради два случаја на превоз на лица со цел на проституција. Со оваа пресуда завршува еден од најпознатите случаи во американската поп-култура последниве години , процес кој ја отвори темата за злоупотребата на моќта и култот кон славата во музичката индустрија. Комбс беше ослободен од потешките обвиненија за трафикирање лица и криминално здружување, но прогласен виновен за „transportation for prostitution“, дело што носи максимална казна до десет години. Судот одмери 50 месеци затвор, финансиска казна од 500.000 долари и пет години условен надзор по отслужувањето на казната. Времето кое тој веќе го помина во притвор (околу 13 месеци) ќе биде пресметано во вкупната казна. Во своето обраќање пред судот, Комбс со солзи изјави дека „се срами од дел од своето минато“ и дека сака да стане „човек достоен за простување“. Судијата, сепак, оцени дека казната мора да биде „јасна порака дека славата не штити од одговорност“. Случајот против Паф Деди започна во 2024 година, по серија сведоштва и тужби кои открија систематски злоупотреби и „жестоки“ приватни забави, документирани во видеа и пораки. Судскиот процес го следеа голем број јавни личности, а медиумите го означија како момент на пресврт за пост-MeToo ерата во хип-хоп културата.

  • Bad Bunny ќе настапи на Суперболот 2026: MAGA гнев, закани од ICE и латино победа

    Bad Bunny ќе биде главен изведувач на шоуто за полувреме на Суперболот LX во февруари 2026, потврди NFL. Настапот доаѓа по година во која тој руши рекорди во Порторико и доминираше на глобалните топ-листи, но веста предизвика бурна реакција во американската десница. MAGA-инфлуенсери го нападнаа пејачот затоа што „не пее на англиски“ и затоа што бил критичен кон Доналд Трамп, нарекувајќи го „анти-ICE активист“. Советникот на секретарката за внатрешна безбедност, Кори Левандовски, дури најави дека ICE ќе биде присутен на настанот со цел апсење и депортација на луѓе без документи: „Нема безбедно засолниште – ни на Супербол,“ изјави тој за The Benny Show. Bad Bunny досега ја избегнуваше континенталната територија на САД на својата турнеја, токму од страв од ICE рации. Во интервју за i-D, рече дека „фак*** ICE може да стои надвор од концертот“, што за него било реална загриженост. Контроверзијата ги отвори старите линии на поделба во американската култура — меѓу оние што го гледаат настапот како чин на видливост и гордост, и оние што го доживуваат како политичка провокација. NFL, пак, останува доследен на својата стратегија за поголема инклузивност и млада, латино публика, со поддршка од Jay-Z и Roc Nation. „Ова е за мојот народ, мојата култура и нашата историја,“ изјави Bad Bunny по објавата.

  • Тасос Стаму: звуци на носталгијата и електронската тишина

    Грчкиот композитор и технолошки експериментатор настапува во Скопје со жив перформанс на 9 октомври во 21 часот. 🎧 Музички перформанс на Тасос Стаму (Грција) 09 октомври (четврток) КСП Центар-Јадро: 21:00 – 22:30 часот Грчкиот електроакустичен композитор, изведувач и радио-уметник Тасос Стаму е меѓу оние автори што го претвораат звукот во биографија. Неговата музика е составена од носталгија, експеримент и меморија, мешавина на аналоген шум и медитеранска чувствителност, на тишини и детски ехоа кои остануваат во телото. Стаму повеќе од деценија создава музика што пулсира помеѓу древното и современото, спојувајќи ги старите обреди со самоградена електроника и аналоген шум. Во неговите настапи, долги и континуирани композиции се создаваат in situ — преку она што го нарекува „преносливо електроакустично студио“. Звукот се гради од подготвени жици, дувачки инструменти, објекти, модуларни синтисајзери и обработени повратни фидбек јамки, создавајќи амбиент што колеба меѓу фолклор и авангарда, меѓу шум и тишина. Стаму разви сопствен стил на жива композиција, каде импровизацијата и технологијата не се спротивставени туку комплементарни јазици. Неговите изведби, со тонални текстури и слоевити сола, често создаваат атмосфера на ритуален шум — како современа трансцендентална музика. Со повеќе од дваесет изданија за независни етикети (Discrepant, Moving Furniture, Lal Lal Lal, Linear Obsessional, Orila, Triple Bath, Kukuruku, Coherent States), Стаму се движи низ жанрови и медиуми – од musique concrète и drone до фолклорни и ритуални структури. Неговата инспирација е длабоко лична: спомени од детството (“Infant”, 2007), загуба (“The Return of the Long Lost One”, 2013), или звукот на руралните пејзажи (“Musique con Crète”, 2018). Иако најчесто настапува соло, често соработува со Adam Bohman, Steve Beresford, Mike Cooper, Tomomi Adachi, Andrea Parkins, Savina Yannatou, Kuupuu & Lau Nau, и London Improvisers Orchestra, градејќи звучни дијалози на фестивали како Incubate, Supernormal, Café OTO, Bent Festival, The Barbican, Cave 12, Ausland, Onassis Cultural Centre. Покрај настапите, Стаму води работилници за „circuit bending“ и хардвер хекинг, каде ги воведува младите музичари во слободната музичка продукција. Во последниве години, неговиот фокус се проширува и кон радио-уметноста, преку Stegi Radio и независни поткаст формати.

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page