top of page

Резултати од пребарување

Search this site

1211 results found with an empty search

  • Да Џака Накот најави збогување со македонската хип хоп сцена (ИНТЕРВЈУ)

    Еве сме во истата ситуација: Да Џака Накот издава нова музика, а ние треба да се потсетиме дека ретко кој со толку конзистентност, толку често излегува со нови парчиња музика дали се тоа синглови, ЕП-а, ремикси, реизданија или албуми, таа река од рими, ритмови, гневна, артикулирана, и доколку се загледате подобро: со заплакано лице, не престанува. Ова нѝ беше забелешката, откако го ислушавме најновиот сингл на Да Џака Накот – Мелем (Шурикен Рекордс). Нетипичен за него во темата: од социјални теми до спиритуално патување, од неговиот кауч до џунгли и степи, со амбиција да се препороди како Феникс, но овој пат, без его. Флоуот е добро познат – македонскиот јазик, ставен во функција толку вешто е секогаш одново изненадување, ритамот од друга страна е смирен, и звучи како JPEG Mafia, оној олд скул хип хоп во кој македонските рапери се заљубени, и е заменет со експериментален, нешто што се чини дека станува тренд со амбициозните хип-хопери, воопшто. Мелем излезе на 13-ти мај, петок тринаесетти, (на ист ден кога и двојниот албум на Кендрик Ламар, Mr. Morale and the Big Steppers) а не помина ни една недела, кога наизглед од никаде Да Џака Накот сподели со нас дека ќе се збогува со македонскиот хип хоп. Реката, сепак се чини дека секна. Но, сепак не без достојно збогување: за 30-ти септември е најавена журка за преслушување на веќе најавениот албум, во МКЦ, кој следниот ден ќе биде објавен (на дигиталните платформи). Да Џака Накот е дел од Легијата која пред тоа (пред 2008) одела со името Против сите. Иако нѝ се чини дека сме биле тука некаде кога се раѓал македонскиот рап, со концертот на Чиста Околина кај Пошта, преслушување на албуми на САФ во Буњаковец, и мотањето во студио на Темната страна кај Аго во маало, сепак Против сите и Да Џака Накот предничат на сето набројано: тие почнуваат со креативна работа во 1992 практично како деца, кога рапот бил стар колку самите нив. За контекст: во 1992 година, е издаден The Chronic на dr.Dre, Check Your Head на Beastie Boys, и секако Totally Crossed out на Kriss Kross :). Во 1992та, кога Легијата почнале да се опробуваат - се формирани Wu Tang Klan! Од една страна е фасцинатно и покажува зошто Македонија е на мапата на глобалниот хип хоп (сосема признаени!), од друга страна како и со повеќето работи во Македонија нема речиси никаков белег за тоа: нема озбилно музичко новинарство, а камоли специјализирано за хип хоп, нема изданија, реизданија, компилации ништо од стандардните механизми за пишување на историјата на една култура. Но, ги имаме социјалните мрежи, каде стои архивирањето на оваа битна супкултура на кревките нозе на ентузијастите и личните колекции и албуми од слики, музика и информации. Го пишувам текстов, а низ прозорите се вовлекува хип хоп ритам кој доаѓа од саботна дневна журка од комшиското Баду, и ми пристигнуваат најавените одговори на прашањата кои ги пратив по порака. ДИВА: Имаш во интервјуа споменато дека пишуваш книга, која дури има и наслов Од А до Џ, дали ќе го види светлото на денот, и можеби ќе биде објавена? ДА ЏАКА НАКОТ: Книгата од "А до Џ" планирам да ја објавам во два дела поради обемноста на материјалот, имено во неа пишувам за мојот живот, за рапот во Скопје и неговата историја, меѓутоа колку повеќе пишувам, толку повеќе работи се имаат да се допишат, и се враќам во години и допишувам случки и дешавки.Опфаќа период од мојата рана младост, од детство па сè до снимањето на првиот албум на Легијата во 2006. Многу детали и многу имформации, за секој што го интересира Скопската сцена која го роди рапот во Македонија, како и каде се случуваа тие работи, на места кои веќе ги нема, со луѓе кои ги нема и на локации кои веќе не постојат, за едно Скопје од сеќавањата. Пролет 2023 ќе ја објавам првата книга, имам и издавач од Македонија кој е заинтересиран за проектот. Во меѓу време излегува Live On, No Evil палиндромскиот албум со 22 песни, многу гости, продуценти гости, и нов звук како за мене, така и за целата сцена во Македонија. ДИВА: Твоето збогување е со музиката воопшто, или само со македонскиот хип хоп? ДА ЏАКА НАКОТ: Последен албум на Џака Накот. Имам снимено повеќе од 400 песни, што сметам дека е доволно за да можам да се пензионирам, самиот факт што не живеам во Македонија со години е дел од таа одлука, вториот аспект е дека сцената е доволно силна и различна за да може да издржи без мои активни изданија, ќе продолжам да работам, единствено мојата соло кариера како Џака Накот ја завршувам со овој албум, Роки Марчијано стил. ДИВА: Значи, ќе продолжиш со музиката? ДА ЏАКА НАКОТ: Веќе повеќе години снимам на англиски и полски со GL!TCH (мојот cyber-punk бенд од Германија) и планирам во тој правец да ја продолжам работата, тоест да ја насочам енергијата, веќе работам на новиот проект. ДИВА: Има ли конкретна причина која можеш да ја посочиш? За збогувањето со сцената овде? ДА ЏАКА НАКОТ: Отсекогаш планирав Џака Накот проектот да биде трилогија на албуми, но некако ми се снимаше, сум имал што да кажам, можеби и оној младалачки пристап кога мислиш дека имаш некое влијание и дека луѓето навистина слушаат. Кога реално на никој не му е гајле, а мене ми беше и повеќе од што требало, сум инвестирал и време, пари и здравје, и после толку години е исцрпувачки да даваш максимум а да ги имаш тие состојби во Македонија кои ги имаш, од секој аспекти социјален и политички. Се гледаме на промоција во Скопје на 30 септември, во МКЦ, а до тогаш имате по еден сингл од мене секој месец на мојот канал на Јутуб, како и на сите платформи. Една љубов. - заклучи Да Џака Накот, и додека веќе привршував со текстот агресивно и намерно брмчење со мотор и свирење на коли украсени со бели машни предизвикаа плач на заспаните комшиски бебиња, и бегањето „главом без обзира„ на маалските животинчиња... музиката која ги придружуваше скоро сосема го потона пријатниот фон од Баду. Во било кој друг ден, мислата која би произлегла на оваа сè повообичаена сцена е дека West Side Skopje, Влае, ја губи битката и описот кој го придружува кога се пишува за него „урбаната населба Влае„ со малигниот вулгарен сељачизам, кој нема ниту осет ниту обзир. Но иако Џака го напушти, сепак нѝ фрли појас за спасување и ќе продолжи тоа да го прави. Таман додека се регрупираме и се прешалтаме од летаргија, до дефанзива, во офанзива! Муницијата е овде! До тогаш слушајте го Да Џака Накот летово, и на 30-ти септември, узгоднети, одморени и исончани - се гледаме во МКЦ!

  • MDC доаѓаат во Скопје: легендите на американскиот хардкор панк ќе настапат во Pub Dze

    Американските hardcore punk легенди MDC на 9 мај ќе настапат во Pub Dze заедно со Barackca и Discops, носејќи една од најважните DIY punk свирки годинава во Скопје. Понекогаш некој концерт не функционира само како свирка, туку како мала историска пукнатина низ која влегува цела ера. Токму таков момент го чека скопската панк публика на 9 мај, кога култниот американски хардкор панк бенд MDC за првпат ќе настапи во Скопје. Формирани во 1979 година во Остин, Тексас, MDC (Millions of Dead Cops) се едно од клучните имиња во раниот американски хардкор панк бран, бенд што ја претвори музиката во политички мегафон. Во време кога панкот се делеше помеѓу нихилизам и директен активизам, MDC одбраа конфронтација: анти-фашистички, анти-капиталистички и анти-авторитетски текстови испорачани со брзина, бес и сарказам што и денес звучи опасно живо. Нивното влијание одамна ја надмина DIY сцената од осумдесеттите. Бендот често се спомнува рамо до рамо со имиња како Black Flag, Minor Threat и D.O.A., а низ децениите делеа сцени со низа клучни хардкор и панк состави. Нивниот звук комбинира суров хардкор ритам со политички театар, сатирични слогани и чувство дека секоја песна е фрлена како молотов коктел кон системот. Во речиси петдецениската историја, MDC имаат објавено 11 студиски албуми, од нивниот деби материјал до најновото издание „The Last War“, објавено минатата година. Иако многу бендови од нивната генерација денес функционираат како музејски експонати од една мината сцена, MDC сè уште звучат како бенд што верува дека музиката треба да предизвикува реакција, а не носталгија. Скопскиот концерт е дел од нивната европска хуманитарна турнеја „Millions of Dehumanized Civilians“, што дополнително ја продолжува политичката и активистичка линија која отсекогаш била дел од идентитетот на бендот. За локалната сцена, ова е редок момент: бенд од оваа тежина и историско значење ретко се појавува на македонски терен, особено во простор што ветува блиска, sweaty, DIY атмосфера наместо стерилен фестивалски дистанц. Како поддршка на турнејата ќе настапат и Barackca, ветерански хардкор панк состав од Будимпешта со повеќе од три децении искуство и речиси илјада концерти зад себе. Нивниот звук е директен, брз и без украсување, токму во духот на класичната европска DIY панк традиција. Локалната поддршка ќе ја обезбедат Discops, бенд што последниве години гради препознатливо име на домашната андерграунд сцена со валкан, енергичен и бескомпромисен панк звук. Концертот ќе се одржи во Pub Dze на 9 мај со почеток од 20 часот. Билетите ќе бидат достапни во ограничен број, со цена од 800 денари за првите 50 билети, 900 денари во редовна продажба и 1000 денари на врата. *** Alternative Club: Viber група за сите што ја живеат алтернативната култура во Македонија, вклучите се со само еден клик.

  • „Железничарот на крајот на светот“ вечерва премиерно во Железничката зграда во Скопје

    Перформативниот радио есеј премиерно ќе биде изведен на 5 мај во просторот на киното во Железничката зграда во Скопје, на улица Борка Талевски 26. Билетите за премиерата се однапред распродадени, а перформансот истовремено ќе се емитува во живо и на StereoLab Radio. „Железничарот на крајот на светот“ е имерзивно патување низ последните 130 години од светската историја, од 1896 до 2026 година, во кое работничките и синдикалните борби на железничарите се испреплетуваат со некои од најзначајните уметнички движења на XX век, но и со подемот, падовите и постојаната закана од фашизмот. Во темнината на црната кутија, публиката, лишена од сетилото за вид, преку звук, простор и телесно присуство е повикана да го доживее минатото на радикалните, прогресивни, левичарски, автономистички, синдикални и уметнички движења, но и да замисли иднина во која нивните идеи за солидарност и заедништво би можеле повторно да станат реалност. Перформансот е развиен преку колаборативно истражување на пресекот меѓу визуелната уметност, архитектурата, музиката и изведбените уметности, надоврзувајќи се на документарна и истражувачка работа за историското, општественото и културното значење на железничарите во поранешна Југославија. Авторскиот концепт и сценскиот дизајн се на , додека развојот на перформансот е на Јовановски и . Текстот го потпишуваат Леловац и . Креативната продукција и соработката на сценскиот дизајн се на , а изведувачка е . Оригиналната музика и дизајнот на звук се на , продуцент е , а кураторскиот поглед е на . Проектот е продукција на во партнерство со Лабораторијата за просторно-изведувачки практики „ГРАДОТ КАКО СЦЕНА“, која функционира во рамки на и . ФРУ, односно „Факултет за работи што не се учат“, е една од најзначајните независни културни платформи во Македонија, активна од почетокот на 2000-тите. Организацијата работи на пресекот меѓу современата уметност, архитектурата, јавниот простор, политичката теорија и граѓанскиот активизам, а нивните проекти често отвораат прашања за колективната меморија, социјалната правда и културното наследство.

  • Екологија на тишината: човекот што садеше дрвја

    Анимираниот филм The Man Who Planted Trees (1987) зборува за она што често го забораваме во време на избори: дека вистинските градители не ветуваат, туку засадуваат. Нашиот свет во моментов е потопен од пароли и ветувања, „Човекот што садеше дрвја“ зборува тивко” и токму затоа погодува осетлив нерв. Филмот на Фредерик Бак, создаден рачно, како молитва во движење, е повеќе од анимација: тој е манифест на тивката упорност. Приказна за еден човек кој без аплауз и без сведоци ја менува својата земја, садејќи живот таму каде што останала само прашина. Во време кога зборот „екологија“ звучи како празен слоган, оваа трисетминутна приказна потсетува дека вистинската грижа е чин на љубов – без потреба да биде забележана. За филмот The Man Who Planted Trees (L’homme qui plantait des arbres) е краток анимиран филм од 1987 година, режиран и илустриран од Фредерик Бак, канадски аниматор и еколошки активист со француско потекло. Сценариото е базирано на истоимената новела од Жан Жионо (Jean Giono, 1953), фиктивна, но инспирирана од реални ликови и пејзажи на Прованса. Филмот ја раскажува приказната за еден осамен овчар кој, во текот на децении, сам ја преобразува својата опустошена земја во зелена долина, садејќи илјадници дрвја. Без зборови за слава, без политички програми — само преку трпение, верба и секојдневен труд. Анимацијата е целосно рачна, создадена со пастел и акварел, со повеќе од 20.000 индивидуално нацртани кадри. Во 1988 година, филмот ја освои наградата „Оскар“ за најдобар краток анимиран филм, а денес се смета за едно од највлијателните дела во историјата на еколошката уметност. „Секој цртеж е семе. Ако никне кај некого, мојата работа е завршена.“ — Фредерик Бак ▶️ Види го филмот

  • Балканска музичка сцена во Европа: „Сесија за музичката сцена“ во Скопје ги отвора прашањата за мобилност, пазар и културна стратегија

    На 30 април во Лабораториум, Скопје, музички професионалци, европски експерти и независни артисти ќе дискутираат за пробивот на Балканот на европската музичка сцена, структурните бариери и новите можности за меѓународен развој. Во рамките на „Форумот за праведност во културната мобилност 2026“, на 30 април во „Лабораториум“ во Скопје ќе се одржи „Сесија за музичката сцена“ – програмски сегмент посветен на позицијата на балканската музичка индустрија во европски контекст, со фокус на мобилност, структурни пречки и развојни стратегии. Организирана од Канцеларијата за Креативна Европа – Северна Македонија во соработка со „Пасворд продукција“, сесијата ќе отвори директни разговори за тоа колку регионалната музичка сцена навистина има пристап до европските пазари, фондови и мрежи, но и кои системски ограничувања го отежнуваат тој процес. Програмата започнува во 9:30 часот со панел-дискусијата „Пробив? Музичка мобилност и структурни бариери на Балканот“, каде ќе се разгледуваат европските политики за култура, можностите на „Креативна Европа“, регионалната соработка, зелената транзиција во музичкиот сектор и местото на балканската музичка индустрија во поширокиот европски екосистем. Меѓу говорниците се Малгожата Шлендак од Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура при Европската комисија, Данијела Јовиќ од EACEA, Рут Јакоби од Европскиот музички совет, Гвендолен Шарп од „The Green Room“, Рут Колева од Sofia Live Festival и Лазе Трипков од „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Панелот ќе го модерираат Билјана Прентоска од македонската Канцеларија за Креативна Европа и Анера Стопфер од хрватската канцеларија, што дополнително ја нагласува регионалната рамка на настанот. По кафе-паузата, од 11 до 12:30 часот, следува интерактивната работилница „Пробиј ги границите: мобилност, менаџмент и пристап до пазарот за млади балкански артисти“, наменета за музичари и професионалци кои сакаат практично да ги развиваат своите европски стратегии. Под водство на Владимир Стојчевски, со учество на експерти од European Music Exporters Exchange, Hangvető, Mastering the Music Business, бугарската музичка асоцијација, „Пасворд продукција“ и домашната независна сцена, работилницата ќе вклучува самопроценка за извозна подготвеност, pitch презентации со директен feedback, како и креирање индивидуални планови за меѓународен развој. Со ваква структура, сесијата не останува само на разговор за проблемите, туку нуди и конкретни професионални алатки за артисти кои сакаат да излезат надвор од локалниот контекст.

  • Концерт на „Загушљиви дим“ и „Improof“ во Котур

    Експериментален рок и жива импровизација во кафе-киното Котур, со гости од Хрватска и активна улога на публиката. Во вторник, 10 февруари, кафе-киното Котур ќе биде домаќин на концертна вечер посветена на експерименталната и импровизаторска музика. На сцената ќе настапи хрватскиот бенд Загушљиви дим , придружени од македонскиот импровизаторски состав Improof . Концертот започнува во 21 часот, а влезницата чини 300 денари. „Загушљиви дим“ е power трио од Чаковец, Хрватска, чиј звук се движи меѓу пост-рок, психоделија и прогресивен рок, споени во густ, инструментален израз. Своите настапи ги опишуваат како мантрични музички патувања насочени кон истражување на чудесното, морничавото и непознатото, но и на она што на прв поглед ни делува познато. Во изминатите години бендот активно настапува низ Балканот, а минатата година свиреа и во Загреб со македонскиот состав Луфтанза . Вечерта ќе ја отвори „Improof“, импровизаторската страна на македонскиот алхемичарски состав Алембик . Нивните настапи се интерактивни и се базираат на извлекување карти од шпилот Oblique Strategies  на Брајан Ино , кои содржат кратки и апстрактни музички насоки. Врз основа на извлечената инструкција, бендот гради музички сегменти во самиот момент, оставајќи простор и публиката активно да учествува во процесот и во звучното искуство што се создава пред нив. Концертот е во организација на независната музичка издавачка куќа Мртов коњ , која веќе подолг период е еден од клучните двигатели на независната музичка сцена во Македонија. Преку организација на концерти, турнеи и издавачка дејност, „Мртов коњ“ стои зад промоцијата и дистрибуцијата на изданија од бендови како Корка , Кем , Големата вода , Алембик  и многу други.

  • Зајакот бегалец

    Бед Бани го освои светот. Ова лето се врати дома. Автор: Келефа Санех 15 септември 2025 Во 2016 година, еден заводлив ремикс на песната „Diles“ почна да пулсира низ стриминг-платформи и ноќни клубови. Во неа настапуваа неколку порторикански изведувачи, но главниот беше нов хитмејкер со смешно име и сериозен глас: Бед Бани( Bad bunny). Неговото вистинско име е Бенито Антонио Мартинес Окасио; уметничкото име, како што подоцна дознаа обожавателите, било инспирирано од фотографија од детството на која тој намуртен стои облечен во костим на зајак. Гласот му беше тажен и елегантен: пееше (а понекогаш и рапуваше) со некоја рамна, речиси литургиска сериозност - дури и кога ритамот и текстот сугерираа разиграност, што често се случуваше. „Diles“ значи „кажи им“, а во песната Бед Бани ја поттикнува една жена да им каже на нејзините пријателки колку добро се однесувал со неа. „Dice que le gusta hacerlo con mis temas de trap“, пее тој: „Вели дека сака да го прави тоа на моите трап песни.“ Тоа беше и сексуална и музичка фалба. Новиот стил наречен латино-трап беше во подем во Порторико, и Бед Бани се самопрогласуваше за еден од неговите најсилни гласови. Девет години подоцна, јасно е дека Бед Бани имал причина за својата нескромност - барем кога станува збор за музиката. Со шест одлични соло-албуми, тој прво се утврди како најголемиот успех на латино-трап сцената, а потоа како нешто сосема друго: стилски и непредвидлив ѕвезден феномен без вистински претходник или ривал. Можно е да е најпопуларниот пејач на шпански јазик во историјата, а веројатно и најважниот музичар на светот во моментов - личноста кон која идните генерации ќе посочуваат кога ќе зборуваат како звучеле раните дваесетти години од овој век. („Un Verano sin Ti“ од 2022 е најслушаниот албум во историјата на Spotify, а минатиот месец една негова песна стана првата од 2025 што достигнала милијарда слушања на платформата.) Настапуваше како професионален борач (WrestleMania 37), глумеше во филмови („Bullet Train“, „Happy Gilmore 2“, „Caught Stealing“), беше во врска со Кардашијан (Кендал Џенер) и соработуваше со модни брендови (Adidas, Calvin Klein). Но една од тајните на неговиот успех е токму тоа што колку повеќе расте, толку повеќе изгледа како да не си заминал од дома. Ова лето беше токму таму: во Порторико, со резиденција од триесет концерти во најголемата сала на островот: Колосеумот „Хосе Мигел Агрелот“, со капацитет од речиси дваесет илјади луѓе. Во една врела, дождлива августовска сабота, додека ураганот Ерин беснееше во близина, концертот почна со десетици танчери и тапанари во традиционални порторикански носии. Бед Бани се појави во нешто помалку традиционално: крзнена капа, како да штотуку пристигнал од некое студено место и му е мило што е повторно дома. Настанот беше прослава, но и со нијанса на тага. Резиденцијата се вика „No Me Quiero Ir de Aquí“ („Не сакам да си одам одовде“) , фраза што често ја користат славни кои премногу патуваат. (Во еден од претходните албуми, Бед Бани му се подбива на непознат ривал со стихот: „Никој не те знае, ни во твоето маало / Вчера бев со Леброн, и со ДиКаприо.“) Во оваа сала, „овде“ беше на два начина: главната сцена, обвиена со зеленило и магла, потсетуваше на нераспоседнат рид, а во задниот дел имаше ниска розова куќичка како место за дивa домашна забава. Додека ја изведуваше грмогласната „Safaera“, Бед Бани пееше од покривот на куќичката, а еден од гостите под него танцуваше толку жестоко со украсно растение што изгледаше како да се обидува да го оплоди. Двете сцени го симболизираа двојниот импулс на неговиот најнов албум „DeBÍ TiRAR MáS FOToS“ („Требаше да сликам повеќе“), кој ги спојува најсовремените тракови со влијанија од салса и други постари порторикански стилови. Кога се искачи на „вештачкиот рид“ за да ја отпее „PIToRRO DE COCO“, омаж за домашната музика и домашното пијалче, го придружуваше четирижична гитара куатро, типична за џибаро музиката, а тој држеше тегла што изгледаше како вистинскиот самогон од песната. Неговиот воздржан стил прави неговите рефрени уште позаразни, и маестрално ја користи контрадикцијата помеѓу мирниот глас и бучната енергија на музиката. Целата вечер изгледаше како да создава сопствен микроклимат барем петнаесет степени постуден од сите во салата. Можеби затоа и ја носеше капата. Пред латино-трапот, Порторико беше опседнат со регетон разметлив стил со стакато ритам наречен дембо, потекнат од џамјанскиот денсхол. (Името доаѓа од песната „Dem Bow“ на Шаба Ренкс од 1990.) Во 2000-тите, експлозијата на регетон ги направи ѕвезди Деди Јенки и Дон Омар, кои беа и ривали. Латино-трапот, инспириран од јужниот американски хип-хоп, беше поспор, потемелен и попроменлив. Во почетоците се поврзуваше со секс и насилство; неколку месеци пред ремиксот на „Diles“, Ануел АА, еден од пионерите на движењето, беше уапсен и осуден на две и пол години затвор поради нелегално поседување оружје. Бед Бани ги спои двата жанра, но со интроспективен пристап: во „Soy Peor“ („Полош сум“), песната што го направи ѕвезда, зборува дека купил пиштол само за да го „убие Купидон“ и да му се одмазди за скршеното срце. Од почеток, Бед Бани негувал боемски имиџ; повеќето фанови не се изненадија кога во видеото за „Estamos Bien“ (2018) покажа нокти насликани во светло сина боја. Подоцна стана и политички активист го носи светлосиниот Порторикански знаме што го симболизира движењето за независност и јавно ја критикува владејачката Нова Прогресивна Партија (П.Н.П.), која поддржува државност. П.Н.П. беше на власт во 2017, кога ураганот Марија одзеде речиси три илјади животи и предизвика месеци без струја. (Во 2022 ја објави „El Apagón“ – „Прекин на струја“, гневна и горда химна на порториканскиот идентитет.) Минатата година финансираше дигитални билборди со пораки како „votar pnp es votar por la corrupción“ („да гласаш за П.Н.П. значи да гласаш за корупција“). Единствената сцена што сè уште не ја освоил е политиката: есента, кандидатката на П.Н.П. Џенифер Гонзалес-Колон стана гувернерка на Порторико. Таа одби да присуствува на концертите, иако призна дека резиденцијата е „голема можност“ за островот бидејќи привлече туристи од целиот свет. Токму туризмот беше една од темите на вечерта. Првите девет концерти беа продадени лично и исклучиво за локалци, но подоцнежните билети ги купија и посетители, што го преполнија Сан Хуан и дури придонесоа за економски раст Moody’s објави мало подобрување на прогнозата, нарекувајќи го „ефектот на Бед Бани“. Во арената се слушаа американски акценти; публиката доби приврзоци со светлечки камери симбол на албумот, но и знак дека сите сме туристи. На сетлистата беа и „TURiSTA“ меланхолична балада за љубовник кој сака да ги види само забавните делови од неговиот живот и „LO QUE LE PASÓ A HAWAii“, предупредување со рефрен: „Не сакам да ти го направат истото што ѝ го направија на Хаваи.“ По мрачниот момент, повика салса оркестар што ја претвори меланхолијата во славење. До „DtMF“, главниот рефрен веќе се претопи во празнична исповед: „Требаше да сликам повеќе кога те имав / требаше да те гушкам и бакнувам повеќе, кога можев.“ Неколку локалци плачеа. Следното утро, Бед Бани ретвитна вест дека ветерот од ураганот Ерин оставил без струја 150.000 домови. Бед Бани имаше среќа што кариерата ја започна токму кога интересот за латино музика нагло растеше: во 2017, само неколку месеци по „Diles“, Луис Фонси го објави „Despacito“ со Деди Јенки светски хит што покажа дека публиката во САД е подготвена да пее и на шпански. Истовремено, стримингот го обедини глобалниот аудиториум и потсети дека англофоните се малцинство. Бед Бани понекогаш се оддалечуваше од традиционалното порториканско звучење неговиот прв албум „X 100PRE“ (2018) содржи емо-трап песна со електрична гитара. Денес се враќа кон корените, и на сцената во Колосеумот изгледаше и изненаден и возбуден што се „преродил“ како салса пејач со пола работно време. За време на резиденцијата, ја полнеше својата „касита“ со гости од Порторико и целиот континент, претворајќи ја арената во културен центар на Америка. Таа августовска вечер таму беа Џон Хем, комичарот Рејмонд Ариета, пејачите Беки Џи и Иван Корнехо, и регетон-ѕвездата Де ла Гето. Благодарение на Бед Бани, порториканската музика денес е глобален феномен: неговото влијание се слуша во песните на шпанецот Кеведо, на чилеанецот Крис МЈ, и на колумбиецот Бееле, чиј нов албум „BORONDO“ се инспирира од Сан Хуан, Кингстон, Лагос и понатаму. Но во моментов, сета таа музика не звучи како конкуренција туку како доказ дека наследството на Бед Бани сè уште расте, и дека неговата ера не е завршена. ♦︎

  • Отворен повик за учество на 58. Светска галерија на карикатури – Скопје 2026

    ОСТЕН го објави јавниот повик за учество на 58. Светска галерија на карикатури – Скопје 2026, со краен рок за пријавување и пристигнување на делата до 31 мај 2026 година. ОСТЕН – Светска галерија на карикатури  го објави јавниот повик за учество на 58. Светска галерија на карикатури – Скопје 2026, која и оваа година ќе ги собере карикатуристите од целиот свет. Крајниот рок за пријавување и пристигнување на делата е 31 мај 2026 година. Пријавувањето се врши со пополнување на официјален формулар (електронски или рачно), кој заедно со фотографија, кратка биографија и дигитални репродукции од делата треба да се испрати на е-поштата cartoons@osten.com.mk . Истите дела, без разлика дали се оригинални или дигитални, отпечатени, нумерирани и потпишани, задолжително треба да се испратат и по пошта, заедно со отпечатен и потпишан формулар, на адресата на ОСТЕН во Скопје, со назнака дека немаат комерцијална вредност и се наменети исклучиво за изложба. На задната страна од секое дело потребно е јасно да се наведат името на авторот, земјата и насловот на делото. Организацијата на 58. издание на Светската галерија на карикатури ќе се одвива во четири фази: апликација до крајот на мај 2026 година, селекција и објава на селектираните автори во јуни, жирирање и објава на финалистите во периодот јули–август, како и објава на наградените карикатуристи во септември 2026 година. Официјалната изложба и свеченото доделување на наградите се планирани за ноември и декември 2026 година во Скопје. Годинава повторно е предвиден и меѓународен награден фонд. Ќе биде доделено Гран при за животно остварување, како и прва и втора награда, пет трети и пет посебни награди. Дополнително, ќе биде доделена и наградата „Цицо“ за македонски карикатурист, востановена во чест на Василије Поповиќ – Цицо. Како да се пријавите За редовно пријавување, апликантите треба да: пополнат формулар за пријавување (електронски или рачно) и да го испратат по е-пошта на cartoons@osten.com.mk , заедно со фотографија, кратка биографија и дигитални слики од пријавените дела; истите дела, без разлика дали се оригинални или дигитални (отпечатени, нумерирани и потпишани), да ги испратат и по пошта, заедно со отпечатен и потпишан формулар, на адресата: ОСТЕН – Светска галерија на карикатури, „8-ма Ударна бригада“ 2, 1000 Скопје, со назнака: Без комерцијална вредност – само за изложба; на задната страна од секое дело јасно да го наведат своето име, земјата и насловот на делото. Фази и рокови Процесот на организација на 58. СГК Скопје 2026 ќе се одвива во четири фази: апликација – до 31 мај 2026 селекција и објава на селектирани автори – јуни 2026 жирирање и објава на финалисти – јули–август 2026 објава на наградените карикатуристи – септември 2026 Официјалната изложба и доделувањето на наградите ќе се одржат во ноември–декември 2026 година во Скопје. Награди Галеријата предвидува значаен награден фонд: Гран при за животно остварување – 1500 долари и скулптура (одлука на амбасадорите на ОСТЕН) Прва награда – 1000 долари и плакета Втора награда – 500 долари и плакета Пет трети награди – плакети Пет посебни награди – плакети Награда „Цицо“ за македонски карикатурист – плакета, во чест на Василије Поповиќ – Цицо Формуларот за пријавување може да се преземе онлајн, а организаторите ги охрабруваат авторите да ја споделат информацијата со своите колеги и пријатели. Повеќе детали се достапни на www.osten.mk , како и преку контакт-мејлот cartoons@osten.com.mk .

  • Локомотива на Canal 2026: македонската кореографија во европскиот танцов разговор

    Локомотива, Викторија Илиоска и Тереза Лазарев ќе ја претстават современата сцена од Северна Македонија во Витри-сир-Сен. Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата од Северна Македонија ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse, која во јануари ќе се одржи во Витри-сир-Сен, во близина на Париз. Настанот обединува десет француски танцови институции и шест институции од Балканот, вклучувајќи ги Грција, Словенија, Бугарија и Северна Македонија, и претставува еден од поретките формати во кои регионалната кореографска сцена се појавува не како маргинален гостин, туку како рамноправен соговорник во европскиот танцов екосистем. Canal 2026 ќе претстави 32 уметнички тима преку извадоци од перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти. Програмата ќе се одвива на три локации – La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar – а паралелно ќе постои и онлајн издание на платформата cnd.fr , кое започнува од март 2026. Форматот ја нагласува тенденцијата современиот танц сè повеќе да функционира како поле на истражување и институционален дијалог, а не само како сценска форма. Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на организацијата и ќе ги претстави кореографките и танчерки поврзани со нејзината програма: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија во петок, 30 јануари, во MAC VAL, на тема „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“, прашање што ја отвора комплексната мрежа на продукциски услови, институционални ограничувања и уметнички стратегии што ја дефинираат сцената во регионот. Во рамки на уметничките презентации, Викторија Илиоска ќе ја претстави својата пракса, вклучувајќи го и проектот Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг кој го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на културни кратења и економии што често функционираат екстрактивно, работата ја поставува публиката не како пасивен набљудувач, туку како активен материјал на ситуацијата, каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како колективни ресурси. Делото го поставува прашањето за што треба да се тренираме како колективно тело во иднината што доаѓа, во време кога самата идеја за заедничко станува сè покревка. Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса преку Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја испитува врската меѓу колективната меморија и личната танцова меморија. Проектот прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото, не само како физичка форма, туку како носител на искуства и траги од историски и интимни прекини. Како дел од истражувањето, Лазарев ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски, во кој движењето и звукот функционираат како слоеви на меморија што се преплетуваат во реално време. Учеството на Локомотива на Canal 2026 е индикативно за пошироката динамика во која балканските кореографски практики сè почесто се читаат како релевантни токму поради условите во кои се создаваат: во средини со ограничени ресурси, нестабилни институционални рамки и постојана потреба од адаптација. Во таа смисла, овие дела не се само презентации на естетски јазици, туку и модели на уметничко преживување и колективна имагинација. Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд, CN D и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт и француските министерства за култура и надворешни работи. Организаторите нагласуваат дека содржината и изразените мислења не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.

  • Куќата од мали коцки – тивка анимација за сеќавањата, времето и загубата

    Наградуваниот анимиран краток филм „Куќата од мали коцки“ на Кунио Като е бездијалошка, поетска медитација за стареењето, сеќавањата и животот што потонува слој по слој. (погледнете го на крајот на текстот) „Куќата од мали коцки“ (The House of Small Cubes )е мал, тивок, речиси невидлив филм ако не му пријдеш со забавено дишење како да приоѓаш на пеперутка или диво животно. Нема дијалог, нема објаснување, нема потреба да се „разбере“, само да се остане со него некое време, како со стара фотографија пронајдена меѓу страници на книга. Што ќе видиме кога ќе се приближиме? Куќа што расте нагоре бидејќи водата непрестајно расте. Старец кој додава нов кат секогаш кога сегашниот ќе стане неупотреблив. Секој кат е сегашноста, секое нурнување е во минатото. Просторите што веќе не можат да се живеат не исчезнуваат, тие само тонат. Под водата остануваат маси, чаши, детски чекори, нечии очи. Архитектурата тука не е функционална, туку мемориска. Куќата е тело. Водата е време. Филмот трае дванаесетина минути, но се чувствува како еден долг внатрешен монолог што никогаш не бил изговорен. Визуелниот јазик на Като е намерно кревок: линии што не се сигурни во себе, бои што личат на сеќавање пред да избледи. Нема спектакл, туку упорна, тврдоглава тишина. Токму таа тишина ја носи емоционалната тежина. Куриозитет што вреди да се знае: филмот ја доби наградата Оскар за најдобар краток анимиран филм во 2009 година – редок момент кога нешто толку интимно и антиспектакуларно влезе во центарот на глобалната сцена. Кунио Като, дотогаш релативно маргинален автор, остана верен на својот минималистички, речиси зин-естетски пристап и по овој успех. Ниту го „објасни“ филмот, ниту го претвори во платформа за големи пораки. Често се чита како алегорија за климатските промени, но филмот одбива да биде заклучен во еден кат. Може да се чита како филм за стареењето, за губењето, за прилагодувањето, за животот што продолжува и кога не изгледа логично да продолжи. Или едноставно за тоа како ги складираме спомените: не во главата, туку во просториите што веќе не ги користиме. Зошто да се гледа? Затоа што The House of Small Cubes не бара ништо од гледачот, освен внимание, присутност. Затоа што нè потсетува дека минатото не е зад нас, туку под нас. Дека се раѓаме во иднината секој ден. И затоа што во култура што постојано бара гласност и став, овој филм избира нешто порадикално: тивка, упорна емпатија.

  • Дисциплина на светлината: Како двајца професори од Нови Сад со сребро и трева го бранат човечкото сеќавање од заборавот

    Изложбата „Дисциплина на светлината“ на Јелена Ковачевиќ Воргучин и Предраг Узелац во Скопје ја затвора сезоната на Зрно фестивал со радикална одбрана на фотосинтезата како метафора за меморијата. На периферијата на есента, кога Скопје делува како град што чека да се накрене завесата за уште еден чин на непредвидливост, Зрно фестивал ја затвора својата година со гест на тивка одлучност: изложба на двајца професори од Нови Сад што го третираат светлото како дисциплина , не како алатка. Не како ресурс, туку како субјект. Јелена Ковачевиќ Воргучин и Предраг Узелац : двајца внимателни луѓе кои, на свој начин, секојдневно се занимаваат со најстарото прашање на фотографијата: ако светлината е сведок, кому точно сведочи? Во салата Империјал 2 во КИЦ–Скопје, нивните дела стојат едно до друго како два модела на постоење. Едниот, органски, зелен, минлив. Другиот, металоиден, упорен, но длабоко човечки. Заедно, тие го носат она чувство што го препознаваме кога ќе влеземе во тивка, добро курирана галерија: воздухот е ист, но просторот станува подлабок од сопствените ѕидови. Делата на Предраг Узелац го носат здивот на друга епоха. Не од носталгија, туку поради изборот на медиум што одбива да се одрече од тежината. Дрвена камера, стаклена плоча, сребрен раствор. Тоа не е само техника. Тоа е цел систем на верување: дека фотографијата сè уште може да биде сведоштво што не се распаѓа во дигиталната брзина. Узелац ги снима своите лицата на своите модели , тие се обични: граѓани, минувачи, луѓе со кои би се разминале на улица без да ги забележиме, но под неговите услови стануваат нешто друго, нешто што го тера гледачот да се задржи подолго отколку што првично планирал. „Сепак херои“ е проект што не бара од публиката да го препознае херојството; тој ѝ дава време да го види. Херојот, по Узелац, е оној што не излегува од рамката на своето секојдневие човек што го брани својо интегритет без барање видливост. Јелена Ковачевиќ Воргучин, пак, постапува како да е дел од тивка алхемија. Хлорофилните записи, медиум што граничи со ботаника и поезија, ѝ дозволуваат да го пронајде фотографското не во моментот, туку во процесот. Нема фотоапарат. Нема клик, нема блиц. Само трева, сонце и неколку недели на невидлив договор меѓу природните сили. Хлорофилот, како постар брат на фотографската емулзија, реагира на светлината не со фиксирање, туку со менување. Пигментот се смирува, бледнее, попушта. Сликата не се создава со додавање, туку со губење. Тоа е парадокс што Јелена го претвора во метод. Овие дела не нудат отпор кон исчезнувањето, тие го прифаќаат. И токму во тоа прифаќање има некаква исклучителна нежност. Во делата каде што се појавува фигура на мајката минимална, едвај присутна , хлорофилот станува архив на нешто што не може да се формулира без да се наруши. Споменот не е зачуван, туку само допрен. Како отпечаток на влага на страница што веќе почнала да се суши. Во овие зелени површини има некаква интуиција што нè потсетува дека сеќавањето не е херметичка структура, туку поле што секојдневно се преработува, како земја што ја зема светлината и ја враќа во нов тон. Меѓу среброто и тревата како две поетики се допираат без да се нарушат Ако работите на Узелац се обидуваат да фиксираат, работите на Јелена се обидуваат да пуштат. Едниот систем ја слави трајноста. Другиот- минливоста. Во нивната заедничка појава се отвора едно прашање што звучи старо, но се чини дека секоја генерација мора да го постави повторно: Што останува од светлината? А што: неизбежно, колку и да го одложуваме, се враќа во нејзината тишина? Зрно фестивал тука го добива својот најубав аргумент за кураторска смисла: двајца автори што се движат во сосема различни правци одеднаш го покажуваат истиот идеален лак. Среброто и тревата, херојството и сеќавањето, упорноста и распаѓањето — сето тоа се трансформира во една голема, колективна разбраност: дека светлината, колку и да ја дисциплинираме, секогаш има последен збор. Годинешната тема на фестивалот ФотоСинтеза во почеток звучеше речиси наивно, како игра со зборови, но со оваа изложба станува јасно дека кураторскиот избор бил многу поширок од биолошка метафора. ФотоСинтеза како животворен процес. ФотоСинтеза како безбедно собиралиште на воини на светлината. ФотоСинтеза како начин да се спојат оние што не се допираат, но се разбираат. Со учесници од целиот свет, фестивалот оваа година ги славеше сите можни видови на љубов кон светлината: техничка, етичка, лична, метафизичка. И можеби токму затоа оваа последна изложба делува како затворање круг — синтеза на две до скоро одвоени уметнички траектории што сега се погледнуваат како да биле наменети една за друга. Светлината, во овие две практики, не е невина. Таа бара избор. Узелац ја користи за да сочува. Јелена за да пушти да замине. Во тој дијалог се крие една мала, но важна вистина: секој човечки живот се движи меѓу двете тенденции. Сакаме да зачуваме нешто, а истовремено го разбираме неговото исчезнување. А можеби оваа изложба, со својата едноставна, а комплексна поставка, нè потсетува дека ниту една дисциплина на светлината не е конечна. И дека понекогаш токму уметноста , сребрената, кревката, упорната е најдобриот начин да се погледнеме себеси не како трага што ќе остане, туку како светлина што одамна почнала да се враќа дома.

  • Кочанскиот бенд „Корка“ настапува во финалето на меѓународниот музички натпревар „Imagine Experience“ во Брисел

    Младиот рок бенд од Кочани ќе ја претставува Македонија на сцената на „La Botanique“, рамо до рамо со бендови од девет земји. Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември ќе настапи во финалето на меѓународниот музички натпревар „Imagine Experience“, кој оваа година се одржува во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија. Настапот ќе ги постави „Корка“ на иста сцена со млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве, во контекст што одамна ги надминува локалните рамки. Настанот ќе може да се следи и онлајн во живо, а публиката од дома ќе има можност да гласа, што дополнително ја отвора сцената кон поширока, меѓународна публика и директно ја вклучува во процесот на вреднување на младите музички гласови. Пласманот во финалето доаѓа по победата на „Корка“ на националниот натпревар „Imagine Macedonia“, одржан на 10 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на фестивалот „Здраво млади“. Таму бендот се натпреваруваше со низа силни имиња од актуелната македонска алтернативна сцена, меѓу кои „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“, што ја прави победата уште порелевантна. Во изминатата година „Корка“ се профилираа како еден од најгласните и најискрени нови бендови на домашната сцена. Нивниот звук: тврд, емотивен и без компромис директно го канализира гневот, збунетоста и чувството на притисок што го носи младешкото искуство денес. Самонасловениот албум, издаден во мај годинава, заедно со низа концерти низ Македонија и Србија, ја зацврсти нивната позиција како бенд кој не само што реагира, туку и артикулира. Но „Корка“ не се присутни на сцената само преку музиката. Членовите на бендот, од кои повеќето сè уште се средношколци, активно учествуваат и во локалното културно организирање во Кочани. Тие беа меѓу главните двигатели на дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, одржан кај Споменикот на слободата во градот настан што ја покажа моќта на самоорганизирана младинска сцена надвор од главниот град. Фестивалот беше посветен на Сара Алексова, нивна другарка и прва тапанарка на бендот, која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој гест го вгради личното, колективното и етичкото во нивното дејствување, потсетувајќи дека за „Корка“ музиката не е изолирана од реалноста, туку нејзин директен одраз. Настапот во Брисел, во тој контекст, не е само уште еден чекор напред во кариерата на бендот, туку и симптом на една генерација што бара простор, слушливост и смисла и не чека дозвола за тоа.

Diva Misla е платформа основана на 7 јули 2021 година, по серија разговори на тема „Што и́ треба на сцената“ со неколкумина уметници. Одговорот: Фали многу, затоа почнавме таму и тогаш, со трапави одлучни први чекори. Посветена на истражување и споделување на разновидната култура и уметност во светот, Дива Мисла ја отвора вратата кон светот на културата, од висока уметност до поп култура, стремејќи се да го претстави ова како дел од глобалната релевантна култура и уметност. Не само што ги преиспитуваме оние кои ги држат клучевите (gatekeepers), туку и инсистираме: Дивата мисла можеби не е за сите, но припаѓа на сите. Култура и Уметност: Нашиот сајт ги истражува и анализира сите аспекти на уметноста и културата. Од литературни рецензии до уметнички изложби, ние го истражуваме и го споделуваме најдоброто од светот на културата. Поткаст: Поткастите се доминантна платформа во последниве години, на која сите гласови го најдоа своето место: препорачуваме и длабоко навлегуваме во темите кои го дефинираат човековото искуство. Дали разговарајќи за уметноста или анализирајќи ги човечките мотиви, ние ги истражуваме аспектите кои нè прават луѓе. Урбан Читател: Ние ја истражуваме уметноста во урбаниот живот и го поддржуваме урбаното изразување. Од улични перформанси до графити, се вклучуваме во уметничкиот пулс на градовите. Фотографија, Филм и Музика: Нашиот сајт нуди рецензии и анализи на најновите фотографии, филмови и музика. Ги проучуваме и ги споделуваме најновите трендови во овие визуелни и звучни изрази на уметноста, но и се потсетуваме на класиците - често тие се ново искуство за младата и свежа публика. Активизам и Животен Стил: Дива Мисла поддржува активистички движења кои имаат за цел подобрување на светот, вклучувајќи ги екологијата, одржливоста, феминизмот, ЛГБТК+ правата и граѓанските права. Ние внесуваме глас за промени и ја одбележуваме важноста на активизмот во современиот свет. Животниот стил и начинот на живеење се неразделив дел од овој активизам, што се рефлектира и во нашата содржина. Свесни сме дека активизмот не е само декларација, туку и начин на живот кој се одразува во секојдневните избори. Дива Мисла е место каде може да истражите и да се вклучите во дискусии за сè што ја прави човечката култура и уметност толку прекрасна и интригантна. Нашата платформа е отворена за сите кои се желни да размислуваат диво и да го истражуваат светот околу себе.

Контакт: contact@diva.mk

телефон: +38970230314

           

Untitled - 2025-07-29T202806_edited.png
© diva.mk - ви благодариме што го почитувате авторството и креативниот труд, со назначување на изворот. ©
bottom of page