Резултати од пребарување
1178 results found with an empty search
- Пловен базар Lakescape: Креативна симбиоза во водите на Струга
На 16 јули, по малку надреална сцена ќе се одигра на Струшкото крајбрежје: неколку чамци ќе испловат од платформата на Пливалиште, секој претворен во мал дуќан – пловен базар што ја брише границата меѓу копното, езерото и човековата имагинација. Овој пазар, дел од меѓународната резиденција Lakescape, е и финалниот чин на проект што ги поврзува бреговите на три големи европски езера: Ванерн во Шведска, Балатон во Унгарија и Охридското Езеро. Настанот започнува од 17 часот, со локални артизани и резиденти од Шведска, Унгарија и Македонија кои заеднички ќе впловат во езерото, со сета своја креативна енергија и љубопитност. Идејата е едноставна, но храбра: занаетчиството, уметноста и дури и самата размена на добра, да бидат подложни на ритамот на водата, на струите и брановите кои отсекогаш го обликувале животот тука. Организаторите од ИНКА – Иницијатива за независен активизам Струга, со поддршка од Europe House Struga и Спортскиот клуб Соларис, го замислија пловниот базар како лабораторија за креативна одржливост и заедничко дејствување со околината. Најавени се весели детали: гостите ќе стигнат до дуќанчињата со кајак или СУП даски, ќе може да купуваат на вода, а целата атмосфера ќе биде дополнета со музика и разладување – доволно за доживување што ја надминува рутината на класичен базар. Покрај чамецот на меѓународните резиденти (дизајнерките Линеа Екелеф и Мариане Хелман од Шведска, Хајнал Ѓевики од Унгарија и Дуото Оаза), на базарот ќе учествуваат и: Sanja Mikrogreens, Порака Нова, Дуќан, Bache handmade design, Макало од Десе, Леска Крафт, Dijana handmade, Another universe manufacture, Kalin ceramics, SAVE – Sustainable fashion shop, Плетени приказни, Дарови од природата. Мали бизниси, ентузијасти, микро-производители и уметници – многу од нив жени, за кои езерото не е само инспирација туку и сцена за експериментирање со нови, поодржливи модели на занаетчиство и заедница. Вода, заедница, одржливост Пловниот базар е повеќе од атракција: тој е манифест за нови форми на заедничко живеење со природата, во време кога езерото Охрид е истовремено под закана и во фокусот на вниманието. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија (преку програмата Креативна Европа), како и од Министерството за култура и туризам на РС Македонија. „Кога продаваш и создаваш на вода, сè станува поинтимно и поотпорно на шаблоните“, споделува една од организаторките. „Овде, средината не е само позадина, туку активен учесник во процесот – го обликува и производот, и односите меѓу луѓето.“ Отворена покана до сите љубопитни намерници Настанот е отворен за јавноста, со покана до сите љубопитни – жители, патници, уметници и истражувачи – да се придружат и да бидат дел од ова ретко доживување. Пазарот не нуди само производи – туку и модел за заедничко создавање, грижа и споделување инспирација на едно од најубавите езера во Европа. За повеќе информации, следете ги страниците на INKA Струга, Europe House Struga и проектот Lakescape. Овој текст е подготвен од С.А. како дел од рубриката „Деновиве низ град“ на diva.mk – простор за современа култура, одржливост и инспиративни заедници покрај вода.
- Младите македонски едриличари стекнаа драгоцено искуство на Светското првенство Оптимист 2025
Од 26 јуни до 6 јули 2025, во Порторож, Словенија, се одржа Светското првенство во едрење – Оптимист класа, со над 280 млади учесници од 64 земји. Македонија настапи со четири претставници под 14 години: Берак Шашко, Мила Булатовиќ, Стефан Бараковски и Лина Пашоска. Во конкуренција со едриличари од целиот свет, македонските учесници стекнаа искуство на интернационална сцена. Поединечните пласмани беа: Берак Шашко – 260. место Мила Булатовиќ – 262. место Стефан Бараковски – 270. место Лина Пашоска – 274. место Во Nations Cup рангирањето по нации, Македонија заврши на 52. место од 64 држави. Во деветте регатни трки – пет квалификациски и четири финални – се едреше при умерени ветрови, што бараше голема техничка прецизност, концентрација и издржливост. Од Едриличарската федерација на Македонија истакнуваат: „Задоволни сме од дисциплината и посветеноста на нашите млади едриличари. Настапот во Порторож е чекор напред кон поголеми резултати и одржување континуитет на учествата на значајни меѓународни натправари. Продолжуваме со работа и инвестиции во младите категории.“ Според информациите од Едриличарската федерација на Македонија, ваквите настапи се важни за спортскиот развој и континуитет во младинските категории.
- Кластер – изложба на Иван Ивановски во КИЦ Скопје: уметност за телото, толпата и губење на „јас“
Изложба на Иван Ивановски 🗓 17 јули 2025, 20:00 📍 КИЦ – Скопје, Продажен салон „Толпата не е ниту сума, ниту збир. Таа е орган што пулсира надвор од границите на поединецот.“ Во новата изложба на Иван Ивановски, Кластер, телата не се само присутни — тие се војска, структура, наговестување. Претставени преку слики, скулптури и цртежи, тие стануваат јазични единици на една поширока, визуелна синтакса: составен говор на масата, ехо на колективното искуство. Во времиња на вишок од присуства и дигитална гужва, Ивановски не се враќа на поединецот за утеха — тој влегува во толпата. Кластер е проект што ја истражува психолошката, социолошката и политичката драма на групата, без да го банализира. Терминот, преземен од технолошкиот речник, овде добива меко, но интензивно значење: како пулсирачка единица на акумулација, како телесна густина без центар, како хоризонтален нервен систем. Она што е највознемирувачко — а воедно и најнежно — е начинот на кој Ивановски го прикажува исчезнувањето на „јас“: не како загуба, туку како мутација. Од Мезанин до _cracy Иванов Ивановски не е нов во трасирање на граничните зони меѓу личното и колективното. Од неговите анимирани филмови до издавачката работа, па се до наградените скулптури во Градскиот парк, тој постојано се движи низ граници: медиумски, политички, емотивни. Кластер делува како кулминација на таа практика — кондензирана, прецизна, но отворена за толкување. Фотографија: Инстаграм; Александра Ацески Иван Ивановски (1983) е мултимедијален уметник од Скопје. Дипломира вајарство на ФЛУ – Скопје (2008), а магистрира режија на Академијата Ф.А.М.У. во Чешка (2014). Моментално е на постдипломски студии по културологија. Работи скулптури, цртежи, инсталации, видео и анимација, со фокус на теми како телото, колективното и психосоцијалната динамика. Зад себе има над 28 самостојни изложби низ Македонија и интернационално (Белград, Њујорк, Гуанџоу, Берлин…), како и бројни групни настапи. Добитник е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник (2014), а јавноста го препознава и како автор на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк – Скопје. Ивановски има реализирано и повеќе анимирани филмови прикажани и наградувани на фестивали, и е автор на неколку уметнички книги и изданија. Неговата работа се движи низ различни медиуми, но останува доследна на ангажираниот и експериментален израз.
- Последниот филм со учество на Дејвид Линч ќе има премиера на Филмскиот фестивал во Локарно
„Legend Of The Happy Worker“ – драмата што го носи последниот печат на култниот режисер – премиерно ќе биде прикажана надвор од конкуренција на фестивалот во Швајцарија. Филмот Legend Of The Happy Worker, последниот проект поврзан со покојниот Дејвид Линч, својата светска премиера ќе ја има на Филмскиот фестивал во Локарно 2025, што ќе се одржи од 6 до 16 август. Линч, познат по серијата Twin Peaks, како и по филмовите Dune и The Elephant Man, почина во јануари на 78-годишна возраст, во домот на својата ќерка во Лос Анџелес, по евакуацијата за време на шумските пожари во градот. Иако не режираше уште од култната Twin Peaks: The Return во 2017, Линч остана активен на маргините на индустријата. Се појави во филмот The Fabelmans на Стивен Спилберг во 2022, а кај Legend Of The Happy Worker е потпишан како извршен продуцент. Режисер на филмот е Дувејн Данам, долгогодишен соработник на Линч и монтажер на оригиналната Twin Peaks. Во главните улоги се појавуваат Томас Хејден Чрч (Spider-Man 3) и Колм Мини (Gangs Of London), додека наративот ја следи приказната на Џо (Џош Вајтхаус), човек кој се бори да го сочува она што со години го граделе тој и неговите колеги. Официјалната синопсис ја опишува драмата како борба за зачувување на заедничката работа и вредности. Според The Hollywood Reporter, филмот ќе биде прикажан надвор од официјалната конкуренција на фестивалот. Точниот датум на проекцијата сè уште не е објавен. Во меѓувреме, големо внимание привлекува и Unrecorded Night, неснимената Netflix-серија на која Линч работел пред смртта. Иако продукцијата била запрена поради пандемијата на КОВИД-19, проектот стигнал до фаза на избор на локации. Според директорката на продукцијата и долгогодишна соработничка на Линч, Сабрина Сатерленд, сценариото било „најдобро нешто што некогаш го напишал“. Со „Legend Of The Happy Worker“, светот добива последен увид во имагинацијата на Линч – овојпат од сенка, но со неговиот препознатлив печат.
- Младите ја преминаа границата: Повеќе од 10.000 учесници во македонско-грчката младинска соработка
Нешто што политичарите не успеваа да го сторат децении, го направија младите – ја преминаа границата. Не само географски, туку и ментално, културно, емотивно. Проектот „Соработка за Заедничка Иднина“, кој завршува со официјален настан на 11 јули во Скопје, опфати над 10.000 млади од Македонија и Грција, кои низ пет години соработуваа, патуваа, креираа и рушеа предрасуди. Пет години, четири фази, илјадници гласови Проектот се одвиваше во периодот од 2020 до 2025 година, низ четири програмски фази, и претставува еден од најобемните прекугранични младински процеси во регионот. Тоа не беше само формална размена – туку долгорочен напор да се создаде одржлива инфраструктура на меѓусоседска соработка одоздола: меѓу млади, активисти, организации, образовни институции и претприемачи. Според Извештајот за постигнатите резултати, младите „ги срушија предрасудите и стереотипите“ и покажаа „како треба да се градат добрососедските односи“. Во еден момент кога односите меѓу двете држави се под постојан притисок од внатрешни и надворешни политички агенди, ваквиот извештај е ретка потврда дека помирувањето и соработката не се само зборови за во декларации – туку пракса што се учи, гради и пренесува. „Следни Поглавја за Заедничка Иднина“ – завршен настан, отворен процес Завршниот настан, насловен „Следни Поглавја за Заедничка Иднина“, се одржува во Скопје, на 11 јули (петок), од 09:00 до 15:00 часот, во ресторанот Воденица Мулино. На него ќе присуствуваат повеќе од 80 учесници од Северна Македонија и Грција – вклучувајќи претставници од: владини институции, социјални претприемачи, академската заедница, медиуми, и граѓанскиот сектор. Проектот го спроведува Младински Сојуз – Крушево , една од водечките организации во земјава кога станува збор за младинска демократија и транснационална соработка. Тие се организатори и на овој настан, кој ќе вклучи и бридфинг за медиуми во 10:30 часот, каде ќе бидат претставени наодите од извештајот и главните заклучоци од процесот. Моќ за дејствување, не само учество Она што проектот „Соработка за Заедничка Иднина“ го постигна, не се мери само во бројки. Тоа е практична демонстрација на младинска моќ за дејствување – одлуките да се создаваат сопствени канали на комуникација, соработка и културен превод, без да се чека на формални структури. Во годините кога официјалната политика често е парализирана или вртоглава, младинските процеси како овој покажуваат дека промената не е невозможна – само има различна брзина и друга насока. Ч.А. Фотографија: Фејсбук Youth alliance;
- Каи Сенат на насловна на TIME: Новата ера на дигитални икони
Веќе длабоко сме загазени во ера каде што YouTube клипови, поткасти и TikTok видеа се влијателни речиси колку и традиционалните медиуми, па така TIME ја препозна новата класа на ѕвезди – дигиталните креатори. На 9 јули, магазинот ја објави својата прва TIME100 Creators листа, посветена на 100 највлијателни онлајн гласови кои ја менуваат културата. На насловната страна се најде Каи Сенат, симбол на новиот дигитален поредок. Од Twitch до TIME: Кои се новите фолк херои? Доколку некогаш постоеше дилема дали интернет ѕвездите се “вистински” познати, оваа листа ја расчистува секоја сомнеж. Каи Сенат, познат Twitch стример, заедно со ликови како IShowSpeed, Sean Evans (водителот на Hot Ones), и MrBeast, не се само инфлуенсери – тие се културни двигатели. На листата се и неколку од најпопуларните поткаст гласови денес, како Џо Роган и Алекс Купер (Call Her Daddy), што сугерира дека поткастите се веќе не само алтернатива, туку и главна сцена за дијалог, провокација и влијание. Каи Сенат е американски стример, YouTube креатор и интернет сензација кој за кратко време стана едно од најпрепознатливите лица на дигиталната сцена. Тој е познат по својата енергична личност, хумористични видеа и интерактивни стримови на платформата Twitch, каде што постави историски рекорд за најмногу претплатници на платформата во историјата. Неговата способност да забавува, да влезе во директна комуникација со својата публика и да создава уникатни моменти во живо му донесе огромна база на следбеници и влијание кое одамна ги надмина рамките на гејминг заедницата. Покрај својата популарност на Twitch, Каи успеа да се пробие и во мејнстрим медиумите, со соработки со славни личности, музички ѕвезди и други влијателни креатори. Неговата автентичност и чувство за шоу го направија пример за новата генерација на дигитални креатори кои сами си го градат патот, без традиционална поддршка од медиумски куќи. Со своето појавување на насловната страница на првото издание на TIME100 Creators, Каи Сенат ја запечати својата позиција како културна икона на новото време. Поткастот како нова лектира? Поткастите одамна не се само разговори – тие се начин на едукација, терапија и ангажман. Jay Shetty, кој нуди совети за ментално здравје и самосвест, и Theo Von, чиј хумор и искреност се лек за модерниот стрес, покажуваат дека денешната “лектира” може да се слуша, а не само да се чита. Поткастите како оние на Роган или Купер често отвораат теми што формалното образование ги избегнува. Од политика до секс, од психотерапија до бизарни животни приказни – тие се новите училници на интернет генерацијата. Во традиционалниот смисол, фолклорот ги раскажуваше приказните на народот. Денес, тоа го прават креаторите со камера и микрофон. Ликови како Amelia Dimoldenberg (Chicken Shop Date), Keith Lee (вирален рецензент на храна), и дури и Haliey Welch (позната како “Hawk Tuah Girl”) се доказ дека хуморот, искреноста и автентичноста се валутата на новата фолк сцена. Оваа листа не само што ги слави дигиталните ѕвезди, туку и ги признава како културни лидери. Како што кажа уредникот на TIME, Сам Џејкобс: „Тие го менуваат она што го гледаме, како го трошиме времето, што купуваме – и како гласаме.“ Во истиот контекст, не е случајно што Доналд Трамп, во својата кампања за 2024 година, речиси исклучиво се појавуваше во дигитални формати, избегнувајќи традиционални медиуми.
- Ники Минаж тврди дека Џеј Зи ѝ должи 200 милиони долари: „Оние што го викаат Хов – ќе одговараат пред Бог“
Нова јавна епизода во конфликтот меѓу две хип-хоп икони – Ники Минаж (Nicki Minaj) и Џеј Зи (Jay-Z). На 8 јули, Минаж објави серија тврдења на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), во кои го обвинува Џеј Зи дека ѝ должи меѓу 100 и 200 милиони долари за уделот што го имала во музичката платформа Tidal. Според неа, при лансирањето на Tidal во 2015, 15 артисти – вклучувајќи ја Минаж, Бијонсе (Beyoncé), Ријана (Rihanna), Џ. Кол (J. Cole) и Кање Вест (Ye) – добиле по 3% сопственост во компанијата, која тогаш вредела 56 милиони долари. Но во 2021, платформата беше продадена на Square (во сопственост на Џек Дорси – Jack Dorsey) за 302 милиони долари. Минаж тврди дека ѝ понудиле само 1 милион долари за својот удел – сума што според неа е далеку под реалната вредност. „Пресметавме дека е од 100 до 200 милиони. Џеј Зи, јави се – оваа кармичка сметка само расте со камата“, напиша таа. И покрај тоа, додаде: „Сè уште си ми во Топ 5. Ајде да го разрешиме ова.“ Минаж отиде чекор подалеку и изјави дека фановите кои го нарекуваат Џеј Зи со прекарот „Хов“ ќе мора да „одговараат пред Бог за богохулие“. Таа објави и дека, доколку ги добие тие пари, ќе ги искористи за да финансира школување на своите фанови преку фондацијата #StudentOfTheGame: „Ќе платам школарини, студентски долгови, ќе ги пратам моите Barbz на факултет.“ Никој од тимот на Џеј Зи или од Roc Nation сè уште не реагирал. Но конфликтот продолжи и неколку дена подоцна, кога Минаж објави навредливи коментари насочени кон Меган ди Сталион (Megan Thee Stallion) – уметничка потпишана под Roc Nation – користејќи тековна тужба за сексуално вознемирување како дел од нападот.
- Паф Деди под истрага – што значи тоа за културата на моќ во музичката индустрија?
Кога една икона на хип-хопот се соочува со суд, прашањето не е само дали е виновен – туку како го толериравме. Шон „Диди“ Комбс (Sean “Diddy” Combs) е ослободен од вина по обвиненијата за трговија со луѓе и рекетирање – но е прогласен за виновен по две точки поврзани со пренос на лица за проституција, со можност за казна до 20 години затвор. Пресудата ќе се изрече на 3 октомври, а Диди останува во притвор откако му беше одбиено барањето за кауција. И покрај делумната ослободителна пресуда, јавната и правна тежина не попушта – токму спротивно. Сведоштвата продолжуваат да ја разглобуваат мрежата на злоупотреба, моќ и познанства во музичката индустрија. Во едно од најексплозивните сведочења, сведокот “Џејн До” (Jane Doe) – поранешна партнерка на Диди – зборуваше за секс-забава во Лас Вегас на која присуствувала со „многу успешен рапер“ и неговата девојка, додека била на пауза од врската со Комбс. Иако раперот не беше именуван, адвокатката на Диди, Тени Герагос (Teny Geragos), го опиша како врвна ѕвезда во индустријата и близок пријател и соработник на обвинетиот. Џејн До сведочеше дека патувале со негов приватен авион, гледале сексуален чин во хотелска соба и дека таа “флертувала” и ги покажала градите – но не се случило ништо сексуално. Сепак, сведочењето осветли како изгледа „нормалното“ во круговите на суперѕвездите каде Диди функционирал. Интернет граѓанството брзо го идентификуваше соработникот на Паф како Ye. Паралелно, Лорен Пишиота (Lauren Pisciotta), поранешна асистентка на Кање Вест (Kanye West), поднесе тужба во која го обвинува за силување и дрогирање на забава организирана од Диди. Ова е дел од поширок правен спор меѓу неа и Вест, кој ги нарече обвинувањата „неосновани“ и дел од уцена. Диди е симбол на моќ и статус. Не само во хип-хопот, туку и пошироко во поп-културата – од музика до алкохол, мода и телевизија. Кање Вест е друга димензија на истото: мултимилионер, гениј и деструктивна сила. Заедно, тие ја дефинираа машката доминација во урбаната музика на 21 век. Сега, и двајцата се соочуваат со јавни и правни последици од она што нивната моќ значела зад затворени врати. Сведоштвата не се изолирани. Жени опишуваат модели: приватни авиони, студија полни со дрога, ситуации каде “не можеш да кажеш не” – или затоа што си млада и импресионирана, или затоа што си веќе во циклус на зависност и манипулација. А индустријата? Таа аплаудира, игнорира или прави пари. Нема ништо радикално во тоа што Диди се соочува со последици. Радикално е што тоа се случува дури сега. Како култура, премногу лесно ги прифаќаме „грешките“ на моќните луѓе – особено кога тие носат патики, не костуми. Од Харви Вајнстин (Harvey Weinstein) до Ар Кели (R. Kelly), и сега до Диди и можеби Кање, повторно гледаме како поп-културата создава богови… и потоа се преправа дека не ги видела жртвите. Случајот на Диди не е само за тоа дали е виновен. Станува збор за целиот екосистем што му дозволи толку долго да биде “недопирлив.” Пораката не треба да биде “ете, конечно некој падна.” Треба да биде: како никогаш повеќе да не дозволиме некој вака да се издигне без контрола.
- Twisting Figment: искривен хоризонт во Јадро
“Twisting Figment” Самостојна изложба на Алекс Клоуз (Канада) 14 јули (понеделник) | 20.00 часот Изложбата може да се посети до 28 јули секој работен ден од 10.00 до 16.00 часот Еден од оние денови кога градот изгледа како да го држи здивот. Ниту жешко, ниту ладно – туку на работ од нешто што допрва ќе се смени. Во овој амбиент на преод и тивка пречекореност, културниот простор Јадро го отвора прашањето: што навистина знаеме кога мислиме дека разбираме? На 14 јули, уметницата Алекс Клоуз ќе ја претстави својата самостојна изложба Twisting Figment – серија апстрактни слики и скулпторски елементи кои се осврнуваат на процесот на губење, градење и изместување на сопствената интуиција. Изложбата не се стреми да понуди одговор, туку да отвори простор за сензорно и мисловно колебање. Клоуз, која извесен период живеела и предавала уметност во Кина, пристапува кон темата од перспектива на човек што постојано преведува: искуства, култури, сопствени уверувања. Работите што ги донесува на оваа изложба се родени од тие пресекувања. Не се тешки, но бараат стабилен внатрешен став. Во нив, уметноста не се доживува како потврда, туку како вознемирено чувство – дека нештата не се онакви какви што изгледаат. Секоја композиција носи во себе потенцијал за распад и повторно составување. Преку визуелен јазик што ги допира текстилот, дигиталниот колаж и тишината меѓу формите, Twisting Figment не инсистира да биде разбрана. Повеќе личи на состојба во која се влегува – несигурен пејзаж на кој мораш сам да му ја најдеш картата. Можеби нема да успееш. Можеби тоа и не е поентата. За авторката: фото: Инстаграм Алекс Клоуз е визуелна уметница и едукаторка од Торонто, Канада, со македонско потекло. Во својата работа истражува како современите алатки – дигиталните медиуми, глобалниот транспорт и сложените урбани средини – влијаат врз телесната перцепција на сеќавањето, просторот и движењето. Има дипломирано на Универзитетот OCAD (BFA), магистрирано на Уметничката школа во Глазгов (MLitt) и Универзитетот Карлтон (MDes). Алекс има изложувано на меѓународно ниво, учествувала во уметнички резиденции и проекти во Канада, Украина и Естонија, и моментално предава на Колеџот за уметности на Кина и ASEAN во Ченгду, Кина.
- Eвангелија Иваноска — „Помеѓу моментот пред и моментот потоа“
КИЦ — Скопје / Салон Империјал 2 Отворање: 15 јули во 20 часот / изложбата е отворена до 4 август Некои фотографии бараат толкување; други само чекаат да ги гледаш доволно долго. Во својата прва самостојна изложба, Евангелија Иваноска не инсистира, не објаснува – само тивко нуди слики кои можеби ќе ги препознаеш, иако не си бил таму. Серијата содржи сцени од патувања низ Европа и од секојдневието на балканскиот град: дедо и внук среде „борба“ за сладолед, народни танчари во одмор што изгледа како пауза на снимање на вестерн, патници во воз кои не гледаат во камерата – туку во морето зад прозорецот. Фотографиите се улични, но не документарни. Нема спектакл, нема композиција што вика „види ме“. Но има тишина што повикува да останеш малку подолго. Има онаква близина што не навлегува, туку дозволува. Иваноска не режира, но внимателно избира. Во овие слики се чувствува нешто што не е лесно да се именува – како здивот пред меморијата да се формира. Или пред да се избрише. 📍 15 јули, 20:00 – КИЦ Империјал 2, Скопје Не мораш да одиш далеку за да налеташ на нешто вистинско. Само влези полека.
- 🎧 Звукот на Скопје 2025: Една вечер, повеќе сцени, еден град
📍 Културно информативен центар – Скопје 📅 Среда, 9 јули 🕢 Почеток: 19:30 ч. На 9 јули, Културно информативниот центар повторно ќе биде домаќин на летниот фестивал „Звукот на Скопје“, кој веќе шест години функционира како еден од најпрепознатливите настани на урбаната културна сцена. Програмата и оваа година е разновидна, концентрирана и автентична – без маркетиншки вишок и без стилски компромиси. 🎼 Музика со став Филип Шурбевски Езгија квартет 🕗 20:30 / Салон 19:19 Вечерта започнува со состав кој ја третира македонската чалгија како современ музички јазик. Со оригинален инструментариум и репертоар базиран на македонски песни и ора, квартетот нуди искуство кое не се потпира на носталгија, туку на музичка прецизност и издржаност. Мартин Џорлев 🕘 21:30 / Кулпарк Џорлев, познат по ангажманот во бендови како Луфтханса и Zulu 3.4, ќе настапи соло – со сет кој вклучува електрична гитара, пијано и електроника. Концертот најавено ќе биде отворена форма – перформанс што се развива во моментот, без однапред зададена рамка. Педро Хоризонте 🕤 По настапот на Џорлев / Кулпарк Трио составено од искусни музичари активни во проекти како Суперхикс и Поинт Бленк. Бендот го промовира својот деби албум Паранормални мегахитови, објавен во мај. Станува збор за состав што работи на јасна линија – алтернативен звук со остра енергија и внимателно изградени песни. DJ Amplidyne Effect 🕚 Завршница / Кулпарк Мартин Георгиевски подготвува DJ сет во Deep House / Afro House стил, различен од неговите типични амбиентални и експериментални настапи. Настапот доаѓа по бројни изведби на домашни и странски фестивали и над триесет изданија во неговото музичко портфолио. Изложби: Двајца автори, две траектории „Резови“ – изложба на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски 🕗 20:00 / Империјал 1 Изложба со две авторски естетики, обединети преку линијата како визуелна и концептуална оска. Кај Анчевски – боја како физички материјал; кај Стојаноски – динамични гестови и контрасти. Делата се нефигуративни, но комуницираат отворено со публиката. Промоција на роман и мини саем на книги „Наследство: Кошмари“ – роман од Јордан Коцевски 🕢 19:30 / Империјал 2 Коцевски, автор со искуство и јасен наративен потпис, го претставува најновиот роман во рамки на фестивалот. Настанот вклучува и мини книжевен саем – можност да се прошета низ изданија од домашната продукција во пријатна атмосфера. 🎫 Влез: Слободен Сите настани се отворени за јавноста. Не се потребни резервации. 🕒 ТАЈМЛАЈН / Звукот на Скопје 2025 📍 Локација: Културно информативен центар – Скопје 📅 Среда, 9 јули 2025 19:30 / Изложбен салон Империјал 2 📚 Промоција на книгата „Наследство: Кошмари“ – Јордан Коцевски ➕ Мини саем на книги 20:00 / Изложбен салон Империјал 1 ✂️ Изложба: „Резови“ Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски 20:30 / Салон 19:19 🎻 Филип Шурбевски Езгија квартет Македонска чалгиска музика во живо 21:30 / Кулпарк (отворена сцена пред КИЦ) 🔊 Мартин Џорлев (соло настап) Инди-рок / електроника / импровизација 🔊 Педро Хоризонте Деби концерт: Паранормални мегахитови 🔊 DJ Amplidyne Effect Deep House / Afro House DJ сет „Звукот на Скопје“ 2025 не инсистира на униформност. Тоа што го поврзува програмскиот избор е квалитетот, сценската искреност и јасната уметничка цел.
- Македонската стрип-сцена со забележителен настап во Лесковац
Од ученички стрипови до авторски награди — македонските автори покажаа креативна зрелост и регионален капацитет на Балканската смотра во Лесковац. На 27. Балканска смотра на млади стрип автори, што се одржа од 27 до 29 јуни 2025 во Лесковац, македонските стрип автори се истакнаа со бројност, присуство и освоени признанија. Овој фестивал, сметан за најстар и најмасовен стрип-настан на Балканот, и оваа година вклучи богат програмски репертоар, а меѓународниот стрип-конкурс собра рекордни 3.172 учесници од 51 земја — што го позиционира меѓу водечките стрип-платформи не само во регионот, туку и глобално. Колективна енергија: Вкупно 60 стрипови од македонски ученици Првата фестивалска вечер беше обележана со доделување на признанија за масовно учество, меѓу кои и диплома за Стрип центарот од Велес, чиј координатор Томе Трајков ја прими наградата во име на македонските учесници. Станува збор за 60 стрип дела од ученици, испратени како дел од организиран ангажман на центарот. Трајков нагласи дека покрај младите учесници, свои дела испратиле и возрасни автори, над 18 години, на индивидуална иницијатива — пракса која е веќе препознатлива на други фестивали и која тој активно ја поддржува. Авторски признанија: Успех за „Парагонс“ од Скопје Во втората вечер беа доделени наградите од конкурсот, а жирито во состав:Ласко Џуровски (претседател), Милорад Вицановиќ – Маза, и Марко Стојановиќ, го избра Војдан Андонов од групацијата „ПАРАГОНС“ од Скопје за најдобар млад сценарист, за стрип цртан од Марко Марковиќ, исто така член на оваа група. Дополнително, Александар Бараковски од истата групација доби диплома во категоријата најдобра илустрација — со што се заокружи еден значаен креативен исчекор за овој млад тим. Регионално вмрежување и присуство Фестивалот заврши со серија кратки панел-промоции на автори од повеќе земји. Македонската сцена беше присутна не само преку натпреварувачкиот дел, туку и во овие јавни презентации — со што се потврди нејзиното сè позабележливо присуство на балканската и европската мапа на стрип-културата.













