top of page

Резултати од пребарување

1178 results found with an empty search

  • Grimes го откажа настапот на World Pride поради семејни проблеми

    Музичарката Грајмс ( Grimes) ја откажа својата планирана изведба на престојниот фестивал World Pride во Вашингтон, закажан за 7 јуни, со образложение дека мора да се справи со „семејни проблеми“. Веста ја соопшти преку социјалната мрежа X (поранешен Twitter), изразувајќи жалење кон фановите и ветување дека наскоро ќе им се оддолжи. „Многу ми е жал и искрено жалам што морам да го откажам настапот на Pride поради семејни околности. Свесна сум дека ова е разочарување за фановите и правам сѐ што можам да осигурам дека ова нема да се повтори,“ напиша Грајмс. „Сепак, мислам дека шоуто ќе биде одлично — настапува фантастична постава. Се надевам дека оваа најава е доволно навремена за оние што сакаат да ги променат своите планови.“ На фестивалот, кој е наменет за ЛГБТКИА+ заедницата, како хедлајнери настапуваат Џенифер Лопез и Трој Сиван. Но уште од најавата на Грајмс во февруари, нејзиното присуство на листата беше предмет на јавна дебата — главно поради нејзината поранешна врска со контроверзниот техно-магнат Илон Маск и шпекулациите за нејзина поврзаност со десничарски кругови. Коментарите на Instagram објавата од фестивалот не беа воопшто благонаклонети: „Ама зошто баш Грајмс? Од кога белите супремасисти се поканети на прајд?“, пишува еден корисник. „Дали ќе го донесе и Илон Маск со неа?“, прашува друг. Критиките кулминираа кога активистката Хоуп Гизел, транс жена и застапничка за права од Вашингтон, јавно се огласи преку Instagram Live: „Грајмс буквално има деца со Илон fucking Маск — човекот кој прави сѐ за да нѐ натера да се чувствуваме мали. И вие решивте да ѝ дадете сцена веднаш под хедлајнерите? Тоа нема смисла,“ изјави таа. Контроверзијата ескалираше и откако Washington Blade објави дека Грајмс наводно била видена на забава организирана од десничарски кругови во барот Butterworth’s — локација која Washington Post ја опиша како MAGA прибежиште, особено популарна меѓу симпатизерите на поранешниот претседател Доналд Трамп. Иако Грајмс и Маск официјално се разделија во 2021 година по тригодишна врска, таа сѐ почесто јавно го критикува неговото родителство и политички изјави. Тензиите дополнително се зголемија кога Маск го однесе нивниот син Лил Икс во Белата куќа на состанок со Трамп, што Грајмс го осуди, велејќи дека го „молела“ Маск да ги држи децата подалеку од јавноста. Минатата година таа дури и го тужеше Маск за старателство врз нивниот син Тау, и изјави дека „не го видела едно од своите деца цели пет месеци“. Во ноември 2023, нејзината мајка јавно апелираше до Маск да дозволи нејзината 93-годишна мајка да ги види правнуците „барем уште еднаш пред да почине“. Иронично, и покрај тоа што Маск ја поддржува политиката на Трамп која директно ги напаѓа правата на ЛГБТКИА+ граѓаните — вклучително и укинување на употребата на правилни заменки и прекин на финансирање на DEI иницијативите — Грајмс јавно ја поддржа неговата трансродова ќерка Вивијан, која целосно се откажа од татко ѝ. „Ја сакам и бесконечно сум горда на Вивијан,“ напиша Грајмс на X. Откажувањето на настапот доаѓа како олеснување за многумина во заедницата, кои сметаа дека нејзиното присуство е неусогласено со вредностите што ги застапува Pride. Од друга страна, има и такви кои изразуваат жалење што не ја гледаат Грајмс на сцена, со оглед на нејзината музичка оригиналност и влијание врз алтернативната поп сцена. Фестивалот World Pride сепак продолжува според планот, со Џеј Ло и Трој Сиван како централни имиња, додека организаторите допрва треба да соопштат дали и со кого ќе биде пополнето испразнетото место на Грајмс. Извор: Washington Blade, Instagram, X/Twitter

  • Книжевна вечер со хрватскиот автор од БиХ, Жарко Милениќ во КИЦ

    Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ) ќе биде домаќин на реномираниот прозаист, драмски автор, поет и преведувач, Жарко Милениќ. Настанот е закажан за четврток, 29 мај 2025 година, со почеток во 19:19 часот, во Салон Империјал 2. Оваа вечер ќе биде посветена на богатото и разновидно творештво на Милениќ, автор чии дела ги надминуваат границите и јазиците. За неговиот книжевен опус и значење ќе говорат проф. д-р Славчо Ковилоски и Нове Цветаноски, Роден во 1961 година во Брчко, Босна и Херцеговина, Жарко Милениќ е фигура со импресивна кариера. Неговиот живот и творештво се протегаат низ различни градови и култури – од Осиек и Риека, до неговите сегашни адреси во Брчко (БиХ) и Подмосковје, Русија. Неговиот авторски печат е видлив во повеќе од триесет прозни дела, вклучувајќи романи и збирки раскази, четири поетски книги, две книги со критики и една со есеи. Милениќ е познат и како приредувач на антологии и тематски избори, како и автор на радиодрами. Неговата работа е преведена на македонски, украински, ерменски, руски, француски и англиски јазик, а неговиот талент е препознаен и наградуван во Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Ирак и Кина. Милениќ и Македонската Книжевност Македонската публика имаше можност да се запознае со делата на Милениќ преку преводите на романите-сказни за деца „Леон, ученикот на волшебникот“ и „Леон во Стаклената Гора“, романите „Ги изеде дождот“ и „Заедно“, како и расказите „Од училиште до дома“. Тој е и приредувач на „Антологијата на хрватски научнофантастични раскази“ објавена на македонски јазик. Посебно значаен е неговиот придонес како преведувач и промотор на македонската литература. Со преведени повеќе од десет книги од македонски на босански, хрватски и српски јазик, Милениќ игра клучна улога во афирмацијата на македонските автори во регионот. Пророчица ( извадок од роман) Жената беше сосема обична. Обична домаќинка. Домаќинка која не се шминка, не ја следи модата, не внимава на линијата. Домаќинка која, значи, седи по цел ден дома. Кога некој ќе ѝ дојде, муабети со него со кафе. Кога е сама, гледа телевизија. Се надевам дека никогаш нема да бидам таква. Дека никогаш нема да изгледам како домаќинка. Не би сакала да бидам таква. Не би сакала да бидам домаќинка. Жената можеше да има најмногу педесет години. Имам доволно време да се подготвам. Да се подготвам да не бидам како неа. Влезе во дневната соба. Таа просторија истовремено беше и кујна.  -Седни. - покажа на неугледната, празна маса. Седнав. Таа нали вода од чешмата во мало ѓезве и го стави на стариот плински шпорет. Го запали плинот со автоматска запалка.  -Брзо ќе биде кафето. - рече. Не е баш гостопримлива, помислив. Не ме праша дали пијам кафе. Пиев кафе со млеко. Дали имаше млеко? Кога кафето беше готово, зеде од висечкиот кујнски елемент стандардна бела шолја и го истури кафето во неа. Само за мене. Нејзе, изгледа, ѝ беше доста кафе за денес.  -Испиј го кафето. - ми рече. Не звучеше како наредба. Бев гладна. Сакав нешто да јадам, а не да пијам кафе. Немав обичај да пијам кафе во ова време. Кафето ќе ми го расипеше апетитот. Ако го испиев, ќе го одложев ручекот за барем два часа. Тоа веќе немаше да биде ручек, туку вечера. А јас не вечерам. Оваа, дебела домаќинка, сигурно вечера и тоа обилно. Жената, значи, нема да пие, туку ќе чека јас да испијам. Непријатно ми беше да кажам дека не ми се пие кафе. Зошто не ме праша? Ќе ѝ кажев дека не можам. Непријатно ми беше да побарам млеко. Како ќе пијам кафе без млеко? Пиев кафе со млеко од две причини. Првата беше таа што повеќе ми се допаѓаше вкусот на белото отколку на црното кафе. Втората, што во врелото кафе се става ладно млеко. Млекото така го разладува кафето. Не сакам да пијам ниту да јадам ништо врело. Ладното не ми пречи. Помеѓу храна од фрижидер и онаа тукушто зготвена, би ја избрала ладната. Една дизајнерка, откако ми ги погледна дланките, ми рече дека сум ладен тип.  -Пиј го кафето. - Жената одеднаш стана нетрпелива. Или така ми се чинеше.  -Благодарам. - реков и се напив голтка. Беше врело. Како што и претпоставував. Сега цел ден ќе ме пече јазикот. Ужас. Продолжив да пијам. Никогаш не сум пиела кафе толку бавно. Кога конечно го испив, ја погледнав жената. Таа не гледаше во мене, туку во шолјата. Кога го испив, ја зеде. Ја подигна и почна да ја разгледува. Значи, така таа пророкува, бев разочарана. Од кафе.  -  Живееш сама во стан што си го наследила... Точно, сакав да кажам. Но, бев толку изненадена што останав без зборови. -Станот си го наследила од мајка ти. Татко ти е во родителската куќа во твојот роден град... Далеку. Го посетуваш кога можеш. Тој те оптоварува. Но, не грижи се, нема уште долго... И ова беше точно. Неверојатно.  -Имаш брат близнак кој живее блиску до вашиот татко. Но, не сте во контакт... Зарем знае и за Сандро? И дека со години не разговараме? -Работиш здодевна работа... Во право е. Сметководството е навистина здодевно. -Немаш пријатели... Гледам некои личности почесто од другите, но никого од нив не би можела да го наречам мој пријател. -Немаш многу пари... Навистина немам. Платата не ми е баш голема. Многу работи не можам да си ги дозволам. - Никаде не излегуваш... Реков како не би сакала да изгледам како домаќинка. Не сум домаќинка затоа што сум вработена. Не пијам по цел ден кафиња, ниту озборувам со соседските. Не сум зависна од телевизија. Но, сум зависна од книги. На домаќинките телевизијата и озборувањето им се единствена забава. Гледаат сапуници и „Големиот брат“, а потоа за тоа коментираат пиејќи кафе. Ги озборуваат телевизиските протагонисти и потстанарите. Не им е здодевно како што ми е мене. Не работат здодевна работа, ниту мораат да го посетуваат таткото кој тврди дека има рак и постојано го зборува истото. - Но, твојот најголем проблем е што не сонуваш... И тоа беше вистина. Спиев ноќе како и другите. Но, ништо не сонував. Читав за тоа во некоја книга по психологија. Таму се тврдеше дека сите луѓе сонуваат, само едни го паметат она што го сонувале, а други не го паметат. Ако е тоа точно, јас спаѓав во оние кои не се сеќаваат на своите соништа. Тогаш првпат ѝ поставив прашање на мојата соговорничка: -Би сакала да се сеќавам на своите соништа. Како да го постигнам тоа? -Како? Не смееш да бидеш таква кон својот сон! Мораш пред спиење да го замолиш да остане запаметен. Зборуваше за сонот како да е живо суштество. Како да е човек. -Дури кога ќе направиш така, ќе го запаметиш она што си го сонувала. - Ќе го запаметам тоа. Така ќе направам вечерва. -Кога наутро ќе се разбудиш, ќе се сетиш на својот сон. Тогаш мораш да го запишеш... -Да го запишам? -Да. Да го запишеш во посебна тетратка... - Зошто? -Затоа што ќе го заборавиш. -Зошто би требало да го запишам сонот? -Затоа што тоа е, како прво, израз на почит кон него. Запишувајќи го, го оставаш да трае. Како второ, мораш постојано да ги читаш запишаните соништа и да размислуваш за нив... -Зошто? -Тоа се пораки кои ни користат во животот. Не можев да ја замислам оваа домаќинка како писателка. Но, ниту себеси. -Ви благодарам на советот. Ќе направам така. -Мораш така да направиш. Ако не направиш, нема да ти се случи она убавото, што би можело да ти се случи... -Ќе го послушам вашиот совет. Ќе направам така. А што убаво ќе ми се случи? -Ќе ти се случи она за што сонуваш на јаве. Дека ќе го сретнеш мажот на својот живот. Но, мораш да сонуваш. Мажите не сакаат жени кои не сонуваат... Тогаш се сетив на една реченица од Борхес. „Не ја оставив затоа што ме изневеруваше, ниту затоа што не знаеше да готви, туку затоа што не знаеше да сонува.“

  • Монодрама „Сите најубави нешта” со Игор Ангелов: Интимна лекција за животот, болката и радоста

    📍 29 мај (четврток) | 20.00 часот; КСП Центар Јадро. Во време кога темите за менталното здравје сè уште се опкружени со тишина, осуда или несигурност, монодрамата „Сите најубави нешта“, работена според текст на британскиот драматург Данкан МекМилан, претставува редок театарски настан што со топлина, хумор и искреност ја отвора оваа комплексна, а сепак длабоко човечка тема. Преведена и адаптирана на македонски јазик, во режија на Дејан Пројковски, оваа монодрама ќе биде изведена од Игор Ангелов – еден од најпознатите актери на македонската сцена, кој во изминативе години особено се докажа во проекти што бараат емотивна длабочина, директност и поврзаност со публиката. „Сите најубави нешта“ започнува со една наивна, дури и детски едноставна идеја – правење список на нешта поради кои вреди да се живее. Оваа потреба произлегува од болното, но животно искуство на дете кое се соочува со обид за самоубиство на својата мајка. Неговата реакција е да создаде список на радости: од сладолед, преку балони, до смеата на куче. Со текот на времето, списокот станува поголем, посложен, подлабок. И во тоа растење на списокот се одразува и растењето на детето кое се бори да ги разбере светот, болката, и родителот кој страда. Токму преку оваа основна наративна линија, монодрамата ја отвора темата на менталното здравје, семејната траума, но и на човечката способност за емпатија, адаптација и отпорност. Претставата е еден вид театарска психотерапија, но без дидактика, без поука – туку со искреност, несигурност, хумор и сочувство. Еден од најкарактеристичните елементи на оваа монодрама е начинот на кој публиката е вклучена во самата изведба. Од самиот влез во просторот, посетителите не се само гледачи – тие се дел од списокот. Добиваат мали задачи, понекогаш имаат кратки реплики, нивната енергија и одзив стануваат материјал од кој се гради секоја изведба. Игор Ангелов, кој со години е активен на сцената, тука се покажува не само како актер, туку и како присутен човек – некој кој знае да чита простор, гестикулации, молк и смеа. Тој не игра улога, туку ја живее приказната на ликот, се движи заедно со публиката низ спектарот на емоции: од неудобност, преку катарза, до смирување. „Се работи за посебно интимно театарско искуство… гледачите се смеат и плачат, непријатно им е и се збунети, се радуваат и препознаваат и се поттикнати да размислуваат за значењето на среќата и животот“, вели самиот Ангелов. Таа мешавина на емотивни состојби не е случајна – таа е суштината на претставата. Иако темата што ја отвора „Сите најубави нешта“ е длабоко емотивна и трагична, стилот на раскажување е лесен, топол и со многу хумор. Претставата не е мрачна. Напротив – таа е светла. Потсетува дека хуморот е често најсилниот механизам за справување, дека смеата може да биде мост помеѓу две тешки точки во душата. Во еден од најтрогателните моменти, ликот вели: „Направив список на сите најубави нешта… за да ѝ покажам на мајка ми дека има причини да живее. Но вистинската вистина е дека тој список ми беше потребен мене.“ Тоа е момент на препознавање – кога гледачот сфаќа дека секој од нас понекогаш води ваков список, свесно или несвесно. Монодрамата „Сите најубави нешта“ ја доби првата награда од публиката на 25. Интернационален фестивал на монодрама во Битола, кој се одржа во мај 2024. Ова признание е значајно, не само поради компетитивноста на фестивалот, туку и поради тоа што токму публиката – онаа која е толку клучна во оваа форма на театар – ја избра претставата за највпечатлива. На крајот на ова интимно патување низ зборови, спомени, гестови и погледи, „Сите најубави нешта“ остава чувство на олеснување. Не затоа што нè измамила дека животот е лесен. Туку затоа што нè потсетила дека е убав, дури и кога е тежок. Дека малите нешта се суштински. Дека листа од „најубави нешта“ може да биде мапа за преживување, за благодарност, за љубов. На 29 мај во 20.00 часот, оваа монодрама ќе има нова изведба. Без разлика дали ја гледате за првпат или веќе сте ја доживеале, секоја претстава носи нова нијанса – затоа што се случува во живо, со нова публика, со нова енергија. И секоја изведба е можност за да се додаде нова точка на нечииот личен список на убави нешта.

  • На прагот на промените на Зоолошката градина Скопје: Разговор со Стефан Кирков

    Зоолошката градина во Скопје е во центарот на јавниот интерес веќе со години, тема која е постојан гостин кој низата скандали поврзани со Зоолошката ги доживува како покана да поседат уште пет минути. Се чини дека интервалите помеѓу една трагедија и друг кикс стануваат се́ покуси - помеѓу безнадежните услови на егзотичните животни и иронично, исто толку очајните услови во кои функционираат вработените, оптимизмот станува состојба која е во бледо сеќавање но и енергија залудно потрошена. Сликите од осамен слон на напукнат бетон, меѓу останатите, обелоденети од туристи и локални посетители предизвикаа лавина реакции, меѓу кои и бројни критики. Скопската Зоолошка градина – институција стара речиси еден век – во својот почеток претставуваше место за едукација и уживање, вистинска гордост на градот и место кое беше интегрално со детството на многу генерации. Меѓутоа, со текот на времето, таа го изгуби чекорот со модерните светски практики и денес е вплеткана во сериозни обвинувања за негрижа, угинати животни и недостиг на отчетност, жртва на транзициски и политикантски пресметки. Во последните две години, се зголемува бројот на гласови кои предупредуваат дека нешто трагично се случува зад оградите на Зоолошката градина Скопје. Сепак, зад вревата од социјалните мрежи, постои човек кој инсистира дека гледа светлина на крајот на тунелот, и со постојаното инсистирање работи да го трансформира ова место – чекор по чекор, ден по ден. Стефан Кирков, зоолошки волонтер, активист и донатор, кој подолго време ја следи состојбата одблизу. Тој е зоолог, екологист, активист, кој доаѓа од светот на невладините организации и младинскиот активизам, Кирков е меѓу оние кои ја носат визијата за ново лице на институцијата наспроти резигнираниот повик но и можеби логичниот исход - Зоолошката градина Скопје да се затвори и пренамени.  Во ова интервју, Кирков подетално и јавно зборува за шокантни случувања кои, како што вели, се премолчувани од институциите: од колење коњи и мистериозни угинувања на егзотични животни, до нефункционален менаџмент, недостиг на професионални кадри и замолчени вработени. Разговорот го водиме со намера да ги поставиме прашањата што досега никој не сакал гласно да ги постави – за животните, но и за системот што ги доведе до раб на исчезнување.    Во време кога јавноста бргу реагира, кога фотографиите стануваат наративи, а критиката е често инструмент на отуѓеност, вреди да се слушнат и оние кои се внатре. Стефан Кирков не нуди совршена приказна. Но нуди човечка. И визија што расте – како ново живеалиште, што се вклопува полека, во срцето на еден стар бетонски зоолошки парк. Господине Кирков, Ви благодарам за ова интервју. Вие сте зоолог по професија, долгогодишен активист и волонтер во Зоолошката градина. Како успевате да ја балансирате таа позиција со вашата заложба за заштита на животната средина? Стефан Кирков: Најнапред Ви благодарам на интересот и Вашето внимание - првенствено како советник во Градот Скопје, каде имам и должност да реагирам пред Скопјани, а потоа и како ЗОО активист , волонтер и донатор во Зоолошката градина Скопје, но и човек кој е емотивно врзан за оваа установа, и од најмали години е во оваа установа, да реагирам на сето она што се случува во последните години. Ќе започнам со следново: Зоолошката градина Скопје, можеби е и најстара зоолошка во Европа, веќе за една година оваа установа ќе слави 100 години постоење , се наоѓа во срцето на СКОПЈЕ, и е место каде што поминале многу генерации. Со неа сите ние растевме , стекнавме емпатија кон животните за прв пат, растеле и треба да растат генерации и генерации. Зоолошката во Скопје помина низ многу фази - и таман кога блесна и ги доби своите најдобри денови, се случи колапс на секое поле , се промени локална власт и бродот за Зоолошката почна да тоне. Првиот аларм беше поставување на директор по предлог на Градот за кој знаеме дека прво работно искуство му е вработувањето во оваа установа како зоо неговател и тоа, замислете, ни повеќе ни помалку, туку во време кога неговата мајка е директор на оваа установа. Но секој заслужува можност, па јас и сите зоо активисти бевме тивки, и да речеме оптимисти, надевајќи се дека ќе продолжи да работи како неговиот претходник но.... се случи најстрашното и првиот аларм а тоа беше колењето на повеќе од 15 коњи во скопската Зоолошка! Коњите беа подарок од Агенцијата за одземени предмети, беа подарени на Зоолошката, со идеја која беше добра - од причина дека Зоолошката градина Скопје има место да ги смести каде можат да живеат. Но замислете, со одлука на директорот кој впрочем доаѓа од секторот како специјалист за коњи, истиот со негова лична одлука во самата установа ги убива овие животни и од скопската Зоолошка прави кланица на што наиде на голем револт кај сите љубители на животни, но и во целата јавност ! Тогаш, кај мене се вклучи алармот по прв пат, и за жал до ден денес....е вклучен! Според вашите податоци, во последниве две години угинале повеќе од 40 егзотични животни. Дали институциите официјално го испитуваат тоа, и дали постои конкретна одговорност кај раководството? - Точната бројка на угинати животни не е достапна и за нас советниците во Градот и кога сакаме на советнички прашања да го прашаме директорот Зоран Попов кој го наследи предходникот за кој пишуваме погоре , истиот не се појавува што исто така преставува еден голем преседан и незапамтено нешто во историјата на Град Скопје. Според мене бројката можеби сега е и поголема: знаеме за две жирафи , зебра , отруени преживалски коњи, берберски овци , слон , пингвин , леопард , лами , јастреб и слично. Колку што сум во тек, постапка се води за два дена која се однесува на сомнителните труења на преживалските коњи како и труењето на берберските овци и лами, институциите сеуште и официјално не излегуваат со епилог од овие постапки. За жал и покрај тоа што одредени вработени кои се посочуваат како дирекно виновни се́ уште работат без никаква одговорност. Според мене, до сега, одговорност првенствено требаше да си поднесе директорот Зоран Попов, а потоа и целиот менаџмент но... гледаме дека нема ниту О од одговорност! Често ја поврзувате градоначалничката Арсовска со поставување на нестручен кадар во Зоолошката. Дали имате конкретни информации што го поткрепуваат тоа тврдење? - Секако дека да! Еве ќе почнеме со поставувањето на првиот директор. Се испостави и докажа дека наместо да ги продолжи проектите и работата кога скопската Зоолошка рушеше рекорди на посетеност и беше најпосетувана установа во Македонија, тој направи инцидент со колењето на коњите од причина што самиот сметал дека не се доволно атрактивни, и сакал замислете да ги искористи за економски цели ! По него доаѓа актуелниов директор кој само за три години од Зоолошката направи КУЌА НА СТРАВОТ! Со неговото менаџирање се случува помор на животни под сомнителни околности , се сличува губење на статус членка во EAZA , нефункционалност на Дино паркот , за малку избегната епидемија поради вируси и инфекции присутни во оваа установа и што ли уште не! За каква стручност зборуваме кога ние не знаеме ни како изгледа овој директор , знаеме за инциденти и помор на животни, како и губење на сите оние спонзори и општествено одговорни компании кои донираа во Зоолошката градина Скопје, и помагаа! Арсовска за сето ова е глува и слепа ! Ја изгубивме кандидатурата за членство во ЕАZA – Европската асоцијација на зоолошки градини. Што тоа значи за животните, за Зоолошката и за имиџот на градот? И зошто, според вас, не се прави обид да се врати тој статус? - Не само што ја изгубивме кандидатурата туку добивме и бан – забрана да бидеме кандидат членка во траење од осум години! Да појаснам: ЕАЗА е институција како Европската Унија кај нас луѓето. Ние со Зоолошката градина Скопје бевме пред самите врати да членуваме, но со доаѓањето на Арсовка и нејзините кадри ние го изгубивме статусот и сега сме блокирани. Тоа значи дека нашата Зоолошка не постапуваше по нивните препораки за тоа како треба да изгледа една современа европска зоолошка. Сега сме во ситуација во која Зоолошката градина Скопје не смее да соработува со ниту една зоолошка која е членка на ЕАЗА, а тоа се 90% од зоолошките во Европа, не смееме да имаме размени на животни и било каква соработка, а тоа верувајте е многу лошо. Имаме животни кои живеат во стадо , јато и слично... замислете некое да погине, ние нема да можеме да му донесеме придружба. Доколку бевме членки во ЕАЗА ќе бевме под нивен целосен мониторинг, ќе се правеа размени на животни, реконструкции на живеалишта, обуки на ветеринарни тимови , обуки на зоо негуватели и што ли уште не... од голема важност е да напоменеме дека и ЕАЗА ќе инвестираше во скопската Зоолошка. Оваа установа немаше во оваа мера да биде на товар на буџетот на Град Скопје. Да , во моментов не се работи на обид за враќање на членството, сите преговори се замрзнати поради непрофесионалноста на менаџментот, едноставно немаат идеја како понатаму. Јас редовно контактирам како советник со менаџментот, при што добивам одговор дека тие немаат одобрување од градоначалничката. Зборувавте за долгови, лоша организација и недостаток на безбедносни камери. Колку е, според вас, ситуацијата ризична и за животните, и за вработените, па дури и за посетителите? - Финансиската ситуација на Зоолошката е навистина лоша, се соочуваат со големи долгови кон добавувачите за храна на животните, кон ЕВН и останатите компании што работат на било каков начин во скопската Зоолошка. И покрај тоа што ние како советници изгласавме ребаланс на буџетот, па дополнителни средства се дадоа на Зоолошката градина Скопје, оваа установа пак работи со големи загуби и долгови што, според мене, е само плод на недомаќинско и сомнително работење. Организацијата е под сите нивоа за една европска зоолошка градина , мониторинг не постои, и тој што некогаш бил поставен повеќе не е во функција . Сите бевме сведоци за опасноста, нели, бевме на праг преку Зоолошката градина Скопје да се појави епидемија со вирусни заболувања. И да - АХВ не реагираше на време, со што ја затвори Зоолошката на определен период. Можеше да се случи хаварија од невидени размени , како за посетителите така и за вработените но и за тие животни кои останаа во овој логор наречен скопска Зоолошка. Навистина со тешко срце ќе го изјавам ова, но: ДА , ситуацијата е ризична и мора под итно да се направи нешто. Се споменуваат нови вработувања во установата. Вие остро се спротивставивте на тоа. Зошто сметате дека тоа е проблем во ваков момент? - Револтиран сум од менаџментот и од сите случувања во Зоолошката која ја сакам и сум емотивно врзан за неа, установа која треба да е лицето на градот и државата, а одредени ликови ја претворија во тоа што е денес. Да, излегов со таков став и јавно во советот го истакнав, кажувајќи дека овој менаџмент не може со оние кои се моментално вработени да постави ред а не пак со нови. Но по праток период при една моја посета во скопската Зоолошка, која беше и најавена , имав прилика да разговарам со вработените кои со мене отворено ги споделија проблемите со кои се соочуваат. Замислете, таму има вработени со нерегулиран статус, односно тие се со некој договор за дело и не се ни пензиско ниту пак здравствено осигурани, лица кои работат под ризик, со диви животни секој ден, и при поввреда немаат осигурување. Тоа искрено не го знаев до тој момент, и после разговорот со нив , на предлог на мојата советничка група во советот на Град Скопје бев иницијатор, и горд сум на тоа што пред еден месец ги изгласавме овие вработувања, кои за мене беа услов кон директорот да не се вработуваат лица од надвор, туку овие постојниве кои веќе се со години во скопската Зоолошка и се вистински професионалнци да си добијат трајно вработување со плата и со сите привилегии. Се надевам дека политиката ќе ги тргне рацете од Зоолошката градина Скопје, и овие лица ќе бидат вработени за што сум голем нивни подржувач и додека не се заврши оваа постапка ке го следам случајот. Велите дека Зоолошката градина Скопје денес е „куќа на стравот“. Дали ова е институционален колапс, или „само“ лошо менаџирање? Како би изгледала, според вас, здрава и одговорна Зоолошка градина? - Од се по нешто , најнапред како што кажав треба политиката да ги тргне рацете од оваа установа и од животните . Штетата е веќе направена и е од невидени размери. Под итно е потребно прво ревизија и одговорност, а потоа и многу работа и инвестиции. Ако сакаме како метропола да имаме европска зоолошка, не треба да мудруваме многу, туку да го земеме само примерот од околните земји. Според мене под итно треба план и стратегија за инвестиции, како и експертски тим кој веднаш ќе започне преговори со ЕАЗА за враќање на статусот кандидат членка и членка кај нив. Вистински професионалци на вистински позиции со носење на инвестиции во оваа установа и пред се́ и најважно од се́ - менаџментот кој ќе дојде, да сака да направи нешто а ќе потенцирам и поентирам дека во ситуацијата во која се наоѓа скопската Зоолошка мора и државата и Владата да помогнат за што јас сум сигурен дека и ќе се случи за многу кратко време од сега. Како советник во Град Скопје, кои чекори ги презедовте официјално – преку Советот или други канали – за да се истражи оваа состојба? И дали наидовте на отпор од колеги, од институции? - Интересно прашање , седниците во Советот не Град Скопје се јавни и се пренесуваат во живо, ако следите ќе видите дека можеби и сум единствениот од месец октомври 2023 од кога сум советник па се́ до сега, кој е најгласен кога во прашање е Зоолошката градина Скопје. Секогаш земам збор и барам информации за финансиската состојба, барам одговори за сето ова кое се случува. Но за жал, наидувам на тотален молк и игнор од страна на директорот и на Данела Арсовска. Како советник сум горд што сум јавен критичар и што секогаш сум на страна на животните и вработените во оваа установа , се изборив за регулирање на статусот на вработените да добијат трајно вработување што навистина ми е многу драго и сум благодарен на колегите од мојата советничка група што ме подржаа. Како советник и носител, да речеме, на оваа јавна функција секогаш ја посетувам скопската Зоолошка, разговарам со вработените и дел од менаџментот, и сето тоа кое го прибирам од нив го доставувам во советот - но за жал, ќе кажам со ова градско раководство многупати се обидовме да направиме нешто подобро, но наидуваме на тотално игнорирање. Но во едно сум убеден, а тоа е дека доаѓаат многу подобри времиња за скопската Зоолошка. Дали сте во комуникација со вработени или поранешни вработени од Зоолошката? И дали тие ја потврдуваат состојбата што ја опишувате? - Секако , во постојан контакт сум со скоро сите вработени во Зоолошката градина Скопје. Неколку пати месечно и сум лично присутен во Зоолошката каде меѓу животните си го наоѓам својот мир и спокој. Во одличен контакт сум и со поранешните директори а посебно со г-динот Галетановски со кој можеби доаѓаме од различни политички партии но кога станува збор за животните и скопската Зоолошка, ние сме на ставот дека животните немаат ниту партија ниту име и презиме, дискутираме за ситуацијата во која се наогаме како Зоолошка и може и да слободно кажеме дека скопската Зоолошка ги доживува своите најтемни денови во поново време. Конечно, што би ѝ порачале на јавноста – на граѓаните кои ја посетуваат Зоолошката, но и на оние кои бараат реформи? Како можат тие да помогнат, ако воопшто има простор за јавен притисок? - Би порачал и понатаму да ја посетуваат Зоолошката градина Скопје. Со самата посета и со таа купена карта верувајте дека многу и́ помагате на установата и животните внатре. Верувајте од нас зависи се́ и не смееме да се откажеме! На родителите им порачувам - почесто да ги носат своите дечиња во зоолошката за да добијат емпатија кон животните но исто така и да бидеме одговорни и примерни, да не им фрламе храна на животните и да ја чуваме Зоолошката чиста. Времето за притисок веќе помина, на праг сме пред локални избори, и верувам дека промените брзо ќе дојдат. Би апелирал да сите општествено одговорни компании и коорпорации да инвестираат во Зоолошката градина Скопје. Јас сум убеден и цврсто верувам дека кој и да биде следен градоначалник повеќе ќе си го сака Скопје од моменталниот, повеќе ќе си ја сака и скопската Зоолошка. Скопје заслужува да има европска зоолошка градина и сигурен сум дека поубави денови за скопската зоолошка со сигурност доаѓаат. Интервјуто го водеше: Ана Чушкова.

  • ПОЛНА САЛА НА ОТВОРАЊЕТО НА 15. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: Провокација, поезија и критичка мисла

    Вчеравечер, Кинотеката на С. Македонија беше сведок на едно извонредно отворање: 15. јубилеен Филозофски филмски фестивал (ФФФ)  започна со полна сала , стотина филмофили кои ја исполнија атмосферата со возбуда и топлина речиси колку што ја исполнија и салата. Овој јубилеј не е само културен настан, туку, како што истакна програмскиот директор Ѓорѓи Пулевски, „една постојана потрага – потрага по смисла, по форма, по вистини кои не се секогаш пријатни, но се неопходни. Неопходно провокативни, полемични и поетични.“ Отворањето беше обележано со проекцијата на ремек-делото „Евангелие според Матеј“ (1964) од легендарниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини . Овој филм беше дел од Ревијалната програма и воедно последен од Ретроспективата Пазолини, организирана во чест на 50 години од трагичната смрт на филмскиот великан, со поддршка од Амбасадата на Италија во Скопје. Амбасадорот на Република Италија, Н.Е. Паоло Палминтери, го нагласи значењето на овој филм како едно од највисоките остварувања во кариерата на Пазолини. Со „Евангелие според Матеј“ се отвора 15. Филозофски филмски фестивал ФФФ: Поддршка за критичка мисла и културен интегритет Главниот координатор на Фестивалот, Андреј Лазаревски, го потенцираше јубилејот и фокусот на Фестивалот, додека Ѓорѓи Пулевски упати апел за поддршка на сите филмски фестивали во земјата. Тој истакна дека секој фестивал е столб на еден поширок културен екосистем кој допрва се гради, нагласувајќи дека поддршката за ФФФ е поддршка за критичката мисла, естетската храброст и културниот интегритет . Филозофскиот филмски фестивал слави 15 години: Пазолини во фокусот на годинешната програма Викенд програма: Од Пазолини до Линч и современи гласови Убавиот почеток е само најава за богатата програма што следува, со проекции во два термина, по цена од 150 денари. Денеска, вториот фестивалски ден, е посветен на Официјалната селекција на краткометражни филмови , со осум внимателно избрани дела од режисери како Амир Јусеф, Жења Казанкина, Небојша Слијепчевиќ и други. Вечерта ќе заврши со отворањето на Официјалната селекција на долгометражни филмови  со „Последен здив“ од познатиот француски режисер Коста-Гаврас. Овој филм е длабока анализа на животот и смртта, со палијативна грижа како фокус, нудејќи грижа наместо лек, достоинство наместо надеж. Утрешната програма  ќе донесе вистинска кинематографска посластица. Во 18:00 часот ќе биде прикажан култниот филм „Изгубен автопат“ од маестралниот Дејвид Линч , како дел од Ревијалната програма: филм-философија. Посебниот гостин од Турција, Озер Озкантар, ќе одржи излагање на тема „Изгубени автопати на умот: истражување на кинематографската филозофија на Дејвид Линч“. Овој надреалистички нео-ноар е метафизичко патување кон непоимливата природа на идентитетот, со морничави визуелни композиции кои се заштитен знак на Линч. Вечерта ќе продолжи со „Универзален јазик“ од канадскиот режисер Метју Ранкин, филм кој ги надминува границите и ја слави убавината на човечката поврзаност преку уникатен визуелен стил и препознатлив хумор. Недела  ќе ја отвори Придружната програма со селекција на турски краткометражни филмови, именувана „Филозофија преку краток филм“, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција. Проекциите ќе вклучуваат дела како „И јас исто“, „Ми светна“ и „Обичај“, проследени со излагање и дијалог со публиката од Сердар Озтурк. Фестивалот ќе биде затворен со проекцијата на „Новата година што никогаш не дојде“ од Богдан Мурешану, дебитантски долгометражен филм кој претставува потресна и духовита анализа на романското општество и психолошката состојба на шестмина јунаци непосредно пред падот на режимот на Николае Чаушеску. Овој филм е дел од Официјалната селекција на долгометражни филмови во Компетитивната програма. Публиката ќе има можност да ги даде своите оцени за филмовите од Официјалните селекции, со што ќе придонесе во одлуките за наградите „Златен був“ во двете компетитивни селекции. Целата галерија од отварањето на ФФФ во Галеријата на diva.mk .

  • Со „Евангелие според Матеј“ се отвора 15. Филозофски филмски фестивал

    Филозофскиот филмски фестивал го отвора своето јубилејно издание со библиската драма на Пјер Паоло Пазолини, прикажувајќи го Исус како фигура на отпор и социјална правда. Со проекција која повикува на контемплација, предизвикува провокација и остава длабока трага, вечерва свечено се отвора 15. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Фестивалот, кој веќе една и пол деценија создава простор за размислување преку филм и филозофија, годинава го започнува своето јубилејно издание со класикот на италијанскиот режисер и интелектуалец Пјер Паоло Пазолини – „Евангелие според Матеј“ (Il vangelo secondo Matteo, 1964). Проекцијата ќе се одржи во кино-салата на Кинотеката на Северна Македонија, со почеток од 20:30 часот, откако пред тоа, на свеченото отворање (20:00 ч.) свое обраќање ќе имаат програмскиот директор на фестивалот, м-р Ѓорѓи Пулевски, како и амбасадорот на Република Италија во Скопје, Н.Е. Паоло Палминтери. Изборот на филмот за отворање не е случаен: токму „Евангелие според Матеј“ претставува мост помеѓу религијата и револуцијата, традицијата и отпорот, догмата и уметничката слобода – теми кои се суштински за Пазолини, но и за еден фестивал кој ја слави мислата во движење. Пазолиниевото евангелие: духовна слика на едно турбулентно време Пазолини, и самиот атеист со силни марксистички убедувања, успева да создаде едно од највлијателните религиозни дела на 20 век, при тоа без да отстапи од својата естетика или идеологија. Наместо да го тргне Исус од библиската митологија, тој го враќа меѓу луѓето – како фигура на отпор, како глас на обесправените, како поет и револуционер. Сценариото на филмот целосно го следи текстот од Евангелието според Матеј – без адаптации, без дополнувања. Тоа е избор кој звучи речиси неочекувано од човек каков што беше Пазолини, но токму во тој парадокс се открива неговата длабока почит кон јазикот на евангелието, кој самиот го опиша како „најпоетскиот текст што некогаш бил напишан“. Снимен во сиромашните, рустични предели на јужна Италија, филмот ја носи текстурата на неореализмот – со црно-бела документарна фотографија, со натуршчици, со лица кои сведочат за реалноста на маргинализираните. Мајката на Пазолини, Сузана Пазолини, ја игра постарата Марија, а Исус е толкуван од тогаш непознатиот шпански студент Енрике Иразоквај, кој случајно се наоѓал во Рим додека Пазолини очајно барал соодветен лик за својата верзија на Христос. Христос како протестна фигура Иразоквај, со своите левичарски погледи, ја инкарнира верзијата на Исус што Пазолини ја замислува: не божество од икони и катедрали, туку човек од месо и крв кој се спротивставува на угнетувањето. Тој е анти-материјалист, социјален дисидент, гласен критичар на моќта и институциите. Неговата појава на екранот е строго и сериозно човечка, но полна со внатрешна светлина. Токму во овој Исус се огледуваат 1960-тите – деценија на протест, слободарство и духовно преиспитување. Пазолини не користи ефекти, не се потпира на чудесното, туку го претвора текстот во човечка приказна: длабоко емотивна, но никогаш сентиментална. Тоа е библија за секуларната ера – не во смисла на негирање, туку во смисла на барање вистина во светот, без потреба од надземни интервенции. „Евангелие според Матеј“ предизвикало полемики веднаш по своето појавување – и од страна на црквата и од страна на левицата. Но токму таа амбиваленција е доказ за моќта на филмот: не може да биде заробен во еден наратив, не може да биде целосно присвоен. Со текот на времето, филмот станува дел од канонот – и на религиозната и на филмската историја. Денес, се смета за едно од најдобрите библиски остварувања некогаш снимени, не само поради верноста кон текстот, туку поради верноста кон човекот. Филозофскиот филмски фестивал, со својата долгогодишна мисија да создаде простор каде што уметноста и мислата се среќаваат, со изборот на овој филм за отворање испраќа јасна порака: дека филмот е медиум на преиспитување, на провокација, на радикална емпатија. Покрај тоа што „Евангелие според Матеј“ го отвора фестивалот, тој е и последен наслов во ретроспективата посветена на Пазолини, која фестивалот ја организираше во соработка со Амбасадата на Италија. Тоа создава извесна симетрија – завршеток на еден циклус, почеток на друг. И токму во тие премини, во тие пресечни точки, Филозофскиот филмски фестивал го наоѓа своето место. Кога Пазолини го снимал „Евангелие според Матеј“, тој не сакал да создаде нова догма, туку нова перспектива. Фестивалот го следи токму тој пат – со секоја година, со секој филм, со секоја дебата, тој не нуди одговори, туку повик за мислење. Во ера на брзи заклучоци и лесни задоволства, ова е повик што вреди да се слушне.

  • Во срцето на маглата: Концертна промоција на новиот албум на Јордан Костов

    Концертна промоција на новиот албум на Јордан Костов и пријателите, 30 јуни 2025, Македонска филхармонија На 30 јуни 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во големата сала на Македонската филхармонија во Скопје ќе се одржи светската концертна промоција на албумот „Маглота“, новиот проект на хармоникашот Јордан Костов и неговите соработници. Албумот е снимен во Ханој, Виетнам, во 2023 година, и претставува резултат на неколкугодишната уметничка и лична поврзаност на Костов со виетнамската култура и музичари. „Маглота“ е албум што спојува различни музички традиции и инструменти во внимателно изградена звучна целина. Во него се присутни елементи од виетнамската традиционална музика, комбинирани со специфичниот стил на Костов кој се движи помеѓу џез, современа импровизација и светска музика. Иако албумот е снимен далеку од Македонија, во него се чувствува силна лична емоција и јасна уметничка визија која го надминува географското и жанровското. На концертот во Скопје ќе настапат седум меѓународни солисти, сите активни на различни светски сцени: Роман Столјар (Русија) на пијано, Бренда Охана (Бразил) на маримба, Фенг Хао (Кина) на тапани, Нилимеш Чакраборти (Индија) на табла, Монит Пол (Индија) на сарод, Бруно Тоци Теза (Бразил) на бас, како и самиот Јордан Костов на хармоника. Овие музичари не се избрани случајно – со секој од нив Костов има веќе остварена соработка, а нивното присуство на сцената ја покажува отвореноста на проектот кон дијалог и размена помеѓу различни музички култури. Во програмата на концертот учествуваат и хорот „Св. Злата Мегленска“, под диригентство на Летка Димовска-Полизова, со солисти кои ќе придонесат за дополнителна димензија на живиот настап. Како специјален гостин на концертот ќе настапи и македонската пејачка Сузана Спасовска, чиј вокал ќе донесе силен елемент на локална музичка традиција во рамките на глобалниот контекст на проектот. Концертната промоција на „Маглота“ е ретка можност македонската публика да слушне жив настап на албум кој е создаден во меѓународна атмосфера и кој носи влијанија од Азија, Јужна Америка, Европа и Балканот. Настанот има и симболична тежина – како потсетник дека македонските уметници сè почесто создаваат во глобален контекст и дека проектите кои излегуваат од домашната музичка сцена се сè поамбициозни и покомплексни по својата форма и содржина. „Маглота“ не е само музички албум – тоа е резултат на една подлабока посветеност на интеркултурна комуникација, уметничка истрајност и отвореност кон нови форми на изразување. Промотивниот концерт на 30 јуни претставува клучен момент во промоцијата на оваа работа и истовремено придонесува за градењето на простор за вакви музички иницијативи во македонскиот културен живот.

  • Филозофскиот филмски фестивал слави 15 години: Пазолини во фокусот на годинешната програма

    Од 22 до 28 мај, Кинотеката ќе биде домаќин на триесетина филмови од Европа и светот, со специјален акцент на поетиката и провокацијата на култниот италијански режисер. Оваа пролет, во Кинотеката на Северна Македонија повторно ќе се одржи 15. издание на Филозофскиот филмски фестивал, од 22 до 28 мај. Посветен на идејата дека уметноста и мислата не само што се надополнуваат, туку можат заедно да го преобликуваат начинот на кој го доживуваме светот, фестивалот годинава поставува во центарот на својата програма еден од најинтензитетните автори на 20. век: Пјер Паоло Пазолини. Италијанскиот режисер, писател и поет, чие творештво се движи помеѓу провокација и нежност, помеѓу политичка конфронтација и лирска експресија, станува симболичен водич низ овогодишната мапа на фестивалот. Со мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен.“, Пазолини е повеќе од омаж – тој е концептуална рамка низ која се филтрираат сите избори на програмата. Фестивалот започна со проекција на документарната анкета „Љубовни заседанија“ во Музејот на современата уметност, со обраќања од италијанската културна аташе проф. Соња Мизерендино и воведен осврт од проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, кои ја поставија теоретската основа за разбирање на Пазолиниевиот свет и неговата интеракција со македонската публика. Ваквото отворање не е само чест на еден автор, туку и индикација дека фестивалот сака од првиот ден да постави атмосфера на дијалог, не само со филмовите, туку и со мислата зад нив. Главната програма се гради низ неколку паралелни сегменти. Официјалната селекција на долгометражни филмови ги претставува пет премиерни дела што се натпреваруваат за наградата „Златен був“, додека во селекцијата на краткометражни се вклучени 15 дела од различни земји, изложени пред стручно жири. Секој од долгометражните филмови носи поинаков тон, контекст и филозофска проблематика. Францускиот „Последен здив“ на Коста Гаврас претставува лична медитација за границите на животот. „Универзален јазик“ на Метју Ренкин од Канада нуди апсурдистички поглед на комуникацијата и припадноста. Романскиот „Новата година што никогаш не дојде“ не само што нè враќа во предреволуционерна Романија, туку нè потсетува дека историјата се случува и кога мислиме дека стоиме во место. Непалскиот филм „Шамбала“ носи визуелно богата приказна за потрага по слобода и љубов, додека грузискиот „Паноптикон“ нуди тинејџерска приказна проткаена со теми за контрола, самосвест и бегство. За еден посетител, овие филмови не се само приказни – тие се патувања низ политички пејзажи, лични конфликти и метафизички дилеми. Да се гледа еден од овие филмови значи да се навлезе во туѓа кожа, но и да се сретне со сопствените неразрешени прашања. Во краткометражната програма, дистрибуирана на 23. и 26. мај, публиката ќе има можност да го види светот низ кратки и интензивни филмски форми, каде што идеите се сконцентрирани, често експериментални, и каде што се тестираат границите на визуелното раскажување. Селекцијата на видеоесеи, прикажана на 28 мај, ја отвора вратата за нов вид кино – она што размислува за себе. Тука, посетителот не е само гледач, туку соучесник во процесот на размислување. Есеите истражуваат теми како милитаризација на небото, филозофија на телото, геополитика и меморија, сето тоа преку медиум кој е хибрид помеѓу филм и мисла. Ревијалната програма „Филм-философија“ носи култни наслови кои го прошируваат канонскиот хоризонт на фестивалот. Проекциите се збогатени со воведни излагања од интернационални гости – мислители и куратори, кои додаваат длабочина на доживувањето. Присуството на филмови како „Изгубениот автопат“ на Линч, „Светите невини“ на Камус и „Витгенштајн“ на Џарман, значи дека публиката ќе биде поканета да ја доживее филмската поетика не само како забава, туку и како форма на егзистенцијална провокација. Придружната програма, „Филозофија преку краток филм“, курирана од проф. Сердар Озтурк, отвора простор за дијалог со турскиот филм и неговите современи поетики. Програмата не е изолирана нишка, туку дел од широка ткаенина која поврзува култури преку прашањата што не ги прашуваме секојдневно, но ги чувствуваме постојано. Посебно внимание заслужува и едукативниот сегмент, кој во текот на претходните два месеци веќе се одвиваше преку проекции за средношколци, работилници и филмски сесии за најмладите. Тука се создава нова публика – онаа што ќе го гледа светот со поголема љубопитност и поостар критички поглед. На крајот, што добива посетителот од ваков фестивал? Пред сè, изложеност на идеи кои го туркаат надвор од комфорната зона на пасивна потрошувачка. Добива можност да го искуси филмот како форма на мислење, како средство за истражување на реалноста, но и на внатрешниот свет. Добива моменти на тишина во кои ќе го слушне својот внатрешен глас, и моменти на колективен смев или здив задржан пред нешто болно, вистинито, убаво. Филозофскиот филмски фестивал не се гледа со очи, туку со ум и срце. Тој нуди ретка шанса за седумдневна егзистенцијална гимнастика, каде филмот не е само уметност, туку искуство кое трае подолго од проекцијата. За оние што ќе изберат да влезат во оваа темна кино сала со светли идеи – добивката ќе биде токму тоа: увид, допир, трансформација.

  • Ревизија на идентитетите: Скопје го најавува фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“

    Од 3 до 14 јуни, Скопје ќе биде домаќин на фестивал што не се сведува само на уметност. „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ја претвора културата во терен на отпор, архивира, преиспитува, изведува и инсистира на јавност. Овогодишната тема – ЈУГОКВИР – не е носталгичен украс, туку анализа и интервенција. Следниот месец, од 3 до 14 јуни, Скопје ќе биде домаќин на фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“, настан кој веќе го привлекува вниманието со својата кураторска концепција. Под наслов „ЈУГОКВИР“, фестивалот има за цел да ги истражи контрахегемонистичките изрази на родот и сексуалноста во квир (феминистички) изведувачки уметности и социо-културни практики во периодот на и по социјалистичка Југославија. Божидар Доленц; Диско ФВ, 1984; Организиран од Коалиција МАРГИНИ во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка и други партнери, фестивалот ќе се одвива на неколку значајни културни локации во градот: Музејот на современата уметност (МСУ Скопје), Младинскиот културен центар (МКЦ), КСП Центар-Јадро и Театар Комедија. Оваа географска распространетост укажува на амбицијата фестивалот да допре до широка публика и да создаде дијалог на различни платформи. Тематскиот фокус на „ ЈУГОКВИР “ е насочен кон историските нијанси, критичките телесни тактики и афективните реартикулации кои се користеле во квир и квир феминистичките перформативни и кореографски практики. Фестивалот ќе ги анализира овие практики во контекст на пресекот со различни форми на угнетување, вклучувајќи ги хетеронормативноста, патријархатот, етнонационализмот, расизмот, авторитаризмот, државното насилство, религиозното непријателство и неолибералниот капитализам. Овој мултидимензионален пристап ветува комплексна и нијансирана дискусија за улогата на квир идентитетите во пошироките општествени и политички процеси. Марина Гржиниќ; фото: Тоне Стојко; Програмата на фестивалот е структурирана да понуди богат и интензивен културен, теориски и уметнички дискурс, обединувајќи квир, феминистички и антикапиталистички перспективи од постјугословенскиот регион. Фестивалот ќе започне со отворање на изложбата „ ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“ во МСУ, курирана од Марина Гржиниќ во соработка со Славчо Димитров. Оваа обемна архивска поставка ќе овозможи ретроспектива на панк и квир културата во Словенија, нудејќи вреден историски контекст за понатамошните дискусии. Програмата ќе продолжи во КСП Јадро со симпозиумот „ За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс побуни“, на кој ќе учествуваат релевантни теоретичари, уметници и активисти како Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК. ДК, Лајбах, 1987; Овој симпозиум има потенцијал да отвори критички дијалози за спецификите на квир искуствата во регионален и глобален контекст. Фестивалот ќе вклучи и серија на перформанси, вклучувајќи го перформансот на Алма Гачанин „ Колку добро се покажа денес / How Well Did You Perform Today“ во МКЦ, вечер на раскажување квир приказни „СРАМОТА!“ во Театар Комедија, танцовиот перформанс на Игор Коруга „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ и кореографското соло на Александар Георгиев – Аце „Атрас / Atrás“ , обата во МКЦ. Фестивалот ќе заврши со перформансот „Dissolutions“ и отворањето на самостојната изложба на Маја Зечо „Незгодни иднини“ во КСП Центар-Јадро. СРАМОТА! Јана Јакимовска и Румена Бужаровска ќе модерираат квир приказни; Куратор на фестивалот и уредник на теорискиот зборник е Славчо Димитров, а фестивалскиот тим го сочинуваат Стефан Богески, Мања Величковска, Љубомир Фаизов и Наталија Видинска Атанасов. Оваа експертска постава гарантира сериозен и промислен пристап кон темата. „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ се чини како настан кој ќе понуди важен простор за критичка рефлексија и афективна солидарност. Со својот фокус на историските и современите квир културни практики, фестивалот поставува значајни прашања за односот помеѓу квир телата и изведбите со политичките процеси, јавниот простор и можностите за градење заедници на отпор. Што всушност прави овој фестивал? Архивира. Се сеќава. Изведува. Комуницира. Не моли за разбирање. Не нуди спектакл, туку содржина. Во Скопје, каде што јавниот простор е често декоративен или партиски окупиран, „ЈугоКвир“ прави нешто што ретко се гледа: култура што се поставува рамноправно со политиката. Скопје Прајд Викенд започна скромно во 2013 година, инициран од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. Во своите почетоци, фестивалот беше фокусиран на филмски проекции и јавни дискусии — обиди да се создаде простор за ЛГБТ+ луѓето во општество кое ги игнорираше или отфрлаше. Но во 2016 година, под уметничкото раководство на Славчо Димитров, фестивалот доби нова насока. Се префрли фокусот од само преживување кон културна и интелектуална афирмација. Прајд Викенд стана сцена за современа квир уметност, критичка мисла и политички став. Денес, тоа е еден од најрелевантните квир фестивали во регионот, каде уметноста, активизмот и визијата за праведно општество се спојуваат во заеднички простор. Паралелно со растот на фестивалот, во 2019 година беше одржана и првата Прајд парада во Скопје — историски момент за ЛГБТ+ заедницата во Северна Македонија. Парадата не се појави од никаде. Беше резултат на години активизам, организирање и отпор. Денес, таа е годишен симбол на солидарност, гласност и надеж за иднина без страв и дискриминација. Целосната програма на фестивалот ќе биде достапна на нивната Фејсбук страница , а повеќе информации за претходното издание „ЈУГОКВИР“ може да се најдат на овој линк <<<.

  • БУКВАЛНО ЏЕЗ: Прво издание на скопскиот фестивал кој ветува спој на култура и ритам

    Скопје ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот БУКВАЛНО. ЏЕЗ., кој ќе се одржи од 19 до 25 мај 2025 година во културниот центар „Буква“. Овој нов фестивал ветува сеопфатна програма која ќе ги обедини љубителите на џезот и културата, нудејќи им богата палета на настани кои ќе се одвиваат во амбиенталниот простор и двор на „Буква“. Фестивалот ќе понуди интересна комбинација од предавања, изложби, проекции и, секако, многу џез музика. Сите настани се отворени и бесплатни за сите, со цел да се овозможи достапност до квалитетна културна содржина за широката публика. Што може да очекувате на БУКВАЛНО. ЏЕЗ.? Програмата на фестивалот е внимателно курирана и ги опфаќа сите аспекти на џез културата, но и нејзината поврзаност со другите уметности: ПОНЕДЕЛНИК | 19 мај Фестивалот започнува со џезот како поетски код: 17:00 ,,Џез: звук, слика, збор” — разговор со Владимир Мартиновски 19:00 Отворање на изложбата Jazz (дела од Диме Темков, Лучка Кошчак и Михаил Парушев) 20:30 Вечерен џез настап: Zulu 3.4 ВТОРНИК | 20 мај 18:00 ,,Џез вињети” со Александар Прокопиев — зборови со ритам 20:00 Вечерен концерт со Swing 42 СРЕДА | 21 мај 17:00 Кратки анимирани џез филмови: За џезот со душа (избор на Марија Савелева) 20:00 Живо со Хот Џез Оркестар ЧЕТВРТОК | 22 мај 17:00 ,,Азбука на скопскиот џез” — разговор со Кирил Темков 20:00 Џез сет во живо со Игор Спироски и Шурбе ПЕТОК | 23 мај 18:00 ,,Шпаклофонија” — инструМентални експерименти (Лукаш, Танасковски, Димовски) 20:00 Вечерен настап: Taxi Consilium САБОТА | 24 мај 13:00 ,,Џез во боја” — ликовна импровизација со Доротеј Нешовски 20:00 Концерт со Odron Ritual Orchestra НЕДЕЛА | 25 мај 13:00 Танцов мастер-клас « ,,Дај од џезот” со Билјана Грозданова – Венус 20:00 Финален концерт: Звук Караџиќ Сè се случува во „Буква“ — дворот, салата, просторот. Сè е отворено. Сè е бесплатно. Ако сакаш да помогнеш — набави симболичен билет (донаторска влезница). Сите донации се насочени кон продукцијата на фестивалот. Генерален партнер: Ford Trucks Поддржувачи: Colenco, Ponir, Симпозион, MultiQi, Badel, Винарија Попов, V’K Craft Distillery Организатори: Андреј Јованчевски, Анастасија Овчаренко, Александар Сандревски Дизајн: Марија Савелева, Александар Савелев Звук (видео): Владимир Голоухов Следи го фестивалот на Facebook . Поддржи го џезот. Буквално. Иако сите настани се бесплатни, организаторите овозможија начин за поддршка на фестивалот преку симболични донации. Сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на програмата и за развој на квалитетната културна сцена во градот. Доколку сакате да го поддржите фестивалот, можете да го направите тоа на следниот линк: https://drugastrana.mk/event/bukvalno-jazz/ Првото издание на БУКВАЛНО. ЏЕЗ. е поддржано од генералниот партнер Ford Trucks, како и од пријателите на фестивалот Colenco, Ponir, Симпозион, MultiQi, Badel, Винарија Попов и V'K Craft Distillery.

  • Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“ дел од Канскиот филмски фестивал

    Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“, под режисерската палка на Батухан Ибрахим, годинава го најде своето место на престижниот Кански филмски фестивал, селектиран во програмата „Short Film Corner“. Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“ на младиот режисер Батухан Ибрахим годинава доби престижна селекција во рамки на Short Film Corner на 78. издание на Канскиот филмски фестивал – најголемата сцена за светската кинематографија. Со ова, „ЛИМА“ не само што добива меѓународно внимание, туку и го зацврстува гласот на независната филмска сцена од Македонија на глобално ниво. Филмот ќе има и затворена проекција наменета за филмски дистрибутери и селектори, закажана за среда, 21 мај 2025 година, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry програмата во Кан. „ЛИМА“ е смел и интригантен експериментален филм кој ја следи одисејата на три силуети низ лавиринтите на времето и просторот на поранешна Југославија. Низ рушевини на заборавени спомени и скршена надеж, филмот се впушта во игра со меморијата, минатото и трансформативната моќ на она што било и што може да биде. Со својот уникатен визуелен јазик, „ЛИМА“ прикажува дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на енигматичниот ритам на минатото, трите тела оживуваат еден исчезнат свет, замрзнат во времето, кој пркосно одбива да избледе од сеќавањето. Филмот „ЛИМА“ е уште една потврда за растечкиот квалитет и креативност на независната филмска сцена во Македонија, демонстрирајќи спој на храбар уметнички израз и посветен креативен труд. Батухан Ибрахим е талентиран филмски режисер и сценарист со магистерска диплома по филмска и ТВ режија од Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото досегашно творештво е богато и разновидно, вклучувајќи кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ од 2020 година постигна значителен меѓународен успех, прикажан на над 20 фестивали и награден со 8 признанија. Независниот филм „Мавера“ од 2023 година, исто така, беше забележан на фестивалската сцена, освојувајќи специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и учествувајќи на неколку реномирани фестивали, меѓу кои и филмскиот фестивал во Тирана. Ибрахим во моментов е фокусиран на работата на својот прв долгометражен игран филм, паралелно развивајќи неколку нови краткометражни проекти. Креативниот тим на филмот „ЛИМА “: Режија: Батухан Ибрахим Продуценти: Батухан Ибрахим, Јасмина Билаловиќ и Ивана Балабанова Ко-продуценти: Апофенија Пост и Стефан Ѓорѓиевски Директор на фотографија: Стефан Ѓорѓиевски Кореографија: Ивана Балабанова Асистент на режија: Марија Бошковска Играат: Тереза Лазарев, Стефани Шааршмидт, Софи Ларсон Костим: Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ, Маја Ѓуреска Шминка: Павел Маслов Фотографија на сет: Ања Калин Видео на сет: Мартин Михајлов (Марсбен продукција) Филмот е во продукција на: К.Ц. МЕДИА АРТЕС, Зенит Продукција и Танц Бункет Поддршка на проектот: Реализацијата на филмот „ЛИМА“ е овозможена со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Битрикс Културен Центар и НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид. „ЛИМА“ не е обичен краткометражен филм. Тоа е манифест – креативно сведоштво дека уметноста, дури и во услови на ограничени ресурси, може да зборува гласно, јасно и универзално. Настапот во Кан е потврда дека македонскиот филм може да биде и интимен и глобален, и експериментален и релевантен. Селекцијата на „ЛИМА“ во Кан е признание не само за авторот, туку и за енергијата и квалитетот на целата независна сцена во Македонија. Филмот отвора врати и праќа порака: автентичните приказни имаат свое место

  • Изложба во чест на мајсторите: Младите уметници ја продолжуваат традицијата на модернизмот

    На 20 мај 2025 година (вторник), со почеток во 20 часот, во галеријата „Империјал 2“ ќе се отвори годишната изложба „Четирите мајстори на модернизмот“, на која ќе се претстават студентите од четврта година на Студиската програма за сликарство при Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Изложбата е посветена на четворицата темелачи на современото сликарство во Македонија и основачи на Катедрата за сликарство: Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков. Преку оваа традиционална манифестација, се оддава почит на нивниот уметнички и педагошки придонес, а истовремено се отвора простор за новите генерации уметници да се претстават пред јавноста. Оваа година ќе изложуваат: Андреј Антевски, Ана Томовска, Благица Трајкоска, Горазд Николовски, Елена Стојкова, Ема Теовска, Марија Ќурчиева, Марија Нешкоска, Павел Бучковски и Христијан Петровски. Посебен гостин на изложбата е и Хорхе Триано, студент на Еразмус програмата. Студентите се од класата на професор Благоја Маневски (прва до трета година) и професор Ангел Миов (четврта година), кои со својата работа го продолжуваат духот и критичкото размислување на модернистичкото сликарство во македонскиот контекст.

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page