Резултати од пребарување
1178 results found with an empty search
- „Култура Бета“ по вторпат ја отпочнува акцијата за стари книги, плочи и цедеа
Донаторска акција за стари книги, плочи и цедеа во „Илика“ – дел од фестивалот „Ре-култура“ и мисијата на „Култура Бета“. Во пресрет на второто издание на фестивалот за алтернативна, младинска и критичка култура „Ре-култура“, здружението „Култура Бета“, заедно со кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“, повторно ја отвора донаторската акција за стари изданија – книги, плочи и цедеа. Организаторите ги повикуваат љубителите на музика и литература, колекционерите и сите кои сакаат да придонесат кон градење независна културна сцена, да донираат примероци во добра состојба во кафе-книжарницата „Илика“. Собраните изданија ќе бидат изложени на донаторски базар за време на фестивалот „Ре-култура“ на 26 и 27 септември. Средствата собрани од продажбата ќе се вложат во поддршка на локалната младинска сцена – нови настани, изданија и иницијативи. Акцијата трае од 18 август до 18 септември. Донациите се примаат секој ден освен недела, од 8 до 13 часот и од 17 до 22 часот во „Илика“. „Со оваа акција сакаме да ја поттикнеме заедницата на директно учество во независната култура, на реупотреба на старите предмети и на создавање нови врски меѓу уметниците и публиката,“ велат од „Култура Бета“. „Култура Бета“ е здружение за афирмација на младинската култура кое последниве години се позиционира како простор за нови поетски, визуелни и критички гласови. Зад него стои мала, но посветена група млади уметници и уредници – поети, историчари на уметност, филмски критичари – кои создаваат платформа за алтернативни содржини, книжевни и мултимедијални настани и поддршка на локалната сцена. Во нивниот фокус е градењето на независна културна инфраструктура: соработки со културни простори, реакција на општествени случувања и создавање услови младите автори да бидат видливи. Акцијата за книги, плочи и цедеа е дел од таа поширока мисија – да се поттикне културна солидарност и да се оживее духот на заедничко градење на сцена. Целосната програма за фестивалот „Ре-култура“ ќе биде објавена наскоро.
- Lil Nas X задржан во притвор по хаотичен инцидент во Лос Анџелес
Американскиот рапер Lil Nas X (вистинско име Монтеро Ламар Хил) ќе остане во затвор за време на викендот, откако оваа недела беше уапсен и хоспитализиран во Лос Анџелес. Според „The Hollywood Reporter“, судско рочиште е закажано за понеделник (25 август), а до тогаш Хил нема да може да биде пуштен. Инцидентот се случил во четвртокот (21 август) наутро во Студио Сити, кога раперот бил забележан како шета по улица во долна облека. При обидот на полицијата да му пријде, тој наводно се нафрлил врз службениците, по што бил ставен во лисици и однесен во болница заради сомнеж за предозирање. Во меѓувреме, TMZ објави видео кое го прикажува Хил како зборува хаотично и рапува стихови од Ники Минаж додека се движи низ улицата. Лосанџелеската полиција соопшти дека станува збор за случај на „опструкција на службено лице“, што подразбира задолжително појавување пред судија. „Приведениот не може да биде ослободен со кауција. Тој мора да се појави пред суд во понеделник“, наведоа од LAPD. Овој развој следи неколку дена откако Lil Nas X целосно го избриша својата Instagram story, го преименуваше профилот во „QUEEN MADELINE“ и почна да објавува нови уметнички фотографии и кратки видеа со најава за можна нова музика.
- Доделени наградите на 22. Меѓународен стрип салон
Во Европската куќа во Велес, на 20 август 2025, беа прогласени најдобрите автори и дела на годинашното издание на една од најзначајните стрип манифестации во Македонија. Синоќа, на 20 август 2025, во просториите на Европската куќа во Велес беше отворено 22. издание на Меѓународниот стрип салон – меѓу најзначајните стрип манифестации во Македонија. Пред бројната публика и љубителите на деветтата уметност, организаторите свечено ги доделија годинешните награди и признанија. Фото: СЦМ; доделување на наградите во Europe house Велес Главни награди „Златен стрип“ Прва награда: „Мрак“ – Марко Стојановиќ (сценарио) и Милорад Вицановиќ Маза (цртеж), Србија Марко Стојановиќ е сценарист од Лесковац, роден 1978 г. Професор по англиски јазик, но и една од најистакнатите фигури на современата стрип-сцена во регионот. Тој е сценарист, преведувач, уредник и ментор кој повеќе од две децении ја гради инфраструктурата на балканскиот стрип. Стојановиќ е коосновач на „Лесковачката школа на стрип“ и уредник на магазинот Strip Pressing. Неговите сценарија се објавувани и во странство, меѓу другото во Франција, со дела како La croix sanglante, Terre sainte и Foi aveugle. Неговото писмо е густо, социјално ангажирано и често инспирирано од историјата и митологијата. Фото: Wiki commons; Милорад Вицановиќ – Маза е еден од најпознатите стрип-цртачи од регионот, роден 1965 г. во Бања Лука. Професионално активен од 80-тите, Маза се етаблирал како уметник со моќен, експресивен цртеж. Работел за големи европски издавачи, а неговото дело е објавувано и во престижни француски изданија. Соработката со Стојановиќ претставува тандем кој комбинира силна нарација и визуелна експресија, создавајќи дела што ја надминуваат локалната сцена. „Мрак“ е токму такво остварување – мрачно, вознемирувачко и со силна симболика. Фото: СЦМ; доделување на наградите во Europe house Велес Втора награда: „Back to the past“ – Никола Видачковиќ (сценарио, Србија) и Игор Јовчевски (цртеж, Македонија) Никола Видачковиќ е сценарист од Србија кој истражува хибридни жанрови – историја, фикција и научна фантастика. Неговиот пристап е динамичен, со фокус на човечките слабости во услови на големи историски превирања. Игор Јовчевски е македонски цртач кој со години ја гради својата препознатлива стилска линија. Неговите стрипови се одликуваат со прецизна композиција и современа графичка чувствителност. Со „Back to the past“ Јовчевски покажува дека македонската стрип сцена има што да понуди на меѓународно ниво. Трета награда: „Залогај“ – Далибор Дадо Пехар, Хрватска фото: Инстаграм; Далибор Пехар – Дадо е млад автор од Хрватска кој последниве години се наметнува со кратки, силни наративи. Неговиот стил се движи помеѓу реализмот и експресионизмот, а „Залогај“ е пример за тоа како една едноставна идеја може да се претвори во драматично визуелно искуство. Роден е 1980 година во Мостар, Босна и Херцеговина. Сега живее и творечки дејствува во Сплит, Хрватска. По образование е графички уметник (диплома од Академија за ликовни уметности во Широки Бријег, 2003), а со децении е активен во уметничкиот круг како илустратор и професор по уметност. Тој е член на HDLU (Хрватско здружение на ликовни уметности), има зад себе повеќе самостојни и групни изложби, а делата му се појавувале во каталози и публикации како меѓународниот „International Catalogue Of Art Modern No 11“ во Рим. Национални признанија Најдобар македонски стрип : „ Ехоата на Зал’ахим“ – Војдан Андонов (сценарио) и Марко Марковиќ (цртеж) RED од Марко Марковиќ, насловница за стрип серијалот Бескрвни(Вековници) на Марко Стојановиќ; Двајцата се претставници на новата македонска генерација, која комбинира фантастика и митологија со локални културни кодови. Најдобро сценарио: „Проклета авлија“ – Марко Стојановиќ, Србија Најдобар уметнички израз : „Души“ – Марко Стојановиќ (сценарио, Србија) и Vassilis Gogtzilas (цртеж, Грција) . Gogtzilas е грчки цртач познат по својата експресивна, авангардна линија и често теми инспирирани од митологијата и хоророт. Млади автори и дебитанти Посебен акцент годинава имаше на младите автори. Од Велес, Скопје и Куманово пристигнаа дела кои најавуваат ново стрип-поглавје во Македонија. Особено внимание привлече најмладиот учесник – Марко Купенков (7 г.) од Скопје, кој со стрипот „Фудбал со изненадувања“ покажа како детската фантазија може да се претвори во сопствен визуелен свет. Признанија за соработка Фото: СЦМ; доделување на наградите во Europe house Велес Манифестацијата и оваа година се одвива со силна регионална поддршка. Признанија беа доделени на институции и здруженија од Србија, Хрватска, Албанија и Македонија, што го потврдува интернационалниот карактер на салонoт. Продолжение на програмата Од денес, па до 25 август, во излетничкото место крај Велес ќе се одржи 7. Меѓународна стрип колонија, каде уметници од Србија, Бугарија и Македонија ќе создаваат нови дела, во непосреден контакт со публиката и со природата. Велес уште еднаш ја потврдува својата улога како регионален центар на стрипот – место каде што се среќаваат генерации, стилови и култури, и каде стрипот живее како колективно искуство. Наградите во целост Главни награди „Златен стрип“ Прва награда: „Мрак“ – Марко Стојановиќ (сценарио) и Милорад Вицановиќ Маза (цртеж), Србија Втора награда: „Back to the past“ – Никола Видачковиќ (сценарио, Србија) и Игор Јовчевски (цртеж, Македонија) Трета награда: „Залогај“ – Далибор Дадо Пехар, Хрватска Национални признанија Најдобар македонски стрип: „Ехоата на Зал’ахим“ – Војдан Андонов (сценарио) и Марко Марковиќ (цртеж) Најдобро сценарио: „Проклета авлија“ – Марко Стојановиќ, Србија Најдобар уметнички израз: „Души“ – Марко Стојановиќ (сценарио, Србија) и Vassilis Gogtzilas (цртеж, Грција) Награди за млади автори (во соработка со Европска куќа Велес) „Родна Ивева – не умре од куршум умре од предавство“ – Меланија Стојанова (сценарио и цртеж) и Анџело Џипунов (сценарио), Велес „Тешки времиња“ – Александар Танчовски (сценарио и цртеж), Скопје „Strum!“ – Тамара Николова, Велес Најмлад учесник: „Фудбал со изненадувања“ – Марко Купенков (7 години), Скопје Најдобар дебитантски стрип: „Само фантазија“ – Ања Стојадиновска, Куманово Категорија до 14 години Награда: „Чудното чупе“ – Теона Чаловска, Битола Награда: „Помирување во пракса“ – Вук Стојановиќ, Лесковац, Србија Диплома: „Сонот на Вера“ – Христина Здравковски, Велес Категорија до 18 години Награда: „Добро утро“ – Магдалена Марјановиќ, Ресен Диплома: „Волшебно кученце“ – Андреа Младеновска, Скопје Признанија за соработка Клуб на ликовни уметници „Рашка школа“ – Рашка, Србија ЛШС „Никола Митровиќ Кокан“ – Лесковац, Србија Здружение „Хрватски авторски стрип“ – Загреб, Хрватска Creative City Center – Multifunctional Social Cultural Center, Валона, Албанија Имагинариум Арт Студио – Битола, Македонија
- Крсте Роџевски и Томика Рид со заеднички концерт во Македонската филхармонија
📍 Македонска филхармонија 📅 13 септември 2025 🕗 20:30 часот На сцената на Македонската филхармонија во Скопје ќе се одржи специјален концерт на Крсте Роџевски (гитара, вокал) и Томика Рид (виолончело) – двајца уметници кои повеќе од една деценија градат своја заедничка музичка приказна што се движи меѓу џезот, експерименталната музика и современите интерпретации на традиционалниот звук. Музичкото партнерство меѓу Роџевски и Рид започнува пред десет години, кога Томика го свиреше виолончелото на албумот „Bitter Almonds“, второто студиско издание на Роџевски. Подоцна ја слушаме и на синглот „Горно Дупени“, како и во новиот аранжман на традиционалната песна „Ој љубов“, напишан од Роџевски за саундтракот на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. За време на пандемијата, Роџевски го снима „Fair Weather Friends“, љубовно писмо до Чикаго и неговата џез и експериментална сцена, каде повторно ја вклучува Томика како дел од музичката екипа. Еден интересен детал: во тие години и двајцата живееја во истото маало во Чикаго – West Loop – што им овозможи да го продлабочат своето пријателство, да развијат инсајд хумор и да разменуваат идеи и концепти. Таа интимна, игрива енергија денес е препознатлива во нивните заеднички настапи. Ова ќе биде нивен втор заеднички настап во Македонија. Првиот се случи на OFFest 2019, кога заедно со Мери Халворсон, Тома Фуџивара, Мајкл Бланко и Кирк Кнафке ги изведоа композициите од првите три албуми на Роџевски. Крсте Роџевски живее и работи во Њујорк од крајот на 90-тите. До денес има издадено седум студиски албуми за етикети во САД и Грција. Во неговите изданија соработуваат врвни имиња од њујоршката и чикашката сцена, како Крис Дејвис, Адам Рудолф, Ингрид Лауброк, Мери Халворсон, Бил Ласвел, Џеф Паркер, Никол Мичел, Крис Спид и други. Томика Рид е добитничка на престижниот грант за генијалци на Фондацијата МекАртур (2022). Таа е членка на легендарниот Art Ensemble of Chicago и AACM, дел од Artifacts Trio (со Никол Мичел и Мајк Рид), настапува во трио со Крег Тејборн и Чес Смит, како и со својот квартет заедно со Мери Халворсон, Тома Фуџивара и Џејсон Робке. Била професор на Милс Колеџ и е основач на Chicago Jazz String Summit, кој го води од 2014 година. Настан поддржан од културни партнери ✨ Спонзор: Еурофарм 📡 Медиумски покровители: Jazz FM 100.8, Канал 103, Antenna 5
- Велес повторно е центар на балканскиот стрип: Отворање на 22. издание на меѓународниот салон
Велес го отвори 22. салон за стрип со рекорден број учесници, награди, изложби и стрип-колонија во Нежилово. Вечерва, во просториите на Европската куќа во Велес, ќе биде отворено 22. издание на Меѓународниот салон за стрип „Велес 2025“ – еден од најзначајните регионални настани посветени на деветтата уметност. Настанот, кој веќе две децении ја собира стрип-сцената од регионот и пошироко, оваа година бележи рекордна посетеност и интерес. Во рамките на свеченото отворање ќе бидат доделени награди, дипломи и признанија за најуспешните дела од годинашниот меѓународен конкурс за стрип. На конкурсот учествувале вкупно 396 автори од целиот свет, од кои 164 се македонски автори – бројка што ја покажува виталноста и енергијата на домашната сцена. Ќе биде отворена и изложба со избрани дела од конкурсот, а посебен акцент ќе има на обележувањето на 15 години од издавањето на култниот балкански стрип-серијал „Вековници“, чиј промотер оваа година е сценаристот и уредник Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија. Стрип-колонијата во Нежилово Според координаторот на проектот, Томе Трајков, активностите продолжуваат и утре со започнувањето на седмата по ред стрип-колонија. Во излетничкото место Нежилово, до 24 август, автори од различни генерации од Бугарија, Србија и Македонија ќе работат заеднички, креирајќи нови стрипови во инспиративна работилничка атмосфера. Колонијата претставува живо јадро на фестивалот – место каде младите и искусните цртачи разменуваат идеи, техники и визии за иднината на стрипот. Повеќе: Томе Трајков успева да исплива на површина и покрај условите за стрип уметниците дома Стрип-центарот на Македонија: двигател на една традиција Организатор на фестивалот е Стрип-центарот на Македонија (СЦМ), основан во Велес во 2002 година. Центарот настанал како иницијатива за афирмација на стрипот како културна и уметничка форма, со цел да ја поврзе македонската сцена со регионалните и светските струи. Преку својата работа, не само што го организира Меѓународниот салон, туку и редовно приредува изложби, промоции и образовни работилници за млади автори. Со години наназад, Велес се позиционира како балканска точка на картата на стрипот, а фестивалот е место каде се воспоставуваат нови соработки и се откриваат идните имиња на жанрот. Велешкиот салон е препознаен по тоа што негува отвореност и интернационализам – од првото издание до денес успеал да вклучи автори од Европа, Азија, Латинска Америка и Африка. Овој континуитет ја зацврсти репутацијата на Велес како град кој живее за стрипот и докажува дека деветтата уметност може да биде културен мост што ги спојува различните јазици и култури.
- За Светскиот ден на мачките: средба со нашите незабележителни учители
Мачката како културен и интимен феномен Дали еден ден е доволен за да се прослави биолошката и симболичка разновидност на мачките? Или секој ден кога нè будат (во 4 сабајле!), кога ни се провлекуваат меѓу нозете(и нѐ сопмнуваат!), кога ја испробуваат границата меѓу својот и нашиот свет, всушност е нивни ден? Мачката отсекогаш чекори на рабовите меѓу природата и културарата, меѓу домот и дивината, мистеријата и секојдневието. Во светот што постојано брза, мачката одбира тивко присуство, чекор со пауза, поглед во тишината. Денес, кога ја славиме нивната улога, не можеме да не се запрашаме: што научивме од нив? Што значи да имаш мачка, не само како миленик, туку како дневен соработник во човечкото битисување? Кратка историја на мачката во нашата култура Мачката има двојно лице во нашата традиција, сакана заради нежноста и грижата за куќата, но понекогаш и „осудена“ како самоволна, недофатлива, дури и опасна. Во европската историја се гледаат како магиски животни, во балканската митологија се и заштитници, но и злокобни знаци. Во Македонија, приказните за мачки се дел од домашниот фолклор: од оние што ги штитат домовите, до оние што „крадат душа“ ако ги гледаш во очи ноќе. Сепак, речиси секоја куќа или маало има своја „мачка-амајлија“, животно што го знаат сите, кое обединува преку генерации. Мачката како учител по грижа Дали мачките навистина не ги интересира нашата љубов, или нè учат на еден друг, посуптилен јазик на грижа? Тие нè потсетуваат дека блискоста не значи зависност. Понекогаш мачката е таму да спие покрај тебе, а понекогаш заминува во ноќта, без објаснување. Во светот на хипер-социјални медиуми, каде вниманието е валута, мачката инсистира на својата слобода. Таа доаѓа кога сака, си заминува кога ќе почувствува, и токму затоа ни е драга: затоа што не нè сака по цена на својата автономија. Градот како мачешка територија Скопје, како и многу други балкански градови, е полн со мачки што се движат низ невидливи патеки: покриви, дворови, гаражи, скали. Тие се урбани преживуватели, со сопствени микро-култури. Некои мачки се „куќни“, но мнозинството се „јавни“, дел од заедницата, колективна одговорност. Во последниве години, сè повеќе луѓе ги храни и се грижи за уличните мачки. Тоа е тивка, често невидлива работа, но таа создава малку поинакви соседства – места каде добрината опстојува во секојдневието. Мачката како симбол во уметноста и културата Од антички Египет до модерните меми, мачката е инспирација за сликари, писатели, филозофи. Во делата на Т. С. Елиот, мачките се поети и чудотворци. Во јапонските гравури – носители на среќа. А во нашите маала, тие се првите модели за детските цртежи и првите пријатели што ги учат децата на тивка емпатија. Денес, мачката е дел и од дигиталната култура – од Grumpy Cat до илјадници профили на Instagram. Но дали овие мачки навистина ги претставуваат оние „вистинските“, оние што живеат со нас, во нашите домови и дворови, со свои навики, свои стравови, свои радости? Мачката во нашите животи: лична перспектива Можеби секој што имал мачка знае дека ноќта е нивно време. Кога градот тивко тоне, мачките се будат, спремни за своите ритуали. Една таква ноќ, Гео конечно реши – оваа ноќ ќе биде нејзина. Гео го понесе Ехо горе, како старо тајно јајце што мора да се чува на покрив под месечина. Во спалната беше темно, ама не целосно. Постелнината мирисаше на кожа и читање. А ѕидот сè уште ги чуваше трагите од твојот глас. Гео го положи. Се свитка околу него. И почна да му пее. Не со зборови — туку со грло што вибрира како тенка струна, со звук што се чувствува во подот, со срце што рони песна без тон. Но Ехо? Ехо не заспа. Прво ја лизна Гео по носот. Потоа тргна да ја брка сопствената опашка. Па се качи на перницата. Па скокна од неа. Па се врати. Со целото тело викаше: „Жив сум! И тука сум! И ова е најдобрата ноќ досега!“ Во овие моменти учиме од мачките најмногу – љубопитност, радост, присутност. Тие нè враќаат во сега и овде, без да ни ветат дека тоа ќе трае вечно. Токму затоа нивното друштво е непроценливо. Како да се грижиме за мачките во градот (аплицирана култура) Во лето и зима – оставете чинија со вода и засолниште. Секогаш стерилизирајте/кастрирајте кога имате можност. Грижете се како заедница, не како поединци – бидејќи уличната мачка е градски жител исто колку и ние. Хранете, но не заборавајте дека и љубезноста и тишината се грижа. Завршна мисла: Да го прославиме мачешкото во себе На Светскиот ден на мачките, потсетете се: тие не се само миленици или „животни за Instagram“. Тие се наши мали учители за тишина, слобода, упорност и љубов без услови. Ако ги набљудуваме внимателно, ќе научиме и како да бидеме повеќе човечни – не со зборови, туку со присуство. Фотографија: Волтер Чандоха;
- Поглед од 1905: Девојката со паричките
Од Алжир до објективот на Ленерт и Ландрок – визуелно сведоштво за едно племе, женственост и колонијален поглед Млада жена од племето Оулед Наил, Алжир (околу 1905). Фото: R. Lehnert & E. Landrock. Националниот архив за ориенталистичка фотографија. Во 1905 година, фотографите Рудолф Ленерт и Ернст Ландрок снимија портрет на млада девојка во традиционална носија, чие лице и денес го лови вниманието со истата сила како и тогаш. Нејзините очи се смирени, но будни. Низ симетричниот кадар, таа делува присутно, не како далечна фигура од минатото, туку како тивок сведок на култура, обичај и живот што ја преминал границата меѓу личното и архетипското. Девојката на фотографијата потекнува од Оулед Наил, арапско племе од внатрешноста на Алжир, чии жени биле познати по својата уникатна улога во локалното општество: уметнички независни, економски активни, културно видливи. Сами ги граделе своите мирази и судбини. Иако нејзиното име не е познато, овој портрет зборува доволно. Кога облеката е животопис На фотографијата, девојката носи раскошна носија украсена со вез и ѓердани, неколку реда монети низ градите и челото, и сложен набор на ткаенина околу вратот. Тешките парички што ѝ го обрабуваат лицето не се случаен моден израз, тие се дел од женскиот мираз што се собирал преку години заработка. Девојките од Оулед Наил традиционално се селеле во поголеми алжирски градови како Бискра или Бу Саада, каде работеле како танчерки и забавувачки. Во време кога повеќето жени во исламските заедници биле ограничени на домашниот простор, овие девојки самостојно заработувале и подоцна се враќале во своите села со злато, накит и пари – понекогаш и без потреба од дозвола за брак. Секој предмет на нејзиното тело сведочи за оваа мобилност и сила. Монетите што ги носи – најчесто вистински сребрени франци или локални динарски реплики – биле буквален доказ за економската вредност што ја стекнала со сопствен труд. Инсигнации на идентитет На нејзиното чело се гледа малиот знак – тетоважа во форма на крст или можеби на берберската буква „ⵣ“, симбол на слобода и амазиг идентитет. Во Северна Африка, ваквите тетоважи кај жените биле естетски, духовни и племенски маркери во исто време. Некои веруваат дека имале заштитна функција – против урок, против зло – други дека биле симболи на племенска припадност или ритуално преминување во нова фаза од животот. Сепак, тетоважата на челото на оваа девојка може да биде нешто уште понеуловливо – интимна инсигнација, тивок гест на сопствено значење. Токму овие детали – накитот, тетоважата, ткаенината, ја прават фотографијата повеќе од визуелна естетика. Таа станува етнографски документ, но и медиум низ кој поминуваат прашања за идентитет, телесност, и женска субјективност во колонијален контекст. Колонијален кадар, сложена приказна Рудолф Ленерт и Ернст Ландрок биле меѓу најпознатите ориенталистички фотографи на своето време. Нивното студио, основано прво во Тунис, а потоа преселено во Каиро, произведувало серии разгледници и фотографии од Блискиот Исток и Северна Африка, наменети за европските пазари. Во периодот кога е направена оваа фотографија, Алжир веќе беше под француска колонијална власт речиси 75 години. Многу од нивните слики биле инсценирани студиски портрети на локални жени кои биле облечени во специфична носија со цел да ја претстават „екзотичната другост“ што ја барал пазарот. Моделите ретко се именувани, а културниот контекст честопати е редуциран до едноставни називи како „Типична Оулед Наил жена“ или „Млада Маорка“. Во таквите формулации се губи личноста. Сепак, токму во тие портрети, и покрај колонијалната рамка, зачестено се појавуваат моменти на отпор и достоинство. Погледот на оваа девојка не е покорен. Тој е фиксиран, достоинствен, па дури и тивко испитувачки. Од архив до современо сочувство Денес, ваквите фотографии се дел од институционални архиви, изложби и визуелни студии што се обидуваат да ја надминат ограниченоста на колонијалната перспектива. Националната географија, Smithsonian, Musée du Quai Branly и други водечки институции ги контекстуализираат овие слики низ современи очила – не само како документи, туку и како полиња на тензии меѓу погледот и субјектот, егзотизацијата и сведоштвото. Во случајот на оваа девојка од Оулед Наил, фотографијата стана архетип. Но архетипот не мора да биде клише. Тој може да биде почеток на пошироко разбирање. Оваа фотографија не нуди целосна приказна. Таа е фрагмент – но фрагмент што пее. Пее за култура во движење, за жени што чекорат по своја патека, за знаци што се читаат само одблиску. Оулед Наил се племенска заедница во регионот на Сахарскиот Атлас, со длабока традиција на изведувачка уметност и женска економска мобилност. Традиционалната носија вклучува тешки сребрени накити, фибули, ткаенини со вез и тетоважи на лицето и телото. Лицевите тетоважи се практикувале од ритуални, заштитни или естетски причини, и се сметаат за дел од културното наследство на Магребот. Ленерт и Ландрок се дел од генерацијата европски фотографи кои создале огромни фотоархиви од колонизираните региони, денес подложени на критички преиспитувања. Во срцето на централен Алжир, и денес опстојуваат потомците на племето Оулед Наил, заедница чии населби останале чувствителни на традицијата, и покрај длабоките промени што ги донел современиот свет. Жените од оваа заедница сè уште се собираат во селските и градските пазари, носејќи модернизирани варијации на својата богата традиционална носија но ослободени од економската потреба поврзана со танцот што некогаш го носела оваа носија. Во рамките на локалните ритуали, семејни прослави и фолклорни настани, сè уште се зачувани траги од уметничките изрази што некогаш биле дел од јавниот живот на жените. Поетиката на накитот и текстилот останува жива, но денес се претставува внимателно, во културно усогласен и достоинствен контекст. Заедницата на Оулед Наил не е ниту изгубена во архивите, ниту сосема апсорбирана од модерноста: таа сè уште живее, се адаптира и ја одбележува својата припадност, надвор од границите на колонијалната фантазија.
- Патувачкиот фестивал „Културен амалгам“ пристигнува во Куманово
📍 Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово 📅 четврток, 7 август 2025 🕗 20:00 Патувачкиот фестивал „Културен амалгам“, кој ова лето се одржува во неколку градови низ Македонија, продолжува со својата следна станица: Куманово. Настанот ќе се одржи во четврток, 7 август, со почеток во 20 часот, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Програмата опфаќа две содржини: изложбата „ФотоСинтеза“ и проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“. Алтернативна фотографија во фокусот на „ФотоСинтеза“ Изложбата претставува ревијална селекција на дела изработени со алтернативни фотографски техники како цијанотипија, гумоил и вандајк, ретко присутни на домашната сцена. Вклучени се работи на над 40 автори, кои преку рачни процеси и експериментални пристапи се навраќаат на фотографијата како медиум на материјална меморија. „ФотоСинтеза“ досега беше претставена во Скопје и Крива Паланка, а изложбата во Куманово ќе биде поставена во фоајето на центарот за култура. Филмска вечер со документарецот за Манакиевците По отворањето на изложбата ќе следи проекција на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“, посветен на животот и делото на Јанаки и Милтон Манаки. Филмот обработува значајни моменти од нивната работа како први кинематографери на Балканот и го истражува нивното културно наследство преку архивски материјали и современи толкувања. Фестивал со фокус на децентрализација „Културен амалгам“ е иницијатива на Културно-информативниот центар – Скопје, со цел да се поттикне децентрализација на културните содржини и подобрена соработка меѓу културните институции низ државата. Програмата е замислена како патувачка платформа што комбинира изложби, филмски проекции и јавни настани, достапни надвор од централните урбани средини. Настанот е бесплатен и отворен за јавноста, а се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија. подготви С.А. за diva.mk
- Како да го разладиме домот без клима?
Мал прирачник за преживување во време на 42°C и спарни тропски ноќи Во екот на жешкиот афрички бран кој оваа недела ќе кулминира со температури до 45°C – особено во Повардарието – животот без клима уред станува своевиден предизвик. Но нема потреба да се претворите во растопен Снешко. Ова се неколку практични, проверени и ненаметливи совети за разладување на станот и зачувување на здравиот разум. 🌞 1. Затвори во најжешко, отвори на најладно Наутро, пред сонцето да ја зафати фасадата, затвори ги сите прозорци и спушти ги ролетните, завесите или импровизирани сенки (бел чаршав, алуминиумска фолија или што и да имаш при рака). Колку помалку светлина и топлина влегува, толку подобро. Навечер, околу 22:00 па натаму, отвори широкo –особено ако станот има прозорци од две спротивни страни. Ако има промаја, уште подобро. Само внимавај на комарците: мрежа или есенцијално масло од лимонска трева можат да помогнат. 💦 2. Мокар пешкир + вентилатор = импровизирана клима Ако немаш клима, вентилаторот може да ти стане најдобриот сојузник. Стави пред него мокар пешкир или сад со ладна вода и мраз. Воздухот што минува низ водената пареа се лади, иако ефектот е локален и краткотраен – доволен за да си здивнеш барем додека вечераш. Бонус трик: ставете замрзнато шише вода на работна маса или ноќна масичка. Како мали мобилни фрижидери за душа. 🧺 3. Постелнина што не те гуши Ако спиеш во постелнина од синтетика, полиестер или сатен – те чека леплива ноќ. Лен, памук или тенки чаршави од природни материјали дишат подобро и не ја задржуваат топлината. Ставете втора перница – не за под глава, туку за под колена или меѓу нозе – и пробајте да спиете на страна, за да има циркулација на воздух околу телото. 🛁 4. туширање со млака вода = ладна глава Колку и да е примамливо да се фрлите под ледена вода за туширање, телото може да добие термален шок и да реагира со дополнително загревање. Наместо тоа, туширајте се со млака вода – пред спиење или секогаш кога ќе почувствувате дека телото ви се прегреало. Ако немате време за туш – натопете марамче и пребришете ги зглобовите, вратот и зад ушите. Освежување во две минути. 🍳 5. Шпоретот е најголемиот непријател Готвењето среде ден не е херојство – туку директен напад врз температурниот баланс. Избегнувајте шпорет, рерна и било каква термичка обработка од 10 до 19 часот. Сандвичи, салати, ладни тестенини или однапред зготвена храна од фрижидер се најдобрите сојузници. Кујната не мора да биде бојно поле. 🧠 И уште неколку ситници… – Ако имате балкон: натопете го со вода – и воздухот ќе стане полесен за дишење. – Ако живеете на последен кат: изолирајте го таванот колку што можете – и еден стар килим или нова чаршаф-сенка ќе помогнат. – Ако имате миленик: не го оставајте на тераса или под директно сонце – и тие имаат право на сенка. 🤲 Заклучок: не се растопувај, организирај се Ова не се совети за „инстаграм“ живот, туку за вистинско преживување. Во екстремни услови, малите тактики прават голема разлика. Сподели ги со комшија, со баба ти, со некој што живее сам. Чувствувај се слободно да ги прилагодиш, надополниш или да ни пишеш како ти се снаоѓаш. #ДолгоТоплоЛето е тука и за тоа – споделување грижа, стратегија и солидарност. Илустрации: Лора Калган;
- Овие луѓе живееле овде?
Пред хотелот Челзи да стане елитен, еден долгорочен станар го овековечи неговиот раскалашен сјај и иконите кои му биле гости со црно-бел фотоапарат. Автор: Наоми Фрај; Грејс Џоунс, среда, 10 октомври, 2007, 4:45 am; Тони Нотарберардино, фотограф од Мелбурн, првпат пристигнал во хотелот Челзи во 1994 година. Тогаш бил во средината на триесеттите, а претходно живеел во Париз и Лондон, пред да реши да го испроба Њујорк — да види како ќе му стои. Пријател кој веќе престојувал во Челзи му предложил да дојде да се шлепа со него. „Живееше со уште двајца во една многу тесна соба,“ ми рече фотографот кога неодамна разговаравме по телефон. „Му реков: ќе ми треба мој личен простор.“ Ди Ди Рамон, вторник, 17 ноември, 1998, 1:48 ам; Челзи, кој се наоѓа на Западната Дваесет и Трета улица, бил пренаменет од станбена зграда во хотел уште во раниот дваесетти век, и вдомувал и долгорочни станари и привремени гости. Нотарберардино мислел дека ќе биде од овие вторите. Наместо тоа, „никогаш не си отидов,“ рече тој. Стенли Бард, среда, 26 ноември, 2008, 11:30 ам; Во поголемиот дел од својата историја, Челзи бил познат како прибежиште за боеми од секаков калибар. Меѓу познатите што престојувале таму биле Пети Смит и Роберт Мејплторп, Дилан Томас, Џенис Џоплин, Артур Кларк и можеби најпознатиот и најозлогласен Сид Вишс, кој во 1978 година беше обвинет дека ја убил својата девојка Ненси Спанген, во собата број 100. Ив и Далас Ерл, петок, 13 ноември, 2009, 4:20 ам; Во неодамнешните мемоари Don’t Call Me Home, Александра Аудер ќерка на музата на Енди Ворхол, Вива се присетува на растењето во Челзи во осумдесеттите години: „Низ ходниците стоеја кафени врати со месингани рачки за чукање, а зад нив имаше станови: празни станови, станови низ кои минуваа луѓе, и станови со долгорочни станари кои толку детално си го уредуваа просторот, што внатрешноста буквално крвареше од рабовите на вратата и се разлеваше низ ходникот тиркизна боја, златен емајл, растенија, лепенки, пластични играчки.“ Отец Питер Џејкобс, четврток, 9 август 3:40 ПМ; Нејзината мајка, продолжува Аудер, често навраќала кај соседите како композиторот Џорџ Клајнсингер, чија соба беше преполна со рептили, или режисерката на експериментални филмови Ширли Кларк, чиј стан со мотиви на Мачката Феликс беше целосно украсен во црно и бело. Питер Саарсгаард, недела, 13 јуни, 1999, 7:30 ПМ; Кога Нотарберардино почнал да живее во хотелот една деценија подоцна, го погодила таа неговата турлитава, хаотична атмосфера, каде зад секој агол демнел некаков шок или чудо. „Челзи беше растурен, полн со уметници и луѓе кои не можеа да си приуштат да живеат на друго место,“ ми рече. Боби, четврток, 23 февруари , 2006, 9:30 ПМ; „Беше како да влегуваш во филм. Како да си на сетот на Bad Lieutenant.“ Иако веднаш беше привлечен од раскалашената атмосфера на хотелот и неговите неконвенционални станари, на фотографот му требале три години за да собере храброст да ги слика. Дрти Мартини, четврток, 13 декември, 2007, 11:10 ПМ; Една есенска ноќ во 1997 година, конечно се одлучил: ѝ пријде на една постара драг кралица што ја забележал во лифтот; таа прифатила да ѝ направи портрет во неговата соба. Со тој момент започнала серијата на која ќе ѝ се посвети во следните две децении. „Ги гледав сите тие неверојатни луѓе,“ ми рече. „И не можев а да не ги фотографирам.“ Роуз Вуд, сабота, 29 јануари, 2005, 10:00пм; Со црно-бел филм, директен блиц и формат осум-на-десет, Нотарберардино фотографирал пресек од долгорочните станари на хотелот, но и од вработените и привремените гости. Некои биле славни личности , како Деби Хари од Blondie или актерот Стивен Болдвин, но најголемиот дел биле незнајни. Стормѐ Деларвери, петок, 30 јануари, 2009, 3:15 пм; И ги фотографирал сите униформно, стоејќи наспроти истиот гол ѕид во неговиот апартман. „Не беше важно дали е Сем Шепард или Сем чистачот; имаа иста важност за мене,“ рече тој. Постои еден антрополошки квалитет во овие слики, сличен на оној во серијата фотографии на Аугуст Сандер со Вајмарските Германци, но проектот на Нотарберардино е поодреден не документира некаква замислена универзалност, туку учесници во конкретна епоха на Њујорк што се ближела до својот крај. Секоја од фотографиите дел од нив ќе бидат изложени во ACA Galleries во Челзи, во март 2024 е означена не само со датум, туку и со точен час кога е направена. Деби Хари, четврток, 7 јули, 2005, 2:35 пм; Портретите често се сликани навечер, одразувајќи го ноќниот ритам на живот на многу од ликовите што го привлекувале Нотарберардино сексуални работнички, изведувачи, скитници, и клинци клабери. Сузан Барч, промотерка на забави, која живееше во станот над Нотарберардино, е фотографирана во 2007 година, во 23:20 позирајќи во надвезици, круна од пердуви и вел од чипка, изгледаше не многу различно од прекрасен кокату. мигел, среда, 11 март, 2009, 10:15 пм; („Ми требаше долго време да ја убедам да се слика,“ ми рече Нотарберардино. „Секогаш беше во некаква гужва.“) На друга фотографија, едноставно насловена Rodrigo Snakeman, направена во 3 часот по полноќ, во 2000 година, маж носи само камуфлажни панталони, а змија му е завиткана околу голото торзо, сјаејќи во кадифено црно-бело. истребувачот, среда, 5 ноември, 2008, 2:35 пм; Во Bonnie, снимена во 2006 во 21:30, гледаме постара жена како пуши цигара. Нашминкана со тешка рака, со капа за перика и во разголен костим на шоу герла, таа не прави обид да ја скрие возраста на своето тело или неговите наводни недостатоци напротив, таа гледа одлучно право во фото-апаратот. Фенси, недела, 10 април, 1998, 9:10 пм; Во 2022 година, по повеќе од една деценија реновирање, Челзи повторно се отвори сега како луксузен хотел. Некои од долгорочните станари во станови со регулирана кирија, меѓу нив и Нотарберардино, успеаја да останат, по долги преговори со новите сопственици. Мет Фрејзер и Џули Атлас Муз, четврток, 29 јули, 2010, 1:35 ам; Но ликот на Челзи е променет. Апартманите сега имаат тушеви со ефект на дожд и длабоки кади за бањање, а барот служи артизански коктели кои чинат 18 долари. „Сега сè е различно,“ ми кажа тој. „Како одеднаш да живеам во хотел со пет ѕвезди.“ Брендон Ли Олсон, понеделник, 13 февруари, 2006, 3:45 пм; Челзи што тој го фотографираше со години со својата шаренолика, турлитава галерија на ликови повеќе не постои. Неговото дело стана документ на едно минато време. „Сега луѓе ги гледаат овие фотографии и прашуваат: ‘Навистина овие луѓе живееле овде?’“ рече тој. „И ја сум као: да бе!“
- Почна во Скопје, а продолжува во Крива Паланка: фестивалот „Културен амалгам“ како патувачка слика за културна децентрализација
Патувачкиот фестивал „Културен амалгам“, во своето второ издание, започна со силна изјава за културата како движење, а не како локација. Првата вечер, одржана на 15 јули во Културно-информативниот центар – Скопје, ја отвори програмата со два настани што ја потврдија заложбата за интердисциплинарност, историска чувствителност и современа експериментација. Изложбата „ФотоСинтеза“ донесе редок увид во светот на алтернативната фотографија преку делата на повеќе од 40 автори од Романија. Љубителите на фотографијата имаа можност да се сретнат со техники како цијанотипија, вандајк и гум-бихромат, поставени во простор каде поетиката и техниката не се спротивставуваат, туку се надополнуваат. Овие „стари“ процеси, извадени од темните соби на историјата, повторно заблескаа во дијалог со современиот сензибилитет. По визуелниот медитативен чин на изложбата, следуваше премиера на документарниот филм „МАНАКИ – Приказна во слики“, во режија на Роберт Јанкулоски. Филмот, низ архивски материјал и прецизна нарација, ја отвори портата кон животот и делото на браќата Манаки, пионерите на балканската фотографија и кинематографија. Публиката во КИЦ Скопје ја дочека приказната со внимание и почит — како што ѝ доликува на еден чин на културно сеќавање. Сето тоа го зацврсти почетокот на фестивалот како визионерски и отворен проект што не се плаши да постави прашања, да патува и да создава мрежи надвор од централните градски оски. Крива Паланка: втората станица на амалгамот Вечерва, на 26 јули во 20 часот, фестивалот се сели во Градскиот музеј на Крива Паланка, каде што локалната публика ќе има можност да го доживее истиот двоен културен настан – изложбата „ФотоСинтеза“ и документарецот „МАНАКИ – Приказна во слики“. Посетителите ќе прошетаат низ простор исполнет со алтернативни процеси во фотографијата – гумоил, вандајк, цијанотипија – прикажани преку дела на фотоклубот „Ирис“, кои ги преиспитуваат границите меѓу занает, уметност и историја. Филмот за Манаки, прикажан веднаш по изложбата, доаѓа во вистински момент – кога прашањата за културно наследство, архивирање и медиумска еволуција се сè поактуелни, не само на Балканот туку и глобално. Настанот е бесплатен и отворен за сите. Што следува: Куманово, 7 август По Крива Паланка, Куманово е следната точка на културната карта. Настаните ќе се одржат на 7 август во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, со идентична програма што патува, но секојпат се впишува различно во локалниот контекст. Културен амалгам: од центарот кон маргините и назад Фестивалот „Културен амалгам“, во организација на Културно-информативниот центар – Скопје, е повеќе од културна програма. Тој е модел за децентрализација и предлог за нова културна мрежа, која се движи, се вкоренува локално и се поврзува хоризонтално. Оваа година, фокусот е ставен на фотографијата како медиум, но не само преку историска ретроспектива. Напротив, изложбите и проекциите нудат преосмислување на традиционалните техники, претворајќи ги во простор за современа визуелна поезија. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а амбициите не застануваат овде – веќе се размислува за регионално и меѓународно проширување, со можност за вклучување нови дисциплини, млади уметници и јавни простори надвор од стандардната институционална мрежа.
- Како да ги спасиме сарделите? Брз водич за преживување на растенијата под африканскиот бран
Градинарење во климатска криза Во групата „Дворчето“, каде што луѓето си помагаат со совети за растенија како со рецепти за зимница, се појави прашање кое привлече внимание токму поради итноста и паниката во гласот: „Здраво помош!!!! Како да ги спасам сарделите се сушет ???“ Грижата одекна како аларм од македонските дворови. Тие нејзини три вознемирени извичници ни се чинат многу попрецизни од било каков метео извештај: ситуацијата е критична. Температурите со денови не паѓаат под 35°C, земјата под растенијата е жешка како тавче, а во попладневните часови цвеќињата ни изгледаат како да сакаат да станат и да побегнат во потрага по сенка. Африканскиот бран е вистинска климатска стихија која ги фрла градинарите (и нивните саксии) во режим на вонредна состојба. При температури над 35 степени, особено на изложени балкони или асфалтирани тераси, дури и сарделите кои инаку се слават како жилави, почнуваат да венеат. Земјата се суши пребрзо, листовите пожолтуваат од рабовите, цветовите се затвораат или воопшто не се формираат. Во овие услови растението влегува во кризниот режим – се одржува во живот, но не цвета. Тогаш, логично, првиот чекор е сенка, утринско полевање, скратување на изгорените делови и стрпливост. Но што ако сарделата продолжува да венее и покрај сето тоа? Тука доаѓа моментот кога треба да се запрашаме дали проблемот е навистина само од времето. Зашто сушењето на сарделите може да биде симптом на неколку различни проблеми – некои подземни, други едвај видливи. Понекогаш, и најобичната саксија знае да ја раскаже комплексноста на живото битие, само ако гледаме доволно внимателно. Најпрво, вреди да се провери дали растението страда од преливање, а не од жед. Парадоксално, но не така ретко, сарделата се суши токму поради задушен корен. Кога саксијата нема соодветна дренажа или кога се полева премногу често, водата се задржува и предизвикува гниење. Коренот тогаш се задушува, и растението почнува да опаѓа – како да е дехидрирано, иако е всушност преплавено. Симптомите може да бидат пожолтени лисја, меко стебло, па дури и непријатен мирис од земјата. Во такви случаи, најдобро е да се пресади во нова, проветрувачка почва, со дренажа и умерено полевање. Втора можност, особено летно време, се инсекти и штетници . Бели вошки, црвени пајчиња, знаат тивко да се населат на задната страна на листовите, каде што на растението не се забележува ништо додека не е доцна. Знаците може да бидат ситни дамки, лепливост, пожолтување без логика или пајажиники. Во такви случаи, важно е растението да се испрска со раствор од млака вода и сјај или некој природен инсектицид. Важно е да не се користат агресивни спрееви на сонце, бидејќи и тие можат да предизвикаат изгореници. Понекогаш, сушењето е резултат на нешто потивко – изнемоштеност . Ако сарделата е стара и долги години живее во истата саксија, нејзиниот корен може да биде истоштен. Растението нема капацитет да влече храна, иако добива вода и светлина. Во тие случаи, не помага ниту ѓубриво, ниту повеќе љубов. Најдобро е да се земе здраво гранче и да се засади нова сардела – симболично, како да се даде втор живот на нешто што веќе нема сила да продолжи. Исто така, важно е да се провери дали неодамна е употребено ѓубриво , стимулатор или некој спреј што можеби бил премногу силен за жештината. Летото не е добар период за хранење на растенијата, особено ако се веќе во стрес. Ѓубривото може да ги „изгори“ лисјата, а преголема количина – да го ремети целиот внатрешен баланс на растението. Понекогаш е подобро да се направи пауза и да се дозволи растението само да си се стабилизира. Сарделите се како жени од старата школа – не ти кажуваат веднаш што им е, но ако ги следиш со внимание, ќе научиш сè. Можеби токму затоа толку жени се грижат за нив. Преку тие нежни цветови и лисја со бордо прстен, тие комуницираат нешто што е подлабоко од естетика: отпорност, повторливост, љубов. Но што доколку виновник е сепак жегата? Ако сепак виновникот е жештината – а летото како ова го прави тоа сосема можен и веројатен одговор – тогаш не станува збор за обична жега, туку за топлотен удар врз растението. Африканскиот бран не е само метеоролошки израз; тоа е екстремен услов што го менува метаболизмот на растенијата, го исцрпува коренот, ја испарува влагата од земјата, ги гори врвовите на лисјата и им го запира цветањето. Особено се погодени растенијата во мали, црни или пластични саксии, изложени на јужно или западно сонце, без природна сенка. Во такви услови, првата грешка е да се продолжи со истото: исто време на полевање, иста локација, ист третман. Но растението веќе влегло во состојба на стрес и го модулира своето однесување: затвора стоми, ја стопира фотосинтезата, ја пренасочува енергијата кон преживување, а не кон растење. Она што најмногу може да помогне е промена на режимот, не само на навиката. Прво, сенката станува најважен сојузник. Ако сарделата е во жардинера или саксија, преместувањето во полуосенчено место – до ѕид, под чардак, под импровизирана ткаенина, па дури и под други повисоки растенија – прави драматична разлика. Нејзиниот корен не мора да се пече, а лисјата имаат шанса да се регенерираат. Второ, полевањето не е еднократно решение. Повеќето луѓе ја полеваат сарделата по навика – секое утро или секоја вечер. Но во вакви услови, најдобро е рано сабајле, додека земјата е уште студена. Навечер, влага што останува на листовите може да предизвика габични инфекции. Важно е да се полева длабоко, т.е. водата да стигне до коренот, а не само да ја освежи површината. Трето, површината на почвата треба да се заштити. Во градинарски услови, тоа се вика малчирање – прекривање со слама, сува трева, лушпи од орев или друга природна бариера што спречува испарување. Дури и стара крпа или парче јута може да помогне. Тоа е ситен гест со голем ефект: земјата останува влажна подолго, а коренот не се пече. Четврто, изгорените лисја треба да се отстранат. Не затоа што не изгледаат убаво, туку затоа што растението троши енергија за нив. Со кратење на сувото, му помагаме да ја насочи силата кон здрава вегетација. Но тоа треба да се прави внимателно, со чиста ножичка, и не премногу одеднаш. И конечно, важно е да не се ѓубри додека трае стресот. Сарделата што преживува не сака стимуланси. Ѓубривото, особено ако е хемиско, го забрзува растот – што значи и поголема потреба од вода и храна. А тоа, во услови на жештина, го гура растението уште подлабоко во криза. Подобро е да се паузира со хранење додека температурите не се стабилизираат. Кога жештината е единствениот виновник, понекогаш не можеме да ја спасиме естетиката – но можеме да ја спасиме виталноста. Сарделите што изгледаат „мртви“ често се само повлечени. Ако коренот остане жив, наесен ќе изненади со нови лисја. И тоа е една од најтихите радости на градинарството: кога нешто преживува – не затоа што сме знаеле сè, туку затоа што не сме се откажале од него. Во овие летни недели, не заборавај: дури и кога изгледа сè сушено, влагата се чува во коренот. И токму таму почнува отпорот.













